”Светлината дојде на светот“
”Ова е темелот за судот, што светлината дојде на светот, но луѓето повеќе ја сакаа темнината отколку светлината“ (ЈОВАН 3:19, NW).
1. Зошто секој би требало да биде заинтересиран за Божјиот суд?
ДЕНЕС повеќето луѓе не се многу загрижени за Божјиот суд. Некои сметаат дека Бог ќе им изрече поволна пресуда ако редовно одат в црква и ако не им прават лошо на ближните. Поради учењето на христијанството за пеколниот оган и чистилиштето, многумина потполно ја отфрлиле целокупната идеја за божествено судење. Но, распространетата рамнодушност и лагите на т.н. христијанство ширум светот не можат да го изменат фактот дека секој човек на крај ќе биде суден од Бог (Римјаните 14:12; 2. Тимотеј 4:1; Откровение 20:13). Од тоа судење ќе зависат многу нешта. Оние кои ќе бидат поволно осудени ќе го примат Божјиот дар на вечен живот, додека оние кои ќе бидат неповолно осудени ќе ја добијат потполната плата за грев: смрт (Римјаните 6:23).
2. Кој е темелот за Божјето судење?
2 Според тоа, вистинските христијани се заинтересирани за Божјето судење и искрено настојуваат да му угодат. Како можат да го сторат тоа? Во Јован 3:19, Исус го дава клучот. Тој вели: ”Ова е темелот за судот, што светлината дојде на светот, но луѓето повеќе ја сакаа темнината отколку светлината, зашто нивните дела беа зли“ (NW). Да, Божјето судење ќе се темели на тоа дали светлината ја љубиме повеќе од темнината.
”Бог е светлина“
3. Што е темнината, а што е светлината?
3 Во духовна смисла, темнината е поврзана со незнаењето и безнадежноста кои постојат во подрачјето на Сатана — иако Сатана често се преправа во ”ангел на светлината“ (2. Коринтјаните 4:4; 11:14; Ефесјаните 6:12). Од друга страна, светлината е поврзана со разбирањето и просветленоста кои доаѓаат од Јехова Бог. Павле зборувал за светлината кога напишал: ”Зашто Бог е тој кој рекол: ’Нека светлината засветли од темнината‘, и засветлил во нашите срца за да ги осветли со славното спознание за Бог преку лицето на Христос“ (2. Коринтјаните 4:6, NW). Духовната светлина е толку тесно поврзана со Јехова Бог што апостол Јован напишал: ”Бог е светлина“ (1. Јованово 1:5; Откровение 22:5).
4. (а) Како Јехова ја направил светлината достапна? (б) На кој начин можеме да покажуваме љубов кон светлината?
4 Јехова ја направил светлината достапна преку својата реч, која денес слободно стои на располагање во пишана форма како Свето писмо (Псалм 119:105, ДК; 2. Петрово 1:19). Според тоа, псалмистот вистински ја изразил својата љубов спрема светлината кога напишал: ”О, колку го љубам твојот Закон, по цел ден размислувам за него. Мојата душа ги чува твоите прописи и многу ги љуби“ (Псалми 119:97, 167, Ст). Дали ти исто толку ја љубиш светлината колку што ја љубел и псалмистот? Дали редовно ја читаш Божјата Реч, размислуваш за неа и се трудиш да го примениш она што таа го кажува? (Псалм 1:1-3, ДК). Ако е така, тогаш настојуваш да примиш поволна пресуда од Јехова.
”Јас сум Светлина на светот“
5. На кого се сосредоточува божествената светлина?
5 Животодајната светлина од Јехова се сосредоточува на Исус Христос. Во уводот од Јовановото евангелие, читаме: ”Преку него [Исус] беше животот, и животот беше светлината на луѓето. И светлината светли во темнината, но темнината не ја надвладеа“ (Јован 1:4, 5, NW). Навистина, Исус е толку тесно поврзан со светлината што е наречен ”вистинската светлина која им дава светло на сите видови луѓе“ (Јован 1:9, NW). Самиот Исус рекол: ”Дури сум во светот, Јас сум Светлина на светот“ (Јован 9:5).
6. Што мора човек да прави за да добие поволна пресуда која води до вечен живот?
6 Значи, оние кои ја љубат светлината го љубат Исус и имаат вера во него. Не можеме да добиеме поволна пресуда без да го земеме во обзир Исус. Да, можеме да бидеме поволно просудени само ако гледаме на него како на од Бог поставено средство за спасение. Исус рекол: ”Кој покажува вера во Синот има вечен живот; кој не го слуша Синот нема да види живот, туку Божјиот гнев останува на него“ (Јован 3:36, NW). Но, што всушност значи да се покажува вера во Исус?
7. Во кого уште треба да веруваме освен во Исус?
7 Како прво, самиот Исус рекол: ”Кој положува вера во мене положува вера, не положува вера само во мене, туку исто и во оној кој ме испрати; и кој мене ме гледа, го гледа и оној кој ме испратил. Јас дојдов како светлина на светот, за да секој кој ќе положи вера во мене не остане во темнината“ (Јован 12:44-46, NW). Оние кои го љубат Исус и покажуват вера во него, мораат исто така да имаат длабока љубов и вера во Исусовиот Бог и Татко, Јехова (Матеј 22:37; Јован 20:17). Сите кои во своето обожавање го употребуваат Исусовото име, а кои пропуштаат да му оддадат поголемата чест на Јехова, не покажуваат вистинска љубов спрема светлината (Псалм 22:27, ДК; Римјаните 14:7, 8; Филипјаните 2:10, 11).
Божји ”Главен Посредник“
8. Како божествената светлина била сосредоточена на Исус уште и пред да се роди како човек?
8 Покажување на вера во Исус исто така значи потполно да ја прифатиме неговата улога во Јеховините намери. Важноста на таа улога била истакната кога ангелот му рекол на Јован: ”Давањето сведоштво за Исус инспирира на пророкување“ (Откровение 19:10, NW; Дела 10:43; 2. Коринтјаните 1:20). Уште од првото пророштво во Еден, сите божествено инспирирани пророштва конечно биле поврзани со Исус и неговата намера во извршувањето на Божјите намери. Исто така, Павле им рекол на христијаните во Галатија дека Законот на сојузот бил ’старател кој водел до Христос‘ (Галатјаните 3:24, NW). Тој древен Закон на сојузот бил осмислен за да ја подготви нацијата за доаѓањето на Исус како Месија. Така Јеховината намера била сосредоточена на Исус дури и пред неговото раѓање како човек.
9. Што вклучувала љубовта спрема светлината од 33 н.е. наваму?
9 Во 29 година н.е., Исус се претставил за крштение и бил помазан со свет дух, а со тоа станал ветениот Месија. Во 33 н.е. умрел како совршен човек, воскреснал, се вознел на небото и таму ја понудил вредноста на својот живот во корист на нашите гревови (Евреите 9:11-14, 24). Оваа низа на настани означила една пресвртница во Божјето постапување со луѓето. Исус сега бил ’Главниот посредник на животот‘, ’Главниот Посредник за спасение‘, ”Главен Посредник и Усовршител на нашата вера“ (Дела 3:15, NW; Евреите 2:10; 12:2, NW; Римјаните 3:23, 24). Од 33 н.е. па наваму, љубителите на светлината сфатиле и прифатиле дека освен Исус ”во никој друг нема спасение; зашто под небото нема друго име дадено на луѓето, со кое би можеле да се спасиме“ (Дела 4:11, 12).
10. Зошто е толку важно да се слушаат и извршуваат Исусовите зборови?
10 Да се покажува вера во Исус значи да го прифатиме и како ”Реч“ и ’Прекрасен Советник‘ (Јован 1:1, ДК; Исаија 9:6, NW). Она што Исус го кажува секогаш ја одразува божествената вистина (Јован 8:28; Откровение 1:1, 2). Од послушноста кон него зависи животот и смртта. Исус им рекол на Евреите од своето време: ”Кој ја слуша мојата реч и верува во оној кој ме испрати мене, има живот вечен, и не доаѓа на суд, туку преминал од смрт во живот“ (Јован 5:24, ДК). Оние кои во првиот век н.е. постапувале по Исусовите зборови биле ослободени од темнината на Сатанскиот свет и, така да се каже, оживеале. Биле прогласени праведни со изглед да станат Исусови сонаследници во неговото небесно Царство (Ефесјаните 1:1; 2:1, 4-7). Денес, послушноста спрема Исусовите зборови им го отвора патот на многумина да бидат прогласени за праведни со изглед да го преживеат Армагедон и да постигнат совршен човечки живот во новиот свет (Откровение 21:1-4; спореди Јаков 2:21, 25).
”Поглавар над сите работи“
11. Која возвишена власт му била дадена на Исус 33 н.е.?
11 После своето воскресение, Исус на своите следбеници им открил уште еден аспект на светлината. Тој рекол: ”Ми се даде секаква власт на небото и на земјата“ (Матеј 28:18). Со тоа Исус бил возвишен на една надмоќна положба во Јеховината универзална организација. Павле дава натамошни поединости кога вели: ”[Бог] го подигна [Исус] од мртвите и го постави во небесните простори од својата десна страна, високо над секоја влада и власт и моќ и валдетелство и секое име кое се споменува, не само во овој систем, туку и во оној што треба да дојде. Тој исто му покорил сѐ под неговите нозе, и го направил поглавар над сите работи во собранието, кое е негово тело“ (Ефесјаните 1:20-23, NW; Филипјаните 2:9-11). Од 33 н.е. па наваму да се љуби светлината вклучувало да се признае возвишената положба на Исус.
12. Што прифатиле радосно помазаните христијани од самиот почеток, и како го покажале тоа на практичен начин?
12 На крај целото човештво ќе мора да ја признае Исусовата власт (Матеј 24:30; Откровение 1:7). Меѓутоа, љубителите на светлината радо го признале тоа уште од самиот почеток. Помазаните членови на христијанското собрание го прифаќаат Исус како ’глава на телото, собранието“ (Колосјаните 1:18, NW; Ефесјаните 5:23). Кога ќе станат дел од тоа тело, тие се ’избавени од власта темна, и преместени во царството на синот на својата љубов‘ (Колосјаните 1:13, ДК). Понатаму, тие сесрдно го следат Исусовото водство на сите подрачја од животот, а во наше време ги поучиле ”другите овци“ да го прават истото тоа (Јован 10:16). Признавањето на Исусовото врховно поглаварство е клучно барање за постигнување на поволна пресуда.
13. Кога Исус почнал да применува Царска власт, и што следело овде на Земјата?
13 При своето вознесување на небото во 33 н.е., Исус не ја спровел веднаш во најпотполна мера својата власт. Иако бил Глава на христијанското собрание, го чекал одреденото време потполно да ја преземе власта над човештвото воопшто (Псалм 110:1, ДК; Дела 2:33-35). Тоа време настапило во 1914, кога Исус бил устоличен како Цар на Божјето Царство и кога започнале ’последните денови‘ на овој свет (2. Тимотеј 3:1). Од 1919 година се заклучувало собирањето на преостанатите помазаници. Особено од 1935 година, Исус го делел човештвото на ’овци‘ кои ќе го наследат ”царството кое е подготвено за [нив]“, и ’јарци‘, кои ќе ”отидат во вечно отсечување“ (Матеј 25:31-34, 41, 46, NW).
14. Како едно големо мноштво покажало љубов спрема светлината, и до што ќе ги доведе тоа?
14 За среќа, се покажало дека овците се многубројни во овие последни денови. Големото мноштво од нив кое брои на милиони, се појавило на светската сцена ”од сите нации и племиња и народи и јазици“. Како своите придружници, помазаниците, овие луѓе слични на овци ја љубат светлината. Тие ги ”испрале своите облеки и ги обелиле во крвта на Јагнето“, и извикуваат со силен глас: ”Спасението му го должиме на нашиот Бог кој седи на престолот, и на Јагнето.“ Поради тоа големото мноштво како група ќе прими поволна пресуда. Неговите членови ”доаѓаат од големата неволја“, преживувајќи го уништувањето во Армагедон на оние кои ја љубат темнината (Откровение 7:9, 10, 14, NW).
”Деца на светлината“
15. На кој начин нашите дела ја покажуваат нашата подложност кон Царот, Исус Христос?
15 Но, како можат љубителите на светлината, било помазаните или другите овци на практичен начин да му се подложат на Исус како на оној кого Бог го устоличил за Цар и извршен Судија? Еден начин е да се трудиме да бидеме онакви луѓе какви што Исус ги признава. Додека бил на Земјата Исус покажал ценење за особините како што се искреност, срдечност и ревност за вистината, а и самиот ги покажал тие особини (Марко 12:28-34, 41-44; Лука 10:17, 21). Ако сакаме поволна пресуда, мораме да развиваме такви особини.
16. Зошто е животоважно да се отфрлат делата кои припаѓаат на темнината?
16 Тоа е особено вистина откако темнината на Сатанскиот свет станува сѐ погуста додека се приближува крајот (Откровение 16:10). Според тоа, зборовите што апостол Павле ги напишал до Римјаните, се мошне прикладни: ”Ноќта помина, а денот се приближи: да ги отфрлиме, пак, сите дела на мракот и да се облечеме во оружјето на светлината. Да одиме чесно како дење — не во срамни гоштавки и пијанство, не во блуд и нечистотија, ниту, пак, во препирка и завист“ (Римјаните 13:12, 13). Иако вечниот живот е дар од Бог, вистинитоста на нашата вера и нашата љубов спрема светлината се покажува преку нашите постапки (Јаков 2:26). Според тоа, пресудата што ќе ја примиме во голема мера ќе зависи од степенот до кој вршиме добри дела и ги избегнуваме лошите дела.
17. Што значи да се ’облечеме во Господ Исус Христос‘?
17 Откако го дал советот во Римјаните 13:12, 13, апостол Павле заклучил со зборовите: ”Облечете се во Господ Исус Христос, и не планирајте однапред за желбите на телото“ (Римјаните 13:14, NW). Што значи ’да се облечеме во Господ Исус Христос‘? Значи дека христијаните треба тесно да го следат Исус, да се облечат, така да се каже, со неговиот пример и нарав, настојувајќи да бидат слични на Христос. ”Вие сте за тоа повикани“, рекол Петар, ”оти и Христос пострада за нас, оставајќи ни пример, за да врвиме по Неговите стапки“ (1. Петрово 2:21).
18. Кои коренити промени можеби ќе бидат потребни ако сакаме да примиме поволна пресуда?
18 Тоа често вклучувало коренити промени во животот на еден христијанин. ”Зашто некогаш бевте темнина“, рекол Павле, ”но сега сте светлина поврзани со Господ. Чекорете и понатаму како деца на светлината, зашто плодот на светлината се состои од секаков вид на доброта и праведност и вистина“ (Ефесјаните 5:8, 9, NW). Сите кои вршат дела на темнината не се љубители на светлината и нема да добијат поволна пресуда ако не се променат.
”Вие сте светлината на светот“
19. На кои разни начини може христијанинот да ја одразува светлината?
19 Најпосле, да се љуби светлината значи да се одразува светлината така што да можат да ја видат другите и да бидат привлечени кон неа. ”Вие сте светлината на светот“, рекол Исус. И додал: ”Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесни“ (Матеј 5:14, 16). Добрите дела на еден христијанин вклучуваат покажување на секаков вид доброта, праведност и вистина, зашто таквото добро однесување дава силно сведоштво за вистината (Галатјаните 6:10; 1. Петрово 3:1). Тоа особено вклучува да им се зборува на другите за вистината. Денес тоа значи учествување во светското дело на проповедање на ”ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи“. Тоа исто така значи стрпливо да ги посетуваме заинтересираните, да ја проучуваме Библијата со нив и да им помагаме и тие да ги негуваат делата кои ѝ припаѓаат на светлината (Матеј 24:14; 28:19, 20).
20. (а) Колку сјајно светли светлината денес? (б) На кои богати благослови им се радуваат оние кои се одзиваат на светлината?
20 Во наше време, благодарение на ревната проповедничка активност на верните христијани, добрата вест се слуша во повеќе од 200 земји, и светлината светли посилно од кога и да е порано. Исус рекол: ”Јас сум виделина на светот: кој оди по мене нема да оди по темнина, туку ќе ја има виделината на животот“ (Јован 8:12, ДК). Колкава радост ли е да се учествува во исполнувањето на ова ветување! Нашиот живот е многу побогат откако повеќе не пропаѓаме во темнината на Сатанскиот свет. А нашите изгледи се навистина прекрасни додека желно очекуваме поволна пресуда од Јеховиниот именуван Судија (2. Тимотеј 4:8). Каква трагедија само би било ако, откако сме дошле во светлината, би се вратиле назад во темнината и би примиле неповолна пресуда! Во следната статија ќе разгледаме како може да останеме цврсти во верата.
Дали можеш да објасниш?
◻ Што е темелот за Божјето судење?
◻ Која клучна улога ја има Исус со оглед на Божјите намери?
◻ Како покажуваме дека сме поданици на Исус како на оној кого Јехова го устоличил за Цар?
◻ Како можеме да се покажеме како ’деца на светлината‘?
◻ На кој начин во темнината на овој свет светлината свети како никогаш порано?
[Слика на страница 10]
На крајот, целото човештво ќе мора да ја признае Исусовата власт
[Слика на страница 12]
Покажуваме дека ја љубиме светлината кога ја одразуваме на другите