Треба ли христијаните да бидат љубоморни?
ЉУБОМОРА — дали е тоа особина што христијаните треба да ја негуваат? Како христијани, охрабрени сме да ‚тежнееме кон љубов‘, а кажано ни е дека „љубовта не е љубоморна“ (1. Коринќаните 13:4; 14:1). Од друга страна, пак, исто така ни е кажано дека „Јехова . . . е љубоморен Бог“ и заповедано ни е да ‚станеме имитатори на Бог‘ (Излез 34:14, NW; Ефешаните 5:1). Зошто оваа привидна противречност?
Затоа што хебрејските и грчките зборови преведени со „љубомора“ во Библијата имаат широк опсег на значење. Може да имаат или позитивна или негативна конотација, зависно од тоа како се употребени. На пример, хебрејскиот збор преведен со „љубомора“ може да значи „инсистирање на исклучителна оддаденост; нетолерирање никакво соперништво; ревност; полет; љубомора [праведна или погрешна]; завист“. Соодветниот грчки збор има слично значење. Овие зборови може да се однесуваат на изопачена, искривена емоција кон наводен соперник или кон некој за кого се верува дека ужива некоја предност (Пословици 14:30). Исто така, може да се однесуваат на една позитивна особина дадена од Бог — желба да се заштити саканата личност од неволја (2. Коринќаните 11:2).
Најистакнатиот пример
Јехова го дава најистакнатиот пример во покажувањето исправна љубомора. Неговите мотиви се чисти и неизвалкани, поттикнати од желбата да го заштити својот народ од духовна и морална расипаност. За својот древен народ, фигуративно наречен Сион, тој рекол: „Со голема љубомора ќе бидам љубоморен за Сион, со голем гнев ќе бидам љубоморен за него“ (Захарија 8:2, NW). Исто како што еден татко полн со љубов секогаш е подготвен да ги заштити своите деца од неволја, Јехова е подготвен да ги заштити своите слуги од физичка и од духовна опасност.
За да го заштити својот народ, Јехова ја дал својата Реч, Библијата. Таа содржи големо охрабрување за тој да продолжи да оди мудро и е богата со примери на луѓе што правеле така. Во Исаија 48:17 читаме: „Јас Господ [Јехова, NW], твојот Бог, те учам за твое добро, те водам по патот по кој треба да одиш“. Колку е утешно да знаеме дека неговата љубомора го поттикнува да се грижи за нас и да нѐ пази! Кога не би бил љубоморен на овој добар начин, поради нашето неискуство би страдале од секакви зла. Изразите на љубомора на Јехова во никој случај не се себични.
Па, според ова, која е разликата помеѓу божествената и неисправната љубомора? За да откриеме, да го разгледаме примерот на Маријам и Финес. Забележи што ги поттикнало нив.
Маријам и Финес
Маријам била постарата сестра на Мојсеј и Арон, водачите на Израелците за време на излегувањето од Египет. Додека Израелците биле во пустелијата, Маријам станала љубоморна на својот брат Мојсеј. Библискиот извештај вели: „А Маријам и Арон почнаа да зборуваат против Мојсеја заради неговата жена Етиопка . . . ‚Зар Господ му зборува само на Мосеја? — рекоа. — Зар не ни зборуваше и нам?‘“ Изгледа дека Маријам предводела во овој потег против Мојсеј зашто, поради нејзиното однесување без почит Јехова ја дисциплинирал неа, а не Арон, нанесувајќи ѝ еднонеделна лепра (Броеви 12:1—15).
Што ја натерало Маријам да дејствува против Мојсеј? Дали тоа било грижата за вистинското обожавање и желбата да ги заштити Израелците од зло? Изгледа не. Се чини дека Маријам дозволила во нејзиното срце да расте неисправна желба за поголем престиж и авторитет. Како пророчица во Израел, уживала голема почит од луѓето, особено од жените. Ги водела во свирењето и пеењето откако Израел бил избавен низ Црвеното Море на чудесен начин. Меѓутоа, сега Маријам можеби станала непотребно загрижена да не се намали нејзината важност поради наводната соперничка, жената на Мојсеј. Поттикната од себична љубомора, подбуцнала расправија против Мојсеј, оној што бил наименуван од Јехова (Излез 15:1, 20, 21).
Финес, од друга страна, имал поинаков мотив за своите постапки. Кратко пред влегувањето во Ветената земја, кога Израел бил улогорен на Моавските рамници, Моавките и Мадијамките завеле многу Израелци на неморал и идолопоклонство. За да го исчистат логорот и да го смират Јеховиниот гнев, на судиите на Израел им било дадено упатство да ги убијат сите мажи што скршнале на таков начин. Началникот на Симеоновците, Зимриј, дрско ја донел во логорот Мадијамката Хазвија за неморални цели, „пред очите на сето Израелско општество“. Финес постапил одлучно. Подбуден од чувства на љубомора, или ревност за Јеховиното обожавање и од желба да ја задржи моралната чистота на логорот, ги погубил блудниците во нивниот шатор. Тој бил пофален за неговиот „љубоморен гнев“, „нетолерирање никакво соперништво“ против Јехова. Брзата акција на Финес го запрела поморот кој веќе имал одземено 24.000 животи, и Јехова го наградил со сојуз свештенството да остане во неговата лоза до недогледно време (Броеви 25:4—13, The New English Bible).
Која била разликата помеѓу овие два израза на љубомора? Маријам дејствувала против својот брат од себична љубомора, додека Финес спровел правда темелена на божествена љубомора. Постојат времиња кога и ние, како Финес, треба да се чувствуваме принудени отворено да се изјасниме или да преземеме некоја акција во одбрана на Јеховиното име, неговото обожавање и неговиот народ.
Погрешно насочена љубомора
Но, дали е можно да се имаат чувства на погрешно насочена љубомора? Да, можно е. Таква била општата ситуација на Евреите во првиот век. Тие љубоморно ги чувале Законот даден од Бог и своите традиции. Во нивните напори да го заштитат Законот, создале безбројни детални прописи и ограничувања што станале тежок товар за луѓето (Матеј 23:4). Не можејќи или не сакајќи да признаат дека Бог сега го заменил Мојсеевиот закон со стварноста што ја навестувал, нивната љубомора погрешно ги поттикнала да го излеат својот неконтролиран гнев врз следбениците на Исус Христос. Апостол Павле, кој порано и самиот бил љубоморно лојален на Законот во погрешна смисла, укажал на тоа дека луѓето што го бранеле Законот имале „ревност [љубомора] за Бог; но не според точното спознание“ (Римјаните 10:2; Галатите 1:14).
Дури и на многумина од Евреите што станале христијани им било тешко да се ослободат од ваквата претерана ревност за Законот. По своето трето мисионерско патување, Павле му дал извештај на водечкото тело на христијанското собрание во првиот век во врска со преобраќањето на нациите. Во тоа време илјадници христијански Евреи биле „ревносни за Законот“ (Дела 21:20). Ова било со години откако водечкото тело донело одлука дека нееврејските христијани не мора да бидат обрежани. Проблеми поврзани со држењето на Законот создавале раздор во собранието (Дела 15:1, 2, 28, 29; Галатите 4:9, 10; 5:7—12). Затоа што им недостигало разбирање за тоа како Јехова сега постапувал со својот народ, некои еврејски христијани инсистирале на своите сопствени гледишта, критикувајќи ги оние на другите (Колошаните 2:17; Евреите 10:1).
Затоа, ние мораме да ја избегнуваме замката да се трудиме љубоморно да ги заштитуваме своите сопствени омилени идеи или постапки што не се цврсто темелени на Божјата реч. Добро е да ја прифаќаме новата светлина што се фрла на Божјата реч преку каналот што Јехова го користи денес.
Биди љубоморен за Јехова
Меѓутоа, божествената љубомора има свое место во вистинското обожавање. Кога сме склони да бидеме претерано загрижени за својот добар глас и за своите права, божествената љубомора ни го свртува вниманието на Јехова. Таа нѐ поттикнува да бараме начини да ја објавуваме вистината за него, бранејќи ги неговите патишта и неговиот народ.
Акико, полновремен министер на Јеховините сведоци, била строго одбиена од една станарка што имала погрешно сфаќање за Божјиот закон во врска со крвта. Акико тактично ја одбранила Божјата реч, дури ги спомнала и медицинските компликации и проблеми поврзани со трансфузијата на крв. Поттикната од горлива желба да зборува за Јехова, го свртела разговорот за она што приметила дека била вистинската причина за приговорите на жената — нејзиниот недостиг на вера во постоењто на Творец. Акико расудувала со станарката за тоа како творештвото го поддржува верувањето во Творец. Нејзината храбра одбрана довела до тоа не само да се отстранат неоснованите предрасуди туку и да се започне домашна библиска студија со жената. Денес, поранешната бесна станарака е фалител на Јехова.
Исправната љубомора, или ревност, за вистинското обожавање нѐ тера да бидеме будни и да ги зграпчиме можностите да зборуваме за нашата вера и да ја браниме на работа, на училиште, во продавница и додека патуваме. Мидори, на пример, е решена да зборува за својата вера со колегите на работа. Една колешка која била во своите 40-ти години рекла дека не сака да има ништо со Јеховините сведоци. Подоцна, за време на еден друг разговор, жената се жалела затоа што кај ќерка ѝ се развиле проблеми во личноста. Мидори ѝ ја покажала книгата Младите прашуваат — делотворни одговориa и понудила да се договорат да ја проучува книгата со ќерката. Била започната студија, но мајката не сакала да се придружи во дискусијата. Мидори одлучила да ѝ ја покаже на жената видеокасетата Јеховини сведоци — организацијата зад името.* Тоа разјаснило многу од нејзините погрешни мислења. Поттикната од она што го видела, рекла: „Сакам да бидам како Јеховините сведоци“. Ѝ се придружила на ќерка си во проучувањето на Библијата.
Исправната љубомора има свое место и во христијанското собрание. Таа унапредува срдечен дух на љубов и грижа и нѐ поттикнува да им одолееме на нагризувачките влијанија што би ги повредиле нашите духовни браќа, како што е штетното озборување и отпадничко размислување. Божествената љубомора нѐ поттикнува да ги поддржуваме одлуките на старешините, кои понекогаш сметаат дека е потребно да ги укорат престапниците (1. Коринќаните 5:11—13; 1. Тимотеј 5:20). Пишувајќи за своите чувства на љубомора кон соверниците во коринтското собрание, Павле рекол: „Зашто сум љубоморен поради вас со божествена љубомора, бидејќи лично ве ветив за брак на еден маж, за да ве претставам на Христос како чесна девица“ (2. Коринќаните 1:2). Па така, и нашата љубомора нѐ поттикнува да правиме сѐ што можеме за да ја заштитиме доктринарната, духовната и моралната чистота на сите во собранието.
Да, исправно мотивираната љубомора — божествената љубомора — има здраво влијание на другите. Таа доведува до Јеховино одобрување и треба да биде една од особините што се забележуваат кај христијаните денес (Јован 2:17).
[Фуснота]
a Издадени од Јеховините сведоци.
[Слики на страница 29]
Постапките на Финес се темелеле на божествена љубомора
[Слики на страница 30]
Избегнувај ја замката на погрешно насочена љубомора
[Слики на страница 31]
Божествената љубомора нѐ поттикнува да ја споделуваме нашата вера и длабоко да го цениме нашето братство