Мудри совети за самештвото и бракот
„Ова ви го зборувам... да ве поттикнам за вашето однесување да биде пристојно, па без престан и без пречка да му служите на Господарот“ (1. КОР. 7:35)
1, 2. Зошто треба да знаеме што вели Библијата за самештвото и бракот?
ОДНОСИТЕ со спротивниот пол се извор на голема радост, но и на вознемиреност и загриженост. За успешно да се справиме со ваквите чувства, потребно ни е водство од Бог. Но, треба да го бараме Божјето водство и од други причини. Можеби некои христијани кои се среќни како самци чувствуваат притисок од семејството или пријателите кои ги тераат да стапат во брак. Други, пак, сакаат да се омажат или оженат, но сѐ уште не нашле некој што би им одговарал. На трети им требаат совети за да се подготват за одговорностите што ги носи бракот. Освен тоа, сите христијани, сеедно дали се во брак или не, мора да внимаваат да не направат неморал.
2 Освен што влијаат врз нашата среќа, овие работи влијаат и врз нашето пријателство со Јехова Бог. Во 7. поглавје од своето прво послание до Коринќаните, Павле дал совети за самештвото и бракот. Тој сакал да ги поттикне сохристијаните ‚да се однесуваат пристојно, и без престан и без пречка да му служат на Господарот‘ (1. Кор. 7:35). Додека ги разгледуваш неговите совети за овие важни работи, размисли како можеш да ги искористиш своите околности — сеедно дали си во брак или не — за да му служиш на Јехова во поголема мера.
Важна лична одлука
3, 4. а) Што може да се случи ако пријателите и роднините наговараат некого да се ожени или омажи? б) Како можат советите на Павле да ни помогнат исправно да гледаме на бракот?
3 Исто како Евреите во првиот век, луѓето во разни земји денес сметаат дека е многу важно човек да стапи во брак. Ако некој млад човек или жена не се ожени или омажи до извесна возраст, загрижените пријатели или роднини обично мислат дека се должни да ги посоветуваат за таа работа. Можеби ќе ги поттикнат подобро да си ги отворат очите или самите ќе им посочат некого што тие мислат дека би бил добар за нив. Понекогаш дури и ќе се обидат да наместат ситуација за двајца самци да се сретнат. Сето ова може да води до непријатности, повредени чувства, па дури и да наруши нечии пријателства.
4 Павле не им вршел притисок на другите ниту да останат сами ниту да стапат во брак (1. Кор. 7:7). Иако тој радосно му служел на Бог како самец, не ги осудувал оние што сакале да се мажат или женат. И секој христијанин денес има право сам да реши дали ќе стапи во брак или не. Другите не треба да му се мешаат во таа одлука.
Добро искористи го самештвото
5, 6. Зошто Павле се изразил пофално за самештвото?
5 Во своето послание до Коринќаните, Павле пофално се изразил за самештвото. (Прочитај 1. Коринќаните 7:8.) Некои верски водачи во христијанскиот свет кои не се женат сметаат дека се подобри од оние што стапуваат во брак. Но, иако самиот немал жена, Павле не гледал така на другите. Напротив, објаснил дека христијаните кои се самци имаат некои предности во однос на оние што се во брак. Во која смисла?
6 Еден самец честопати може да прифати задачи во Јеховината служба кои не би можел да ги прифати еден женет човек. Павле имал посебна чест да служи како „апостол испратен кај другите народи“ (Рим. 11:13). Во Дела, поглавја 13-20, читаме дека тој и неговите соработници проповедале како мисионери на недопрени подрачја и основале нови собранија од едно место во друго. Додека му служел на Јехова на таков начин, тој претрпел многу неволји. Ретко кој од нас денес се соочува со истите тешкотии (2. Кор. 11:23-27, 32, 33). Сепак, тие проблеми не можеле да се мерат со радоста што Павле ја чувствувал кога луѓето станувале Христови ученици (1. Сол. 1:2-7, 9; 2:19). Ако бил женет или имал деца, дали ќе можел да прави толку многу во службата за Бог? Веројатно не.
7. Како две немажени сестри ги искористиле своите околности за да проповедат во поголема мера?
7 Многу христијани што не се во брак ги користат своите моментални околности за да служат во поголема мера. Сара и Лимбанија, немажени пионерки од Боливија, се преселиле во едно село каде што со години не било сведочено. Таму немало струја. Дали тоа им претставувало проблем? Тие велат: „Бидејќи нема ни радио ни телевизија, во слободното време луѓето најчесто читаат“. Некои од селаните им покажале публикации од Јеховините сведоци кои сѐ уште ги читале, иако веќе одамна не се печатат. Бидејќи речиси во секоја куќа имало заинтересирани лица, сестрите не стигнувале да појдат кај секого. Една постара жена им рекла: „Крајот мора да е близу штом Јеховините сведоци конечно дојдоа и кај нас!“ Наскоро некои од селото почнале да доаѓаат на собраниските состаноци.
8, 9. а) Зошто Павле рекол дека е добро да му се служи на Јехова како самец? б) Какви предности имаат христијаните што не се во брак?
8 Се разбира, и христијаните што се во брак имаат успех кога ја проповедаат добрата вест на подрачја каде што условите се потешки. Но, некои задачи што можат да ги прифатат немажените или неженетите пионери би можеле да претставуваат вистински предизвик за оние што се во брак или имаат деца. Кога им пишал на собранијата, Павле знаел дека сѐ уште имало многу работа за да им се пренесе добрата вест на другите. Сакал секој да ја почувствува радоста што ја чувствувал тој. Од таа причина, рекол дека е добро да му се служи на Јехова како самец.
9 Една немажена сестра од САД напишала: „Некои луѓе мислат дека човек не може да биде среќен ако не е во брак. Но, јас се уверив дека трајната среќа зависи од пријателството со Јехова. Иако бара жртви, самештвото може да биде прекрасен дар ако се искористи на исправен начин“. Во врска со среќата, таа напишала: „Самештвото може да биде мост, а не пречка до среќата. Знам дека Јехова нѐ сака сите, без разлика дали сме во брак или не“. Сега оваа сестра радосно служи во земја каде што има поголема потреба од објавители. Ако си самец, можеш ли да ја искористиш поголемата слобода што ја имаш за уште повеќе да ги поучуваш другите за вистината? Тогаш и за тебе самештвото ќе биде бесценет дар од Јехова.
Самци кои сакаат да стапат во брак
10, 11. Како им помага Јехова на оние што сакаат да стапат во брак, но сѐ уште не ја нашле вистинската личност?
10 Откако извесно време биле сами, многу верни Јеховини слуги одлучуваат да стапат во брак. Бидејќи се свесни дека им треба водство, тие го молат Јехова да им помогне да ја најдат вистинската личност. (Прочитај 1. Коринќаните 7:36.)
11 Ако сакаш да стапиш во брак со некој што му служи на Бог со сета душа, продолжи да му се молиш на Јехова за тоа (Фил. 4:6, 7). Сеедно колку долго ќе треба да чекаш, не се разочарувај. Јехова знае што ти е потребно и, ако имаш доверба во него, тој ќе ти ја даде потребната помош (Евр. 13:6).
12. Ако некој ти предложи брак, за што треба добро да размислиш пред да одговориш?
12 Но, што ако ти предложи брак некој што е духовно слаб или, пак, не му служи на Јехова? Иако можеби се бориш со осаменоста и имаш силна желба да се омажиш или ожениш, не заборавај дека, ако стапиш во брак со погрешната личност, ќе чувствуваш уште поголема емотивна болка. Таа одлука ќе има далекосежни последици бидејќи бракот треба да трае цел живот (1. Кор. 7:27). Немој да прифатиш нечија понуда само затоа што мислиш дека тоа ти е единствената шанса. Подоцна може да зажалиш за таа одлука. (Прочитај 1. Коринќаните 7:39.)
Подготви се за брак
13-15. За кои работи треба да разговараат двајца што планираат да стапат во брак?
13 Иако Павле рекол дека е добро да му се служи на Јехова како самец, тој не гледал од високо на оние што одлучувале да се венчаат. Напротив, неговите совети им помагаат на христијаните да гледаат реално на брачната врска и да ја зачуваат.
14 Некои парови треба да ги променат своите очекувања во врска со брачниот живот. Додека се во врска, можеби мислат дека нивната љубов е нешто посебно и дека никој друг не се чувствувал така. Тие влегуваат во брачните води понесени од вакви чувства и мислат дека никогаш нема да бидат несреќни во бракот. Но, реалноста е поинаква. Љубовта и нежноста што си ја покажуваат мажот и жената можат да бидат извор на радост, но тоа не е доволно за да се решат сите проблеми и тешкотии со кои ќе се соочат во бракот. (Прочитај 1. Коринќаните 7:28.)a
15 Откако ќе стапат во брак, многу парови се изненадени, па дури и разочарани, кога ќе сфатат дека имаат различни мислења за некои важни работи. На пример, некои не можат да се договорат како да ги трошат парите или што да прават во слободното време, каде да живеат и колку често да ги посетуваат семејствата. Освен тоа, секој од нив има маани и слабости што може да го нервираат другиот. Овие работи можеби не им се чинеле толку важни додека биле во врска, но можат да предизвикаат голема напнатост откако ќе се земат. Затоа е добро идните сопружници да разговараат за нив пред да стапат во брак.
16. Зошто брачните партнери треба да се договорат како да ги решаваат проблемите?
16 За да бидат среќни, брачните партнери мора да се договорат како да ги исполнат своите одговорности, на пример, како да ги воспитуваат децата или како да се грижат за остарените родители. Во секое семејство има проблеми. Но, сопружниците не треба да дозволат поради тоа да се оддалечат еден од друг. Ако ги применуваат библиските совети, тие ќе надминат многу проблеми, ќе научат да живеат со оние што не можат лесно да се решат и ќе бидат среќни заедно (1. Кор. 7:10, 11).
17. Во која смисла брачните другари треба да ‚се грижат за световното‘?
17 Павле кажува уште нешто во врска со брачниот живот во 1. Коринќаните 7:32-34. (Прочитај.) Оние што се во брак ‚се грижат за световното‘, односно за храна, облека, покрив над главата и други работи што не се директно поврзани со нивниот однос со Бог. На пример, додека бил сам, можеби еден брат се трошел многу во службата. Но, како сопруг, сфаќа дека мора да користи дел од своето време и сила за да се грижи за својата жена и да ѝ угоди. Истото важи и за сопругата. Јехова е свесен дека тоа е потребно ако сакаат да имаат среќен брак. Затоа, не очекува да трошат исто толку време и сила во службата за Него како порано, кога биле самци.
18. Какви промени можеби ќе треба да направат сопружниците во поглед на времето што го трошеле со пријателите?
18 Но, што е со времето кое брачните партнери го поминувале во разонода и други активности кога биле самци? Ако треба да одвојат дел од времето и силата што порано ја трошеле во службата за Јехова за да си го зајакнат бракот, зарем не треба да го сторат истото и со времето што порано го трошеле на разонода? Како ќе се чувствува жената ако мажот посветува исто толку време на разни спортови со пријателите како и пред да стапи во брак? И како ќе се чувствува мажот ако жената поминува премногу време со своите пријателки? И жената и мажот би можеле да се чувствуваат занемарени, осамени, несреќни и несакани. Ова нема да се случи ако сопружниците прават сѐ што можат за да ја зајакнат брачната врска (Еф. 5:31).
Јехова очекува да останеме чисти во морален поглед
19, 20. а) Зошто оние што се во брак мора да внимаваат да не направат неморал? б) На каква опасност се изложуваат брачните парови ако се одвоени подолго време?
19 Јеховините слуги се решени да останат чисти во морален поглед. Некои одлучуваат да стапат во брак за да не паднат во замката на сексуалниот неморал. Но, и оние што се во брак мора да внимаваат да останат морално чисти. Во библиски времиња, ѕидините ги штителе жителите на утврдените градови само ако тие останеле во нив. Ако некој излегол надвор од градот кога напаѓале крадци и разбојници, можел да биде ограбен или убиен. Границите што Јехова ги поставил за брачните партнери се како тие ѕидови околу градот. Сопружниците ќе се заштитат од сексуалниот неморал само ако се послушни на законите и ограничувањата што ги дал Јехова во врска со бракот.
20 Павле зборувал за тие ограничувања во 1. Коринќаните 7:2-5. Жената смее да има односи само со својот маж, а мажот само со својата жена. Од двајцата се очекува да си ја исполнуваат „брачната должност“, односно да имаат сексуални односи со брачниот другар, кој има право на тоа. Но, во некои бракови, мажот и жената поминуваат многу време одвоени еден од друг. Можеби не одат заедно на одмор или, пак, едниот е заминат на работа во друго место. На тој начин, не можат да ја исполнуваат „брачната должност“ кон партнерот. Сатана би можел да ги искористи ваквите околности за да уништи нечиј брак. Едниот од сопружниците би можел да се најде на искушение да направи прељуба. Јехова ги благословува семејните поглавари кои се грижат за своите семејства без да го доведуваат во опасност својот брак (Пс. 37:25).
Биди послушен на библиските совети
21. а) Зошто не е лесно човек да одлучи дали да стапи во брак или не? б) Зошто советите од 1. Коринќаните 7. поглавје се корисни за нас?
21 Не е лесно човек да одлучи дали да остане сам или да стапи во брак. Сеедно каква одлука ќе донесеш во врска со тоа, ќе има проблеми бидејќи сите сме несовршени. Иако Јехова ги благословува своите слуги, понекогаш и тие ќе се разочараат поради она што им се случува во животот, сеедно дали се во брак или не. Ако ги применуваш мудрите совети од 1. Коринќаните 7. поглавје, можеш да избегнеш многу од проблемите што беа спомнати. Ќе ‚правиш добро‘ во Јеховини очи, сеедно дали си самец или во брак. (Прочитај 1. Коринќаните 7:37, 38.) Најважно од сѐ е да ја имаме Божјата милост бидејќи така ќе продолжиме цврсто да чекориме кон новиот свет. Таму односите меѓу мажите и жените нема да бидат изложени на притисоците и проблемите кои се вообичаени денес.
[Фуснота]
a Види во книгата Тајната на семејната среќа, 2. поглавје, пасуси 16-19.
Можеш ли да одговориш?
• Зошто не треба никому да му вршиме притисок да стапи во брак?
• Како можеш најдобро да го користиш своето време како самец за да му служиш на Јехова?
• Како можат двајца што се во врска да се подготват за она што ги чека во бракот?
• Зошто и оние што се во брак мора да внимаваат да не направат неморал?
[Слики на страница 14]
Христијаните што не се во брак се радосни кога му служат на Бог во поголема мера
[Слика на страница 16]
Какви промени мора да направат некои откако ќе стапат во брак?