Ќе ги послушаш ли Јеховините јасни предупредувања?
„Тоа е патот, одете по него!“ (ИСА. 30:21)
1, 2. На што е решен Сатана, и како ни помага Божјата Реч?
ЕДЕН патоказ што покажува во погрешен правец може да биде опасен. Замисли си дека некој пријател те предупредил дека еден многу лош човек го сменил патоказот бидејќи сака луѓето да се изгубат. Зарем нема да обрнеш внимание на неговото предупредување?
2 Сатана е злобен непријател кој е решен да нѐ наведе на погрешен пат (Отк. 12:9). Тој ги користи сите опасности што ги разгледавме во претходната статија за да нѐ натера да скршнеме од патот што води до вечен живот (Мат. 7:13, 14). За среќа, нашиот добар Бог нѐ предупредува да не ги следиме лажните „патокази“ што ги поставува Сатана. Да разгледаме сега уште три работи што тој ги користи за да нѐ измами, и да видиме како Библијата ни помага да се чуваме од нив. Додека ја проучуваме Божјата Реч, можеме да си замислиме како Јехова чекори зад нас и ни вели: „Тоа е патот, одете по него!“ (Иса. 30:21). Ако размислуваме за неговите јасни предупредувања, ќе бидеме уште порешени да ги послушаме.
Не поведувај се по „лажни учители“
3, 4. а) Во која смисла лажните учители се како пресушени бунари? б) Од каде обично доаѓаат лажните учители, и која е нивната цел?
3 Замисли си дека патуваш низ сушен предел. Во далечината здогледуваш бунар и тргнуваш кон него, со надеж дека таму ќе најдеш вода за да ја згаснеш жедта. Но, кога стигнуваш до бунарот, гледаш дека е пресушен. Сигурно си многу разочаран! Лажните учители се како пресушени бунари. Секој што доаѓа кај нив да се напие од водите на вистината горко ќе се разочара. Преку апостолите Павле и Петар, Јехова нѐ предупредува да се чуваме од лажните учители. (Прочитај Дела 20:29, 30; 2. Петрово 2:1-3.) Кои се тие? Павле и Петар ни откриваат од каде доаѓаат лажните учители и како дејствуваат.
4 Павле им го рекол следново на старешините од собранието во Ефес: „Меѓу вас самите ќе се појават луѓе кои ќе изнесуваат искривени учења“. А Петар им напишал на сохристијаните: „Меѓу вас ќе има лажни учители“. Според тоа, од каде доаѓаат лажните учители? Можат да се појават во самото собрание. Тоа се отпадници.a Која е нивната цел? Освен што ја напуштаат организацијата која порано можеби ја сакале, нивната цел, како што објаснил Павле, е „да ги повлечат по себе учениците“. Значи, тие не сакаат да стекнат свои ученици надвор од христијанското собрание, туку да ги одвлечат оние што веќе се ученици на Христос. Како „крвожедни волци“, лажните учители се решени да ги проголтаат членовите на собранието кои не се сомневаат во нив, така што се обидуваат да им ја уништат верата и да ги одвлечат од вистината (Мат. 7:15; 2. Тим. 2:18).
5. Какви методи користат лажните учители?
5 Како дејствуваат лажните учители? Тие користат лукави методи и ‚незабележливо ги воведуваат‘ своите расипани идеи и ставови. Слично на шверцери, отпадниците дејствуваат скришно, и на подмолен начин внесуваат отпаднички гледишта во собранието. Исто како што еден итар измамник користи фалсификувани документи како да се вистински, така и отпадниците се служат со „измамливи зборови“, или лажни тврдења, со цел да ги прикажат како вистинити своите лични гледишта. Тие шират „измамливи учења“ и ‚го извртуваат Писмото‘ за да одговара на нивните сопствени замисли (2. Пет. 2:1, 3, 13; 3:16). Јасно е дека ним воопшто не им е грижа за нас. Ако ги следиме, сигурно ќе застраниме од патот што води до вечен живот.
6. Какво јасно предупредување ни дава Библијата во врска со лажните учители?
6 Како можеме да се заштитиме од лажните учители? Библијата ни дава јасен совет во врска со ова. (Прочитај Римјаните 16:17; 2. Јованово 9-11.) Таа вели: „Избегнувајте ги“. Во други Библии, овој израз е преведен со: „Бегајте од нив“, „Отстранувајте се од нив“ и „Одвојте се од нив!“ Значи, библискиот совет е јасен и недвосмислен. Што ќе правиш ако лекарот ти каже да избегнуваш контакт со некој што е инфициран од смртоносна заразна болест? Сигурно ќе ти биде јасно што бара од тебе и строго ќе се држиш за неговите упатства. Отпадниците се како инфицирани лица. Освен тоа, тие се трудат да „заразат“ и други со своите извртени учења (1. Тим. 6:3, 4). Јехова, пак, е како добар лекар што строго нѐ предупредува да избегнуваме секаков контакт со нив. Упатствата што ни ги дава се јасни. Но, дали сме решени да ги послушаме?
7, 8. а) Што мора да правиме за да ги избегнуваме лажните учители? б) Зошто си решен да ги избегнуваш лажните учители?
7 Што мора да правиме за да ги избегнуваме лажните учители? Не треба да ги примаме дома ниту да ги поздравуваме. Освен тоа, не читаме нивна литература, не гледаме ТВ-програми на кои гостуваат, не ги отвораме нивните веб-страници ниту, пак, ставаме коментари за она што го пишуваат на интернет. Зошто сме толку решени да ги избегнуваме? Пред сѐ, затоа што го сакаме ‚Богот на вистината‘. Затоа не се изложуваме на извртени учења кои ѝ противречат на вистината што стои во Божјата Реч (Пс. 31:5; Јован 17:17). Освен тоа, ја сакаме и Јеховината организација преку која сме ги дознале прекрасните вистини во врска со Јеховиното име и неговото значење, Божјата намера со Земјата, состојбата на мртвите и надежта за воскресение. Се сеќаваш ли како се чувствуваше кога првпат слушна за овие и за други скапоцени вистини? Не дозволувај лажните учители да те заведат со своите учења и да те наведат да се свртиш против организацијата која ти помогна да ги дознаеш сите тие работи! (Јован 6:66-69).
8 Без разлика што кажуваат овие лажни учители, ние нема да тргнеме по нив! Нема што да бараме кај такви луѓе кои се како пресушени бунари. Сите што ги слушаат сигурно ќе бидат разочарани. Наместо тоа, да бидеме решени да им останеме верни на Јехова и на организацијата која отсекогаш ја гаснела нашата жед со чистата и свежа вода на вистината од Божјата Реч! (Иса. 55:1-3; Мат. 24:45-47).
Не поведувај се по „измислени прикаски“
9, 10. Какво предупредување му дал Павле на Тимотеј во врска со ‚измислените прикаски‘, и на што веројатно мислел? (Види ја и фуснотата.)
9 Понекогаш може лесно да се види дека некој патоказ бил преправен за да покажува во погрешна насока. Но, некогаш тоа не се забележува веднаш. Слично е и со сплетките на Сатана — некои се поочигледни, а други не. Апостол Павле нѐ предупредува на една од нив — ‚измислените прикаски‘. (Прочитај 1. Тимотеј 1:3, 4.) За да не застраниме од патот што води до живот, треба да знаеме што се тие измислени прикаски, и што ќе ни помогне да не им обрнуваме внимание.
10 Павле го дал предупредувањето во врска со измислените прикаски во своето прво послание до Тимотеј, христијански надгледник кој требало да ја чува чистотата на собранието и да им помага на своите браќа да му останат верни на Бог (1. Тим. 1:18, 19). Грчкиот збор што Павле го користи за ‚измислена прикаска‘ значи „лага“ или „бајка“. Според една енциклопедија, овој збор означува „(религиозна) приказна која нема никаква врска со реалноста“ (The International Standard Bible Encyclopaedia). Можеби Павле мислел на верските лаги кои потекнувале од некои легенди и раскази што се пренесувале од колено на колено.b Тој рекол дека овие прикаски се опасни затоа што ги наведуваат другите да си „поставуваат непотребни прашања“ за работи што не се вистинити, а потоа залудно трошат време да ги најдат одговорите. Сатана ги користи овие измислени прикаски и верски лаги за да ги натера луѓето да заборават на поважните работи. Павле дал многу јасен совет: Немој да се занимаваш со измислени прикаски!
11. На кој начин Сатана успешно ја користи лажната религија за да ги заведе луѓето, и кое предупредување треба да го послушаме за не нѐ заведе и нас?
11 Со кои измислени прикаски би можел да нѐ заведе Сатана ако не сме внимателни? Општо земено, изразот „измислени прикаски“ може да се однесува на секоја верска лага или бајка која би можела да ‚нѐ одврати од вистината‘ (2. Тим. 4:3, 4). Сатана, кој се претвора во „ангел на светлината“, успешно ја користи лажната религија за да ги заведува луѓето (2. Кор. 11:14). Иако тврдат дека го следат Христос, црквите на христијанскиот свет шират лаги поучувајќи ги луѓето за Света троица, пекол и бесмртна душа. Освен тоа, им кажуваат на верниците дека треба да слават празници како Божиќ и Велигден, иако обичаите на овие празници влечат корени од лажната религија. Ако го послушаме Божјето предупредување да се одвоиме од неа и ‚да не допираме ништо што е нечисто‘, нема да дозволиме Сатана да нѐ заведе со измислени прикаски (2. Кор. 6:14-17).
12, 13. а) Кои лаги ги шири Сатана, но што, всушност, е вистина? б) Што ќе ни помогне да не бидеме заведени од измислените прикаски на Сатана?
12 Сатана користи и други лаги за да нѐ заведе ако не сме внимателни. Да разгледаме некои од нив. Сѐ е релативно — секој сам одлучува што е добро, а што лошо. Ова гледиште го шират медиумите и индустријата за забава. Бидејќи оваа лага постојано се повторува, би можеле да поверуваме во неа и да ги отфрлиме Божјите морални мерила. Но, вистината е дека нам очајно ни е потребно водството што само Бог може да ни го даде (Ерем. 10:23). Бог никогаш нема да се вмеша во работите на Земјата. Ваквиот став ги тера луѓето да живеат од денес за утре. Тој би можел да влијае и врз нас и да нѐ наведе да станеме „бесплодни“ (2. Пет. 1:8). Но, вистината е дека Јеховиниот ден многу брзо се приближува и дека мора спремно да го чекаме (Мат. 24:44). На Бог не си му важен ти лично. Сатана сака да нѐ увери дека не сме доволно добри за Бог да нѐ сака. Ако успее во тоа, би можеле да престанеме да му служиме на Јехова. Но, вистината е дека Јехова го сака и го цени секој свој слуга (Мат. 10:29-31).
13 Мора секогаш да бидеме многу внимателни, бидејќи понекогаш може да ни се чини дека она што го велат луѓето во светот на Сатана е вистина. Но, да не заборавиме дека тој е подол измамник. Мора да ги послушаме предупредувањата и советите од Божјата Реч за да нѐ успее да нѐ измами и нас со своите „лукаво измислени прикаски“ (2. Пет. 1:16).
Не поведувај се по Сатана
14. Какво предупредување им дал Павле на некои млади вдовици, и зошто сите ние треба да обрнеме внимание на неговите зборови?
14 Замисли си дека наидуваш на патоказ на кој пишува „Сатана“. Кој од нас би тргнал во тој правец? Сепак, Павле нѐ предупредува дека има неколку начини на кои вистинските христијани би можеле да ‚застранат и да отидат по Сатана‘. (Прочитај 1. Тимотеј 5:11-15.) Иако Павле им ги упатил овие зборови на некои ‚помлади вдовици‘, начелата што ги спомнува важат за сите нас. Веројатно на овие христијанки во првиот век не им паѓало на ум дека одат по Сатана, но со своите постапки го правеле токму тоа. Како може да се чуваме да не се поведеме по Сатана дури и несвесно? Да видиме какво предупредување дал Павле во врска со озборувањето.
15. Која е целта на Сатана? Според Павле, кои тактики ги користи Сатана за да нѐ наведе да го следиме?
15 Целта на Сатана е да го замолкне гласот на нашата вера, односно да нѐ натера да престанеме да ја проповедаме добрата вест (Отк. 12:17). За да го постигне тоа, се обидува да посее раздор меѓу нас или да нѐ наведе да трошиме време на непотребни работи. Забележи кои тактики на Сатана ги навел Павле. Тој напишал дека вдовиците во негово време ‚се учеле да бидат без работа и да скитаат по куќите‘. Во денешнава ера на напредна технологија, многу е лесно да го трошиме своето а и туѓото време така што ќе читаме и испраќаме и-мејлови за неважни, па дури и за невистинити работи. Павле исто така рекол дека вдовиците ‚озборувале‘. Озборувањето може да води до клеветење, а клеветењето честопати завршува со караници (Изр. 26:20). Сеедно дали се свесни за тоа или не, злобните клеветници го следат примерот на Сатана Ѓаволот.c Павле рекол дека вдовиците ‚се мешале и во туѓи работи‘. Мора да имаме на ум дека не е наше да им кажуваме на другите како да си го живеат животот. Всушност, сите овие опасности за кои зборувал Павле можат да ни го одвлечат вниманието од важното проповедничко дело што ни го доверил Јехова. Ако престанеме да проповедаме, почнуваме да го следиме Сатана. Не можеме да седиме на два стола — мора да одлучиме на чија страна ќе бидеме (Мат. 12:30).
16. Што треба да правиме за да не се поведеме по Сатана?
16 Ако обрнеме внимание на мудрите совети од Библијата, нема да се поведеме по Сатана. Павле навел неколку работи што можат да ни помогнат. Една од нив е ‚да бидеме секогаш зафатени во делото на Господарот‘ (1. Кор. 15:58). Ако сме посветени на службата за Царството, ќе немаме време за неважни или дури и опасни работи (Мат. 6:33). Павле нѐ советува и да го зборуваме само она што „ги изградува другите“ (Еф. 4:29). Да бидеме решени да не озборуваме и да не слушаме кога некој друг сака да озборува.d Треба да научиме да ги почитуваме нашите соверници и да имаме доверба во нив. Тоа ќе ни помогне да кажуваме убави, а не лоши работи за нашите браќа и сестри. Павле исто така напишал: ‚Гледајте си ја својата работа‘ (1. Сол. 4:11). Добро е да се интересираме за другите, но притоа мора да внимаваме да ја почитуваме нивната приватност и да не им го рушиме достоинството. Освен тоа, секогаш да имаме на ум дека не треба да им го наметнуваме своето мислење за работи за кои самите треба да донесат одлука (Гал. 6:5).
17. а) Зошто Јехова ни ги дава сите предупредувања што ги разгледавме? б) Што си решен да правиш?
17 Колку сме благодарни што Јехова јасно ни кажува по што не треба да се поведеме! Никогаш да не заборавиме дека тој ни ги дава предупредувањата што ги разгледавме во овие две статии затоа што многу нѐ сака. Јехова во никој случај не би сакал Сатана да нѐ измами и да ни нанесе страдање. Точно е дека патот што ни го покажува Бог е тесен, но само тој пат води до вечен живот (Мат. 7:14). Да бидеме цврсто решени да го послушаме Јехова кој ни вели: „Тоа е патот, одете по него!“ (Иса. 30:21).
[Фусноти]
a Отпадници се лица кои ја напуштаат или се откажуваат од вистинската религија, застрануваат, се одметнуваат или се бунтуваат против неа.
b На пример, апокрифната книга Товит, која била напишана околу третиот век пр.н.е. и постоела во времето на Павле, е полна со погрешни верувања и измислени приказни за магии, кои во неа се прикажани како вистинити. (Види во Увид во Светото писмо, том 1, страница 122 [англ.].)
c Грчкиот збор преведен со „ѓавол“ е дија́волос, што значи „клеветник“. Тоа е уште еден назив за Сатана, најголемиот клеветник (Јован 8:44; Отк. 12:9, 10).
d Види ја рамката „Пердуви разнесени од ветрот“.
Како би одговорил?
Како можеш да ги послушаш предупредувањата дадени во следните стихови?
[Рамка/слика на страница 19]
Пердуви разнесени од ветрот
Следнава стара еврејска приказна јасно покажува какви можат да бидат последиците од озборувањето.
Еден човек раширил лаги за најмудриот човек во неговото село. По некое време, овој злобен клеветник сфатил дека згрешил. Затоа отишол кај мудрецот да побара прошка и му рекол дека е спремен да направи сѐ што ќе побара тој од него за да му покаже дека навистина му е жал што го клеветел. Мудриот човек побарал една работа: Му рекол да земе перница, да ја расече и да пушти ветрот да ги разнесе пердувите со кои била наполнета. Иако ова барање му било чудно, озборувачот сепак го послушал, а потоа се вратил кај мудрецот.
„Дали сега ми прости?“, го прашал.
„Прво мора да одиш и да ги собереш сите пердуви“, му рекол мудриот човек.
„Ама тоа не е можно! Ветрот ги разнесе насекаде!“, извикал озборувачот.
„Да, многу е тешко да ги собереш пердувите“, одговорил мудрецот. „Исто толку е тешко да ја поправиш штетата што ја направија твоите зборови.“
Поуката од оваа приказна е јасна. Не можеме да си ги вратиме назад зборовите што еднаш сме ги кажале, а понекогаш не можеме ни да ја поправиме штетата што ја предизвикале. Затоа, пред да кажеме нешто лошо за другите, добро е да се сетиме дека нашите зборови ќе бидат како пердуви разнесени од ветрот.
[Слика на страница 16]
Како некој би можел да покани отпадници во својот дом?