Блесоци на светлина во апостолските времиња
„Светлина засветли над праведникот, а на правите по срце — радост“ (ПСАЛМ 96:11).
1. На кој начин денешните Јеховини сведоци личат на раните христијани?
КАКО вистински христијани, колку само ги сфаќаме зборовите од Псалм 96:11! ‚Светлината ни засветлува‘ одново и одново. Навистина, некои од нас ја гледаат Јеховината болскава светлина со децении. Сето ова нѐ потсетува на стихот од Изреки 4:18, кој гласи: „Патеката на праведните е како болскава светлина, која свети сѐ повеќе и повеќе дури не настане ден“. Поради тоа што Светото писмо го цениме повеќе од традициите, ние, Сведоците на Јехова, личиме на раните христијани. Нивниот став јасно може да се види од историските книги и писмата во Христијанските грчки списи, напишани под божествена инспирација.
2. Кои биле првите блесоци на светлина што ги добиле Исусовите следбеници?
2 Меѓу првите блесоци на светлина што ги добиле раните следбеници на Исус Христос биле блесоците во врска со Месијата. Андреј му рекол на својот брат Симон Петар: „Го најдовме Месија“ (Јован 1:41). По некое време, небесниот Татко му дал на апостол Петар да посведочи за вистинитоста на тој факт кога овој му рекол на Исус Христос: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог“ (Матеј 16:16, 17; Јован 6:68, 69).
Светлина врз нивниот налог за проповедање
3, 4. Откако воскреснал, какво просветлување им дал Исус на своите следбеници во врска со нивната претстојна активност?
3 По воскресението, Исус Христос дал блесоци на светлина во врска со должноста што ја имаат сите негови следбеници. Најверојатно, зборовите „одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот“, тој им ги упатил на 500-те ученици собрани во Галилеја (Матеј 28:19, 20; 1. Коринтјаните 15:6). Потоа, сите Христови следбеници требало да бидат проповедници, а нивната проповедничка активност не требало да биде ограничена само на „загубените овци на Израилевиот дом“ (Матеј 10:6). Ниту, пак, требало да го извршуваат Јовановото крштевање во знак на покајание заради простување на гревовите. Наместо тоа, требало да ги крштаваат луѓето „во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух“.
4 Непосредно пред Исусовото вознесување на небото, неговите 11 верни апостоли го прашале: „Во ова време ли го востановуваш, Господи, царството Израилево?“ Наместо да им одговори на ова прашање, Исус им дал натамошни упатства во врска со налогот за проповедање, велејќи: „Ќе примите сила, кога врз вас ќе слезе Светиот Дух; и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и дури до крајот на земјата“. Дотогаш тие требале да сведочат само за Јехова, но оттогаш станале сведоци и за Христос (Дела 1:6-8).
5, 6. Какви блесоци на светлина примиле Исусовите ученици на Пентакост?
5 Какви само брилјантни блесоци на светлина добиле Исусовите следбеници само десет дена подоцна! На Пентакост 33 н. е., за првпат го сфатиле значењето на Јоил 2:28, 29: „[Јас Јехова] ќе излеам од Мојот Дух врз секоја плот, и синовите ваши и ќерките ваши ќе пророкуваат; старците ваши ќе сонуваат соништа и младите ваши ќе гледаат виденија. А и врз слугите и слугинките во оние денови ќе излеам од Мојот Дух“. Исусовите ученици го виделе светиот дух во облик на јазици кои како пламен почивале врз главите на сите нив — околу 120 мажи и жени — собрани во Ерусалим (Дела 1:12-15; 2:1-4).
6 Исто така, на денот Пентакост, учениците првпат разбрале дека зборовите од Псалм 15:10 се однесуваат на воскреснатиот Исус Христос. Псалмистот рекол: „Ти [Јехова Боже] нема да ми ја оставиш душата моја во пеколот, ниту, пак, светецот Твој да види распаѓање“. Учениците сфатиле дека овие зборови не можеле да се применат на цар Давид бидејќи неговиот гроб бил меѓу нив до тој ден. Не е ни чудо што околу 3.000 од оние што го чуле објаснувањето на оваа нова светлина, биле толку уверени, што се крстиле уште истиот ден! (Дела 2:14-41).
7. Каква брилјантна светлина добил апостол Петар кога бил кај римскиот воен заповедник Корнилиј?
7 Со векови Израелците го ценеле она што Бог го рекол за нив: „Само вас ве признав од сите земни племиња“ (Амос 3:2). Вистински брилјантен блесок на светлина, што го добиле апостол Петар и оние кои биле со него во куќата на римскиот воен заповедник Корнилиј, било и тоа што светиот дух за првпат слегол врз необрежани пагански верници. Вредно за забележување е тоа што единствено тогаш светиот дух бил даден некому пред да се крсти. Но тоа морало да биде така. Во спротивно, Петар не би знаел дека тие необрежани пагани ги исполнуваат условите за крштевање. Потполно разбирајќи го значењето на овој феномен, Петар прашал: „Може ли некој да забрани да се крстат со вода оние [пагани], кои Го примија Духот Свети како и ние?“ Се разбира, ниту еден присутен не можел со право да приговори, па така уследило крштевањето на тие пагани (Дела 10:44-48; спореди Дела 8:14-17).
Нема повеќе обрежување
8. Зошто им било тешко на некои рани христијани да го напуштат обрежувањето?
8 Еден натамошен силен блесок на вистината се појавил во врска со обрежувањето. Обрежувањето почнало да се практикува од 1919 пр.н.е. со Јеховиниот сојуз со Авраам. Бог му заповедал на Авраам да се обреже тој и сите други машки во куќата (1. Мојсеева 17:9-14, 23-27). Така, обрежувањето станало знак на распознавање за потомците на Авраам. И колку само горди биле на овој обичај! Оттаму произлегол презривиот израз „необрезан“ (Исаија 52:1; 1. Царства 17:26, 27). Лесно е да се согледа зошто извесни рани еврејски христијани сакале да го задржат ова обележје. Некои од нив прилично дискутирале со Павле и Варнава по ова прашање. За да се реши тој проблем, Павле и некои други отишле во Ерусалим за да се консултираат со христијанското водечко тело (Дела 15:1, 2).
9. Какви блесоци на светлина му биле откриени на првото водечко тело, како што е запишано во Дела 15. поглавје?
9 Овојпат, светлината за тоа дека обрежувањето повеќе не се бара од Јеховините слуги, овие рани христијани не ја добиле преку некакво очигледно чудо. Напротив, таа зголемена светлина ја добиле преку истражување на Писмото, потпирајќи се на водството на светиот дух и слушајќи ги искуствата на Петар и Павле во врска со преобраќањето на необрезани пагани (Дела 15:6-21). Одлуката била објавена во облик на писмо кое делумно гласи: „Зашто на Светиот Дух и нам ни беше угодно веќе никакво бреме да не ви ставаме освен она што е потребно: да се воздржувате од принесување жртви на идоли и од крв, од удавено, од блудство“ (Дела 15:28, 29). Така, раните христијани биле ослободени од заповедта да се обрежуваат, како и од други барања на Мојсеевиот закон. Затоа Павле можел да им рече на христијаните во Галатија: „Стојте така во слободата, со која Христос нѐ ослободи“ (Галатјаните 5:1).
Светлина во евангелијата
10. Кои се некои од блесоците на светлина откриени во Матеевото евангелие?
10 Без сомнение, евангелието на Матеј, напишано околу 41 година н.е., содржи многу блесоци на светлина во корист на оние што го читаат. Сразмерно малку христијани од првиот век лично го чуле Исус како ги изложува своите науки. Матеевото евангелие особено нагласува дека темата на Исусовото проповедање било Царството. И колку само силно нагласил Исус дека е важно да се има исправен мотив! Какви само блесоци на светлина имало во неговата Проповед на гората, во споредбите (како оние што се запишани во 13. поглавје) и во неговото големо пророштво во 24. и 25. поглавје! Вниманието на раните христијани им било свртено на сето ова преку Матеевиот евангелиски извештај, напишан отприлика осум години по Пентакост 33 година н.е.
11. Што може да се рече за содржината на Лукиното и Марковото евангелие?
11 Околу 15 години подоцна, Лука го запишал своето евангелие. Иако голем дел од него е сличен со Матеевиот извештај, 59 отсто е надополнение. Лука запишал шест од Исусовите чуда и двојно повеќе Негови илустрации што не ги споменале другите писатели на евангелијата. Очигледно, само неколку години подоцна, Марко го напишал своето евангелие, ставајќи нагласок на Исус Христос како на човек од акција, чудотворец. Иако претежно раскажува за настани коишто претходно ги запишале Матеј и Лука, Марко забележал една споредба која тие не ја споменале. Во таа илустрација, Исус го споредил Божјето Царство со семе кое никнува, високо расте и постепено дава плодa (Марко 4:26-29).
12. До која мера Јовановото евангелие дава натамошно просветлување?
12 Тука е и Јовановото евангелие, напишано по повеќе од 30 години откако Марко го запишал својот извештај. Каков само сноп светлина фрлил Јован на Исусовата служба, особено преку многуте осврти на Неговото претчовечко постоење! Само Јован го дал извештајот за Лазаровото воскресение и само тој ни дал многу од одличните забелешки на Исус за неговите верни апостоли, како и извештајот за неговата сесрдна молитва изречена во ноќта кога бил предаден, што е забележано во 13. до 17. поглавје. Всушност, се вели дека со 92 отсто, Јовановото евангелие е единствено.
Блесоци на светлина во Павловите писма
13. Зошто некои го сметаат за евангелие Павловото писмо до Римјаните?
13 Апостол Павле бил особено употребуван за да им донесе блесоци на вистината на христијаните кои живееле во апостолските времиња. На пример, тука е Павловото писмо до Римјаните, напишано околу 56 година н.е. — отприлика во исто време кога Лука го пишувал своето евангелие. Во ова писмо, Павле го истакнува фактот дека праведноста се должи на Божјата незаслужена доброта и дека се добива преку верата во Исус Христос. Павловиот нагласок на овој аспект на добрата вест навел некои да гледаат на неговото писмо до Римјаните како на петто евангелие.
14-16. а) Каква светлина фрлил Павле на потребата од обединетост, во своето прво писмо до христијаните во Коринт? б) Каква друга светлина во врска со однесувањето содржи Прво послание до Коринтјаните?
14 Павле пишувал за извесни работи што ги вознемирувале христијаните во Коринт. Неговото писмо до коринтјаните вклучува голем број вдахновени совети кои им користат на христијаните до ден-денес. Прво, морал да им расветли на коринтјаните дека грешат со тоа што создаваат култни личности од некои поединци. Апостолот ги исправил со своите храбри зборови: „Браќа, ве молам, во името на нашиот Господ Исус Христос, сите вие да зборувате едно и исто, и помеѓу вас да нема делење, туку да бидете соединети во еден дух и во една мисла“ (1. Коринтјаните 1:10-15).
15 Во христијанското собрание во Коринт бил толериран тежок неморал. Некој човек му ја зел жената на татка си, правејќи со тоа ‚такво блудство, за какво не се зборувало дури ни при незнабошците‘. Павле јасно напишал: „Исфрлете го лошиот помеѓу вас“ (1. Коринтјаните 5:1, 11-13). Тоа било нешто ново за христијанското собрание — исклучување. Друга работа за која коринтското собрание требало да добие просветлување бил фактот дека некои негови членови ги воделе своите духовни браќа по световни судови за да им ги решат тужбите. Павле строго ги укорил поради тоа (1. Коринтјаните 6:5-8).
16 Една друга работа што го измачувала собранието во Коринт била во врска со сексуалните односи. Во 1. Коринтјаните 7. поглавје, Павле покажал дека поради преовладувачкиот сексуален неморал, би било добро секој маж да има своја жена и секоја жена да има свој маж. Павле, исто така, покажал дека го немаат сите дарот на самештво, иако самците можат да му служат на Јехова со помалку пречки. И, доколку на една жена ѝ умре мажот, таа ќе биде слободна да се премажи, но „само во Господ“ (1. Коринтјаните 7:39, НС).
17. Каква светлина фрлил Павле врз науката за воскресение?
17 За какви само блесоци на светлина да фрли врз воскресението Господ го употребил Павле! Во каков вид тело ќе бидат подигнати помазаните христијани? „Се сее тело душевно [физичко, НС] — воскреснува тело духовно“, напишал Павле. Ниту едно тело од крв и месо нема да биде земено на небесата, оти „телото и крвта не можат да го наследат царството Божјо“. Павле додал дека нема сите помазани да заспијат во смрт, туку дека при Исусовото присуство некои ќе бидат подигнати во бесмртен живот веднаш после смртта (1. Коринтјаните 15:43-53).
18. Каква светлина во врска со иднината содржи Павловото прво писмо до солунјаните?
18 Во своето писмо до христијаните во Солун, Павле бил употребен да фрли светлина на иднината. Јеховиниот ден ќе дојде како крадец во ноќно време. Павле исто така објаснил: „Кога ќе речат: ‚Мир и безопасност!‘, тогаш ненадејно ќе ги стигне погибел, како што ја напаѓаат родилни маки секоја непразна жена, и нема да избегнат“ (1. Солунјаните 5:2, 3).
19, 20. Какви блесоци на светлина примиле христијаните во Ерусалим и во Јудеја од Павловото писмо до Евреите?
19 Кога го пишувал своето писмо до Евреите, Павле им посредувал блесоци на светлина на раните христијани во Ерусалим и во Јудеја. Колку само силно ја покажал надмоќноста на христијанскиот систем на обожавање во однос на Мојсеевиот! Наместо да го следат Законот пренесен преку ангели, христијаните имаат вера во спасението за кое прв зборувал Божјиот Син, кој е далеку понадмоќен од таквите ангелски гласници (Евреите 2:2-4). Мојсеј бил обичен слуга во домот Божји. Меѓутоа, Исус Христос управува над целиот дом. Христос е првосвештеник по редот Мелхиседеков, така што има положба далеку понадмоќна од положбата на Аронското свештенство. Павле исто така укажал дека, поради недостиг на вера и послушност, Израелците не можеле да влезат во Божјиот покој, за разлика од христијаните кои можат да влезат поради својата верност и послушност (Евреите 3:1–4:11).
20 Исто така, новиот сојуз е далеку понадмоќен од сојузот на Законот. Како што било проречено 600 години пред тоа, во Јеремија 31:31-34, оние што биле во новиот сојуз го имале Божјиот закон врежан на срцата и вистинското простување на гревовите. Наместо да имаат првосвештеник кој мора да принесува годишни жртви, како за своите така и за гревовите на народот, христијаните го имаат Исус Христос за свој Првосвештеник кој е без грев и кој еднаш засекогаш принел жртва за гревовите. Наместо да влегол на свето место направено со раце за да даде принос, тој влегува во самото небо за да се појави пред лицето на Јехова. Освен тоа, животинските жртви под сојузот на Мојсеевиот закон не можеле потполно да ги отстранат гревовите, инаку не би биле принесувани секоја година. Но Христовата жртва, принесена еднаш засекогаш, ги брише гревовите. Сето ова фрла светлина на големиот духовен храм во чии дворови денес служи помазаниот остаток, заедно со ‚другите овци‘ (Јован 10:16; Евреите 9:24-28).
21. Што покажува оваа дискусија за исполнувањето на Псалм 96:11 и Изреки 4:18 во апостолските времиња?
21 Просторот не дозволува да се наведат и други примери, како што се блесоците на светлината во писмата на апостол Петар и на учениците Јаков и Јуда. Но претходнокажаното треба да биде доволно за да покаже дека Псалм 96:11 и Изреки 4:18 имале впечатливо исполнување во апостолските времиња. Вистината почнала да напредува од симболи и сенки до исполнувања и реалности (Галатјаните 3:23-25; 4:21-26).
22. Што се случило по смртта на апостолите, и што ќе покаже следната статија?
22 По смртта на Исусовите апостоли и по напливот на проречениот отпад, светлината на вистината зрачела многу пригушено (2. Солунјаните 2:1-11). Меѓутоа, според Исусовото ветување, после многу векови Господарот се вратил и го нашол „верниот и разумен роб“ како им дава на ‚домашните‘ храна во право време. Како резултат на тоа, Исус Христос го наименувал тој роб „над сиот свој имот“ (Матеј 24:45-47, НС). Какви блесоци на светлина уследиле? За тоа ќе се дискутира во следната статија.
[Фуснота]
a Почвата, што е тука спомената, се однесува на состојбата во која христијанинот избира да ги негува особините на својата личност. (Види Стражарска кула од 15 јуни 1980, стр. 18, 19 [англ.].)
Дали се сеќаваш?
◻ Кои библиски текстови покажуваат дека разбирањето на вистината е напредно?
◻ Кои се некои од блесоците на светлина што се запишани во книгата Дела?
◻ Каква светлина се наоѓа во Евангелијата?
◻ Какви блесоци на светлина содржат Павловите писма?