Гледиште на Библијата
Треба ли жените да ја кријат својата убавина?
„ЖЕНИТЕ ја сакаат модата“, вели Џорџ Симонтон, искусен моден креатор и професор на Модниот технички институт во Њујорк. Тој објаснува: „Жените сакаат да ја покажат својата личност, да бидат средени, да си го подобрат изгледот . . . Мислам дека со тоа човек покажува почит кон себе и кон луѓето со кои е“. Да, разубавувањето е одамна прифатено како начин на кој жените ја изразуваат својата женственост, го подобруваат својот изглед и постигнуваат извесна мера самодоверба.
Меѓутоа, некои, во името на религијата, фрлаат негативно светло врз разубавувањето на жените. „Светите жени . . . ако се . . . природно убави . . . не смеат да се разубавуваат, туку да се трудат да си ја скријат убавината“, напишал Тертулијан во третиот век од н.е. Во врска со козметиката, рекол: „Жените, кои си ги мачкаат лицата со кремови, си ставаат руж на образите или си ги продолжуваат веѓите, му грешат на Бог“. А златниот и сребрениот „накит“ го опишал како „средство за заведување“.
Денес, мнозина сѐ уште имаат екстремни гледишта во врска со разубавувањето на жените. Некои религии дури и им забрануваат на своите членови да носат каков и да било накит, шминка или шарена облека. Дали една христијанка мора да ја крие својата убавина или, пак, може да си го разубави изгледот?
Гледиштето на Бог
Библијата не зборува во детали за носењето накит или за користењето козметика. Но, има доволно докази кои покажуваат дека Бог не ги осудува овие, или други, облици на разубавување.
На пример, кога опишувал како го благословил Ерусалим, Бог зборувал за градот како за жена, велејќи: „Те украсив со накити . . . Беше толку убава, прекрасна“ (Езекиел 16:11-13). Таквиот накит, иако симболичен, вклучувал белегзии, ѓердани и обетки. Исто така, во Библијата златниот накит е спореден со „мудрец“ чии зборови спремно ги прима оној што ги слуша (Пословици 25:1, 12). Штом Библијата користи вакви споредби, логично е дека Бог не е против тоа жените да користат убави предмети за да се разубават.
Христијанките се разубавуваат
Некои стихови од Библијата зборуваат конкретно за разубавувањето на жените. Во своето прво писмо до Тимотеј, апостол Павле напишал: „Сакам жените да се украсуваат со уредна облека“. Кога тоа се прави со „скромност и здрави мисли“, може да биде показател за длабоката почит што жената ја има кон Бог (1. Тимотеј 2:9, 10). Кога христијанките така скромно ја покажуваат својата убавина, тоа може добро да се одрази врз учењата на Бог и врз собранието.
Можеби некои луѓе ќе приговорат дека истите овие стихови велат дека разубавувањето не треба да се прави „со посебно плетење на косата и со злато или бисери или со многу скапа облека, туку онака како што им прилега на жени кои тврдат дека длабоко го почитуваат Бог, имено со добри дела“. Дали ова значи дека побожните жени не смеат да си ја средуваат косата или да носат накит?
Не, зашто како што веќе видовме, Библијата зборува позитивно за разубавувањето. Значи, наместо да забрани одредени облици на разубавување, Павле ги поттикнал жените да имаат урамнотежен став и првенствено да се сконцентрираат на тоа да се разубават со христијански особини и добри дела.
Важни се мотивите
Апостол Павле напишал: „Да не се судиме веќе еден со друг, туку решете да не ставате пред братот камен спрепинач или причина за сопнување“ (Римјаните 14:13). Како важи ова во поглед на тоа што ќе избереме за да се разубавиме?
Прво, Павле ни вели да не се „судиме . . . еден со друг“. Мораме да внимаваме да ‚не ставиме пред братот камен спрепинач‘. Нормите за тоа што е прифатливо можат да се разликуваат од земја до земја и од култура до култура. Она што е прифатливо во едно време и место, во друго можеби нема да биде. Не треба да ги спрепнеме или да ги навредиме другите со тоа што ќе носиме накит кој во нашата култура се поврзува со непристоен стил на живеење. Побожните жени треба да се запрашаат: ‚Како гледа околината на она што го носам? Дали членовите на собранието се срамат, се збунети или им е непријатно од она што го носам?‘ Дури и ако една христијанка има право да се облекува или да изгледа на извесен начин, ќе се откаже од своето право доколку со својот изглед може да навреди некого (1. Коринќаните 10:23, 24).
Исто така, ако некој става преголем нагласок на својот изглед, може да развие штетни ставови. Денес во многу земји некои жени се разубавуваат за да флертуваат и да привлечат внимание на нескромен начин. Меѓутоа, христијанките во никој случај не сакаат да го злоупотребат разубавувањето и се трудат да бидат со здрави мисли и чесни, „за да не се зборува навредливо за Божјата реч“ (Тит 2:4, 5).
Побожните жени сфаќаат дека и кога ќе одлучат да носат накит и да се разубавуваат, нивната вистинска убавина е во „тајната личност на срцето“ и се гледа од нивниот став и однесување (1. Петрово 3:3, 4). Жената која ќе направи мудар избор во поглед на облекувањето, користењето козметика и носењето накит, ја стекнува почитта на другите и му донесува чест на својот Творец.