Гледиште на Библијата
Дали Јехова бил племенски бог на Евреите?
ВО МНОГУ земји денес, името Јехова е тесно поврзано со современата организација на Јеховините сведоци. Сепак, ова име се појавува во некои библиски преводи што ги користат и другите религии, а не само Јеховините сведоци. Впрочем, името Јехова е претставено со тетраграматонот што се користи веќе илјадници години.
Понекогаш Јехова е наречен „Израелевиот Бог“ (1. Летописи 17:24). Овој израз навел некои да мислат дека тој бил само локален племенски бог кого Евреите го презеле од некоја друга култура или, пак, го измислиле самите. „[Јехова] го започнал животот како многу агресивно племенско божество на Израелците“, тврди Карен Армстронг, писателка на книгата A History of God (Историјата на Бог). „Подоцна, пророците на Израел . . . некаде во седмиот и шестиот век пр.н.е., го направиле овој племенски Бог симбол за апсолутно неописливата реалност.“
Повеќе историчари за религија се обиделе да го трасираат потеклото на името Јехова во хананејските и египетските извори. Други тврдат дека тоа „е старо племенско име“ и не се однесува на Богот што е прикажан во „Новиот завет“. Дали тоа е точно? Што открива внимателното читање на Библијата?
Јехова — Бог на сите луѓе
Библијата ја признава блиската врска меѓу Јехова и израелската нација. Но, тоа не е причина тој да се смета за обичен племенски бог. Христијанскиот апостол Павле прашал: „Или, пак, тој е Бог само на Евреите? Зарем не е и на луѓето од нациите?“ Како гласи јасниот одговор на Павле? „Да, и на луѓето од нациите“ (Римјаните 3:29). Кој бил Богот за кој зборувал Павле? Па, во истото писмо до римјаните, името Јехова се појавува 19 пати. Цитирајќи го древниот еврејски пророк Јоил, апостолот забележал дека не само Евреите туку и „секој кој го повикува името на Јехова, ќе биде спасен“ (Римјаните 10:13; Јоил 3:5).
Израелците не го избрале Јехова како свој Бог; напротив, Јехова ги избрал нив за да ја исполни својата намера — односно, да го подготви патот за Месијата. Освен тоа, судбината на некој племенски бог е поврзана со судбината на неговиот народ. Кога племето ќе биде победено, и богот доживува пораз. Ова не било случај со Јехова.
Јеховиниот сојуз со Авраам — кој стапил на сила со векови пред христијанската ера — ветил благослови за луѓето од сите нации, покажувајќи го Божјиот интерес за целото човештво (Битие 12:1—3; Дела 10:34, 35; 11:18). Израелскиот цар Давид покажал дека Јехова не е сопственик само на земјата Израел: „Господова е земјата и сѐ што е на неа, светот и сите кои живеат во него“ (Псалм 24:1).
Подоцна, кога Давидовиот син Соломон му го посветил на Јехова храмот за обожавање, покажал дека има начин на кој понизните луѓе од секоја нација можат да му пристапат на Јехова. Во својата молитва при посветувањето, Соломон рекол: „И туѓинецот, кој не е од твојот Израелски народ, туку пристигнал од далечна земја . . . ако се помоли во овој Храм, послушај го од небото, каде што престојуваш, послушај ги сите негови извикувања, за да го запознаат сите земни народи Твоето Име и за да се бојат од Тебе како Твојот народ Израел“ (1. Цареви 8:41—43).
Израел отфрлен
За односот што постоел меѓу Израел и Јехова, професор К. Џ. Лабускахни напишал: „Во текот на својата историја, Израел постојано доживувал ‚националниот‘ Бог да дејствува на најненационален, па дури и антинационален начин“. Во првиот век, кога Израел го отфрлил Месијата, Јехова ја отфрлил оваа нација.
Меѓутоа, Јеховиното име требало и понатаму да се користи меѓу христијаните. Како што растело христијанското собрание, негови членови станувале луѓе од сите нации. Претседавајќи на христијанскиот собир во Ерусалим, еврејскиот ученик Јаков зборувал дека Бог ‚им обрнал внимание на [не-еврејските] нации за од нив да земе народ за своето име‘. Како доказ дека ова било претскажано, Јаков цитирал едно пророштво од книгата Амос, во кое се појавува Јеховиното име (Дела 15:2, 12—18; Амос 9:11, 12).
Се грижи за сите, ги благословува сите
Понатаму потврдувајќи ја универзалноста на Јеховиното Божество, Павле напишал: „Нема разлика помеѓу Евреин и Грк, бидејќи над сите е истиот Господ, кој е богат спрема сите кои го повикуваат“ (Римјаните 10:12). Да, целото послушно човештво може да добие благослов од Јехова.
На сите свои верни и послушни човечки деца — без оглед на националноста и расата — Јехова им ветува славна иднина. Неговата Реч ги опишува таквите луѓе како „богатството на сите народи“ (Агеј 2:7). Овие луѓе го запознаваат Јехова и го засакуваат. Во последната книга на Библијата за нив е речено следново: „Сите нации ќе дојдат и ќе вршат обожавање пред тебе [Јехова], бидејќи се покажаа твоите праведни одредби“ (Откровение 15:4).
[Слика на страница 28]
Мојсеј ги држи Десетте заповеди