Христос го води своето собрание
„Гледај, јас сум со вас во сите денови сѐ до завршетокот на системот на работи“ (МАТЕЈ 28:20).
1, 2. а) Што им ветил воскреснатиот Исус на своите следбеници кога им ја дал заповедта да прават ученици? б) На кој начин Исус активно го водел раното христијанско собрание?
ПРЕД да се вознесе на небото, Исус Христос, нашиот воскреснат Водач, се појавил пред своите ученици и им рекол: „Дадена ми е сета власт на небото и на земјата. Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите нации, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав. И гледај, јас сум со вас во сите денови сѐ до завршетокот на системот на работи“ (Матеј 23:10; 28:18—20).
2 Исус не само што им го доделил на своите ученици животоспасувачкото дело да прават повеќе ученици туку им ветил и дека ќе биде со нив. Историјата на раното христијанство, како што е запишано во библиската книга Дела, несомнено покажува дека Христос го употребил авторитетот што му бил даден за да го води новоформираното собрание. Тој го испратил ветениот „помошник“ — светиот дух — за да ги зајакне неговите следбеници и за да ги води нивните напори (Јован 16:7; Дела 2:4, 33; 13:2—4; 16:6—10). Воскреснатиот Исус ги користел ангелите што биле под негова контрола за да ги поддржува своите ученици (Дела 5:19; 8:26; 10:3—8, 22; 12:7—11; 27:23, 24; 1. Петрово 3:22). Освен тоа, нашиот Водач му давал упатства на собранието така што организирал оспособени мажи да служат како водечко тело (Дела 1:20, 24—26; 6:1—6; 8:5, 14—17).
3. За кои прашања ќе биде дискутирано во оваа статија?
3 Но, како е во нашево време, во ‚завршетокот на системот на работи‘? На кој начин Исус Христос го води христијанското собрание денес? И како можеме да покажеме дека го прифаќаме ова водство?
Господарот има верен роб
4. а) Кој го сочинува „верниот и разборит роб“? б) Што доверил Господарот под грижата на робот?
4 Кога го дал пророштвото за знакот на својата присутност, Исус рекол: „Кој е, всушност, верниот и разборит роб, кого неговиот господар го поставил над своите домашни за да им ја дава нивната храна во право време? Среќен е тој роб ако неговиот господар, кога ќе дојде, го најде да прави така! Вистина ви велам: Ќе го постави над целиот свој имот“ (Матеј 24:45—47). ‚Господарот‘ е нашиот Водач, Исус Христос, и тој го наименувал „верниот и разборит роб“ — телото од помазани христијани на Земјата — над сите свои земни интереси.
5, 6. а) Што претставуваат ‚седумте златни свеќници‘ и „седумте ѕвезди“ од визијата што ја добил апостол Јован? б) Што покажува фактот дека „седумте ѕвезди“ се наоѓаат во Исусовата десница?
5 Библиската книга Откровение покажува дека верниот и разборит роб се наоѓа под директна контрола на Исус Христос. Во една визија за „Господовиот ден“, апостол Јован видел „седум златни свеќници, и среде свеќниците некој сличен на син човечки“ кој ‚во својата десна рака имал седум ѕвезди‘. Објаснувајќи му ја таа визија на Јован, Исус рекол: „Што се однесува до светата тајна на седумте ѕвезди што ги виде во мојата десна рака и седумте златни свеќници: Седумте ѕвезди значат ангели на седумте собранија, а седумте свеќници значат седум собранија“ (Откровение 1:1, 10—20).
6 ,Седумте златни свеќници‘ ги претставуваат сите собранија на вистински христијани што постојат во „Господовиот ден“, кој започнал во 1914. Но, што е со „седумте ѕвезди“? Во почетокот, тие ги симболизирале сите родени со дух, помазани надгледници што се грижеле за собранијата од првиот век.a Надгледниците се наоѓале во Исусовата десница — под негова контрола и водство. Да, Христос Исус ја водел комбинираната класа на робот. Меѓутоа, сега има мал број помазани надгледници. На кој начин се протега Христовото водство до оние над 93.000 собранија на Јеховините сведоци на Земјината топка?
7. а) На кој начин Исус го користи Водечкото тело за да обезбеди водство во собранијата на целата Земја? б) Зошто може да се рече дека христијанските надгледници се наименувани од светиот дух?
7 Како и во првиот век, една мала група квалификувани мажи од помазаните надгледници сега служи како Водечко тело, претставувајќи го комбинираниот верен и разборит роб. Нашиот Водач го користи ова Водечко тело за да наименува квалификувани мажи — сеедно дали се помазани со дух или не — како старешини во локалните собранија. Во тој поглед, светиот дух, за чие користење Исус добил овластување од Јехова, игра стожерна улога (Дела 2:32, 33). Пред сѐ, овие надгледници мораат да ги задоволат барањата што се изложени во Божјата реч, која била инспирирана од светиот дух (1. Тимотеј 3:1—7; Тит 1:5—9; 2. Петрово 1:20, 21). Препораките и наименувањата се вршат по молитва и под водство на светиот дух. Освен тоа, наименуваните поединци даваат доказ дека ги донесуваат плодовите на тој дух (Галатите 5:22, 23). Значи, советот на Павле важи подеднакво за сите старешини, сеедно дали се помазани или не: „Пазете на себе и на целото стадо, во кое светиот дух ве наименува за надгледници“ (Дела 20:28). Овие наименувани мажи добиваат водство од Водечкото тело и спремно го пасат собранието. На тој начин Христос сега е со нас и активно го води собранието.
8. На кој начин Христос ги користи ангелите за да ги води своите следбеници?
8 Исто така, Исус ги користи ангелите за да ги води своите следбеници денес. Според илустрацијата за житото и плевелот, времето за жетва требало да дојде при „завршетокот на системот на работи“. Кого би го употребил Господарот за да ја изврши жетвата? „Жетварите се ангели“, рекол Христос. Тој додал: „Синот човечки ќе ги испрати своите ангели, и тие ќе соберат од неговото царство сѐ што предизвикува спрепнување и оние кои вршат беззаконие“ (Матеј 13:37—41). Освен тоа, исто како што еден ангел ги насочил чекорите на Филип за да го најде етиопскиот евнух така денес се изобилни доказите дека Христос ги користи своите ангели за да го насочи делото на вистинските христијани во пронаоѓањето на луѓето со искрени срца (Дела 8:26, 27; Откровение 14:6).
9. а) Преку кое средство Христос го води христијанското собрание денес? б) Кое прашање треба да го разгледаме ако сакаме да извлечеме корист од Христовото водство?
9 Колку само охрабрува сознанието дека Исус Христос им дава водство на своите ученици денес преку Водечкото тело, светиот дух и ангелите! Дури и ако некои Јеховини обожаватели привремено би биле изолирани од Водечкото тело поради прогонство или слично, Христос сѐ уште би обезбедувал водство преку светиот дух и преку ангелската поддршка. Меѓутоа, ние извлекуваме корист од неговото водство само кога го прифаќаме. Како можеме да покажеме дека навистина го прифаќаме Христовото водство?
‚Бидете послушни . . . бидете подложни‘
10. Како можеме да покажеме обѕир кон наименуваните старешини во собранието?
10 Нашиот Водач им дал на собранијата „дарови во облик на луѓе“ — „некои како евангелизатори, некои како пастири и учители“ (Ефешаните 4:8, 11, 12). Нашиот став и нашите постапки кон нив многу кажуваат за тоа дали го прифаќаме Христовото водство. Сосема е исправно да ‚се покажеме благодарни‘ за духовно оспособените мажи што ги дал Христос (Колошаните 3:15). И тие ја заслужуваат нашата почит. „Старешините кои предводат на добар начин нека се сметаат достојни за двојна чест“, напишал апостол Павле (1. Тимотеј 5:17). Како можеме да покажеме благодарност и почит кон постарите мажи — старешините, односно надгледниците — во собранието? Павле одговара: „Бидете им послушни на оние кои предводат меѓу вас и бидете подложни“ (Евреите 13:17). Да, треба да им бидеме послушни и подложни, да им се повинуваме.
11. Зошто почитта кон старешинското уредување покажува дали живееме според нашето крштавање?
11 Нашиот Водач е совршен. Мажите што ги дал како дарови не се совршени. Затоа, тие понекогаш може да згрешат. Сепак, многу важно е да му останеме лојални на Христовото уредување. Всушност, живеењето според нашето предание и крштавање значи дека ја признаваме законитоста на духовно наименуваниот авторитет во собранието и дека спремно му се подложуваме. Нашето крштавање ‚во името на светиот дух‘ е јавна изјава дека знаеме што е светиот дух и дека ја признаваме улогата што тој ја игра во Јеховините намери (Матеј 28:19). Таквото крштавање подразбира дека соработуваме со духот и не правиме ништо што би го попречило неговото дејствување меѓу Христовите следбеници. Со оглед на тоа што светиот дух игра многу важна улога во препорачувањето и наименувањето старешини, можеме ли да бидеме навистина верни на нашето предание ако пропуштиме да соработуваме со старешинското уредување во собранието?
12. Кои примери во врска со непочитувањето на авторитетот ги наведува Јуда, и што нѐ учат тие?
12 Писмото содржи примери кои нѐ учат за вредноста на послушноста и подложноста. Укажувајќи на лицата што зборувале навредливо за наименуваните мажи во собранието, ученикот Јуда истакнал три предупредувачки примери, велејќи: „Тешко ним, зашто тргнале по патеката на Каин, и заради награда се залетале на погрешниот пат на Валаам и загинале во бунтовниот говор на Кореј!“ (Јуда 11). Каин го игнорирал Јеховиниот љубезен совет и намерно одел по пат на убиствена омраза (Битие 4:4—8). И покрај тоа што добивал чести божествени предупредувања, Валаам се обидел да го проколне Божјиот народ заради финансиска добивка (Броеви 22:5—28, 32—34; Второзаконие 23:5). Кореј имал своја сопствена убава одговорност во Израел, но тоа не му било доволно. Подбуцнал побуна против Божјиот слуга Мојсеј, најкроткиот човек на Земјата (Броеви 12:3; 16:1—3, 32, 33). Каин, Валаам и Кореј ги снашла несреќа. Колку само живо нѐ учат овие примери да го слушаме советот од оние што Јехова ги користи на позиции на одговорност и да ги почитуваме!
13. Кои благослови ги претскажал пророкот Исаија за оние што се подложуваат на старешинското уредување?
13 Кој не би сакал да извлече корист од величественото уредување за надгледување што го вовел нашиот Водач во христијанското собрание? Пророкот Исаија ги претскажал благословите од него со зборовите: „Еве со правда царот царува, кнезовите владеат со правина; секој е како заветрина, прибежиште од невреме, како потоци во сува земја, како сенка во жедна пустина“ (Исаија 32:1, 2). Секој старешина треба да биде такво место на заштита и сигурност. Дури и ако ни е тешко да се подложуваме на авторитет, со молитва се да се напрегаме да бидеме послушни и подложни на божествено поставениот авторитет во собранието.
Како старешините се подложуваат на Христовото водство
14, 15. На кој начин оние што предводат во собранието покажуваат дека се подложуваат на Христовото водство?
14 Секој христијанин — а особено старешините — мора да го следи Христовото водство. Надгледниците, односно старешините, имаат извесна мера авторитет во собранието. Но, тие не настојуваат да бидат ‚господари на верата на своите соработници‘ обидувајќи се да им го контролираат животот (2. Коринќаните 1:24). Старешините ги земаат при срце Исусовите зборови: „Знаете дека владетелите на нациите господарат над нив и големците спроведуваат власт над нив. Меѓу вас не е така“ (Матеј 20:25—27). Додека ја исполнуваат својата одговорност, старешините искрено се обидуваат да им служат на другите.
15 Христијаните се поттикнати: „Сеќавајте се на оние кои предводат меѓу вас . . . и додека набљудувате каков е исходот од нивното однесување, имитирајте ја нивната вера“ (Евреите 13:7). Ова не се бара затоа што старешините се водачи. Исус рекол: „Еден е вашиот Водач, Христос“ (Матеј 23:10). Верата на старешините е тоа што треба да се имитира бидејќи тие се имитатори на нашиот вистински Водач, Христос (1. Коринќаните 11:1). Разгледај некои начини на кои старешините настојуваат да бидат како Христос во својот однос со другите во собранието.
16. И покрај авторитетот што го поседувал, како постапувал Исус со своите следбеници?
16 Иако бил супериорен во однос на несовршените луѓе во секој поглед и поседувал неспоредлив авторитет од својот Татко, Исус бил скромен во постапките со своите ученици. Тој не ги преплавувал своите слушатели импресивно расфрлајќи се со знаење. Исус покажувал осетливост и сочувство кон своите следбеници, земајќи ги предвид нивните човечки потреби (Матеј 15:32; 26:40, 41; Марко 6:31). Тој никогаш не барал од учениците повеќе од она што можеле да го дадат, и никогаш не ставал врз нив повеќе од она што можеле да носат (Јован 16:12). Исус бил „со благ нарав и понизен во срце“. Затоа не изненадува тоа што многумина го сметале за освежување (Матеј 11:28—30).
17. На кој начин треба да покажат старешините скромност како Христовата во својот однос со другите во собранието?
17 Ако Христос Водачот покажувал скромност, колку повеќе треба да го прават тоа оние што предводат во собранието! Да, тие пазат да не го злоупотребуваат кој и да е авторитет што им е доверен. И ‚не доаѓаат со претераност во говорот‘, обидувајќи се да ги импресионираат другите (1. Коринќаните 2:1, 2). Наместо тоа, настојуваат да ги кажуваат зборовите на библиската вистина со едноставност и искреност. Освен тоа, старешините настојуваат да бидат разумни во своите очекувања од другите и да бидат обѕирни кон нивните потреби (Филипјаните 4:5). Свесни дека секој си има свои ограничувања, тие со љубов ги земаат во обѕир ограничувањата на своите браќа (1. Петрово 4:8). И зарем старешините кои се понизни и со благ нарав не се вистинско освежување? Навистина се.
18. Што можат старешините да научат од начинот на кој Исус постапувал со децата?
18 Исус бил пристаплив и достапен, дури и за помалите. Разгледај како реагирал кога неговите ученици ги прекорувале луѓето заради тоа што ‚му доведувале дечиња‘. „Пуштете ги дечињата да доаѓаат кај мене“, рекол Исус, „не обидувајте се да ги запрете.“ Потоа, ‚ги зел децата в прегратка и почнал да ги благословува, положувајќи ги рацете врз нив‘ (Марко 10:13—16). Исус бил срдечен и љубезен, и другите биле привлечени кон него. Луѓето не се плашеле од Исус. Дури и децата се чувствувале опуштено во негово присуство. И старешините се пристапливи, и додека покажуваат срдечна наклоност и љубезност, другите — па дури и децата — се чувствуваат опуштено со нив.
19. Што е вклучено во тоа ‚да се има умот на Христос‘, и какви напори бара тоа?
19 До која мера старешините можат да го имитираат Христос Исус зависи од тоа колку добро го познаваат. „Кој го спознал умот на Јехова, за да го поучи?“ — прашал Павле. Потоа додал: „Но ние го имаме умот на Христос“ (1. Коринќаните 2:16). Да се има умот на Христос вклучува да се познава образецот на неговото размислување и сите аспекти на неговата личност така што ќе знаеме што би сторил тој во одредена ситуација. Замисли си толку добро да го запознаеш нашиот Водач! Да, ова бара да обрнуваме грижливо внимание на евангелските извештаи и редовно да го полниме својот ум со разбирање за Исусовиот живот и пример. Кога старешините вложуваат напори да го следат Христовото водство до тој степен, оние во собранието се посклони да ја имитираат нивната вера. А старешините го имаат задоволството да гледаат како другите радосно ги следат стапките на Водачот.
Продолжи под Христовото водство
20, 21. Додека гледаме напред кон ветениот нов свет, на што треба да бидеме решени?
20 Животоважно е сите ние да останеме под Христовото водство. Додека се приближуваме кон крајот на овој систем на работи, нашата ситуација може да се спореди со ситуацијата на Израелците на Моавските Полиња во 1473 пр.н.е. Тие се наоѓале на прагот на Ветената земја, и Бог преку Мојсеј изјавил: „Ти [Исус Навин] ќе одиш со овој народ во земјата за која Господ им се заколна на нивните татковци, дека ќе им ја даде“ (Второзаконие 31:7, 8). Исус Навин бил наименуваниот водач. За да влезат во Ветената земја, Израелците морале да се подложат на водството на Исус Навин.
21 Библијата ни вели: „Еден е вашиот Водач, Христос“. Само Христос ќе нѐ одведе во ветениот нов свет во кој ќе престојува праведност (2. Петрово 3:13). Затоа, да бидеме решени да се подложиме на неговото водство на сите подрачја од животот.
[Фуснота]
a ‚Ѕвездите‘ овде не симболизираат дословни ангели. Исус сигурно не би употребил човек за да запише информации за невидливите духовни суштества. Според тоа, ‚ѕвездите‘ мора да ги претставуваат човечките надгледници, односно старешините во собранијата, кои се сметани за Исусови гласници. Тоа што се седум на број означува потполност одредена од Бог.
Се сеќаваш ли?
• Како го водел Христос раното собрание?
• На кој начин го води Христос своето собрание денес?
• Зошто треба да им бидеме подложни на оние што предводат во собранието?
• На кои начини можат старешините да покажат дека Христос е нивниот Водач?
[Слика на страница 15]
Христос го води своето собрание и ги држи надгледниците во својата десница
[Слики на страница 16]
„Бидете им послушни на оние кои предводат меѓу вас и бидете подложни“
[Слика на страница 18]
Исус бил срдечен и пристаплив. Христијанските старешини настојуваат да бидат како него