Обучувај ги другите да преземат поголеми одговорности
Она што го чу од мене довери им го на верни луѓе, кои потоа ќе бидат оспособени да поучуваат други (2. ТИМ. 2:2)
1, 2. Како многумина гледаат на својата работа?
МНОГУ луѓе ја одредуваат својата вредност според работата што ја вршат. Во некои култури, кога ќе се запознаеш со некого, вообичаено е да го прашаш: „Каде работиш?“
2 Понекогаш, кога зборува за некои луѓе, Библијата спомнува каква работа имале. На пример, ни открива дека Матеј бил даночник, Симон кожар, а Лука лекар (Мат. 10:3; Дела 10:6; Кол. 4:14). Исто така, во Библијата читаме какви задачи извршувале некои луѓе во службата за Јехова. На пример, за Давид пишува дека бил цар, за Илија дека бил пророк, а за Павле дека бил апостол. Овие мажи ги ценеле задачите што ги добиле од Бог. Слично на нив, и ние треба да ја цениме секоја задача што ќе ја добиеме во Божјата организација.
3. Зошто постарите браќа треба да ги обучуваат помладите? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)
3 Ние сакаме да му служиме на Јехова и ги цениме задачите што тој ни ги дава. Многу од нас уживаат во своите задачи и се надеваат дека ќе можат да ги вршат колку што е можно подолго. Но, за жал, кога ќе остарат, луѓето веќе не можат да го прават сето она што го правеле кога биле помлади (Проп. 1:4). Поради ова, Јеховините слуги се соочуваат со посебни предизвици. Денес, проповедничкото дело станува сѐ пообемно и Јеховината организација ја користи современата технологија за да може добрата вест да стигне до што повеќе луѓе. Но, понекогаш, на постарите може да им биде тешко да научат да ги прават работите на нов начин (Лука 5:39). Освен тоа, како што стареат, луѓето имаат сѐ помалку сила (Изр. 20:29). Затоа, многу е корисно кога постарите ги обучуваат помладите да преземат повеќе одговорности во Јеховината организација. Всушност, тоа е израз на љубов. (Прочитај Псалм 71:18.)
4. Зошто на некои им е тешко да им ги предадат своите задачи на другите? (Види ја рамката „Зошто на некои им е тешко да ги предадат своите одговорности“.)
4 На браќата кои се на одговорна положба не им е секогаш лесно да ги обучуваат помладите браќа и постепено да им ги предадат своите задачи. На некои браќа им е тешка и самата помисла дека треба да се откажат од задачите што многу ги сакале. Или можеби се плашат дека, ако му ја дадат задачата на некој друг, таа нема да биде добро извршена. Можеби сметаат дека се премногу зафатени за да обучуваат некого. Од друга страна, помладите браќа треба да бидат стрпливи ако сѐ уште не добиле поголеми одговорности.
5. Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?
5 Во оваа статија ќе добиеме одговор на следниве прашања: Зошто е важно постарите браќа да им помагаат на помладите да преземат поголеми одговорности? Како може да го прават тоа? (2. Тим. 2:2). Зошто помладите браќа треба да имаат исправен став додека соработуваат со постарите поискусни браќа и додека учат од нив? Најпрво да видиме како цар Давид го подготвил својот син за една многу важна задача.
ДАВИД ГО ПОДГОТВИЛ СОЛОМОН
6. Што сакал да направи цар Давид, но што му кажал Јехова?
6 Давид со години бил прогонуван и морал да бега од едно место во друго. Но, откако станал цар, живеел во раскошна палата. Затоа му рекол на пророкот Натан: „Јас живеам во дворец од кедрово дрво, а ковчегот на Јеховиниот сојуз се наоѓа под шатор“. Давид многу сакал да му изгради убав храм на Јехова. Тогаш Натан му рекол: „Направи сѐ што ти лежи на срце, зашто вистинскиот Бог е со тебе“. Но, Јехова имал поинаква намера. Тој му рекол на Натан да му ги пренесе следниве зборови на Давид: „Ти нема да ми изградиш куќа за да живеам во неа“. Иако Јехова го уверил Давид дека и понатаму ќе биде со него, му кажал дека храмот ќе го изгради неговиот син Соломон. Како реагирал Давид? (1. Лет. 17:1-4, 8, 11, 12; 29:1).
7. Како реагирал Давид на она што му го кажал Јехова?
7 Давид можеби се разочарал, но и покрај тоа потполно го поддржал својот син во изградбата на храмот. На Давид не му било важно кому ќе му припадне заслугата за изградбата. Всушност, овој храм подоцна станал познат како храмот на Соломон. Давид помогнал да се организираат работниците, да се собере железо, бакар, сребро, злато и дрво. Освен тоа, го охрабрил својот син со следниве зборови: „А сега, сине мој, Јехова нека биде со тебе за да бидеш успешен во сѐ и да му изградиш дом на Јехова, својот Бог, токму како што тој рече за тебе“ (1. Лет. 22:11, 14-16).
8. Што знаел Давид во врска со својот син Соломон, но што направил?
8 Прочитај 1. Летописи 22:5. Давид можеби сметал дека Соломон нема доволно искуство и вештини за да надгледува еден толку важен проект. Тој знаел дека Соломон бил „млад и неискусен“, а храмот требало да биде „посебно величествен“. Но, Давид бил уверен дека Јехова ќе му помогне на Соломон да го заврши овој посебен проект. Затоа, направил сѐ што можел за да го подготви својот син за огромната работа што го чекала.
СПРЕМНО ОБУЧУВАЈ ГИ ДРУГИТЕ
9. Што може да им помогне на постарите браќа спремно да им ги предадат своите одговорности на другите? Наведи пример.
9 Постарите браќа не треба да се разочараат кога ќе биде потребно да им предадат некои од своите задачи на помладите. Зошто? Затоа што, кога ги обучуваат помладите, постарите браќа придонесуваат да се извршува делото за Царството. Да наведеме еден пример. Додека е мал, синот може само да го гледа својот татко како вози кола. Но, кога ќе потпорасне, таткото може да му објасни како го прави тоа. Подоцна, кога ќе добие возачка дозвола, и самиот ќе ја вози колата. Сепак, татко му сѐ уште ќе му дава совети за тоа како да вози. Одвреме-навреме можеби ќе се менуваат — некогаш ќе вози таткото, а некогаш синот. Меѓутоа, кога таткото ќе остари, синот ќе вози сѐ повеќе. Дали таткото ќе се лути поради тоа? Па, еден мудар татко сигурно ќе биде среќен што сега син му може да го вози. На сличен начин, и постарите браќа се среќни кога гледаат како помладите кои тие ги обучувале преземаат повеќе одговорности во Јеховината организација.
10. Како реагирал Мојсеј кога некои Израелци почнале да се однесуваат како пророци?
10 Мора да внимаваме да не бидеме љубоморни кога другите добиваат задачи. Да видиме како реагирал Мојсеј кога некои Израелци почнале да се однесуваат како пророци. (Прочитај 4. Мојсеева 11:24-29.) Исус Навин сакал Мојсеј да го забрани тоа, но тој му рекол: „Зарем си љубоморен поради мене? Немој да бидеш! Би сакал сите во Јеховиниот народ да бидат пророци, зашто тогаш Јехова би го ставил својот дух на нив!“ Мојсеј знаел дека Јехова го предизвикал овој настан. Тој не барал слава за себеси, туку сакал сите слуги на Јехова да имаат задачи. Како е со тебе? Дали ти се радуваш кога другите добиваат задачи во Божјата организација?
11. Како се чувствувал еден брат кој ги предал своите одговорности на помлад брат?
11 Денес, има многу браќа кои со децении давале сѐ од себе во службата за Јехова и ги обучувале помладите браќа за да можат да преземат поголеми одговорности. Да го разгледаме примерот на еден брат по име Питер. Тој поминал повеќе од 74 години во полновремена служба, од кои 35 служел во една подружница во Европа. Долго време бил надгледник на Одделението за служба. Потоа, оваа задача му била доверена на Пол, помлад брат кој добил обука од Питер. Дали Питер се налутил поради ваквата промена? Не. Тој рекол: „Многу сум радосен што има браќа кои се обучени да преземат поголеми одговорности и кои многу добро ги извршуваат своите задачи“.
ЦЕНИ ГИ ПОСТАРИТЕ БРАЌА
12. Што можеме да научиме од примерот на Ровоам?
12 По смртта на Соломон, неговиот син Ровоам станал цар. Тој побарал совет од постарите мажи за тоа како да ја извршува својата нова задача. Но, го отфрлил нивниот совет. Ровоам решил да го послуша советот на помладите мажи со кои израснал. Последиците биле катастрофални (2. Лет. 10:6-11, 19). Што учиме од ова? Мудро е да бараме совет од оние што се постари и поискусни од нас. Помладите не мора да се чувствуваат под притисок да ги прават работите исто како што се правеле порано. Сепак, добро е да ги земат предвид советите што ги добиваат од постарите.
13. Како треба помладите браќа да соработуваат со постарите?
13 Понекогаш, некои помлади браќа добиваат одговорност да ги надгледуваат задачите што ги извршуваат постари и поискусни браќа. Би било мудро помладите да учат од овие постари браќа. Пол, кој на местото на Питер станал надгледник на едно одделение во Бетел, рекол: „Го прашував Питер за совет и ги поттикнував и другите во одделението да го прават истото“.
14. Што можеме да научиме од соработката меѓу Тимотеј и апостол Павле?
14 Тимотеј со години соработувал со апостол Павле иако бил доста помлад од него. (Прочитај Филипјаните 2:20-22.) Павле им рекол на Коринќаните: „Ви го испраќам Тимотеј, зашто тој е мое сакано и верно дете во Господарот. Тој ќе ве потсети на начелата за кои се држам додека му служам на Христос Исус и за кои поучувам насекаде во секое собрание“ (1. Кор. 4:17). Од ова јасно се гледа дека Павле и Тимотеј многу добро соработувале и си помагале еден на друг. Павле одвоил време да го поучи Тимотеј за начелата за кои се држел додека му служел на Христос. Тимотеј го применувал она што го учел. Поради тоа, Павле го засакал и бил уверен дека добро ќе се грижи за духовните потреби на браќата и сестрите во Коринт. Старешините можат да го следат примерот на апостол Павле додека ги обучуваат другите браќа за да можат со текот на времето и тие да предводат во собранието.
СЕКОЈ ИМА ВАЖНА УЛОГА
15. Како може Римјаните 12:3-5 да ни помогне да ги прифатиме промените?
15 Живееме во значајни времиња. Земниот дел од Јеховината организација постојано се зголемува и напредува на многу полиња. Тоа значи дека и понатаму ќе има промени. Некои промени нѐ погодуваат нас лично и можеби не ни е лесно да ги прифатиме. Затоа, треба да бидеме понизни и најважно треба да ни биде делото за Царството, а не нашите желби. Тоа ќе ни помогне да бидеме обединети. На христијаните во Рим, Павле им напишал: „Му велам на секој меѓу вас да не мисли за себе повеќе отколку што треба да мисли“. Потоа објаснил дека, исто како што секој дел од телото има различна улога, така и секој член на собранието има различна улога (Рим. 12:3-5).
16. Што може да прави секој христијанин за да се зачуваат мирот и единството во Јеховината организација?
16 Сите слуги на Јехова сакаат да го поддржуваат делото за Царството и да направат сѐ што ќе се побара од нив. Постарите браќа можат да ги обучуваат помладите. Помладите браќа можат да преземат повеќе одговорности кои ќе ги вршат скромно, покажувајќи почит кон постарите. Жените можат да го следат примерот на Прискила која верно го поддржувала својот маж, Акила, кога нивните околности се промениле (Дела 18:2).
17. Каква доверба имал Исус во своите ученици, и за што ги обучил?
17 Исус оставил најдобар пример за тоа што значи спремно да се обучуваат другите. Тој бил свесен дека, кога веќе нема да биде на Земјата, други ќе треба да го продолжат делото што тој го започнал. Се разбира, Исус знаел дека неговите ученици се несовршени. Но, имал доверба во нив и им рекол дека ќе прават поголеми дела од неговите (Јован 14:12). Тој им дал добра обука и затоа можеле да ја проповедаат пораката за Царството на поголемо подрачје од него (Кол. 1:23).
18. Какви задачи нѐ очекуваат во иднина, и каква задача има секој од нас денес?
18 Откако Исус умрел, Јехова го воскреснал на небото и му дал поголеми задачи. Го поставил на положба која е „далеку над секоја влада и власт и сила и управа“ (Еф. 1:19-21). Ако некои од нас умрат како верни слуги на Јехова пред да дојде Армагедон, ќе бидат воскреснати во праведен нов свет каде што ќе добијат многу задачи во кои ќе уживаат. Освен тоа, и денес сите ние имаме една важна задача — да ја проповедаме добрата вест и да им помагаме на луѓето да станат ученици на Исус. Затоа, без разлика дали сме млади или стари, секој од нас нека биде зафатен во делото на Господарот (1. Кор. 15:58).