Што ќе открие Јеховиниот ден?
„Јеховиниот ден ќе дојде како крадец... а земјата и делата на неа ќе бидат разоткриени“ (2. ПЕТ. 3:10)
1, 2. а) Каков крај ќе доживее сегашниов зол свет? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?
ДЕНЕШНИОТ зол свет се заснова на големата лага дека човекот може сам — независно од Јехова — успешно да владее со Земјата (1. Мој. 3:1-5). Може ли нешто што се темели на лага да постои вечно? Во никој случај! За среќа, не мора да чекаме светот на Сатана да се уништи сам. Напротив, ќе биде уништен од Бог, и тоа во време и на начин што го одредил Тој. Кога ќе ја изврши својата пресуда над овој зол свет, Јехова на совршен начин ќе ја покаже својата правда и својата љубов (Пс. 92:7; Изр. 2:21, 22).
2 Апостол Петар напишал: „Јеховиниот ден ќе дојде како крадец. Во тој ден небесата брзо ќе поминат со татнеж и основата, вжарена, ќе се распадне, а земјата и делата на неа ќе бидат разоткриени“ (2. Пет. 3:10). Што се „небесата“ и „земјата“ кои се спомнати во овој стих? Што претставува „основата“ која ќе се распадне? И што мислел Петар кога рекол дека „земјата и делата на неа ќе бидат разоткриени“? Одговорот на овие прашања ќе ни помогне спремно да ги дочекаме потресните настани што ќе се случат во блиска иднина.
Небесата и земјата што ќе поминат
3. Што се „небесата“ спомнати во 2. Петрово 3:10, и како ќе поминат?
3 Во Библијата, зборот ‚небеса‘ често се користи како симбол за властите или владетелите, кои заземаат возвишена положба во однос на своите поданици (Иса. 14:13, 14; Отк. 21:1, 2). „Небесата [што] ќе поминат“ ги претставуваат човечките влади кои господарат со сегашниот свет. Тоа што ќе поминат со силен „татнеж“ можеби укажува на фактот дека тие небеса ќе бидат уништени многу брзо.
4. Што е „земјата“, и како ќе биде уништена?
4 „Земјата“ го претставува светот кој е отуѓен од Бог. Еден таков свет постоел во времето на Ное и, на Божја заповед, бил уништен со Потопот. „Сегашните небеса и земја преку истата таа реч се зачувани за оган и се чуваат сѐ до денот на судот и уништувањето на безбожниците“ (2. Пет. 3:7). Иако во Потопот сите безбожници биле уништени наеднаш, претстојното уништување во „големата неволја“ ќе се одвива во фази (Отк. 7:14). Во првата фаза од оваа неволја, Бог ќе ја изврши својата осуда над „Големиот Вавилон“ така што ќе ги наведе политичките владетели на овој свет да ја уништат таа религиозна блудница (Отк. 17:5, 16; 18:8). Потоа, во последната фаза од големата неволја — војната наречена Армагедон — лично Јехова ќе го уништи до темел останатиот дел од светот на Сатана (Отк. 16:14, 16; 19:19-21).
„Основата... ќе се распадне“
5. Што претставува симболичната основа?
5 Што е „основата“ која „ќе се распадне“? „Основата“ што ја спомнува Петар се однесува на работите кои лежат во коренот на овој свет и на сите негови безбожни обележја, ставови, постапки и цели. Една од нив е „духот на светот“, кој „дејствува во непослушните синови“ (1. Кор. 2:12; прочитај Ефешаните 2:1-3). Тој дух, или ‚воздух‘, продира во секоја пора на Сатановиот свет и ги тера луѓето да размислуваат, планираат, зборуваат и постапуваат на начини што го одразуваат умот на Сатана — гордиот, бунтовен ‚владетел кој владее со воздухот‘.
6. Во што се гледа духот на светот?
6 Според тоа, свесно или несвесно, луѓето што се заразени од духот на светот му дозволуваат на Сатана да влијае врз нивниот ум и срце, и го одразуваат неговото размислување и став. Како резултат на тоа, прават што сакаат и воопшто не им е грижа која е Божјата волја. Нивните постапки се водени од гордост или себичност, имаат бунтовен став кон авторитетот и без размислување се препуштаат на „желбата на телото и желбата на очите“. (Прочитај 1. Јованово 2:15-17.)a
7. Зошто мора ,да си го чуваме срцето‘?
7 Тогаш, колку е важно да ‚си го чуваме срцето‘ така што ќе постапуваме во склад со Божјата мудрост кога избираме со кого ќе се дружиме, што ќе читаме, како ќе се забавуваме и кои страници ќе ги отвораме на интернет! (Изр. 4:23). Апостол Павле напишал: „Пазете се некој да не ве заведе со мудрување и со празна измама, која се темели на човечки преданија, на начелата на овој свет, а не на Христовите учења“ (Кол. 2:8). Оваа опомена станува сѐ поважна додека наближува Јеховиниот ден, бидејќи жештината на Божјиот гнев во тој ден ќе ја растопи „основата“ на Сатановиот свет, и јасно ќе се види дека таа не може да опстане пред него. Ова нѐ потсетува на зборовите од Малахија 4:1, каде што стои: „Доаѓа ден што гори како печка, и сите дрски и сите што вршат зло ќе станат како стрниште. И ќе ги проголта денот што доаѓа“.
„Земјата и делата на неа ќе бидат разоткриени“
8. Како ќе бидат „разоткриени“ земјата и делата на неа?
8 Што мислел Петар кога напишал дека „земјата и делата на неа ќе бидат разоткриени“? Тој сакал да каже дека, во големата неволја, Јехова јасно ќе го разоткрие Сатановиот свет, и јасно ќе покаже дека тој свет му се противи Нему и на Неговото Царство, и затоа заслужува да биде уништен. Зборувајќи пророчки за тоа време, Исаија вели: „Јехова излегува од своето место за да се пресмета со жителите на земјата поради престапите што ги направија против него, и земјата ќе ја открие крвта што е пролеана на неа и повеќе нема да ги покрива оние што се убиени на неа“ (Иса. 26:21).
9. а) Што треба да отфрлиме, и зошто? б) Што треба да развиваме, и зошто?
9 Во Јеховиниот ден, оние што биле обликувани од светот и неговиот зол дух ќе покажат какви се навистина, па дури и ќе се убиваат едни со други. Всушност, можно е различните видови на насилна забава кои се популарни денес да им го подготвуваат умот на мнозина за тоа време кога раката на секој „ќе се крева против раката на неговиот ближен“ (Зах. 14:13). Затоа, многу е важно да ги отфрлиме филмовите, книгите, видеоигрите и сите други работи што можат кај нас да поттикнат особини кои му се одвратни на Бог како, на пример, гордост и љубов кон насилството (2. Сам. 22:28; Пс. 11:5). Наместо тоа, да ги развиваме плодовите на Божјиот свет дух бидејќи тие особини ќе ни помогнат да ја преживееме жештината на Јеховиниот гнев (Гал. 5:22, 23).
„Нови небеса и нова земја“
10, 11. Што се ‚новите небеса‘ и ‚новата земја‘?
10 Прочитај 2. Петрово 3:13. ‚Новите небеса‘ се Божјето небесно Царство, кое беше воспоставено во 1914 год., кога завршија „одредените времиња на незнабошците“ (Лука 21:24). Оваа царска влада ја сочинуваат Христос Исус и неговите 144.000 совладетели, од кои повеќето веќе ја имаат добиено својата небесна награда. Во книгата Откровение, овие избраници се претставени со „светиот град, Новиот Ерусалим, [кој] слегува од небото од Бог, подготвен како невеста украсена за својот маж“ (Отк. 21:1, 2, 22-24). Исто како што градот Ерусалим бил престолнина на древното царство Израел, Новиот Ерусалим и Младоженецот ја сочинуваат владата на новиот свет. Овој небесен град ќе ‚слезе од небото‘ на тој начин што ќе ѝ го посвети своето внимание на Земјата.
11 ,Новата земја‘ го претставува новото општество на Земјата кое се состои од луѓе што покажале дека спремно му се подложуваат на Божјето Царство. Духовниот рај во кој Божјиот народ ужива уште денес конечно ќе се смести во соодветна околина, односно во тој прекрасен ‚иден свет‘ (Евр. 2:5). Но, како можеме ние да бидеме дел од тој нов свет?
Подготви се за Јеховиниот голем ден
12. Зошто Јеховиниот ден ќе го запрепасти светот?
12 И Павле и Петар прорекле дека Јеховиниот ден ќе дојде „како крадец“, односно кришум, ненадејно. (Прочитај 1. Солуњаните 5:1, 2.) Дури и вистинските христијани, кои го очекуваат тој ден, ќе бидат изненадени од неговото нагло доаѓање (Мат. 24:44). Но, освен изненадување, светот ќе доживее и нешто друго. Павле напишал: „Кога [оние што се отуѓени од Јехова] ќе зборуваат: ‚Мир и сигурност!‘ — тогаш ненадејно ќе ги снајде уништување како што ја снаоѓаат родилни болки бремена жена, и нема да побегнат“ (1. Сол. 5:3).
13. Како нема да му дозволиме на повикот „Мир и сигурност!“ да нѐ измами?
13 Повикот „Мир и сигурност!“ ќе биде само уште една лага вдахновена од демони, која нема да ги измами Јеховините слуги. Павле напишал: „Не сте во темнина, па тој ден да ве затече како што би затекол крадци, зашто сите вие сте синови на светлината и синови на денот“ (1. Сол. 5:4, 5). Затоа, да останеме во светлината, далеку од мракот на Сатановиот свет. Петар напишал: „Сакани, бидејќи однапред го знаете тоа, чувајте се од тие дрски беззаконици [лажни учители во христијанското собрание] за да не ве одвлечат со својата заблуда и да не ја изгубите својата постојаност“ (2. Пет. 3:17).
14, 15. а) Како Јехова ни искажува чест? б) Кои вдахновени зборови треба да ги сфатиме сериозно?
14 Забележи дека Јехова прави нешто повеќе освен што нѐ предупредува ‚да се чуваме‘. Тој ни искажува чест со тоа што, љубезно и во кратки црти, однапред ни дава увид во настаните што ќе се случат во иднина.
15 За жал, некои не ги сфаќаат сериозно потсетувањата да останеме будни, па дури знаат и цинично да забележат: „Од кога го слушаме истото!“ Меѓутоа, тие лица треба да имаат на ум дека, со таквите забелешки не изразуваат сомнеж само во верниот роб туку и во Јехова и во неговиот Син. Јехова рекол: „Чекај го... Нема да задоцни“ (Авак. 2:3). Исус изјавил: „Бдејте, зашто не знаете во кој ден доаѓа вашиот Господар“ (Мат. 24:42). Освен тоа, Петар напишал: „Вашите дела нека бидат свети и по нив нека се види дека сте му оддадени на Бог додека го очекувате и го имате на ум Јеховиниот ден“ (2. Пет. 3:11, 12). Верниот роб и неговото Водечко тело никогаш нема да ги сфатат површно тие сериозни предупредувања!
16. Кој став не треба да го имаме, и зошто?
16 Всушност, ‚злиот роб‘ е тој што заклучува дека Господарот доцни (Мат. 24:48). Тој зол роб е дел од групата што е опишана во 2. Петрово 3:3, 4. Таму Петар напишал дека „во последните денови ќе се појават потсмевачи, кои... според своите желби“ ќе ги исмеваат оние што послушно го држат Јеховиниот ден цврсто во мислите. Значи, наместо Царството да им биде најважно од сѐ, тие потсмевачи мислат само на себеси и на своите себични желби. Никогаш да не дозволиме кај нас да се развие таков непослушен и опасен став! Напротив, ‚стрпливоста на нашиот Господар да ја сметаме за спасение‘, така што ќе бидеме зафатени со проповедање и поучување за Царството и нема да се преокупираме со тоа кога ќе се случат извесни настани, чиј временски распоред го одредува лично Јехова Бог (2. Пет. 3:15; прочитај Дела 1:6, 7).
Имај доверба во Богот на спасението
17. Како реагирале верните христијани на предупредувањето на Исус да бегаат од Ерусалим, и зошто?
17 Откако римските војски ја нападнале Јудеја во 66 год. од н.е., верните христијани го послушале Исусовото предупредување да побегнат од Ерусалим веднаш штом ќе им се укаже прилика (Лука 21:20-23). Зошто го направиле ова веднаш и решително? Без сомнение, затоа што цврсто ги држеле во мислите зборовите на Исус. Тие сигурно очекувале дека поради таа одлука ќе имаат тешкотии, бидејќи Христос и тоа им го кажал однапред. Но, во исто време, знаеле дека Јехова никогаш нема да ги остави оние што му се верни (Пс. 55:22).
18. Како зборовите што ги кажал Исус во Лука 21:25-28 влијаат врз твоето гледиште за претстојната голема неволја?
18 И ние мора да имаме целосна доверба во Јехова, затоа што само тој ќе може да нѐ спаси кога сегашниов свет ќе се соочи со најголемата неволја во целата човечка историја. Некое време откако ќе почне големата неволја, но пред Јехова да ја изврши својата конечна осуда над останатиот свет, ќе има период кога „луѓето ќе губат свест од страв и од исчекување на она што ќе го снајде светот“. Сепак, додека Божјите непријатели ќе треперат од страв, Јеховините верни слуги воопшто нема да се плашат. Напротив, ќе се радуваат затоа што ќе знаат дека се приближува нивното избавување. (Прочитај Лука 21:25-28.)
19. Што ќе разгледаме во следната статија?
19 Сите оние што ќе останат одвоени од светот и од неговата „основа“ ги чека навистина прекрасна иднина! Но, како што ќе видиме во следната статија, ако сакаме да добиеме живот, треба да правиме и нешто друго освен да го одбегнуваме злото. Треба да развиваме особини што му се допаѓаат на Јехова и да правиме дела што се прифатливи за него (2. Пет. 3:11).
[Фуснота]
a Подетален опис на обележјата на духот на светот има во Резоновање на темељу Светог писма, страници 100-103.
Можеш ли да објасниш?
• Што претставуваат...
„сегашните небеса и земја“?
„основата“?
‚новите небеса и новата земја‘?
• Зошто имаме целосна доверба во Бог?
[Слика на страница 5]
Како можеш ‚да си го чуваш срцето‘ и да останеш одвоен од светот?
[Слика на страница 6]
Како покажуваме дека ‚стрпливоста на нашиот Господар ја сметаме за спасение‘?