Бог и цезарот
„Дајте го ќесаревото на ќесарот, а Божјото на Бога!“ (ЛУКА 20:25).
1. а) Каква е Јеховината возвишена положба? б) Што е тоа што му го должиме на Јехова а кое никогаш не можеме да му го дадеме на цезарот?
КОГА Исус Христос го дал тоа упатство, во неговиот ум немало сомнение дека за Неговите слуги Божјите барања имаат предност пред што и да било што цезарот, или државата, би можел да го бара од нив. Подобро од кој и да е друг, Исус ја знаел вистинитоста на молитвата на псалмистот до Јехова: „Твоето царство е царство на сите векови, а владеењето Твое [сувереноста]a над сите поколенија“ (Псалм 144:13). Кога Ѓаволот му понудил на Исус власт над сите царства на населената Земја, Исус одговорил: „Напишано е: ‚Јехова, твојот Бог, треба да го обожаваш и само нему треба да му принесуваш света служба‘“ (Лука 4:5—8, НС). Обожавањето никогаш не би можело да му се даде на „цезарот“, сеедно дали цезарот е римскиот император, некој друг човечки владетел или, пак, самата држава.
2. а) Каква е Сатановата положба во однос на овој свет? б) Со чија дозвола Сатана ја зазема својата положба?
2 Исус не одрекнал дека царствата на светот му припаѓаат на Сатана. Подоцна, тој го нарекол Сатана ‚кнез [владетелот, НС] на овој свет‘ (Јован 12:31; 16:11). Кон крајот на првиот век н. е., апостол Јован напишал: „Знаеме дека ние сме од Бога, и дека целиот свет лежи во зло [во власта на злобниот, НС]“ (1. Јованово 5:19). Ова не значи дека Јехова се откажал од својата сувереност над Земјата. Сети се дека Сатана, кога му понудил на Исус да владее над политичките царства, навел: „Тебе ќе Ти ја дадам сета оваа власт, . . . зашто мене ми е предадена“ (Лука 4:6). Сатана имал власт над царствата на светот само со Божја дозвола.
3. а) Каква положба заземаат пред Јехова владите на нациите? б) Зошто можеме да речеме дека подложноста спрема владите од овој свет не значи дека му се подложуваме на Сатана, богот на овој свет?
3 На сличен начин, државата го спроведува својот авторитет само затоа што Бог, како Суверен Владетел, ѝ дозволува да го прави тоа (Јован 19:11). Затоа, за „постојните власти“ може да се рече дека „се поставени од Бог во нивните релативни положби“ (НС). Во однос на Јеховината врховна суверена власт, нивната власт е далеку помала. Меѓутоа, тие се „слугинка Божја“, „Божји [јавни, НС] служители“, на тој начин што се грижат за неопходни служби, го одржуваат законот и редот и ги казнуваат злосторниците (Римјаните 13:1, 4, 6). Затоа, христијаните треба да разберат дека иако Сатана е невидливиот владетел на овој свет, односно систем, тие не му се потчинуваат нему кога ја признаваат својата релативна подложност спрема државата. Тие го слушаат Бог. Во оваа 1996 година, политичката држава сѐ уште е дел од „Божјата уредба“, привремена уредба што Бог допушта да постои, а Јеховините земни слуги треба да ја признаваат како таква (Римјаните 13:2, НС).
Јеховините слуги од старо време и државата
4. Зошто Јехова му дозволил на Јосиф да стане истакнат во владата на Египет?
4 Во претхристијански времиња, Јехова им допуштил на некои свои слуги да заземаат истакнати положби во државните влади. На пример, во XVIII век пр. н. е., Јосиф станал премиер на Египет, веднаш после владејачкиот фараон (1. Мојсеева 41:39—43). Последователните настани јасно покажале дека Јехова ги управувал работите на таков начин за да можел Јосиф да послужи како инструмент во зачувувањето на ‚Авраамовото семе‘, неговите потомци, заради извршување на Неговите намери. Се разбира, треба да имаме на ум дека Јосиф бил продаден во ропство во Египет и дека живеел во време кога Божјите слуги го немале ниту Мојсеевиот закон ниту „законот Христов“ (1. Мојсеева 15:5—7, НС; 50:19—21; Галатјаните 6:2).
5. Зошто на еврејските изгнаници им било заповедано да ‚го бараат мирот‘ на Вавилон?
5 Со векови подоцна, верниот пророк Јеремија бил инспириран од Јехова да им каже на еврејските изгнаници да им се потчинуваат на владетелите додека биле во изгнанство во Вавилон, па дури и да се молат за мирот на тој град. Во своето писмо до нив, тој напишал: „Вака вели Господ Саваот, Бог Израилев, до сите заробени, . . . Грижете се за доброто [Барајте го мирот, НС] на градот, во кој ве преселив, и молете Му се на Бога за него; оти, ако му е нему добро, и вие ќе имате мир“ (Јеремија 29:4, 7). Јеховиниот народ секогаш има причина да ‚бара мир‘ за себеси и за нацијата каде што живее со цел да имаат слобода да го обожаваат Јехова (1. Петрово 3:11).
6. Иако им биле дадени високи државни положби, на кои начини Даниил и тројцата негови придружници одбиле да се компромитираат во поглед на Јеховиниот Закон?
6 За време на вавилонското изгнанство, Даниил и тројца други верни Евреи кои биле заробеници во ропство под Вавилон, се потчиниле на државната обука и станале цивилни слуги од висок ранг во Вавилонија (Даниил 1:3—7; 2:48, 49). Меѓутоа, уште за време на нивната обука, тие зазеле цврст став во поглед на исхраната, која можела да ги доведе до прекршување на Законот што го дал нивниот Бог Јехова, преку Мојсеј. Заради ова тие биле благословени (Даниил 1:8—17). Кога царот Навуходоносор подигнал еден државен лик, тројцата Даниилови еврејски придружници изгледа биле присилени да присуствуваат на церемонијата заедно со другите државни управители. Меѓутоа, тие одбиле ‚да паднат и се поклонат‘ на државниот идол. Повторно, Јехова ја наградил нивната беспрекорност (Даниил 3:1—6, 13—23, 91—95). Слично и денес, Јеховините сведоци го почитуваат знамето на нацијата во којашто живеат, но не прават некаков чин на обожавање спрема него (2. Мојсеева 20:4, 5; 1. Јованово 5:21).
7. а) Каков извонреден став зазел Даниил иако имал возвишена положба во државната структура на Вавилон? б) Какви промени настанале во христијанските времиња?
7 По падот на нео-вавилонската династија, на Даниил му била дадена висока државна положба под новиот медо-персиски режим што дошол на нејзино место во Вавилон (Даниил 5:30, 31; 6:1—3). Но, тој не допуштил неговата висока положба да го доведе до компромитирање на неговата беспрекорност. Кога еден државен закон барал да се обожава царот Дариј а не Јехова, тој одбил. Поради ова бил фрлен кај лавовите, но Јехова го ослободил (Даниил 6:4—24). Се разбира, тоа било во претхристијански времиња. Штом било основано христијанското собрание, Божјите слуги дошле „под Законот на Христа“. На многу работи што биле дозволени под еврејскиот систем, сега требало да се гледа поинаку, врз основа на начинот на кој Јехова постапувал со својот народ во тоа време (1. Коринтјаните 9:21; Матеј 5:31, 32; 19:3—9).
Исусовиот став спрема државата
8. Која случка покажува дека Исус бил одлучен да избегнува да биде вклучен во политиката?
8 Кога Исус Христос бил на Земјата, тој поставил повисоки мерила за своите следбеници и одбил секаква вклученост во политички или воени работи. Откако Исус преку чудо нахранил повеќе илјади луѓе со неколку сомуни и со две мали риби, еврејските мажи сакале да го фатат и да го направат политички цар. Но Исус ги избегнал така што брзо се повлекол во планините (Јован 6:5—15). Во врска со оваа случка, The New International Commentary on the New Testament (Новиот меѓународен коментар кон Новиот завет) наведува: „Меѓу Евреите од тој период постоеле жестоки националистички стремежи и, несомнено, многумина од оние кои го виделе чудото, мислеле дека пред нив се наоѓа божествено овластен водач кој е токму оној кој ќе ги води против Римјаните. Затоа решиле да го направат цар“. Ова дело додава дека Исус „одлучно ја одбил“ оваа понуда за политичко водство. Христос не дал поддршка на ниеден еврејски бунт против римската доминација. Всушност, тој прорекол каква ќе биде последицата од револтот што ќе настане по неговата смрт — неизмерни маки за жителите на Ерусалим и уништување на тој град (Лука 21:20—24).
9. а) Како го опишал Исус односот на неговото Царство спрема светот? б) Какво водство им дал Исус на своите следбеници во врска со нивните постапки спрема владите од светот?
9 Кратко пред својата смрт, Исус им рекол на посебните претставници на римскиот цар во Јудеја: „Моето царство не е [дел, НС] од овој свет; ако беше царството Мое [дел, НС] од овој свет, тогаш Моите слуги би Ме бранеле, за да не им бидам предаден на Јудејците; но царството Мое сега не е овде“ (Јован 18:36). Додека неговото Царство не му стави крај на владеењето на политичките влади, Христовите ученици го следат неговиот пример. Тие покажуваат послушност спрема тие воспоставени власти, но не се мешаат во нивните политички потфати (Даниил 2:44; Матеј 4:8—10). Исус им оставил упатства на своите ученици, наведувајќи: „Подајте го царевото на царот, а Божјото на Бога“ (Матеј 22:21). Пред тоа, во својата Проповед на гората, Исус рекол: „Ако некој те присили да одиш со него една милја, ти оди две“ (Матеј 5:41). Во контекстот на оваа проповед, Исус го илустрирал начелото за спремно подложување на оправданите барања, било во човечките односи или, пак, на државните барања што се во согласност со Божјиот закон (Лука 6:27—31; Јован 17:14, 15).
Христијаните и цезарот
10. Според еден историчар, каков совесен став заземале раните христијани во поглед на цезарот?
10 Овие кратки упатства требало да влијаат врз односот меѓу христијаните и државата. Во својата книга The Rise of Christianity (Подемот на христијанството), историчарот Е. В. Барнз напишал: „Секогаш, во вековите што доаѓале, кога христијанинот се сомневал околу својата должност спрема државата, тој се свртувал кон Христовото авторитативно учење. Тој би плаќал даноци: наметнатите должности можеле да бидат тешки — истите станале неподносливи пред падот на Западното Царство — но христијанинот би ги поднесувал. Исто така, би ги прифаќал сите други државни обврски, доколку не се барало да му ги даде на цезарот оние работи што му припаѓаат на Бог“.
11. Според советот на Павле, како требало христијаните да постапуваат спрема световните владетели?
11 Во склад со ова, по нешто повеќе од 20 години од Христовата смрт, на христијаните во Рим апостол Павле им рекол: „Секоја душа да им се потчинува на претпоставените власти“ (Римјаните 13:1). По околу десет години, кратко пред неговото второ затворање и погубување во Рим, Павле му напишал на Тит: „Напомнувај им [на критските христијани] да се покоруваат на началствата и властите, да бидат готови за секое добро дело, никого да не хулат, да не се караат, туку да бидат мирни, и да покажуваат секаква кротост кон сите луѓе“ (Тит 3:1, 2).
Напредно разбирање за „претпоставените власти“
12. а) Според Чарлс Тејз Расел, кој бил исправниот став на еден христијанин во однос на државните власти? б) Какви различни гледишта заземале помазаните христијани во текот на I светска војна во поглед на служењето во вооружените сили?
12 Уште во 1886 година, во книгата The Plan of the Ages (Планот на вековите), Чарлс Тејз Расел напишал: „Ниту Исус ниту, пак, Апостолите, на никаков начин не се мешале со земните владетели. . . . Тие ја поучувале Црквата да ги слуша законите и да ги почитува оние кои се на власт поради нивната служба, . . . да ги плаќаат своите одредени даноци и, освен ако тие се во судир со Божјите закони (Дела 4:19; 5:29), да не му се спротивставуваат на ниеден воспоставен закон (Рим. 13:1—7; Мат. 22:21). Исус и Апостолите, како и раната црква, се придржувале кон законот, иако биле одделени и не учествувале во владите од овој свет“. Оваа книга исправно ги идентификувала „вишите власти“, односно „претпоставените власти“, споменати од апостол Павле, како човечки државни власти (Римјаните 13:1, King James Version). Во 1904 година, книгата The New Creation (Нова творба) навела дека вистинските христијани „треба да спаѓаат меѓу оние луѓе кои денес најповеќе се придржуваат кон законот — не подбуцнувачи, не кавгаџии, не маанџии“. Некои сфатиле дека тоа значи тотално подложување на властите, дури до таа мера што прифаќале служба во вооружените сили во текот на I светска војна. Меѓутоа, други ја сметале воената служба како спротивна на Исусовата изјава: „Сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат“ (Матеј 26:52). Очигледно, било потребно едно појасно разбирање на христијанската подложност спрема претпоставените власти.
13. Каква промена во разбирањето на идентитетот на вишите власти била изнесена во 1929 година, и на кој начин тоа се покажало корисно?
13 Во 1929 година, во време кога законите на различни влади почнувале да забрануваат работи што Бог ги заповеда или, пак, да бараат работи што Божјите закони ги забрануваат, се мислело дека вишите власти мора да се Јехова Бог и Исус Христос.b Вакво разбирање Јеховините слуги имале во текот на пресудниот период пред и за време на II светска војна, а и понатаму во текот на студената војна, со нејзината рамнотежа на страв и воена подготвеност. Гледајќи наназад, мора да се каже дека ова гледиште за работите кое ја величаше врховноста на Јехова и на неговиот Христос, му помогна на Божјиот народ да задржи бескомпромисен неутрален став низ овој тежок период.
Релативна подложност
14. На кој начин во 1962 година била фрлена зголемена светлина на Римјаните 13:1, 2 и на сродните стихови?
14 Во 1961 година беше завршен New World Translation of the Holy Scriptures (Нов свет преводот на Светото писмо). Неговата подготовка изискуваше една темелна студија на текстуалниот јазик на Светото писмо. Прецизниот превод на зборовите што се употребени не само во Римјаните, поглавје 13, туку и во такви извадоци како што се Тит 3:1, 2 и 1. Петрово 2:13, 17, јасно покажа дека изразот „претпоставени власти“ не се однесува на Врховниот Авторитет, Јехова, и на неговиот Син Исус, туку на човечките државни власти. При крајот на 1962 година, во Стражарска кула беа објавени статии кои дадоа точно објаснување на Римјаните, поглавје 13, давајќи и едно појасно гледиште отколку она кое постоеше во времето на Ч. Т. Расел. Овие статии истакнаа дека христијанската подложност спрема властите не може да биде апсолутна. Таа мора да биде релативна, под услов да не ги доведе Божјите слуги во конфликт со Божјите закони. Оваа важна точка ја истакнуваа и натамошни статии во Стражарска кула.c
15, 16. а) До какво подобро урамнотежено гледиште довело новото разбирање на Римјаните, поглавје 13? б) Кои прашања останува да се одговорат?
15 Овој клуч за исправно разбирање на Римјаните, поглавје 13, му овозможил на Јеховиниот народ да ја држи во рамнотежа должната почит спрема политичките власти со бескомпромисниот став спрема суштинските библиски начела (Псалм 96:11; Јеремија 3:15). Тоа им допуштило да имаат исправно гледиште за својот однос со Бог и за своите постапки спрема државата. Тоа им овозможува, додека му го плаќаат цезаровото на цезарот, да не занемаруваат да му го плаќаат Божјето на Бога.
16 Но, што точно е цезарово? Кои оправдани барања може да му ги постави државата на еден христијанин? Овие прашања ќе бидат разгледани во следната статија.
[Фусноти]
a Види Псалм 103:22 (НС), фуснотата.
b Стражарска кула, 1 и 15 јуни 1929 година (англ.).
c Види Стражарска кула 1 и 15 ноември, 1 декември 1962 (англ.); br-1; 1 февруари 1993; 1 јули 1994.
Интересно е дека во својот коментар кон Римјаните, поглавје 13, професор Ф. Ф. Брус пишува: „Од самиот контекст, како и од општиот контекст на апостолските списи, е јасно дека државата може со право да заповеда послушност само во границите на целите за кои е божествено воспоставена — особено дека не само што може туку и мора да ѝ се даде отпор кога таа бара верност која му припаѓа само на Бог“.
Можеш ли да објасниш?
◻ Зошто подложноста спрема претпоставените власти не значи подложност спрема Сатана?
◻ Каков бил Исусовиот став спрема политиката од неговото време?
◻ Каков совет им дал Исус на своите следбеници во поглед на нивните постапки спрема цезарот?
◻ Според советот на Павле, како требало христијаните да постапуваат спрема владетелите на нациите?
◻ На кој начин разбирањето на идентитетот на претпоставените власти се развивало низ годините?
[Слика на страница 10]
Кога Сатана му понудил политичка власт, Исус ја одбил
[Слика на страница 13]
Расел напишал дека христијаните „треба да спаѓаат меѓу луѓето кои денес најповеќе се придржуваат кон законот“