Продлабочувај ја љубовта која никогаш не престанува
‚Љубовта сѐ трпи. Љубовта никогаш не престанува‘ (1. КОР. 13:7, 8)
1. а) Како честопати е прикажана љубовта? б) Кон кого и кон што главно ја насочуваат својата љубов многу луѓе?
ЉУБОВТА, како основна човекова потреба, отсекогаш била предмет на голем интерес. Оваа особина била величана и опевана. Но, за жал, книгите и филмовите со кои денес е преплавен широкиот пазар, ја прикажуваат во нереално светло. Всушност, вистинската љубов кон Бог и кон ближниот очајно недостасува. Насекаде околу нас гледаме како се исполнува она што Библијата го прорекла за овие последни денови. Луѓето се „себељубиви, алчни за пари [и] повеќе... ги сакаат уживањата отколку Бог“ (2. Тим. 3:1-5).
2. Какво предупредување дава Библијата во врска со љубовта кон неисправните работи?
2 Луѓето се способни да сакаат, но Божјата реч нѐ предупредува да внимаваме да не засакаме неисправни работи. Таа исто така објаснува што ќе се случи ако во нашето срце пушти корени љубовта кон она што е погрешно (1. Тим. 6:9, 10). Дали се сеќаваш што напишал апостол Павле во врска со Димас? Иако му бил соработник, Димас го засакал она што го нудел светот (2. Тим. 4:10). Апостол Јован ги предупредил христијаните токму на таа опасност. (Прочитај 1. Јованово 2:15, 16.) Оној што го сака светот и минливите работи во него, не може истовремено да го сака Бог и она што потекнува од Бог.
3. Од која замка треба да се чуваме, и кои прашања се наметнуваат во врска со тоа?
3 Иако не сме дел од овој свет, ние сѐ уште живееме во него. Затоа, не е лесно да се заштитиме од искривеното гледиште за љубовта кое го имаат луѓето во светот. Многу е важно да не дозволиме да паднеме во замка и да го прифатиме тоа гледиште или, пак, да ги засакаме погрешните работи. Тогаш, кон кого треба да покажуваме несебична љубов? Што ќе ни помогне да ја продлабочуваме љубовта која трпи сѐ и која никогаш не престанува? Како ни користи таа денес, и како ќе влијае врз нашата иднина? За да стекнеме исправно гледиште, одговорот на овие прашања треба да го побараме од Бог.
Продлабочувај ја својата љубов кон Јехова
4. Како расте љубовта кон Бог?
4 Размисли за еден земјоделец кој напорно работи за да ја подготви својата нива и да го засади семето. Тој очекува тоа да расте (Евр. 6:7). Исто како ова семе, и нашата љубов кон Бог треба да расте. Што е потребно за да дојде до таков раст? Мора темелно да ја подготвиме добрата земја на нашето срце, каде што било засадено семето на вистината за Царството. Ова можеме да го направиме така што трудољубиво ќе ја проучуваме Божјата реч со цел уште подобро да го запознаеме Бог (Кол. 1:10). Ќе го запознаеме повеќе и ако редовно одиме и учествуваме на собраниските состаноци. Дали ти лично постојано се трудиш сѐ повеќе да го запознаваш Бог? (Изр. 2:1-7).
5. а) Од каде можеме да учиме за Јеховините главни особини? б) Што може да се каже за Божјата правда, мудрост и моќ?
5 Јехова ни ги открива своите особини преку својата Реч. Ако ја проучуваме Библијата и сѐ повеќе го запознаваме Јехова, ќе се зголеми и нашето ценење за неговите особини — за неговата правда, моќ, мудрост и, пред сѐ, за неговата ненадминлива љубов. Јеховината правда се гледа во сите негови постапки и во неговиот совршен закон (5. Мој. 32:4; Пс. 19:7). Освен тоа, можеме да размислуваме за сѐ што создал Јехова и да се восхитуваме на неговата неспоредлива мудрост (Пс. 104:24). А вселената е доказ дека Јехова е Извор на огромна моќ и на неисцрпна енергија (Иса. 40:26).
6. Како Бог ја покажал својата љубов кон нас, и како тоа влијае врз тебе?
6 Но, што може да се каже за Божјата најважна особина — љубовта? Таа е многу силна и влијае врз сите нас. Бог покажал колку ги сака луѓето со тоа што дал откупнина за да ги избави. (Прочитај Римјаните 5:8.) Откупнината е дадена за целото човештво, но од неа ќе извлечат корист само оние што ќе возвратат на Божјата љубов и ќе покажат вера во неговиот Син (Јован 3:16, 36). Тоа што Бог го дал Исус како жртва помирница за нашите гревови треба да нѐ поттикне да му возвратиме со љубов.
7, 8. а) Што треба да правиме за да покажеме љубов кон Бог? б) И покрај какви околности Божјиот народ ги држи неговите заповеди?
7 Како можеме да му возвратиме на Бог со љубов за сѐ што сторил за нас? Библијата ни го дава одговорот: „Љубовта кон Бог значи да се држат неговите заповеди, а неговите заповеди не се тешки“ (1. Јов. 5:3). Да, љубовта кон Јехова Бог нѐ поттикнува да ги држиме неговите заповеди. Тоа е една причина зошто сведочиме за неговото име и за неговото Царство, а од тоа извлекуваат корист и другите. Кога го правиме тоа од срце преполно со љубов, докажуваме дека ги држиме Божјите заповеди од исправни мотиви (Мат. 12:34).
8 Нашите браќа низ целиот свет истрајно ги држат Божјите заповеди дури и кога наидуваат на рамнодушност и на отворено противење на пораката за Царството. Тие не се откажуваат од тоа потполно да ја извршат својата служба (2. Тим. 4:5). Исто како нив, и ние сме поттикнати да им кажуваме на другите за Бог, а и да ги држиме сите други негови заповеди.
Зошто го сакаме нашиот Господар Исус Христос
9. Што претрпел Христос, и од што бил мотивиран?
9 Освен што го сакаме Бог, имаме многу причини да го сакаме и неговиот Син. Иако никогаш не сме го виделе Исус, колку повеќе учиме за него, толку повеќе го сакаме (1. Пет. 1:8). Кои се некои работи што ги претрпел Исус? Додека ја вршел волјата на својот Татко, Исус бил мразен без причина, бил прогонуван, лажно обвинет и навредуван. Бил понижуван и на многу други начини. (Прочитај Јован 15:25.) Љубовта што ја чувствувал кон својот небесен Татко му помогнала на Исус да ги преброди сите тие искушенија. Освен тоа, тој од љубов го жртвувал својот живот како откупнина за мнозина (Мат. 20:28).
10, 11. Со оглед на она што Христос го направил за нас, која е нашата цел?
10 Она што го направил Исус за нас нѐ тера да му возвратиме. Додека размислуваме за тоа, нашата љубов кон него се продлабочува. Бидејќи сме Христови следбеници, треба да се трудиме да стекнеме и да покажуваме љубов како неговата за да успееме истрајно да ја држиме неговата заповед да сведочиме за Царството и да ги поучуваме луѓето (Мат. 28:19, 20).
11 За да возвратиме на љубовта што Христос ја покажал кон сите луѓе, ние чувствуваме одговорност да ја завршиме нашата задача пред да дојде крајот. (Прочитај 2. Коринќаните 5:14, 15.) Љубовта што ја покажал Христос била пресудна за да може да ја исполни Божјата намера со луѓето. А примерот што ни го дал, му помага на секој од нас да има удел во исполнувањето на таа Божја намера. Тоа бара од нас да го сакаме Бог со сето свое срце (Мат. 22:37). Ако го држиме она што го поучувал Исус и ако сме послушни на неговите заповеди, ќе покажеме дека го сакаме и дека сме решени по секоја цена да докажеме дека Бог има неприкосновено право да владее, исто како што докажал Исус (Јован 14:23, 24; 15:10).
Да чекориме по возвишениот пат на љубовта
12. На што мислел Павле кога го спомнал изразот „повозвишен пат“?
12 Апостол Павле го следел примерот на Христос. Бидејќи во сѐ одел по неговите стапки, Павле имал слобода на говорот да ги поттикне своите браќа да се угледаат на него (1. Кор. 11:1). Иако ги советувал христијаните во Коринт и понатаму горливо да се трудат да добијат некој од даровите на духот што ги имало во првиот век, како што бил дарот да лекуваат и да зборуваат на јазици, Павле им покажал дека требало да тежнеат кон нешто подобро од тоа. Во 1. Коринќаните 12:31, тој рекол: „А ќе ви покажам еден уште повозвишен пат“. Контекстот на следните стихови покажува дека мислел на ненадминливиот пат на љубовта. Во која смисла бил повозвишен? Павле го дава одговорот во истите стихови. (Прочитај 1. Коринќаните 13:1-3.) Доколку имал некои посебни способности и правел големи работи, но немал љубов, каква корист ќе имало од тоа? Никаква! Воден од Божјиот дух, тој ја објаснил оваа непобитна вистина. И колку силно ја нагласил таа мисла!
13. а) Кој е годишниот стих за 2010 год.? б) Во која смисла љубовта никогаш не престанува?
13 Потоа Павле објаснил каква е и каква не е љубовта. (Прочитај 1. Коринќаните 13:4-8.) Сега, одвој време да размислиш дали твојата љубов одговара на овој опис. Размисли особено за последниот дел од 7. стих и за првата реченица од 8. стих: ‚Љубовта сѐ трпи. Љубовта никогаш не престанува‘, што ќе биде наш годишен стих за 2010 год. Забележи дека во 8. стих, Павле рекол дека даровите на духот, меѓу кои биле пророкувањето и зборувањето јазици — кои ги имало во христијанското собрание во почетокот — ќе исчезнат. Тие ќе престанат. Но, љубовта нема никогаш да престане. Љубовта извира од Јехова, а тој е вечен. Значи, љубовта нема никогаш да престане. Ќе продолжи да постои засекогаш како особина на нашиот вечен Бог (1. Јов. 4:8).
Љубовта трпи сѐ
14, 15. а) Како може љубовта да ни помогне да ги поднесеме испитите? б) Зошто еден млад брат одбил да ги погази своите уверувања?
14 Што им помага на христијаните да истраат без оглед на испитите, тешките ситуации и проблемите со кои се соочуваат? Најмногу од сѐ, љубовта која се темели на начела. Таквата љубов не значи само да се откажеме од нашите поседи. Таа ни помага да бидеме спремни да му останеме верни на Бог, па дури и да го дадеме својот живот заради Христос (Лука 9:24, 25). Размисли, на пример, за верните Сведоци кои во текот на Втората светска војна или потоа страдале во концентрациони логори, во работни логори и во затвори.
15 Добар пример е еден млад Сведок од Германија, по име Вилхелм. Наместо да ги погази своите уверувања, тој останал верен дури и кога ѝ гледал на смртта в очи пред еден нацистички стрелачки вод. Во прошталното писмо до своето семејство, тој напишал: „Најмногу од сѐ, мора да го сакаме Бог, како што ни заповедал нашиот водач, Исус Христос. Ако застанеме на негова страна, тој ќе нѐ награди“. Подоцна, во една статија на Стражарска кула, еден член на неговото семејство напишал: „Низ тие бурни времиња, за нас како семејство секогаш беше најважна љубовта кон Бог“. Таков дух покажуваат многу браќа кои во моментов лежат по затвори во Ерменија, Еритреја, Јужна Кореја и други земји. И покрај лошите околности, во нив сѐ уште гори силна љубов кон Јехова.
16. Што претрпеле нашите браќа во Малави?
16 Во многу други места, верата и истрајноста на нашите браќа се ставена на поинакви испити. На пример, цели 26 години, Јеховините сведоци во Малави биле под законска забрана и биле жртви на сурово прогонство и многубројни ѕверства. Но, нивната истрајност била наградена. Кога започнало прогонството, во таа земја имало околу 18.000 Сведоци. Триесет години подоцна, нивниот број бил двапати поголем — имало 38.393 Сведоци! Слично било и во други земји.
17. Со што се соочуваат некои што живеат во религиозно разделен дом, и што им помага да го поднесат таквото малтретирање?
17 Иако директните напади врз Божјиот народ можат да бидат тешки, на некои христијани им е уште потешко кога се соочуваат со противење од членовите на сопственото семејство. Притисокот може да дојде од потесното семејство или, пак, од блиските роднини. Зарем Исус не прорекол дека ќе биде така? Да, и мнозина можат да потврдат дека тоа навистина се случува (Мат. 10:35, 36). Некои тинејџери трпат противење од родителите што не се Сведоци. Други биле истерани од дома, но биле прифатени од љубезни Сведоци. Од трети, пак, родителите дури и се откажале. Што им помогнало да го поднесат таквото малтретирање? Не само љубовта кон браќата туку, најмногу од сѐ, нивната искрена љубов кон Јехова и кон неговиот Син (1. Пет. 1:22; 1. Јов. 4:21).
18. Како љубовта која трпи сѐ им помага на христијаните кои се во брак?
18 И во многу други ситуации во животот е потребно да ја покажуваме љубовта која трпи сѐ. Во бракот, љубовта им помага на мажот и на жената да покажат почит кон следниве зборови на Исус: „Бог што составил, човек да не разделува!“ (Мат. 19:6). Кога „имаат телесни неволји“, мажените и женетите христијани треба да се потсетат дека Јехова има многу важна улога во нивниот брак (1. Кор. 7:28). Неговата Реч вели дека ‚љубовта сѐ трпи‘, па затоа на мажот и жената кои се облечени во оваа особина им е полесно да останат заедно и да си го зачуваат бракот (Кол. 3:14).
19. Што прави Божјиот народ кога ќе се случат природни катастрофи?
19 Љубовта ни помага да претрпиме сѐ и кога ќе се случи некоја природна катастрофа. Ова било случај кога еден земјотрес го погодил јужниот дел на Перу, а ураганот Катрина уништил делови од Мексиканскиот Залив на југот од САД. Во овие катастрофи, многу наши браќа ги изгубиле своите домови или поседи. Поттикнато од љубов, нашето меѓународно братство им обезбедило материјална помош, а доброволци помагале повторно да се изградат разурнатите домови и да се поправат Салите на Царството. Овие дела се доказ дека нашите браќа се сакаат и се грижат едни за други во секое време и во секакви околности (Јован 13:34, 35; 1. Пет. 2:17).
Љубовта никогаш не престанува
20, 21. а) Зошто љубовта вреди повеќе од сѐ друго? б) Зошто си решен да чекориш по патот на љубовта?
20 Јеховиниот народ денес е пример за тоа колку е мудро да чекориме по возвишениот пат на љубовта. Навистина, љубовта, во секој поглед, има ненадминлива вредност. Забележи како апостол Павле ја нагласил оваа вистина. Прво укажал дека даровите на духот ќе исчезнат и дека христијанското собрание ќе напредува и ќе достигне зрелост. А потоа го дал следниов заклучок: „Сега остануваат овие три: верата, надежта и љубовта. Но најголема од нив е љубовта“ (1. Кор. 13:13).
21 Ќе дојде ден кога она во што полагаме вера ќе стане реалност и повеќе нема да има потреба да веруваме во него. Откако сѐ ќе биде обновено, нема повеќе да се надеваме на ветувањата по чие исполнување копнееме сега. Но, што е со љубовта? Таа нема никогаш да престане. Ќе постои засекогаш. Со оглед на тоа што имаме можност да живееме вечно, сигурно ќе видиме и ќе сфатиме уште многу аспекти на Божјата љубов. Ако ја вршиш Божјата волја со тоа што ќе чекориш по возвишениот пат на љубовта која никогаш не престанува, и ти ќе живееш засекогаш (1. Јов. 2:17).
Како би одговорил?
• Зошто треба да се чуваме од љубов кон погрешни работи?
• Што може љубовта да ни помогне да претрпиме?
• Во која смисла љубовта никогаш не престанува?
[Истакната мисла на страница 27]
Годишниот стих за 2010 год. ќе биде: ‚Љубовта сѐ трпи. Љубовта никогаш не престанува‘ (1. Кор. 13:7, 8)
[Слика на страница 25]
Љубовта кон Бог нѐ тера да сведочиме
[Слика на страница 26]
Непоколебливата љубов им помогнала на браќата и сестрите во Малави да ги поднесат неволјите