Бори се за Јеховиниот благослов!
Се бореше со Бог и со луѓето, и надвладеа (1. МОЈ. 32:28)
1, 2. Со што мора да се борат Јеховините слуги?
УШТЕ од првиот верен човек, Авел, па сѐ до денес, слугите на Јехова морале да се борат за да ја стекнат неговата милост и благослов. Апостол Павле им го рекол следново на еврејските христијани: „Издржавте голема борба и страдање“ (Евр. 10:32-34). Тој ја споредил борбата што ја водат христијаните со грчките спортски натпревари, како што биле трките, борењето и боксот (Евр. 12:1, 4). Денес, сите ние учествуваме во трката за живот и се соочуваме со непријатели кои сакаат да ни го одвлечат вниманието, да нѐ спрепнат, да нѐ соборат, да ни ја згаснат радоста и да нѐ спречат да ја добиеме наградата што нѐ очекува.
2 Најтешката борба што ја водиме е борбата против Сатана и неговиот злобен свет (Еф. 6:12). Многу е важно да се чуваме од влијанието на световните учења и филозофии, и да се спротивставиме на неисправните желби, навики и постапки, како што се неморалот, пушењето, и злоупотребата на алкохол и дрога. Освен тоа, мора и понатаму да се бориме со обесхрабрувањето и со нашите лични слабости (2. Кор. 10:3-6; Кол. 3:5-9).
3. Како Бог ни помага да се бориме со непријателите?
3 Дали навистина можеме да победиме во борбата против толку моќни непријатели? Да, но тоа воопшто нема да биде лесно! Павле се споредил со боксер, кога рекол: „Не удирам со раката како да го бијам воздухот“ (1. Кор. 9:26). Исто како што еден боксер се бори со својот противник, ние треба да се бориме со нашите непријатели. Јехова ни помага и нѐ учи како да го правиме тоа. Тој ни дава животоспасувачки упатства во својата Реч. Освен тоа, ни помага преку библиските публикации, состаноците, собирите и конгресите. Дали се трудиш да ги применуваш сите совети што ги добиваме? Ако не, можеби не му се спротивставуваш со сите сили на непријателот. Со други зборови, можеби си како боксер кој удира во празно.
4. Што треба да правиме за да не нѐ надвладее злото?
4 Треба постојано да бидеме на штрек. Зошто? Нашите непријатели можат да нѐ нападнат кога сме слаби или кога најмалку го очекуваме тоа. Библијата нѐ предупредува: „Не дозволувај да те надвладее злото, туку надвладеј го злото со добро!“ (Рим. 12:21). Всушност, ова е охрабрување за нас затоа што покажува дека можеме да го победиме злото ако продолжиме да се бориме против него. Но, ако се опуштиме и престанеме да се бориме, тогаш Сатана, неговиот свет и нашите слабости можат да нѐ надвладеат. Затоа, не се откажувај! Не се обесхрабрувај и не дозволувај да ти ослабат рацете! (1. Пет. 5:9).
5. а) Што не смееме да заборавиме ако сакаме Јехова да нѐ благослови? б) Кои примери од Библијата ќе ги разгледаме?
5 Ако сакаме да извојуваме победа, не смееме да заборавиме од која причина се бориме — за да ја стекнеме Божјата милост и благослов. Затоа мора да мислиме на уверувањето запишано во Евреите 11:6: „Оној што му пристапува [на Бог] мора да верува дека тој постои и дека ги наградува оние што ревносно го бараат“. Грчкиот израз кој е преведен со „ревносно го бараат“ укажува дека треба да вложиме голем труд за да ја стекнеме Божјата милост (Дела 15:17). Во Библијата се зборува за многу мажи и жени кои го сториле токму тоа. На пример, Јаков, Рахела, Јосиф и Павле се нашле во ситуации кои биле тешки за нив и во физички и во емоционален поглед. Сепак, успеале да се изборат за Божјиот благослов. Нивниот пример ни покажува дека, ако даваме сѐ од себе, Јехова ќе нѐ благослови и нас. Да видиме како.
ИСТРАЈНОСТА НОСИ БЛАГОСЛОВИ
6. Што му помогнало на Јаков да истрае, и како бил награден? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)
6 Верниот Јаков истрајно се борел затоа што го сакал Јехова и го ценел пријателството со него. Тој бил цврсто уверен дека Бог ќе го исполни своето ветување и ќе го благослови неговото потомство (1. Мој. 28:3, 4). Кога имал речиси 100 години, Јаков дури и се борел со еден моќен ангел за да добие благослов од Бог. (Прочитај 1. Мојсеева 32:24-28.) Дали го направил тоа само со сопствена сила? Се разбира дека не. Сепак, тој бил цврсто решен да го добие Божјиот благослов, и докажал дека е спремен да се бори за него. Јехова го благословил поради неговата истрајност, и го нарекол Израел, што значи „оној што истрајно се бори со Бог“. Јаков ја стекнал Јеховината милост и благослов — истата награда која сакаме да ја добиеме и ние.
7. а) Во каква тешка ситуација била Рахела? б) Што правела Рахела, и како била благословена?
7 Рахела, саканата жена на Јаков, исто така желно чекала да види како Јехова ќе го исполни ветувањето што му го дал на нејзиниот маж. Но, се чинело дека има една непремостлива пречка. Таа била неротка. Во библиски времиња, тоа им причинувало голема болка на жените. Како успеала Рахела да собере емоционална и физичка сила за да се бори, и покрај оваа тешка ситуација над која немала никаква контрола? Таа никогаш не изгубила надеж. Наместо тоа, уште посесрдно му се молела на Јехова. Тој ги услишил нејзините искрени молитви, и на крајот ја благословил со деца. Затоа Рахела рекла: „Се борев жестоко... И победив!“ (1. Мој. 30:8, 20-24).
8. Со какви тешкотии се соочил Јосиф, и како неговиот добар пример може да ни помогне и нам?
8 Јаков и Рахела биле извонреден пример на истрајност. Веројатно тоа силно влијаело и врз нивниот син Јосиф, и му помогнало да ги преброди испитите на својата вера. Кога имал 17 години, неговиот живот се сменил од корен. Неговите браќа го продале во ропство затоа што му биле љубоморни. Подоцна, иако бил невин, Јосиф поминал многу години во затвор во Египет (1. Мој. 37:23-28; 39:7-9, 20, 21). Сепак, не се обесхрабрил, не станал огорчен и не барал начин да се одмазди. Наместо тоа, најважно од сѐ му било да го зачува своето скапоцено пријателство со Јехова (3. Мој. 19:18; Рим. 12:17-21). Неговиот пример може да ни помогне и нам. Дури и ако сме имале тешко детство или ако нашата сегашна ситуација изгледа безнадежна, мора да продолжиме истрајно да се бориме. Да имаме доверба дека Јехова ќе биде со нас и ќе нѐ благослови. (Прочитај 1. Мојсеева 39:21-23.)
9. Како може да се угледаме на Јаков, на Рахела и на Јосиф?
9 И ние денес мора да истраеме во тешки ситуации. На пример, можеби си жртва на неправда или предрасуди или, пак, се соочуваш со исмевање. Можеби некој те оцрнува затоа што ти е љубоморен. Наместо да се обесхрабриш, сети се што им помогнало на Јаков, на Рахела и на Јосиф да продолжат со радост да му служат на Јехова. Тој ги зајакнал и ги благословил бидејќи многу го ценеле својот однос со него. Тие продолжиле да се борат и да постапуваат во склад со своите молитви. Со оглед на тоа што живееме во последните денови, многу е важно цврсто да се држиме за нашата надеж! Дали си спремен да се бориш, односно да даваш сѐ од себе за да ја стекнеш Јеховината милост?
БИДИ РЕШЕН ДА СЕ БОРИШ ЗА БОЖЈИОТ БЛАГОСЛОВ
10, 11. а) Од кои причини можеби ќе мора да се бориме за Божјиот благослов? б) Што ќе ни помогне да донесуваме исправни одлуки?
10 Од кои причини можеби ќе мора да се бориме за Божјиот благослов? Бидејќи сме несовршени, повеќето од нас мора да се борат со неисправни желби. Некои се борат за да задржат позитивен став кон службата. Други се борат со здравствени проблеми или со чувства на осаменост. А на трети им е многу тешко да простат кога некој ќе ги повреди. Сеедно колку долго сме во вистината, сите треба да се бориме против она што може да нѐ спречи да му служиме на Јехова, кој ги наградува верните.
11 Не е лесно да живееме како христијани и да донесуваме исправни одлуки, особено кога нашето измамливо срце нѐ влече во спротивен правец (Ерем. 17:9). Ако и ти се чувствуваш така, моли го Јехова за неговиот дух. Молитвата и светиот дух можат да ти ја дадат потребната сила за да го правиш она што е исправно, и така да го добиеш Божјиот благослов. Биди решен да постапуваш во склад со своите молитви. Труди се да ја читаш Библијата секој ден, и одвојувај време за лично и семејно проучување. (Прочитај Псалм 119:32.)
12, 13. Што им помогнало на двајца христијани да се борат со погрешните желби?
12 Божјата Реч, светиот дух и нашите публикации им помогнале на многу браќа и сестри да се изборат со погрешните желби. Еден млад брат, кој ја прочитал статијата „Како да им одолеете на грешните желби?“ во Разбудете се! од 8 март 2004 год., рекол: „Се борам со неисправни мисли. Кога прочитав во статијата дека ‚мнозина водат многу силна борба за да ги совладаат грешните желби‘, почувствував дека не сум сам, туку дека сум дел од едно братство“. Овој млад човек извлекол корист и од статијата „Алтернативни животни стилови — дали Бог ги одобрува?“, која излезе во Разбудете се! од 8 јануари 2004 год. Таа му помогнала да сфати дека некои мораат постојано да водат борба со своите слабости, кои им се како „трн во телото“ (2. Кор. 12:7). Сепак, додека истрајно се борат да постапуваат исправно, тие гледаат позитивно на иднината. Овој брат рекол: „Сигурен сум дека можам да му останам верен на Јехова. Многу сум му благодарен што, преку својата организација, тој ни помага да го преживееме секој ден во овој злобен свет“.
13 Да го разгледаме и примерот на една сестра од САД. Таа пишува: „Сакам да ви се заблагодарам затоа што секогаш ни го давате она што ни е потребно, и тоа во вистинско време. Честопати имам чувство како статиите да се пишувани токму за мене. Со години се борам со една силна желба за нешто што Јехова го мрази. Понекогаш ми доаѓа да кренам раце од сѐ и да престанам да се борам. Знам дека Јехова е милостив и спремен да прости. Но, бидејќи имам ваква погрешна желба и длабоко во себе не ја мразам, мислам дека не заслужувам тој да ми помогне. Оваа борба што постојано ја водам влијае на секое поле од мојот живот“. Откако ја прочитала статијата „Имаш ли ‚срце кое го познава Јехова‘?“ во Стражарска кула од 15 март 2013 год., оваа сестра сфатила дека Бог навистина сака да ѝ ја даде потребната помош.
14. а) Што кажал Павле во врска со борбата која ја водел со себеси? б) Како може да ги победиме нашите слабости?
14 Прочитај Римјаните 7:21-25. Павле знаел од лично искуство колку е тешко да се бори со неисправните желби и личните слабости. Сепак, бил уверен дека може да ја добие битката со себеси ако го моли Јехова за помош и ако покажува вера во откупната жртва на Исус. И ние можеме да ги победиме нашите слабости. Како? Така што ќе се угледаме на Павле, ќе се потпираме целосно на Јехова а не на себеси, и ќе имаме вера во откупнината.
15. Како Јехова може да ни помогне да му останеме верни и да истраеме во неволјите?
15 Понекогаш Бог дозволува да помине време за да покажеме колку многу ни значи некоја работа. На пример, како ќе реагираме ако ние — или некој од семејството — се соочиме со тешка болест или со некоја неправда? Ако имаме целосна доверба во Јехова, ќе го молиме да ни ја даде потребната сила за да му останеме верни, да не ја изгубиме радоста и да го зачуваме нашиот близок однос со него (Фил. 4:13). Искуствата на многу христијани, и во минатото и денес, јасно покажуваат дека молитвата може да нѐ зајакне и да ни ја зацврсти довербата во Бог за да истраеме во неволјите.
ПРОДОЛЖИ ДА СЕ БОРИШ ЗА ЈЕХОВИНИОТ БЛАГОСЛОВ
16, 17. Што си решен да правиш?
16 Ѓаволот многу сака да се обесхрабриш и да се предадеш. Но, биди решен да се држиш за она што е добро (1. Сол. 5:21). Имај доверба дека можеш да победиш во борбата против Сатана, против неговиот злобен свет и против грешните желби! Ќе успееш во тоа ако си потполно уверен дека Јехова ќе те зајакне и ќе ти помага (2. Кор. 4:7-9; Гал. 6:9).
17 Затоа, продолжи да се бориш. Не се откажувај и не се предавај! Можеш да бидеш апсолутно сигурен дека Јехова ќе ти излее „благослов додека не биде доста“ (Мал. 3:10).