Добра вест што им е потребна на сите
‚Добрата вест е Божја сила која донесува спасение‘ (РИМ. 1:16)
1, 2. Зошто ја проповедаш ‚добрата вест за царството‘, и за кои работи најчесто им зборуваш на другите?
‚СО РАДОСТ би зборувал за добрата вест секој ден.‘ Сигурно и ти некогаш си помислил или си кажал нешто слично. Како ревносен Сведок на Јехова, сфаќаш колку е важно да се проповеда ‚добрата вест за царството‘. Веројатно ги знаеш напамет зборовите од Матеј 24:14, каде што Исус прорекол дека ќе ја проповедаме таа вест.
2 Со тоа што ја проповедаш ‚добрата вест за царството‘, ти продолжуваш да го вршиш делото кое го започнал Исус. (Прочитај Лука 4:43.) Несомнено, најчесто им зборуваш на другите за тоа дека наскоро Бог ќе се вмеша во она што се случува на Земјата, и дека во претстојната „голема неволја“ ќе им стави крај на лажната религија и на сето зло во светот (Мат. 24:21). Веројатно им кажуваш и дека Божјето Царство ќе воспостави рај на Земјата во кој луѓето ќе живеат во мир и среќа. Всушност, ‚добрата вест за царството‘ е дел од ‚добрата вест која однапред му била објавена на Авраам‘, имено, дека ‚преку него ќе бидат благословени сите народи‘ (Гал. 3:8).
3. Зошто може да се каже дека апостол Павле го нагласил изразот „добра вест“ во своето послание до Римјаните?
3 Но, можно ли е да не му обрнуваме доволно внимание на едно важно обележје на добрата вест која им е потребна на луѓето? Во посланието до Римјаните, апостол Павле го спомнал зборот ‚царство‘ само еднаш, но, според изворниот текст, изразот „добра вест“ го употребил 12 пати. (Прочитај Римјаните 14:17.) За кое обележје на добрата вест зборувал Павле во оваа библиска книга? Зошто токму тоа обележје е многу важно? И зошто треба да го имаме на ум додека им ја проповедаме „Божјата добра вест“ на луѓето на нашето подрачје? (Мар. 1:14; Рим. 15:16; 1. Сол. 2:2).
Што требало да знаат христијаните во Рим
4. За што проповедал Павле кога првпат бил затворен во Рим?
4 Добро е да се забележи за кои работи зборувал Павле кога првпат бил затворен во Рим. Во Библијата читаме дека, кога многу Евреи доаѓале кај него, тој 1) ‚темелно им сведочел за Божјето царство и 2) им изнесувал уверливи докази за Исус‘. Каков бил резултатот од ова? Извештајот вели: „Некои поверуваа во неговите зборови, а други не веруваа“. Потоа, Павле ‚со задоволство ги примал сите што доаѓале кај него и 1) им го проповедал Божјето царство и 2) ги поучувал за Господарот Исус Христос‘ (Дела 28:17, 23-31). Според тоа, Павле им зборувал на другите за Божјето Царство. Но, за што друго им сведочел? За нешто што е тесно поврзано со тоа Царство — улогата што Исус ја има во Божјата намера.
5. Според она што Павле го кажал во своето писмо до Римјаните, што треба да знаат сите луѓе?
5 Сите луѓе треба да го запознаат Исус и да имаат вера во него. Павле зборувал за ова во своето послание до Римјаните. Во почетокот, тој им пишал дека ‚со сето срце му служи на Бог, проповедајќи ја добрата вест за неговиот Син‘. Потоа додал: „Јас не се срамам од добрата вест. Таа е Божја сила која му донесува спасение на секој што верува“. Понатаму го спомнал времето ‚кога Бог преку Христос Исус ќе му суди на она што е скриено во луѓето, според добрата вест што ја објавувал‘. Исто така напишал: „Од Ерусалим, па... сѐ до Илирик, темелно ја проповедав добрата вест за Христос“a (Рим. 1:9, 16; 2:16; 15:19). Што мислиш, зошто Павле обрнал толкаво внимание на Исус Христос кога им пишувал на Римјаните?
6, 7. Како било основано собранието во Рим, и кој го сочинувал?
6 Прво, да кажеме збор-два за собранието во Рим. Не знаеме како било основано тоа собрание. Дали некои Евреи или еврејски преобратеници што биле во Ерусалим на Педесетница 33 год. од н.е. се вратиле во Рим како христијани? (Дела 2:10). Или, пак, можеби некои трговци и патници што биле христијани ја донеле вистината во Рим? Како и да е, до 56 год. од н.е., кога Павле го напишал писмото до Римјаните, собранието постоело веќе подолго време (Рим. 1:8). Кои луѓе го сочинувале?
7 Некои од нив биле Евреи. На пример, Павле испратил поздрави до своите „роднини“ Андроник и Јуниј, кои очигледно биле негови сонародници. Акила и жена му Прискила, кои изработувале шатори, исто така биле Евреи (Рим. 4:1; 9:3, 4; 16:3, 7; Дела 18:2). Но, веројатно многу браќа и сестри на кои Павле им испратил поздрави биле не-Евреи. Можеби некои биле од „дворецот на цезарот“, што веројатно значи дека биле негови робови или, пак, вршеле некаква служба на дворот (Фил. 4:22; Рим. 1:6; 11:13).
8. Во каква тешка состојба се наоѓале христијаните во Рим?
8 Без оглед на своето потекло, сите христијани во Рим се наоѓале во една навистина тешка состојба, а истото важи и за нас денес. Павле напишал: „Сите згрешија и не ја одразуваат Божјата слава“ (Рим. 3:23). Очигледно, сите на кои Павле им го упатил ова послание морале да признаат дека се грешници и да покажат вера во оној кого Бог го испратил за да ги избави од таа очајна состојба.
Луѓето треба да сфатат дека се грешни
9. На кој можен благослов од добрата вест укажал Павле?
9 Уште во почетокот на своето послание до Римјаните, Павле кажал каков благослов може да донесе добрата вест која повеќепати ја спомнал. Тој рекол: „Јас не се срамам од добрата вест. Таа е Божја сила која му донесува спасение на секој што верува, најнапред на Евреинот, а потоа и на Гркот“. Значи, можно е луѓето да се спасат. Но, за ова е потребна вера, во склад со длабоката вистина што ја навел Павле: „Праведникот ќе живее поради верата“ (Рим. 1:16, 17; Гал. 3:11; Евр. 10:38). Меѓутоа, каква врска има добрата вест, која може да донесе спасение, со тоа што ‚сите згрешиле‘?
10, 11. Зошто изјавата од Римјаните 3:23 им е чудна на некои луѓе, а на други не?
10 Пред некој да стекне вера што може да му донесе спасение, мора да признае дека е грешник. Овој концепт веројатно не им е чуден на оние што од мали нозе биле поучени да веруваат во Бог и што имаат одредено познавање на Библијата. (Прочитај Проповедник 7:20.) Сеедно дали се согласуваат со тој факт или не, тие барем донекаде сфаќаат што сакал да каже Павле кога рекол: „Сите згрешија“ (Рим. 3:23). Сепак, додека ја вршиме службата, можеби среќаваме мнозина кои не разбираат што значи таа изјава.
11 Во некои земји, луѓето не биле поучени да веруваат дека се родени како грешници, односно дека наследиле грев. Точно, оној што растел во такво општество сигурно сфаќа дека прави грешки, дека има неубави особини и дека можеби направил некои лоши работи. Освен тоа, свесен е дека истото може да се каже и за оние околу него. Сепак, поради културата во која живее, не сфаќа зошто и тој и другите се такви. Всушност, кога во некои јазици ќе се спомне зборот грешник, луѓето обично помислуваат на човек што е криминалец или што, во најмала рака, прекршил одредени закони. Јасно, ако некој пораснал во ваква средина, најверојатно нема да гледа на себеси како на грешник во библиска смисла на зборот.
12. Зошто мнозина не веруваат дека сите луѓе се грешни?
12 И во земјите на христијанскиот свет мнозина не веруваат дека сите луѓе се грешни. Зошто? Затоа што, дури и одвреме-навреме да одат во црква, тие сметаат дека библискиот извештај за Адам и Ева е измислена прикаска или легенда. Други растат опкружени со луѓе што не веруваат во Бог, па затоа и самите се сомневаат дека тој постои. Поради тоа, не сфаќаат дека едно Врховно Битие ги одредило моралните мерила за човештвото и дека е грев кога човек не постапува во склад со Неговите мерила. Во некоја смисла, тие се како оние во првиот век за кои Павле рекол дека се „без надеж“ и „без Бог во светот“ (Еф. 2:12).
13, 14. а) Која е првата причина зошто немаат изговор оние што не веруваат во Бог и не се сметаат за грешни? б) До што довело неверувањето во Бог?
13 Во посланието до Римјаните, Павле навел две причини зошто воспитанието или средината во која некој пораснал сепак не може да му биде изговор — ни во првиот век ни денес. Првата причина е дека самото создание сведочи за постоењето на Творец. (Прочитај Римјаните 1:19, 20.) Тоа е во склад со зборовите запишани во 3. поглавје од посланието што Павле им го напишал на Евреите додека бил во Рим: „Секоја куќа некој ја изградил, а Бог е оној што изградил сѐ“ (Евр. 3:4). Споредбата што ја користи овде покажува дека постои Творец кој изградил, односно создал сѐ што постои.
14 Затоа, Павле со право им напишал на Римјаните дека сите што им се клањаат на безживотни кипови — вклучувајќи ги и Израелците во старо време — „немаат изговор“. Истото важи и за мажите и жените што се оддале на противприроден сексуален неморал (Рим. 1:22-27). Според тоа, Павле дошол до исправен заклучок кога рекол дека „и Евреите и Грците... се под грев“ (Рим. 3:9).
Совеста како сведок
15. Кој има совест, и како влијае таа?
15 Во посланието до Римјаните е наведена уште една причина зошто луѓето треба да признаат дека се грешни и дека имаат потреба од помош. Во врска со Законот што Бог им го дал на древните Израелци, Павле напишал: „Сите што згрешија под законот, ќе бидат судени според законот“ (Рим. 2:12). Но, тој посочил дека и луѓето од другите народи кои не го познаваат Божјиот закон обично „по природа го држат она што е во законот“. Зошто и тие забрануваат инцест, убиство и крадење? Павле јасно кажал која е причината: Затоа што имаат совест. (Прочитај Римјаните 2:14, 15.)
16. Зошто тоа што некој има совест не значи и дека нема да прави грев?
16 Меѓутоа, веројатно си забележал дека тоа што некој има совест која му кажува што е исправно, а што не, не значи и дека ќе го послуша нејзиниот глас. Тоа било случај и со древните Израелци. Иако Бог им дал и совест и конкретни закони кои забранувале крадење и прељуба, тие честопати постапувале спротивно и на својата совест и на Јеховиниот закон (Рим. 2:21-23). Поради тоа, Израелците сноселе двојна вина и биле грешници кои не постапувале во склад со Божјите мерила и неговата волја. Со тоа си го расипале односот со својот Творец (3. Мој. 19:11; 20:10; Рим. 3:20).
17. Какво охрабрување наоѓаме во посланието до Римјаните?
17 Она што досега го разгледавме од посланието до Римјаните ни помага да сфатиме во колку бедна состојба сме во очите на Семоќниот. Но, Павле понатаму објаснил дека и покрај тоа сепак има надеж. Цитирајќи ги зборовите на Давид од Псалм 32:1, 2, тој напишал: „Среќни се оние чии незаконски дела се простени и чии гревови се покриени. Среќен е човекот кому Јехова не му го вбројува гревот“ (Рим. 4:7, 8). Без да ги крши своите праведни закони, Бог овозможил да ни бидат простени гревовите.
Добрата вест за Исус
18, 19. а) Кое обележје на добрата вест го истакнал Павле во своето послание до Римјаните? б) Што мора да сфатиме и да признаеме за да ги добиеме благословите што ќе ги донесе Царството?
18 Сигурно ќе речеш: „Па тоа е навистина добра вест!“ Ова нѐ враќа на обележјето на добрата вест што Павле го истакнал во посланието до Римјаните. Како што беше спомнато, тој напишал: „Јас не се срамам од добрата вест. Таа е Божја сила која... донесува спасение“ (Рим. 1:15, 16).
19 Таа добра вест ја истакнува улогата што ја има Исус во исполнувањето на Божјата намера. Павле можел со радост да го очекува „денот кога Бог преку Христос Исус ќе му суди на она што е скриено во луѓето, според добрата вест“ (Рим. 2:16). Кога го кажал ова, Павле не сакал да ја намали важноста на „царството на Христос и на Бог“ или на она што Бог ќе го направи преку тоа Царство (Еф. 5:5). Но, покажал дека, за да живееме кога ќе владее Божјето Царство и да уживаме во благословите што ќе ги донесе тоа, мора да сфатиме и да признаеме две работи: 1) дека сме грешници во Божји очи и 2) дека мора да имаме вера во Исус Христос за да ни бидат простени гревовите. Кога некој ќе ги разбере и прифати овие аспекти на Божјата намера и ќе види каква надеж му нуди ова за иднината, тој со право може да извика: „Тоа е навистина добра вест!“
20, 21. Зошто кога одиме во служба треба да ја имаме на ум добрата вест за која се зборува во посланието до Римјаните, и каков може да биде резултатот од тоа?
20 Секогаш треба да го имаме на ум ова обележје на добрата вест додека им проповедаме на другите. Во врска со Исус, Павле ги цитирал следниве зборови на Исаија: „Никој што верува во него нема да се разочара“ (Рим. 10:11; Иса. 28:16). На оние кои донекаде знаат што вели Библијата за гревот, нема да им биде тешко да ја прифатат добрата вест за Исус. Но, на други оваа порака ќе им се чини прилично нова — нешто што обично не се знае или верува во нивната култура. Додека им помагаме на таквите лица да стекнат вера во Бог и во Библијата, треба да им ја објасниме и улогата на Исус. Во следната статија ќе видиме како ова обележје на добрата вест е обработено во 5. поглавје од Римјаните. Тие информации најверојатно ќе ти користат во службата.
21 Многу се радуваме кога им помагаме на искрените да ја разберат добрата вест која толку често се спомнува во Римјаните — добрата вест која „му донесува спасение на секој што верува“ (Рим. 1:16). А и тие сигурно се согласуваат со зборовите на Павле запишани во Римјаните 10:15: „Колку се убави нозете на оние што објавуваат добра вест за она што е добро!“ (Иса. 52:7).
[Фуснота]
a Слични изрази има и во други библиски книги (Мар. 1:1; Дела 5:42; 1. Кор. 9:12; Фил. 1:27).
Се сеќаваш ли?
• Кое обележје на добрата вест е нагласено во посланието до Римјаните?
• Што треба да им помогнеме на другите да разберат?
• Како „добрата вест за Христос“ може да ни донесе благослов и нам и на другите?
[Истакната мисла на страница 8]
Добрата вест за која се зборува во Римјаните ја истакнува важната улога што ја има Исус во Божјата намера
[Слика на страница 9]
Сите сме родени со смртоносен недостаток — гревот!