Јеховината реч е жива
Избрани стихови од Посланието до Римјаните
ОКОЛУ 56 год. од н.е., на своето трето мисионерско патување, апостол Павле пристигнува во Коринт. Тој веќе има слушнато дека еврејските и нееврејските христијани во Рим имаат различни ставови за одредени работи. Со цел да ги обедини целосно во Христос, Павле им пишува едно писмо.
Во тоа писмо или послание до Римјаните, Павле објаснува на кој начин луѓето се прогласени за праведни и како треба да живеат. Писмото ни помага уште подобро да го запознаеме Бог и неговата Реч, ја нагласува Божјата незаслужена доброта и ја возвишува улогата што ја има Христос во нашето спасение (Евр. 4:12).
КАКО БОГ НЀ ПРОГЛАСУВА ЗА ПРАВЕДНИ?
„Сите згрешија и не ја одразуваат Божјата слава“, пишува Павле. „Но дар е тоа што преку [Божјата] незаслужена доброта се прогласени за праведни затоа што се ослободени со откупнината што ја плати Христос Исус“. Павле исто така вели: „Човекот е прогласен за праведен поради неговата вера, а не поради вршење на делата пропишани со законот“ (Рим. 3:23, 24, 28). Со тоа што имаат вера во „еден чин на оправдување“, и помазаните христијани и членовите на ‚големото мноштво‘ од ‚другите овци‘ можат да бидат „прогласени за праведни“ — првите за живот на небото како сонаследници на Христос, а вторите како Божји пријатели, кои се надеваат да ја преживеат „големата неволја“ (Рим. 5:18; Отк. 7:9, 14; Јован 10:16; Јак. 2:21-24; Мат. 25:46).
„Зар да грешиме затоа што не сме под закон, туку под незаслужена доброта?“ — прашува Павле. „Никако!“ — одговара тој, и потоа објаснува: „Робови сте му... било на гревот, кој води во смрт, било на послушноста, која води во праведност“ (Рим. 6:15, 16). „Ако преку духот ги усмртите делата на телото, ќе живеете“, вели тој (Рим. 8:13).
Одговорени библиски прашања:
1:24-32 — Дали моралната расипаност која е опишана овде се однесува на Евреите или на не-Евреите? Иако овој опис може да важи и за двете групи, Павле конкретно се осврнал на отпадничките Израелци од старо време. Тие ја познавале Божјата праведна одредба, но ‚не сакале добро да го запознаат Бог‘. Затоа заслужувале осуда.
3:24, 25 — Како може „откупнината што ја плати Христос Исус“ да ги покрие „гревовите направени во минатото“, односно пред таа да биде платена? Првото пророштво за Месијата, кое е дадено во 1. Мојсеева 3:15, се исполнило во 33 год. од н.е. кога Исус бил убиен на маченички столб (Гал. 3:13, 16). Но, кога Јехова го изрекол тоа пророштво, од негова гледна точка откупнината како веќе да била платена, бидејќи ништо не може да го спречи да го исполни она што го наумил. Значи, врз основа на идната жртва на Исус Христос, Јехова можел да им ги прости гревовите на потомците на Адам кои имале вера во тоа ветување. Поради откупнината, ќе можат да воскреснат и лицата што умреле во претхристијанската ера (Дела 24:15).
6:3-5 — Што значи некој да се крсти во Христос Исус и во неговата смрт? Кога Јехова ги помазува следбениците на Христос со свет дух, тие се обединуваат со Исус и стануваат членови на собранието кое е Христово тело, чија Глава е тој (1. Кор. 12:12, 13, 27; Кол. 1:18). Ова значи да се крштаваат во Христос Исус. Помазаните христијани исто така се „крстени... во [Христовата] смрт“ во таа смисла што живеат самопожртвуван живот и засекогаш се откажуваат од можноста да живеат вечно на Земјата. Според тоа, нивната смрт е жртвена, како што била и смртта на Исус, но нема откупна вредност. Ова крштавање во смртта на Христос завршува кога умираат и воскреснуваат за живот на небото.
7:8-11 — Како гревот ‚нашол упориште во заповедта‘? Законот им помогнал на луѓето да разберат што сѐ спаѓа во грев и така станале посвесни дека се грешници. Им станало јасно дека грешат во многу повеќе работи. Освен тоа, уште повеќе луѓе сфатиле дека се грешници. Затоа може да се каже дека гревот нашол упориште во заповедта.
Поуки за нас:
1:14, 15. Имаме многу причини да ја објавуваме добрата вест со ревност. Една од нив е тоа што сме им должници на луѓето кои Исус ги купил со својата крв, и затоа имаме обврска да им помогнеме во духовен поглед.
1:18-20. Безбожните и неправедни луѓе „немаат изговор“ бидејќи Божјите невидливи особини јасно се гледаат од она што е создадено.
2:28; 3:1, 2; 7:6, 7. Откако кажува работи што би можеле да им зазвучат навредливо на Евреите, Павле дава забелешки кои го ублажуваат она што им го рекол. Со тоа ни дава добар пример како можеме да разговараме тактично и вешто за некои осетливи теми.
3:4. Кога она што го велат луѓето се разликува од она што го вели Бог во својата Реч, ние дозволуваме Бог да „се покаже вистинит“ така што имаме доверба во пораката од Библијата и постапуваме во склад со Божјата волја. Кога ревносно проповедаме за Царството и ги поучуваме луѓето, можеме да им помогнеме на другите да видат дека Бог е вистинит.
4:9-12. Бидејќи Авраам имал вера, Бог го сметал за праведен долго пред да биде обрежан на возраст од 99 години (1. Мој. 12:4; 15:6; 16:3; 17:1, 9, 10). Со тоа, Бог на впечатлив начин покажал што бара од нас за да нѐ смета за праведни.
4:18. Надежта е суштински дел на верата. Всушност, нашата вера се темели на надеж (Евр. 11:1).
5:18, 19. Павле користи логика за да образложи во кој поглед Исус е сличен на Адам. На тој начин, едноставно и во кратки црти објаснува во која смисла еден човек може „да го даде својот живот како откупнина за мнозина“ (Мат. 20:28). И ние треба да го следиме неговиот одличен пример така што ќе ги поучуваме луѓето користејќи логика и притоа ќе бидеме кратки и јасни (1. Кор. 4:17).
7:23. Деловите на телото, како што се рацете, нозете и јазикот можат да ‚нѐ заробат со законот на гревот‘, и затоа треба да пазиме да не ги злоупотребиме.
8:26, 27. Кога сме толку збунети од некоја ситуација што не знаеме за што да се молиме, „самиот дух се зазема за нас“. Тогаш Јехова, кој „ги слуша молитвите“, ги прифаќа молбите од неговата Реч што се однесуваат на нашата ситуација исто како да му ги упатуваме лично ние (Пс. 65:2).
8:38, 39. Неволјите, злобните духовни суштества и човечките власти не можат да го натераат Јехова да престане да нѐ сака. Не треба да нѐ натераат ни нас да престанеме да го сакаме него.
9:22-28; 11:1, 5, 17-26. Многу пророштва во врска со обновата на Израел се исполнуваат на собранието од помазани христијани, чии членови не се повикани „само од Евреите туку и од незнабошците“.
10:10, 13, 14. Освен љубовта кон Бог и кон ближните, силната вера во Јехова и во неговите ветувања може да нѐ поттикне да имаме ревносен удел во христијанската служба.
11:16-24, 33. Каква прекрасна рамнотежа постои меѓу „Божјата добрина и строгост“! Да, „тој е Карпа, делото му е совршено, зашто сите негови патишта се правда“ (5. Мој. 32:4).
ДА ЖИВЕЕМЕ ВО СКЛАД СО ТОА ШТО СМЕ ПРОГЛАСЕНИ ЗА ПРАВЕДНИ
„Затоа, браќа, сесрдно ве молам, поради Божјата сомилост“, вели Павле, „да ги дадете своите тела како жртва жива, света, прифатлива за Бог“ (Рим. 12:1). „Затоа“ — или со оглед на фактот што христијаните се прогласени за праведни поради својата вера — она што Павле го кажува во продолжение треба да влијае врз нивниот став кон себеси, кон другите и кон властите.
„Му велам на секој меѓу вас да не мисли за себе повеќе отколку што треба да мисли“, пишува Павле. „Вашата љубов нека не биде лицемерна“, ги опоменува тој (Рим. 12:3, 9). „Секој човек нека им биде подложен на властите што се над него“ (Рим. 13:1). А во работите што се оставени на совест, тој ги поттикнува христијаните ‚да не се осудуваат еден со друг‘ (Рим. 14:13).
Одговорени библиски прашања:
12:20 — Како ‚натрупуваме жив жар врз главата‘ на непријателот? Во библиски времиња, рудата се ставала во вжарена печка, а потоа врз неа, како и под неа, се редел по еден слој жар. Поради високата температура на жарот, металот се топел и згурата се одвојувала од него. На сличен начин, ставаме жив жар врз главата на непријателот кога постапуваме љубезно со него и поради тоа неговата закоравеност се топи, а на површината излегуваат добрите особини.
12:21 — Како можеме да го ‚надвладееме злото со добро‘? Еден начин на кој го правиме ова е така што бестрашно ќе го извршуваме делото што ни го доверил Бог, односно ќе ја проповедаме добрата вест за Царството сѐ додека Јехова не каже дека е доволно (Мар. 13:10).
13:1 — Во која смисла Бог „ја поставил [власта] на нејзината положба“? Бог ги поставил световните власти, односно им „дал делумна власт“ (фуснота) во таа смисла што им дозволил да владеат, а во некои случаи и го прорекол нивното владеење. Ова јасно се гледа од она што Библијата го претскажала во врска со некои владетели.
Поуки за нас:
12:17, 19. Ако ‚враќаме зло за зло‘, тогаш го земаме во свои раце она што треба да му го оставиме на Јехова. Би било многу дрско од наша страна да ‚враќаме зло за зло‘!
14:14, 15. Ако со извесна храна или пијалаци би го нажалиле или би го спрепнале нашиот брат, тогаш не треба да му ги нудиме.
14:17. Добриот однос со Бог не зависи главно од она што некој го јаде и пие, или од она што се воздржува да го јаде и пие. Напротив, тој е поврзан со праведноста, мирот и радоста.
15:7. Треба непристрасно да ги примаме во собранието сите оние што искрено ја бараат вистината и треба да им ја објавуваме пораката за Царството на сите што ги среќаваме.
[Слики на страница 31]
Може ли откупнината да се примени и на гревовите што биле направени пред да биде платена?