Картагина — градот што речиси го соборил Рим
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ФРАНЦИЈА
НА СЕВЕРНИОТ брег на Африка, на периферијата на Тунис, главниот град на државата Тунис, лежат урнатините од древниот град Картагина. На туристот може да му биде простено што не ги забележал, бидејќи не се многу впечатливи. Сепак, на ова место лежат остатоците на еден од најголемите градови на древниот свет — град што за влакно ќе го поразел моќниот Рим. Според римскиот историчар Ливиј, „оваа борба помеѓу двата најбогати града во светот држела во неизвесност цареви и луѓе“, бидејќи во прашање не било ништо помалку од светска доминација.
Основањето на градот
Во вториот милениум пр.н.е., Феничаните биле ограничени на едно тесно парче земја по должината на медитеранскиот брег, кое се протегало северно и јужно од денешен Либан. Како добри морепловци, тие го насочиле своето внимание на запад, во потрага по злато, сребро, железо, калај и олово. Во замена за нив тргувале со дрво (како што бил познатиот либански кедар), пурпурна ткаенина, парфеми, вино, зачини и други рачно произведени стоки.a
Кога патувале на запад, Феничаните основале населби по должината на брегот на Африка, Сицилија, Сардинија и јужна Шпанија — можеби библискиот Тарс (1. Цареви 10:22; Езекиел 27:2, 12). Според традицијата, Картагина била основана во 814 пр.н.е., околу 60 години пред основањето на нејзиниот противник Рим. Еден специјалист за древна Северна Африка, Серж Лансел, забележува: „Основањето на Картагина, некаде кон крајот на деветтиот век н.е., стотици години било одлучувачки фактор во судбината на политиката и културата на западниот Медитеран“.
Почетоците на една империја
На еден полуостров во облик на „џиновска котва фрлена в море“, како што го опишува историчарот Франсоа Декре, Картагина почнала да создава империја. Градејќи врз темелите што ги поставиле нејзините феникиски предци, Картагина ја развила сопствената трговска мрежа — која во почетокот вклучувала увоз на метали — во џиновски труст кој го спроведувал својот монопол со помош на својата моќна флота и платени трупи.
Секогаш незадоволни од своите успеси, Картагинците постојано барале нови пазари. Се смета дека некаде околу 480 пр.н.е., морепловецот Химилко пристигнал во Корнуол (Британија), богат со калај. Околу 30 години подоцна, се вели дека Хано, член на една истакната фамилија од Картагина, повел експедиција од 60 брода со 30.000 мажи и жени за да основа нови колонии. Минувајќи низ Гибралтарскиот Проток и пловејќи надолу покрај африканскиот брег, Хано можеби дошол до Гвинејскиот Залив, па дури и до бреговите на Камерун.
Како резултат на ваквиот смел дух и голема способност во бизнисот, се вели дека Картагина станала најбогатиот град во древниот свет. „Во почетокот на третиот век [пр.н.е.], нејзиниот технички напредок, нејзината флота и трговскиот систем . . . го ставиле овој град на челно место“, вели книгата Carthage (Картагина). Во врска со Картагинците, грчкиот историчар Апијан изјавил: „Во моќта, тие им биле рамни на Грците; во богатството — на Персијците“.
Во сенката на Ваал
Иако распрснати низ западниот Медитеран, Феничаните биле обединети во нивните религиозни верувања. Картагинците ја наследиле хананејската религија од своите феникиски предци. Со векови Картагина секоја година испраќала делегација во Тир за да принесе жртва во храмот на Мелкарт. Во Картагина главни божества биле божествената двојка Ваал Хамон, што значи „Господар на жарот“, и Танит, еквивалент на Астарта.
Најозлогласена карактеристика на картагинската религија било жртвувањето деца. Диодор Сицилијански известува дека во 310 пр.н.е., за време на еден напад врз овој град, Картагинците жртвувале преку 200 деца од благородничко потекло за да го смират Ваал Хамон. The Encyclopedia of Religion (Енциклопедија на религијата) наведува: „Принесувањето невино дете во корист на другите било возвишен чин на одоброволување, веројатно наменет да го гарантира доброто и на семејството и на целата заедница“.
Во 1921, археолозите го откриле она што било наречено Тофет, според библискиот израз што се користи во 2. Цареви 23:10 и Еремија 7:31. Ископувањата откриле повеќе слоеви на урни во кои имало јагленисани остатоци од животни (што се користеле како замена за жртвите) и од мали деца, закопани под плочи со заветни натписи. Се проценува дека Тофет содржи остатоци од преку 20.000 деца жртвувани во период од само 200 години. Некои ревизионисти денес тврдат дека Тофет едноставно бил гробница за децата што биле родени мртви или умреле премлади за да бидат погребани на гробиштата. Меѓутоа, како што забележува Лансел, цитиран претходно, „реалноста на човечките жртви во Картагина не може категорично да се негира“.
Борба за превласт
Со падот на Тир во шестиот век пр.н.е., Картагина добила улога на водач на западните Феничани. Но, подемот кон доминација на Картагина не бил без противење. Уште во почетокот, пунските и грчките трговци се бореле за контрола над морињата, а околу 550 пр.н.е. избувнала војна. Во 535 пр.н.е., картагинците, помогнати од своите етрурски сојузници, ги истерале Грците од островот Корзика и презеле контрола над Сардинија.b Како резултат на тоа, битката помеѓу Картагина и Грција за контрола над Сицилија — остров со клучно стратешко значење — станала уште пожестока.
Во исто време, Рим почнал да ги покажува своите мускули. Спогодбите помеѓу Картагина и Рим гарантирале трговски повластувања на Картагина, а на Римјаните им забраниле пристап на Сицилија. Но, кога Рим го потчинил италијанскиот полуостров, сѐ поголемото влијание на Картагина на самиот праг на Италија почнало да се смета за закана. Историчарот Полибиј од вториот век пр.н.е. коментирал: „Римјаните виделе . . . дека Картагинците ја довеле под своја власт не само Африкаc туку и големи делови од Шпанија и дека биле господари над сите острови во Сардинското и Тиренското Море. Кога Картагинците би ја презеле Сицилија, тие би биле најнепријатни и најопасни соседи бидејќи би ја опкружиле Италија од сите страни и би претставувале закана за секој дел од земјата“. Извесни странки во Римскиот сенат, поттикнати од комерцијални мотиви, вршеле притисок за интервенција на Сицилија.
Пунските војни
Во 264 пр.н.е., една криза на Сицилија им дала на Римјаните изговор за интервенција. Прекршувајќи една спогодба, Рим испратил одред трупи, започнувајќи ја таканаречената Прва пунска војна. Овој конфликт, кој е познат по некои од најголемите поморски битки во древниот свет, се одолжил повеќе од 20 години. Конечно, во 241 пр.н.е., Картагинците биле поразени и присилени да ја напуштат Сицилија. Рим ги ослободил и Корзика и Сардинија од нивната власт.
За да надомести за овие загуби, Хамилкар Барка, картагински генерал, намислил да ја врати моќта на Картагина создавајќи империја во Шпанија. На шпанскиот југоисточен брег била основана „Нова Картагина“ — Картагена — и за неколку години рудното богатство на Шпанија повторно ги наполнило благајните на Картагина. Оваа експанзија неизбежно водела до конфликт со Рим, и во 218 пр.н.е. повторно избувнала војна.
На чело на картагинската војска бил еден од синовите на Хамилкар, Ханибал, што значи „Миленик на Ваал“. Тргнувајќи од Нова Картагина во мај 218 пр.н.е., тој започнал еден јуначки марш низ Шпанија и Галиција, преминувајќи ги Алпите со својата војска од Африканци и Шпанци заедно со 40-тина слона. Фатени неспремни, Римјаните претрпеле неколку страшни порази. На 2 август 216 пр.н.е., во битката кај Кана — „еден од најстрашните порази што некогаш ги претрпела римската војска“ — војската на Ханибал разбила римски сили два пати поголеми од нејзините, убивајќи речиси 70.000 непријатели додека самата изгубила само 6.000 луѓе.
Рим бил речиси на дофат! Но, одбивајќи да се предадат, Римјаните ги малтретирале трупите на Ханибал во една исцрпувачка војна во текот на следните 13 години. Кога Рим испратил војска во Африка, Картагина била напуштена од своите сојузници и поразена во Шпанија и на Сицилија. Затоа, Картагина била присилена да го отповика Ханибал. Следната година, 202 пр.н.е., римскиот генерал Скипион Африканецот ја поразил Ханибаловата војска кај Зама, југозападно од Картагина. Пунскиот град, присилен да ја предаде својата флота, бил лишен од воена независност и бил казнет со висока воена отштета во период од 50 години. Подоцна Ханибал отишол во прогон и некаде во 183 пр.н.е. извршил самоубиство.
„Деленда ест Картаго!“
Мирот повторно донел просперитет во Картагина, до таа мера што понудила да ја плати отштетата за само десет години. Таквата виталност, како и политичките реформи, биле сметани за крајно опасни од страна на непопустливите непријатели на Картагина. Речиси две години, сѐ до својата смрт, остарениот римски државник Катон го завршувал секој од своите говори пред Сенатот со слоганот: „Деленда ест Картаго!“, што значи „Картагина мора да падне!“
Конечно, во 150 пр.н.е., едно наводно кршење на некоја спогодба им го дало на Римјаните изговорот што го барале. Била објавена војна, опишана како „војна до истребување“. Три години Римјаните ги држеле под опсада градските ѕидини долги цели 30 километри, а делови од нив биле високи 12 метри. Конечно, во 146 пр.н.е., била направена дупка. Римските трупи, кои напредувале низ тесните улици под дожд од проектили, се впуштиле во жестока битка гради в гради. Како морничава потврда на овој древен извештај, археолозите пронашле човечки коски под расфрланите камени блокови.
По шест ужасни дена, околу 50.000 изгладнети жители што биле сокриени во Бирса — утврдената цитадела на врвот на ридот — се предале. Други, не сакајќи да бидат погубени или да станат робови, се затвориле во храмот на Ешмун и го запалиле. Римјаните го запалиле она што останало од градот, Картагина била разорена, церемонијално проколната и било забрането да ја населат луѓе.
Така, во период од 120 години, Рим ги уништил империјалистичките цели на Картагина. Историчарот Арнолд Тојнби навел: „Вистинскиот спор во војните на Ханибал бил тоа дали претстојната хеленистичка универзална држава треба да добие облик на Картагинска или на Римска империја“. „Да победел Ханибал“, коментира Encyclopædia Universalis, „сигурно ќе основал една универзална империја слична на онаа на Александар“. Како што се случило подоцна, пунските војни го означиле почетокот на римскиот империјализам, што на крајот довело до негова светска доминација.
„Африканскиот Рим“
Картагина доживеала навидум конечен крај. Сепак, само еден век подоцна Јулиј Цезар одлучил таму да основа колонија. Во негова чест била наречена Колонија Јулија Картаго. Римските инженери, кои пренеле можеби 100.000 кубни метри земја, го израмниле врвот на Бирса за да направат огромна платформа — и за да ги избришат сите траги од минатото. Врз неа биле подигнати храмови и украсени јавни згради. Со текот на времето, Картагина станала ‚еден од најбогатите градови во римскиот свет‘, втор по големина на Западот, веднаш по Рим. Биле изградени театар, амфитеатар, големи топли бањи, аквадукт од 132 километри и циркус во кој можеле да се сместат 60.000 гледачи за да се задоволат барањата на неговите 300.000 жители.
Христијанството пристигнало во Картагина некаде во средината на вториот век н.е. и доживеало брз раст. Тертулијан, прочуениот црковен теолог и апологет, бил роден во Картагина некаде во 155 н.е. Како резултат на неговите списи, латинскиот станал службен јазик на западната црква. Кипријан, картагински бискуп од третиот век што го измислил седумстепениот хиерархиски свештенички систем, бил маченички убиен во овој град во 258 н.е. Еден друг северноафриканец, Августин (354—430 н.е.), наречен најголем мислител на древното христијанство, одиграл пресудна улога во соединувањето на црковната доктрина со грчката филозофија. Влијанието на северноафриканската црква било толкаво што еден свештеник изјавил: „О Африко, ти си таа што со најголем жар ги забрзуваш идеалите на нашата вера. Она што ќе го одлучиш ти е одобрено од Рим и го следат господарите на Земјата“.
Меѓутоа, деновите на Картагина биле избројани. Повторно, нејзината судбина била неразделно сврзана со судбината на Рим. Пропаѓањето на Римската Империја го повлекло и пропаѓањето на Картагина. Во 439 н.е., градот бил заземен и опљачкан од Вандалите. Кога по еден век Византија го освоила овој град, неговата смрт била спречена само накратко. Но, не можел да им пружи отпор на Арабјаните што пустошеле низ Северна Африка. Во 698 н.е., градот бил заземен, а неговите камења подоцна послужиле за да се изгради градот Тунис. Во текот на следните векови, мермерот и гранитот што некогаш го краселе овој римски град биле запленети и извезени и се искористиле во изградбата на катедралите во Ѓенова и Пиза (Италија), а можеби дури и во Кантербери (Англија). Иако некогаш била еден од најбогатите и најмоќни градови во стариот век, а потоа империја што речиси завладеала со светот, Картагина на крајот била претворена во еден непрепознатлив куп урнатини.
[Фусноти]
a Името феникиски доаѓа од грчкиот збор феникс, што значи „пурпурен“, но и „палма“. Од тука дошол латинскиот збор поинус, од каде што сме ја добиле придавката „пунски“, што значи „картагински“.
b Блиските врски помеѓу Картагинците и Етрурците, кои траеле неколку века, го навеле Аристотел да коментира дека овие две нации сочинуваат една држава. За повеќе информации за Етрурците, видете го српското издание на Разбудете се! од 8 ноември 1997, страници 24—27.
c „Името Африка го дале Картагинците на територијата околу Картагина. Подоцна почнало да ги означува сите познати региони на овој континент. Римјаните го задржале ова име кога ова подрачје го направиле римска провинција“ (Dictionnaire de l’Antiquitè—Mythologie, littèrature, civilisation).
[Карта на страница 16]
(Види во публикацијата)
РИМ
СРЕДОЗЕМНО МОРЕ
КАРТАГИНА (урнатини)
[Слика на страница 16]
Остатоци од римските топли бањи
[Слика на страница 17]
Транспорт на либански кедар во феникиски бродови
[Извор на слика]
Musèe du Louvre, Paris
[Слика на страница 17]
Се носеле приврзоци од стакло како амајлии за среќа
[Извор на слика]
Musèe du Louvre, Paris
[Слика на страница 18]
Картагинците ставале погребни маски во гробовите за заштита од зли духови
[Извор на слика]
Musèe du Louvre, Paris
[Слика на страница 18]
Убивањето деца било дел од хананејското обожавање што го наследиле Картагинците. Ова е ознака на еден гроб на жртвувано дете
[Слика на страница 19]
Урнатини од пунски град, кој паднал во рацете на Римјаните во 146 пр.н.е.
[Слика на страница 19]
Ханибал се смета за еден од најголемите воени стратези што некогаш живееле
[Извор на слика]
Alinari/Art Resource, NY