Вистинска среќа во служењето на Јехова
„Среќен е оној кој го има Богот Јаковов на помош, чија надеж е во Јехова, неговиот Бог“ (ПСАЛМИ 146:5, NW).
1, 2. Што е речено за дефиницијата за среќа, и што значи среќата за многу луѓе денес?
ШТО е среќа? Лексикографите, филозофите и теолозите со векови се обидувале да ја дефинираат. Но не дале дефиниција која наишла на едногласно одобрување. Делото Encyclopædia Britannica признава: „,Среќата‘ е еден од најнесфатливите зборови“. Среќата очигледно претставува различно нешто за различни луѓе, во зависност од нивниот поглед на животот.
2 За многу луѓе, среќата се врти околу доброто здравје, материјалните работи и пријатното друштво. Сепак, постојат луѓе кои сето тоа го имаат, но се несреќни. За мажите и жените кои се предадени на Јехова Бог, Библијата дава концепт за среќата кој е сосема поинаков од општото гледиште.
Поинакво гледиште за среќата
3, 4. а) Кого Исус го прогласил за среќен? б) Што може да се забележи за факторите на среќата кои ги споменал Исус?
3 Во својата Проповед на гората, Исус Христос не рекол дека среќата зависи од доброто здравје, материјалните работи и слично. Тој ги прогласил за вистински среќни оние „кои се свесни за своите духовни потреби“ и оние „кои се гладни и жедни за праведност“. Со овие два фактори, кои се неопходни за вистинската среќа, е поврзана Исусовата наизглед парадоксална изјава: „Среќни се оние кои тажат, зашто ќе бидат утешени“ (Матеј 5:3-6, NW). Очигледно, Исус не велел дека луѓето ќе бидат автоматски среќни кога ќе изгубат некој драг. Не, туку зборувал за оние кои ја оплакувале својата грешна состојба и нејзините последици.
4 Апостолот Павле зборувал за тоа како човечкото творештво стенка под гревот на темел на надежта дека ќе ‚се ослободи од ропството на распаѓањето‘ (Римјаните 8:21, 22). Луѓето кои ја прифаќаат Јеховината подготовка за плаќање на гревот преку Христовата откупна жртва и кои ја вршат Божјата волја, се вистински утешени и среќни (Римјаните 4:6-8). Во Проповедта на гората, Исус исто така ги прогласил за среќни „оние со блага нарав“, „милосрдните“, „оние со чисто срце“ и „мирољубивите“. Тој го дал ветувањето дека иако се прогонувани, таквите кротки нема да ја изгубат својата среќа (Матеј 5:5-11, NW). Занимливо е да се забележи дека овие возвишени фактори за среќата ги ставаат богатите и сиромашните на еднакво рамниште.
Темелот за вистинска среќа
5. Кој е темелот за среќа за Божјите предадени слуги?
5 Изворот на вистинската среќа не се наоѓа во материјалното богатство. Мудриот цар Соломон рекол: „Благословот Јеховин — тоа е она што збогатува и никаква болка не донесува со себе“ (Пословици 10:22, NW). За суштествата кои го признаваат Јеховиниот универзален суверенитет, среќата е нужно поврзана со Божјиот благослов. Предадената личност која го има и го чувствува Јеховиниот благослов на себе, е вистински среќна. Од библиска гледна точка, среќата вклучува чувство на задоволеност, задоволство и исполнетост во Јеховината служба.
6. Што се бара од Јеховиниот народ за да биде вистински среќен?
6 Вистинската среќа зависи од исправниот однос со Јехова. Таа се темели на Божјата љубов и верноста спрема него. Јеховините предадени слуги со цело срце се придржуваат кон Павловите зборови: „Ниеден од нас, всушност, не живее само за себеси . . . Живееме за Јехова . . . Му припаѓаме на Јехова“ (Римјаните 14:7, 8, NW). Според тоа, вистинската среќа не може да се постигне без послушност спрема Јехова и радосно подложување на неговата волја. Исус рекол: „Среќни се оние кои ја слушаат речта Божја и ја држат!“ (Лука 11:28, NW).
Променливи фактори за среќа
7, 8. а) Како можат да се класифицираат факторите на среќата? б) Што може да се каже за бракот и раѓањето на деца?
7 Претходно споменатите фактори за среќа можат да се наречат „основи“ или „константи“, затоа што тие важат за Јеховините предадени слуги во сите времиња. Покрај тоа, постојат и т. н. ‚променливи‘, фактори кои можат да доведат до среќа во едно време, а до малку или до никаква среќа во друго време. Во времето на патријарсите и во претхристијанските времиња, бракот и раѓањето на деца се сметале неопходни за среќата. Тоа се одразува во зајадливата молба на Рахела до Јаков: „Дај ми деца, ако не — јас ќе умрам!“ (1. Мојсеева 30:1). Таквиот став спрема раѓањето на деца одговарало на Јеховината намера во тоа време (1. Мојсеева 13:14-16; 22:17).
8 Бракот и раѓањето на деца се сметале за благослови дадени од Бог меѓу Јеховиниот народ во првобитно време. Меѓутоа, во текот на несреќните периоди од нивната историја, со нив и со другите околности била поврзана неволја. (Спореди Псалми 127, 128 со Јеремија 6:12; 11:22; Плач Јеремиин 2:19; 4:4, 5.) Според тоа, јасно е дека бракот и раѓањето деца не се трајни фактори за среќата.
Среќа без брак во минатото
9. Зошто ќерката на Ефтај добивала годишна пофалба?
9 Многу од Божјите слуги нашле вистинска среќа и без брак. Од почит спрема татковата заклетва, Ефтајовата ќерка останала неомажена. Таа и нејзините другарки некое време ја оплакувале нејзината девственост. Но колкава радост имала служејќи полновремено во Јеховиниот дом, можеби меѓу ‚жените слугинки кои вршеле организирана служба на влезот од шаторот за состанување‘! (2. Мојсеева 38:8, NW). За тоа таа добивала годишна пофалба (Судиите 11:37-40, NW).
10. Што барал Јехова од Јеремија, и дали се чини дека поради тоа водел несреќен живот?
10 Поради драматичните времиња во кои живеел пророкот Јеремија, Бог барал тој да се воздржува од женење и одгледување деца (Јеремија 16:1-4). Но Јеремија ја искусил вистинитоста на Божјите зборови: „Благословен е оној човек, кој се надева на Господа [Јехова], и кому надежта му е Господ [Јехова]“ (Јеремија 17:7). Во текот на преку 40-годишна пророчка служба, Јеремија верно му служел на Бог како неоженет човек. Колку што ни е познато, тој никогаш не се оженил и немал деца. Сепак, кој може да се сомнева дека Јеремија не бил среќен, слично на верниот еврејски остаток кој ‚блеска поради Јеховината доброта‘? (Јеремија 31:12, NW).
11. Кои се некои библиски примери на Јеховини верни слуги кои биле среќни и покрај тоа што немале брачен другар?
11 Многу други луѓе му служеле на Јехова радосно без брачен другар. Или биле самци, или вдовици или вдовци. Меѓу нив била пророчицата Ана; веројатно Дорка или Тавита; апостолот Павле; и најголемиот пример од сите — Исус Христос.
Сами но среќни денес
12. За што направиле место некои од Јеховините среќни, предадени слуги денес, и зошто?
12 Денес, илјадници Јеховини сведоци верно му служат на Бог без брачен партнер. Некои можеле да го прифатат Исусовиот повик: „Кој може да направи место за тоа [дарот на самештво], нека му направи место“. Тоа го сториле „поради небесното царство“ (Матеј 19:11, 12, NW). Односно, тие добро ја искористиле својата слобода дадена од Бог така што посветуваат повеќе време и енергија за унапредување на интересите на Царството. Многу од нив служат како пионери, мисионери или како членови на бетелската фамилија во светската централа на Друштвото Стражарска кула или во некоја од нејзините подружници.
13. Кои примери покажуваат дека христијанинот може да биде неоженет, а среќен?
13 Една драга постара сестра на својата животна приказна ѝ го дала насловот: „Неомажена и среќна како пионер“ (Стражарска кула, од 1 мај 1985, стр. 23-26, англ.). Една друга сестра која поминала преку 50 години служба во Бетел, изјавила: „Потполно сум задоволна со мојот живот и работа. Сега сум позафатена од кога и да е порано со работа која многу ја сакам. Воопшто не се каам. Кога повторно би бирала би ја донела истата одлука“ (Стражарска кула, од 15. јуни 1982, стр. 15, англ.).
14, 15. а) Што е неопходно за да се остане самец, според апостол Павле? б) Зошто апостол Павле кажува дека неоженетиот прави „подобро“ и дека ‚е посреќен‘?
14 Забележи го зборот „одлука“. Павле напишал: „Ако некој стои утврден во срцето, не чувствувајќи потреба, туку има власт над сопствената волја и ја донел таа одлука во своето срце, да ја сочува својата девственост, добро ќе направи. Според тоа, и оној кој ја дава својата девственост во брак прави добро, но оној кој не ја дава во брак, ќе направи подобро“ (1. Коринтјаните 7:37, 38, NW). Зошто „подобро“? Павле објаснил: „Сакам да бидете без грижи. Неоженетиот се грижи за работите на Господ, како да му се допадне на Господ. . . . Понатаму, неомажената и девицата е загрижена за работите на Господ . . . Но ова ви го велам за ваша лична корист, . . . да ве поттикнам на она што е пристојно и на она што значи постојана спремност за служба на Господ без пречки“ (1. Коринтјаните 7:32-35, NW).
15 Дали среќата е поврзана со „постојана спремност за служба на Господ без пречки“ со изглед да ‚му се допадне на Господ‘? Павле очигледно така мислел. Зборувајќи за една христијанска вдовица, тој рекол: „Слободна е да се омажи за кого сака, само во Господ. Но според мое мислење, таа е посреќна ако остане така како што е. Сигурен сум дека и јас имам Божји дух“ (1. Коринтјаните 7:39, 40, NW).
Предности ако си неоженет/неомажена
16. Кои се некои од предностите на кои им се радуваат неоженетите Сведоци на Јехова?
16 Сеедно дали христијанинот е сам поради лична одлука или го присилиле околностите, неоженетата состојба со себе носи многу лични предности. Поединците кои се сами воглавно имаат повеќе време да ја проучуваат Божјата Реч и да медитираат за неа. Ако ја искористат таа околност, се продлабочува нивната духовност. Бидејќи немаат брачен другар со кого би ги споделиле проблемите, многу од нив научуваат повеќе да се потпираат на Јехова и да го бараат неговото водство во сите работи (Псалми 37[36]:5). Тоа помага да се создаде поблизок однос со Јехова.
17, 18. а) Кои прилики за проширено подрачје на служба се достапни за Јеховините слуги кои не се во брак? б) Како некои неоженети Јеховини слуги ја опишале својата среќа?
17 Неоженетите христијани имаат прилики да го прошират подрачјето на службата на Јеховина фалба. Посебната обука која сега се дава во Школата за оспособување на слуги е ограничена на браќа самци или вдовци. И неомажените сестри се послободни да посегнат по предности во Божјата служба. Постарата сестра што ја споменавме пред малку, доброволно се пријавила да служи во една африканска земја кога била, цитираме: „прилично кревка жена над 50 години“. Таму останала дури и за време на забраната кога сите мисионери биле истерани. Таа сѐ уште служи таму како пионер, иако сега има над 80 години. Дали е среќна? Во својата животна приказна напишала: „Бев во можност да ја искористам дополнителната слобода и подвижност кои ги пружа самештвото за да се одржувам вработена во службата, и тоа ми донесе огромна среќа. . . . Низ годините мојот однос со Јехова се продлабочи. Како неомажена жена во една африканска земја, го сметав за мој Заштитник“.
18 Вредни за внимание се и зборовите на еден брат кој со децении служел во централата на Друштвото Стражарска кула. Тој бил среќен и покрај тоа што никогаш не се оженил и иако имал небесна надеж без изглед за брак. На 79-годишна возраст, тој напишал: „Секој ден од нашиот драг небесен Татко во молитва барам помош и мудрост да се одржам како духовно така и телесно здрав и јак за да можам и понатаму да ја вршам неговата света волја. Во текот на овие изминати четириесет и девет години во Јеховина служба навистина се радував на еден среќен, наградувачки и благословен живот. И со Јеховината незаслужена доброљубивост гледам во пресрет на продолжена служба на негова чест и слава и на благослов на неговиот народ. . . . Радоста Јеховина ми помага да ја продолжам добрата борба за верата, очекувајќи го времето кога Јеховините непријатели нема да постојат и кога целата Земја ќе биде исполнета со негова слава“ (4. Мојсеева 14:21; Неемија 8:10; Стражарска кула, од 15. ноември 1968, стр. 699-702, англ.).
Од што зависи вистинската среќа?
19. Од што секогаш ќе зависи нашата среќа?
19 Нашиот драгоцен однос со Јехова, неговото одобрување и неговиот благослов — тоа се факторите кои ќе ни донесат вистинска среќа низ вечноста. Со ова исправно гледиште за она што создава вистинска среќа, дури и оженетите Јеховини слуги сфаќаат дека нивниот брак не е најважното нешто во нивниот живот. Тие внимаваат на советот на апостол Павле: „Ова ви го велам, браќа, оти времето натаму е кратко, та оние, што имаат жена, да бидат како да ја немаат“ (1. Коринтјаните 7:29). Тоа не значи занемарување на сопругите. Зрелите христијански сопрузи ја ставаат Јеховината служба на прво место, а исто и нивните богобојазни, драги жени кои ги поддржуваат, од кои некои служат полновремено како придружници на своите сопрузи (Соломонови изреки 31:10-12, 28; Матеј 6:33).
20. Кој исправен став го имаат многу христијани спрема своите брачни предности?
20 Оженетите браќа кои се патувачки надгледници, бетелски работници, собраниски старешини — всушност сите оженети христијани кои ги ставаат интересите на Царството на прво место — не ‚го употребуваат светот во потполност‘; тие работат на тоа да ги усогласат брачните предности со својот предаден живот во служба за Јехова (1. Коринтјаните 7:31, NW). Сепак се среќни. Зошто? Затоа што главната причина за нивната среќа не е нивниот брак, туку нивната служба за Јехова. И многу верни сопрузи и сопруги — да, и нивните деца — се среќни што е така.
21, 22. а) Што треба да нѐ исполни со среќа, на темел на Јеремија 9:23, 24? б) Кои фактори за среќа се споменати во Изреките 3:13-18?
21 Пророкот Јеремија напишал: „Вака рекол Јехова: ‚Нека мудриот човек не се фали со својата мудрост, и силниот нека не се фали со својата моќ. Нека богатиот не се фали со своето богатство. Но оној кој се фали, нека се фали само поради ова: што има увид и спознание за мене, дека јас сум Јехова, Оној кој покажува љубезна доброљубивост, правда и праведност на земјата; зашто тие работи ми се угодни‘, е изјавата на Јехова“ (Еремија 9:23, 24, NW).
22 Сеедно дали сме сами или во брак, нашиот најголем извор на среќа треба да биде нашето спознание за Јехова и убеденоста дека го имаме неговиот благослов поради тоа што ја вршиме неговата волја. Исто така сме среќни што имаме увид во она што ја сочинува вистинската скала на вредности, работите кои на Јехова му се допаѓаат. Цар Соломон кој многупати се женел, не сметал дека бракот е единствениот клуч до среќата. Тој рекол: „Блазе си му на човекот кој ќе најде мудрост, и на човекот кој ќе добие разум. Зашто подобро е со неа да тргуваш отколку да тргуваш со сребро, и добивката од неа е подобра од злато. Поскапа е од драгоцени камења, и сите твои најмили работи не можат да се изедначат со неа. Долгиот живот ѝ е во десницата, а во левицата богатство и слава. Патиштата нејзини се мили патишта и сите нејзини патеки се мирни. Дрво на животот е за оние кои се фаќаат за неа, и секој што ја држи е среќен“ (Приче Соломунове 3:13-18, ДК).
23, 24. Зошто можеме да бидеме сигурни дека сите Јеховини верни слуги ќе бидат среќни во новиот поредок?
23 Сите оние меѓу нас кои се во брак нека најдат вечна радост во вршењето на божествената волја. А нашите драги браќа и сестри кои се сами затоа што така избрале или поради околностите, нека ги издржат сите свои искушенија и нека најдат среќа и задоволство во служењето на Јехова сега и засекогаш (Лука 18:29, 30; 2. Петрово 3:11-13). Во Божјиот поредок што доаѓа, ќе бидат отворени „книги“ (Откровение 20:12). Тие ќе содржат возбудливи нови заповеди и правила кои ќе придонесат за среќата на послушното човештво.
24 Секако, можеме да бидеме сигурни дека нашиот ‚среќен Бог‘ чува за нас прекрасно добри работи кои ќе доведат до нашата потполна среќа (1. Тимотеј 1:11, NW). Бог ќе продолжи да ‚ја отвора својата рака и да сити сѐ живо по желба‘ (Псалми 145:16, ДК). Не е чудно што постои и што секогаш ќе постои вистинска среќа во служењето на Јехова.
Како би одговорил?
◻ Кој е темелот за среќа за Јеховините предадени слуги?
◻ Кои биле некои од Јеховините среќни неоженети слуги во библиски времиња?
◻ Зошто Павле го препорачал самештвото, и како некои христијани откриле дека тоа е среќен живот?
◻ Од што секогаш ќе зависи нашата среќа?
◻ Зошто треба да бидеме сигурни дека сите верни во новиот поредок ќе бидат среќни?
[Слика на страница 16]
Многу неомажени сестри среќно му служат на Јехова како полновремени слуги
[Слика на страница 18]
Служењето на Јеховините интереси е главниот извор на среќа