Барај утеха од Јехова
„А и Бог на трпението и утехата да ви даде да бидете во едномислие помеѓу себе, според примерот на Христа Исуса“ (РИМЈАНИТЕ 15:5).
1. Зошто секој ден донесува сѐ поголема потреба од утеха?
СЕКОЈ ден што поминува, со себе донесува една сѐ поголема потреба од утеха. Како што забележал еден библиски писател пред повеќе од 1.900 години, „сите созданија заедно со нас воздивнуваат и тажат досега“ (Римјаните 8:22). Во нашево време, ‚воздивнувањето‘ и ‚тажењето‘ се поголеми од кога и да било порано. Од Првата светска војна па наваму, човештвото трпело една криза по друга во вид на војни, криминал и природни катастрофи, кои честопати се поврзани со човековото лошо управување со Земјата (Откровение 11:18).
2. а) Кој е највиновен за сегашните несреќи на човештвото? б) Кој факт ни дава темел за утеха?
2 Зошто имало толку многу страдање во нашево време? Опишувајќи го исфрлањето на Сатана од небесата по раѓањето на Царството во 1914 година, Библијата одговара: „Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегнал при вас со голем гнев, оти знае дека му останува малку време!“ (Откровение 12:12). Јасниот доказ за исполнувањето на тоа пророштво значи дека ние скоро сме го достигнале крајот на Сатановото злобно владетелство. Колку само е утешно да се знае дека наскоро животот на Земјата ќе се врати во мирољубивата состојба што постоела пред Сатана да ги наведе нашите прародители на побуна!
3. Кога на луѓето не им била потребна утеха?
3 Во почетокот, Творецот на човекот обезбедил еден прекрасен парк како дом за првата човечка двојка. Тој бил сместен во едно подрачје наречено Едем, што значи „Уживање“ или „Задоволство“ (1. Мојсеева 2:8, НС, фуснота). Освен тоа, Адам и Ева се радувале на совршено здравје, со изгледот никогаш да не умрат. Само помисли на многуте подрачја на кои тие можеле да ги развиваат своите способности — градинарство, уметност, градежништво, музика. Исто така, помисли на сите дела на создавањето што можеле да ги проучуваат додека го исполнувале својот налог да ја потчинат Земјата и да ја направат рај (1. Мојсеева 1:28). Всушност, животот на Адам и на Ева би бил исполнет не со стенкање и болка, туку со задоволство и уживање. Јасно е дека ним не би им била потребна некаква утеха.
4, 5. а) Зошто Адам и Ева не го поминале испитот на послушност? б) На кој начин човештвото дошло во состојба да има потреба од утеха?
4 Меѓутоа, она што им било потребно на Адам и на Ева, било да негуваат длабока љубов и ценење спрема својот љубезен небесен Татко. Таквата љубов би ги мотивирала да го слушаат Бог под сите околности. (Спореди Јован 14:31.) За жал, обајцата наши првобитни родители не го послушале својот законски Суверен, Јехова. Наместо тоа, си дозволиле да дојдат под злобното владетелство на еден паднат ангел, Сатана Ѓаволот. Сатана бил тој кој ја искушал Ева да згреши и да јаде од забранетиот плод. Потоа Адам згрешил кога и тој јадел од плодот на дрвото, за кое Бог јасно предупредил: „Во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш“ (1. Мојсеева 2:17).
5 На овој начин, грешната двојка почнала да умира. Кога ја донел смртната казна, Бог исто така му рекол на Адам: „Земјата нека биде проклета поради тебе; со мака ќе се храниш од неа сѐ до крајот на својот живот; трње и троскот ќе ти раѓа; и ти ќе јадеш трева полска“ (1. Мојсеева 3:17, 18). На тој начин, Адам и Ева го изгубиле изгледот да ја претворат необработуваната Земја во рај. Истерани од Едем, тие морале да ја насочат својата енергија на вадење храна од почва што била проколната. Поради тоа што ја наследиле ваквата грешна, смртна состојба, нивните потомци дошле во состојба да имаат огромна потреба од утеха (Римјаните 5:12).
Едно утешно ветување е исполнето
6. а) Какво утешно ветување дал Бог по паѓањето на човештвото во грев? б) Кое пророштво во врска со утехата го изговорил Ламех?
6 Кога го осудувал потстрекнувачот на човековата побуна, Јехова се докажал како ‚Бог на утехата‘ (Римјаните 15:5). Тоа го сторил со тоа што ветил дека ќе испрати едно „семе“ кое на крајот ќе го избави Адамовото потомство од погубните последици на Адамовата побуна (1. Мојсеева 3:15, НС). Со текот на времето, Бог исто така обезбедил предвесници на ова избавување. На пример, тој го инспирирал Ламех, еден далечен потомок на Адам преку неговиот син Сит, да пророкува за тоа што ќе стори Ламеховиот син: „Овој ќе нѐ утеши во работите наши и во трудот на рацете наши на земјата, што Господ Бог ја проколна“ (1. Мојсеева 5:29). Во склад со ова ветување, момчето било наречено Ное, за кое се смета дека значи „Починка“ или „Утеха“.
7, 8. а) Која ситуација го навела Јехова да почувствува жалење поради тоа што го создал човекот, и што наумил тој да стори како реакција на тоа? б) На кој начин Ное живеел според значењето на своето име?
7 Во меѓувреме, Сатана стекнувал следбеници меѓу некои од небесните ангели. Овие се материјализирале како луѓе и си земале привлечни женски потомки на Адам за жени. Таквите неприродни заедници продолжиле да го расипуваат човечкото општество и произвеле еден безбожен род од нефилими, „соборувачи“, кои ја исполниле Земјата со насилство (1. Мојсеева 6:1, 2, 4, 11; Јуда 6). „И виде Господ Бог дека лошотиите меѓу луѓето на Земјата се големи . . . И се покаја Бог што го беше создал човекот на земјата, па се огорчи во срцето Свое [го здоболе во срцето, НС]“ (1. Мојсеева 6:5, 6).
8 Јехова наумил да го уништи тој зол свет преку еден глобален потоп, но првин дал Ное да изгради една арка за да го сочува животот. На тој начин биле спасени човечкиот род и животинските видови. Колку само олеснето мора да се чувствувале Ное и неговото семејство после потопот, кога излегле од арката на исчистена Земја! Колку само утешно било да се забележи дека проклетството врз земјата било укинато, со што земјоделската активност станала толку многу полесна! Навистина, Ламеховото пророштво се покажало точно, а Ное живеел според значењето на своето име (1. Мојсеева 8:21). Како верен Божји слуга, Ное бил од помош во донесувањето на извесна мерка „утеха“ за човештвото. Меѓутоа, злобното влијание на Сатана и на неговите демонски ангели не завршило со потопот, а човештвото и понатаму стенка под товарот на гревот, болеста и смртта.
Некој поголем од Ное
9. На кој начин Исус Христос се покажал како помошник и утешител за покајничките луѓе?
9 Најпосле, на крајот од околу 4.000 години од човечката историја, пристигнало ветеното Семе. Поттикнат од голема љубов кон човештвото, Јехова Бог го испратил својот Единороден Син на Земјата за да умре како откупнина за грешното човештво (Јован 3:16). Исус Христос им донесува големо олеснување на покајничките грешници кои практикуваат вера во неговата жртвена смрт. Сите кои ги предаваат своите животи на Јехова и кои стануваат крстени ученици на неговиот Син, доживуваат трајно освежување и утеха (Матеј 11:28—30; 16:24). И покрај нивната несовршеност, тие наоѓаат длабока радост во служењето на Бог со чиста совест. Колку само е утешно за нив што знаат дека, ако продолжат да покажуваат вера во Исус, ќе бидат наградени со вечен живот! (Јован 3:36; Евреите 5:9). Ако поради слабост направат сериозен грев, тогаш имаат помошник, односно утешител — воскреснатиот Господ Исус Христос (1. Јованово 2:1, 2). Преку исповедање на таквиот грев и преземање библиски чекори да избегнат да бидат практикувачи на грев, тие постигнуваат олеснување, знаејќи дека ‚Бог е верен и праведен за да ни ги прости гревовите‘ (1. Јованово 1:9; 3:6, НС; Изреки 28:13).
10. Што учиме од чудата што ги извршил Исус кога бил на Земјата?
10 Додека бил на Земјата, Исус донел освежување и со тоа што ги ослободувал опседнатите од демони, лекувал секаков вид болест и ги подигал во живот блиските кои умреле. Додуша, таквите чуда биле само од привремена корист, бидејќи оние кои на тој начин биле благословени, потоа остареле и умреле. Меѓутоа, Исус со тоа укажал на трајните идни благослови што тој ќе ги истури врз сето човештво. Сега како моќен небесен Цар, тој наскоро ќе стори далеку повеќе отколку само да ги истера демоните. Заедно со нивниот водач, Сатана, тој ќе ги фрли в бездна, во состојба на неактивност. Потоа ќе започне славното Христово Илјадагодишно владетелство (Лука 8:30, 31; Откровение 20:1, 2, 6).
11. Зошто Исус себеси се нарекол ‚господар на саботата‘?
11 Исус рекол дека тој е ‚господар на саботата‘, а многу од неговите лечења биле извршени на Сабатен ден (Матеј 12:8—13; Лука 13:14—17; Јован 5:15, 16; 9:14). Зошто било тоа? Па, Сабатот бил дел од Божјиот Закон за Израел и на тој начин служел како ‚сенка на идните добра‘ (Евреите 10:1). Шестте седмични денови на работа нѐ потсетуваат на човековите изминати 6.000 години робување на Сатановото угнетувачко владеење. Сабатниот ден на крајот од седмицата потсетува на утешната починка што човештвото ќе ја доживее во текот на Илјадагодишното владеење на Поголемиот Ное — Исус Христос. (Спореди 2. Петрово 3:8.)
12. Кои утешителни доживувања можеме радосно да ги исчекуваме?
12 Какво само олеснување ќе почувствуваат земните поданици на Христовото владетелство кога, најпосле, ќе се најдат себеси потполно слободни од Сатановото злобно влијание! Натамошна утеха ќе дојде додека доживуваат излекување од нивните физички, емоционални и ментални слабости (Исаија 65:17). А само помисли на нивната воодушевеност кога ќе почнат да им изразуваат добредојде на своите блиски кои се враќаат од умрените! На овие начини, Бог ‚ќе ја избрише секоја солза од нивните очи‘ (Откровение 21:4). Додека напредно се применуваат користите од Исусовата откупна жртва, послушните поданици на Божјето Царство ќе напредуваат до совршенство, станувајќи потполно слободни од сите лоши последици на Адамовиот грев (Откровение 22:1—5). Потоа Сатана ќе биде ослободен „за малку време“ (Откровение 20:3, 7). Сите луѓе кои верно ја поддржуваат Јеховината законска сувереност, ќе бидат наградени со вечен живот. Замисли си ја неискажливата радост и олеснувањето да се биде потполно ‚ослободен од ропството на расипаноста‘! На тој начин, послушното човештво ќе се радува на ‚славната слобода на Божјите деца‘ (Римјаните 8:21, НС).
13. Зошто на сите вистински христијани им е потребна утехата што ја дава Бог?
13 Во меѓувреме, и понатаму сме подложни на офкањето и на болката што се вообичаени за сите кои живеат среде Сатановиот зол систем. Порастот на телесните болести и емоционалните растројства влијаат врз сите видови луѓе, вклучувајќи ги и верните христијани (Филипјаните 2:25—27; 1. Солунјаните 5:14). Освен тоа, како христијани, честопати страдаме од неправедно исмејување и прогонување што Сатана ни го нанесува поради тоа што ‚повеќе Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето‘ (Дела 5:29). На тој начин, за да истраеме во вршењето на Божјата волја сѐ до крајот на Сатановиот свет, потребни ни се утехата, помошта и силата што ги дава Тој.
Каде да се најде утеха
14. а) Какво ветување дал Исус ноќта пред својата смрт? б) Што е неопходно ако сакаме да извлечеме полна корист од утехата на Божјиот свет дух?
14 Ноќта пред својата смрт, Исус им објаснил на своите верни апостоли дека наскоро тој ќе ги напушти и ќе се врати кај својот Татко. Тоа ги вознемирило и ожалостило (Јован 13:33, 36; 14:27—31). Признавајќи ја нивната потреба од постојана утеха, Исус ветил: „Јас ќе Го помолам Отецот, и Он ќе ви даде друг Утешител, за да биде со вас довека“ (Јован 14:16). Исус овде се осврнал на Божјиот свет дух што бил излиен врз неговите ученици 50 дена по неговото воскресение.a Меѓу другото, Божјиот дух ги тешел во текот на нивните искушенија и ги зајакнувал да продолжат да ја вршат Божјата волја (Дела 4:31). Меѓутоа, таквата помош не треба да се смета како нешто автоматско. За да извлечат потполна корист од неа, секој христијанин мора да продолжи да се моли за утешителната помош што ја дава Бог преку својот свет дух (Лука 11:13).
15. Кои се некои од начините на кои Јехова ни дава утеха?
15 Еден друг начин на кој Бог дава утеха е преку неговата Реч, Библијата. Павле напишал: „А сѐ што беше порано напишано, за наша поука беше напишано, та преку трпението и преку утехата од Писмата да имаме надеж“ (Римјаните 15:4). Ова ја покажува потребата редовно да проучуваме и да медитираме за работите што се напишани во Библијата и во публикациите што се темелени на Библијата. Исто така, треба редовно да присуствуваме на христијанските состаноци, каде што се споделуваат утешни мисли од Божјата Реч. Една од главните намери на таквите собирања е да се охрабриме еден со друг (Евреите 10:25).
16. На што треба да нѐ мотивираат Божјите утешителни подготовки?
16 Павловото писмо до римјаните понатаму ги покажува добрите резултати што ги имаме кога ги користиме Божјите утешувачки подготовки. „А и Бог на трпението и утехата“ — напишал Павле — „да ви даде да бидете во едномислие помеѓу себе, според примерот на Христа Исуса, та еднодушно и со една уста да Го славите Бога и Отецот на нашиот Господ Исус Христос“ (Римјаните 15:5, 6). Да, ако потполно ги искористуваме Божјите утешувачки подготовки, ќе станеме послични на нашиот храбар Водач, Исус Христос. Тоа ќе нѐ мотивира и понатаму да ги користиме своите усни за да го фалиме Бог во нашето дело на сведочење, на нашите состаноци, во приватните разговори со соверниците и во своите молитви.
Во времиња на тежок испит
17. Како Јехова го утешил својот Син, и со каков резултат?
17 Исус ‚тагувал‘ и станал ‚смртно нажален‘ ноќта пред својата мачна смрт (Матеј 26:37, 38). Затоа се повлекол на мало растојание од своите ученици и го молел Татка си за помош. „Поради Својата побожност [побожен страв, НС] беше чуен“ (Евреите 5:7). Библијата известува дека ‚[на Исус] Му се јавил ангел од небото и Го поткрепувал‘ (Лука 22:43). Храбриот и мажествен начин на кој Исус продолжил да се соочува со своите противници претставува доказ дека начинот на кој Бог го утешил својот Син, бил многу делотворен (Јован 18:3—8, 33—38).
18. а) Кој период од животот на апостол Павле бил особено искушувачки? б) Како можеме да им бидеме утеха на вредните, сочувствителни старешини?
18 Апостол Павле исто така минал низ периоди на жестоко искушение. На пример, неговата служба во Ефес била обележана со ‚солзи и меѓу искушенија, што му иделе од лошите замисли на Јудејците‘ (Дела 20:17—20). Најпосле, Павле го напуштил Ефес откако поддржувачите на божицата Артемида го возбунтувале градот поради неговата проповедничка активност (Дела 19:23—29; 20:1). Додека Павле се упатувал на север кон градот Троада, неговите мисли биле тешко оптоварени со нешто друго. Некое време пред метежот во Ефес, тој примил еден вознемирувачки извештај. Младото собрание во Коринт било измачувано од поделби и толерирало блуд. Затоа, од Ефес Павле напишал писмо со остар укор, надевајќи се дека ќе ја поправи ситуацијата. Не му било лесно да го стори тоа. „Од многу грижи и од тага на срцето ви напишав со многу солзи“ — открил тој подоцна во второто писмо (2. Коринтјаните 2:4). Како на Павле, и на сочувствителните старешини не им е лесно да дадат поправителен совет и укор, делумно поради тоа што и тие се сосема свесни за своите сопствени слабости (Галатјаните 5:1). Тогаш, и ние да им бидеме од утеха на оние кои го преземаат водството меѓу нас со тоа што спремно ќе се оѕвиеме на советот полн со љубов, темелен на Библијата (Евреите 13:17).
19. Зошто Павле тргнал од Троада за Македонија, и на кој начин на крајот добил олеснување?
19 Додека бил во Ефес, Павле не само што им пишал на браќата во Коринт туку и го испратил Тит да им помогне, наложувајќи му да го извести за нивната реакција на писмото. Павле се надевал дека ќе го пресретне Тит во Троада. Таму Павле бил благословен со добри прилики да прави ученици. Но, тоа не му ја олеснило грижата бидејќи Тит сѐ уште не бил пристигнат (2. Коринтјаните 2:12, 13). Затоа, отпатувал за Македонија, надевајќи се дека таму ќе се сретне со Тит. Павловата загрижена состојба била влошена поради силното противење на неговата служба. „Кога дојдовме во Македонија“ — објаснува тој — „никаков мир немаше телото наше; во сѐ бевме во маки; однадвор напади, одвнатре страв. Но Бог, Кој ги утешува смирените [потиштените, НС], нѐ утеши со доаѓањето на Тит“ (2. Коринтјаните 7:5, 6). Колкаво ли олеснување кога Тит конечно пристигнал за да му каже на Павле за позитивната реакција на коринтјаните на неговото писмо!
20. а) Како во случајот на Павле, кој е еден друг важен начин на кој Јехова дава утеха? б) Што ќе биде разгледано во следната статија?
20 Павловото искуство е утешително за Божјите денешни слуги, од кои мнозина исто така се соочуваат со искушенија што ги тераат да бидат „потиштени“ или „депримирани“ (Phillips). Да, ‚Богот на утехата‘ ги знае нашите индивидуални потреби и може да нѐ употреби за да бидеме од утеха едни на други, исто како што Павле добил утеха од извештајот на Тит за покајничкиот став на коринтјаните (2. Коринтјаните 7:11—13). Во нашата следна статија ќе го разгледаме Павловиот срдечен одговор на коринтјаните и како може тоа да ни помогне да бидеме делотворни делители на Божјата утеха денес.
[Фуснота]
a Едно од главните дејства на Божјиот дух врз христијаните од првиот век било да ги помаза како посвоени духовни Божји синови и Исусови браќа (2. Коринтјаните 1:21, 22). Тој е резервиран само за 144.000 Христови ученици (Откровение 14:1, 3). Денес, на поголемото мнозинство христијани љубезно им е дадена надежта за вечен живот на рајска Земја. Иако не се помазани, и тие ја добиваат помошта и утехата од Божјиот свет дух.
Можеш ли да одговориш?
◻ На кој начин човештвото дошло во состојба да има потреба од утеха?
◻ На кој начин Исус се докажал како поголем од Ное?
◻ Зошто Исус себеси се нарекол ‚господар на саботата‘?
◻ На кој начин Бог дава утеха денес?
[Карта/слика на страница 10]
(Види во публикацијата)
Павле доживеал голема утеха од извештајот на Тит во врска со коринтјаните
МАКЕДОНИЈА
Филипи
ГРЦИЈА
Коринт
АЗИЈА
Троада
Ефес