Празници-меѓници на израелската историја
„Трипати во годината секое машко треба да се јавува пред Господа, твојот Бог, на местото, што ќе го одбере Он . . . и никој не смее да се јавува пред Господа со празни раце“ (3. МОЈСЕЕВА 16:16).
1. Што може да се рече за празничните прилики во библиски времиња?
ШТО ти доаѓа на ум кога ќе помислиш на некој празник? Некои празници во древни времиња биле обележувани со претерана попустливост и неморал. Истото важи и за некои современи празници. Но, празниците што се истакнати во Божјиот закон до Израел, биле поинакви. Иако биле радосни прилики, тие би можеле да се опишат и како ‚свети празници‘ (3. Мојсеева 23:2).
2. а) Што се барало од израелските машки да прават трипати во годината? б) Што значи зборот „празник“, како што е употребен во 5. Мојсеева 16:16?
2 Верните израелски мажи — честопати придружувани од своите семејства — наоѓале освежувачко задоволство да патуваат во Ерусалим, ‚местото што го одбрал Господ‘, и дарежливо да приложуваат за трите големи празника (5. Мојсеева 16:16). Хебрејскиот збор во 5. Мојсеева 16:16 преведен со „празник“, книгата Old Testament Word Studies го дефинира како „прилика за голема радост . . . на која со жртвување и гоштавање биле прославувани некои истакнати случаи на Божја наклоност“.a
Вредноста на големите празници
3. Какви благослови донесувале на ум трите годишни празника?
3 Со оглед на тоа дека нивното општество било земјоделско, Израелците зависеле од Божјиот благослов во вид на дожд. Трите големи празника во Мојсеевиот Закон се совпаѓале со собирањето на жетвата на јачменот во рана пролет, со жетвата на житото во доцна пролет и со останатата жетва во доцно лето. Ова биле прилики за големо радување и благодарност спрема Поддржувачот на дождовниот циклус и Творецот на родната земја. Но, празниците вклучувале многу повеќе (5. Мојсеева 11:11—14).
4. Кој историски настан се прославувал со првиот празник?
4 Првиот празник се одржувал во првиот месец од древниот библиски календар, од 15 до 21 Нисан, што одговара на нашиот доцен март или ран април. Бил наречен Празник на бесквасни погачки и, бидејќи следел непосредно по Пасхата на 14 Нисан, бил наречен и „празникот Пасха“ (Лука 2:41; 3. Мојсеева 23:5, 6). Овој празник го потсетувал Израел на неговото избавување од мачењето во Египет, на бесквасните погачки, наречени „лебови на маките“ (5. Мојсеева 16:3). Тој ги потсетувал дека нивниот бег од Египет бил толку брз што немало време да додадат квасец на нивното тесто и да чекаат тоа да се подигне (2. Мојсеева 12:34). За време на овој празник, во еден израелски дом не смеело да се најде никаков потквасен леб. Секој славеник, вклучувајќи и странски резидент, кој јадел потквасен леб, требало да биде казнет со смрт (2. Мојсеева 12:19).
5. На каква предност можеби потсетувал вториот празник, и кој требало да биде вклучен во радувањето?
5 Вториот празник се одржувал седум седмици (49 дена) после 16 Нисан и се паѓал на 6-тиот ден од третиот месец, Сиван, кој одговара на нашиот доцен мај (3. Мојсеева 23:15, 16). Бил наречен Празник на седмиците (во времето на Исус бил наречен и Пентакост, што на грчки значи „Педесетти“), и се одржувал близу истото време од годината кога Израел стапил во заветот на Законот на гората Синај (2. Мојсеева 19:1, 2). Во текот на овој празник, верните Израелци можеби медитирале за својата предност што биле одвоени како Божја света нација. Тоа што биле Божји посебен народ изискувало послушност кон Божјиот Закон, како што е заповедта да се покажува грижа полна со љубов кон оние во неповолна положба за да можат и тие да се радуваат на празникот (3. Мојсеева 23:22; 5. Мојсеева 16:10—12).
6. На кое искуство третиот празник го потсетувал Божјиот народ?
6 Последниот од трите големи годишни празници бил наречен Празник на собирањето, односно празник Сеници. Тој се одржувал во седмиот месец, Тишри, односно Атаним, од 15-тиот до 21-виот ден, кои одговараат на нашиот ран октомври (3. Мојсеева 23:34). Во текот на ова време, Божјиот народ престојувал надвор од своите домови или на своите покриви во привремени засолништа (сеници), направени од гранки и лисја од дрвја. Ова ги потсетувало на нивното 40-годишно патување од Египет до Ветената земја, кога нацијата морала да научи да се ослонува на Бог за своите секојдневни потреби (3. Мојсеева 23:42, 43; 5. Мојсеева 8:15, 16).
7. Како извлекуваме корист од разгледувањето на празничните прослави во древниот Израел?
7 Сега да разгледаме некои празници кои се покажале како меѓници во историјата на Божјиот древен народ. Ова треба да биде охрабрувачки за нас денес, бидејќи и ние сме поканети редовно да се собираме секоја седмица и трипати во годината на големи собири и конгреси (Евреите 10:24, 25).
Во времето на давидските цареви
8. а) Каква историска прослава се одржала во деновите на цар Соломон? б) Која грандиозна кулминација на противсликата на празникот Сеници можеме радосно да ја исчекуваме?
8 Една историска прослава во времето на празникот Сеници се одржала за време на просперитетното владеење на цар Соломон, Давидовиот син. „Многу голем собор“ се собрал од краевите на Ветената земја на празникот Сеници и на свеченото отворање на храмот (2. Летописи 7:8). Кога тој завршил, цар Соломон ги распуштил славениците, кои ‚го благословувале царот и си отишле по шаторите свои, радувајќи се и веселејќи се во срцето свое за сето добро, што Господ му го направил на Својот слуга Давида и на Својот народ Израилот‘ (3. Царства 8:66). Тоа навистина бил еден празник-меѓник. Денес, Божјите слуги радосно ја исчекуваат величествената кулминација на противсликата на празникот Сеници на крајот од Илјадагодишното владеење на Поголемиот Соломон, Исус Христос (Откровение 20:3, 7—10, 14, 15). Во тоа време, луѓето кои живеат во секое катче од Земјата, вклучувајќи ги и воскреснатите и преживеаните од Армагедон, ќе бидат обединети во радосното обожавање на Јехова Бог (Захарија 14:16).
9-11. а) Што довело до еден празник-меѓник во деновите на цар Езекија? б) Каков пример дале мнозина од северното десетплеменско царство, и на што нѐ потсетува тоа денес?
9 Следниот истакнат празник за кој се известува во Библијата дошол после владеењето на злобниот цар Ахаз, кој го затворил храмот и го довел царството Јуда до отпадништво. Ахазов наследник бил добриот цар Езекија. Во првата година од неговото владеење, на возраст од 25 години, Езекија почнал една голема програма на обнова и реформа. Тој веднаш го отворил храмот и уредил тој да биде поправен. Потоа, царот испратил писма до Израелците кои живееле во непријателското десетплеменско царство Израел на север, поканувајќи ги да дојдат и да ја прослават Пасхата и Празникот на бесквасните погачки. Мнозина дошле и покрај исмејувањето од своите ближни (2. Летописи 30:1, 10, 11, 18).
10 Дали празникот бил успешен? Библијата известува: „Така синовите Израилеви, кои што беа во Ерусалим, го извршија празникот на Бесквасниците през седум дена со голема веселба; секој ден левитите и свештениците Го славеа Господа со свирки“ (2. Летописи 30:21). Каков само добар пример дале тие Израелци за Божјиот денешен народ, од кои мнозина поднесуваат противење и патуваат долг пат за да присуствуваат на конгреси!
11 На пример, размисли за трите Обласни конгреси „Оддаденост на Бог“ што се одржаа во Полска во 1989. Меѓу 166.518-те присутни имаше големи групи од поранешниот Советски Сојуз и од други источноевропски земји, каде што делото на Јеховините сведоци тогаш беше забрането. „За некои кои присуствуваа на овие конгреси“ — известува книгата Jehovah’s Witnesses—Proclaimers of God’s Kingdomb — „тоа беше првпат да бидат на еден голем збир на повеќе од 15 или 20 души од Јеховиниот народ. Нивните срца се прелеваа од ценење додека ги гледаа десетиците илјади на стадионите, додека се дружеа со нив во молитва и ги обединуваа своите гласови во песни на фалба до Јехова“ (страница 279).
12. Што довело до празникот-меѓник во времето на владеењето на цар Јосија?
12 По смртта на Езекија, Јудејците повторно потпаднале на лажно обожавање под царевите Манасија и Амон. Потоа дошло владеењето на уште еден добар цар, младиот Јосија, кој дејствувал храбро во обновувањето на вистинското обожавање. На возраст од 25 години, Јосија наредил храмот да биде поправен (2. Летописи 34:8). Додека се вршела поправката, во храмот бил најден Законот напишан од Мојсеј. Царот Јосија бил длабоко трогнат од она што го прочитал во Божјиот Закон и уредил тој да му биде прочитан на сиот народ (2. Летописи 34:14, 30). Потоа, во согласност со она што било напишано, организирал прослава на Пасхата. Царот дал добар пример и со тоа што дарежливо приложил за приликата. Како резултат од тоа, Библијата известува: „Таква Пасха не беше прославувана во Израилот од деновите на пророкот Самуил“ (2. Летописи 35:7, 17, 18).
13. На што нѐ потсетуваат денес празничните прослави на Езекија и на Јосија?
13 Реформите на Езекија и на Јосија се подудруваат со прекрасната обнова на вистинското обожавање што се случила меѓу вистинските христијани од востоличувањето на Исус Христос во 1914. Како што било вистинито особено со Јосиините реформи, ова современо обновување се темелело на она што е запишано во Божјата Реч. И, подудрувајќи се со деновите на Езекија и Јосија, современото обновување е обележано со собири и конгреси на кои биле изнесувани возбудливи објаснувања на библиски пророштва и навремени примени на библиските начела. Радоста на овие поучни прилики ја зголемувал огромниот број лица кои се крштавале. Како покајничките Израелци во деновите на Езекија и Јосија, новокрстените им свртеле грб на злобните практики на христијанскиот свет и на остатокот од Сатановиот свет. Во 1997 беа крстени преку 375.000 во симбол на нивното предание на светиот Бог, Јехова — во просек повеќе од 1.000 дневно.
После егзилот
14. Што довело до еден празник-меѓник во 537 пр. н. е.?
14 По смртта на Јосија, нацијата повторно се свртела кон понижувачко лажно обожавање. Конечно, во 607 пр. н. е., Јехова го казнил својот народ со тоа што ги донел вавилонските војски против Ерусалим. Градот и неговиот храм биле уништени, а земјата била опустошена. Уследиле 70 години еврејско заробеништво во Вавилон. Потоа Бог оживеал еден еврејски остаток, кој се вратил во Ветената земја за да го обнови вистинското обожавање. Тие пристигнале кај разорениот град Ерусалим во седмиот месец од 537 година пр. н. е. Првото нешто што го направиле било да подигнат еден олтар за да принесуваат редовни дневни жртви, како што било истакнато во заветот на Законот. Тоа било токму навреме за една друга историска прослава. „И го празнуваа празникот Сеници, како што беше заповедано“ (1. Ездра 3:1—4).
15. Какво дело му претстоело на обновениот остаток во 537 пр. н. е., и на кој начин во 1919 постоела една паралелна ситуација?
15 Пред овие вратени изгнаници лежело едно огромно дело — повторната изградба на Божјиот храм и на Ерусалим со неговите ѕидини. Имало големо противење од страна на љубоморните соседи. Кога храмот се градел, тоа бил ‚ден на мали работи‘ (Захарија 4:10, NW). Ситуацијата се подудрува со состојбата на верните помазани христијани во 1919. Таа знаменита година тие биле избавени од духовното заробеништво во Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија. Тие броеле само неколку илјади и се соочиле со еден непријателски свет. Дали Божјите непријатели ќе бидат во состојба да го запрат напредувањето на вистинското обожавање? Одговорот на тоа прашање потсетува на последните две празнични прослави што се забележани во Хебрејските списи.
16. Што било значајно во врска со еден празник во 515 пр. н. е.?
16 Храмот конечно бил повторно изграден во месецот Адар 515 година пр. н. е., токму навреме за пролетниот празник во Нисан. Библијата известува: „Го празнуваа со радост и празникот бесквасници седум дена, зашто Господ ги зарадува и го сврти кон нив срцето на асирскиот цар, за да ги поткрепи рацете нивни при градењето на домот на Господа, Бог Израилев“ (1. Ездра 6:22).
17, 18. а) Каков празник-меѓник бил достигнат во 455 пр. н. е.? б) На кој начин ние сме во една слична ситуација денес?
17 Шеесет години подоцна, во 455 пр. н. е., бил достигнат еден друг меѓник. Празникот Сеници таа година го обележал довршувањето на повторната изградба на ерусалимските ѕидини. Библијата известува: „Целото општество од оние, што се беа вратиле од пленство, направи сеници и живееја во сеници. Од дните на Исуса Навинов, та до тој ден не беа правеле така синовите Израилеви. Радоста беше многу голема“ (Неемија 8:17).
18 Какво само знаменито обновување на Божјето вистинско обожавање и покрај жестокото противење! Денешната ситуација е слична. И покрај бранови на прогонство и противење, величественото дело на проповедање на добрата вест за Божјето Царство стигнало до краевите на Земјата, а Божјите пораки на осуда се разгласуваат надалеку и нашироко (Матеј 24:14). Конечното запечатување на преостанатите од 144-те илјади наближува. Преку пет милиони нивни придружници „други овци“ се собрани од сите нации во „едно стадо“ со помазаниот остаток (Јован 10:16; Откровение 7:3, 9, 10). Какво само прекрасно исполнување на пророчката слика за празникот Сеници! А ова величествено дело на собирање ќе продолжи во новиот свет, кога милијарди воскреснати ќе бидат поканети да се придружат во прославувањето на претсликата на празникот Сеници (Захарија 14:16—19).
Во првиот век н. е.
19. Што го направило истакнат празникот Сеници во 32 н. е.?
19 Меѓу најистакнатите празнични прослави што се забележани во Библијата, несомнено биле оние на кои присуствувал Божјиот Син, Исус Христос. На пример, разгледај го Исусовото присуство на празникот Сеници (односно Табернакли) во 32 година н. е. Тој ја искористил таа прилика за да поучи за важни вистини и го поткрепил своето учење со цитирање од Хебрејските списи (Јован 7:2, 14, 37—39). Редовно обележје на овој празник бил обичајот на палење четири огромни свеќници во внатрешниот двор на храмот. Ова придонесувало за уживање во празничните активности што траеле сѐ до ноќта. Изгледа Исус алудирал на овие огромни светла кога рекол: „Јас сум Светлина на светот; кој врви по Мене, нема да оди во темнина, а ќе има светлина во животот“ (Јован 8:12).
20. Зошто Пасхата во 33 н. е. била истакната?
20 Потоа дошле Пасхата и Празникот на бесквасни погачки во значајната 33 година н. е. На тој Пасхален ден, Исус бил погубен од неговите непријатели и станал Пасхално Јагне-противслика, кое умрело за да ги земе „гревовите на светот“ (Јован 1:29; 1. Коринтјаните 5:7). Три дена подоцна, на 16 Нисан, Бог го воскреснал Исус со бесмртно духовно тело. Ова се совпаднало со принесувањето на првите плодови од жетвата на јачменот, како што било пропишано со Законот. На тој начин, воскреснатиот Господ Исус Христос станал ‚прв плод од оние кои заспале во смрт‘ (1. Коринтјаните 15:20, NW).
21. Што се случило на Педесетници 33 н. е.?
21 Еден навистина истакнат празник бил Педесетници 33 н. е. На тој ден, многу Евреи и прозелити се собрале во Ерусалим, вклучувајќи и околу 120 Исусови ученици. Додека празникот бил во тек, воскреснатиот Господ Исус Христос го излил Божјиот свет дух врз 120-мината (Дела 1:15, 16; 2:1—4, 33). Со тоа тие биле помазани и станале Божја нова избрана нација преку новиот завет посредуван преку Исус Христос. За време на тој празник, еврејскиот првосвештеник му принесувал на Бог два потквасени сомуна направени од првите плодови од жетвата на пченицата (3. Мојсеева 23:15—17). Овие потквасени сомуни ги претставуваат 144-те илјади несовршени луѓе, кои Исус ги ‚откупил за Бога‘ за да служат како „цареви и свештеници . . . да царуваат на [над, NW] земјата‘ (Откровение 5:9, 10; 14:1, 3). Преку двата потквасени сомуна може да се претстави и фактот дека овие небесни владетели доаѓаат од две гранки на грешното човештво — Евреите и не-Евреите.
22. а) Зошто христијаните не ги слават празниците од заветот на Законот? б) Што ќе разгледаме во следната статија?
22 Кога новиот завет стапил во сила на Педесетници 33 н. е., тоа значело дека стариот завет на Законот престанал да има вредност во Божји очи (2. Коринтјаните 3:14; Евреите 9:15; 10:16). Тоа не значи дека помазаните христијани се без закон. Тие доаѓаат под божествениот закон за кој поучувал Исус Христос и кој е напишан на нивните срца (Галатјаните 6:2). Затоа, христијаните не ги прославуваат трите годишни празника, бидејќи се дел од стариот завет на Законот (Колосјаните 2:16, 17). Меѓутоа, можеме многу да научиме од ставот на претхристијанските Божји слуги спрема нивните празници и другите состаноци за обожавање. Во нашата следна статија ќе разгледаме примери кои несомнено ќе ги мотивираат сите да ја ценат потребата да бидат редовни во присуствувањето на христијанските збирови.
[Фусноти]
a Види и Insight on the Scriptures, издаден од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc., том 1, страница 820, колона 1, пасуси 1 и 3, под „Festival“.
b Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
Прашања за повторување
◻ За каква цел послужиле трите израелски големи празници?
◻ Што ги карактеризирало празниците во времето на Езекија и на Јосија?
◻ Каков меѓник бил прославен во 455 пр. н. е., и зошто тоа е охрабрувачки за нас?
◻ Што било значајно во врска со Пасхата и со Педесетници во 33 н. е.?
[Рамка на страница 12]
Празнична поука за нас денес
Сите кои би сакале да извлечат трајна корист од Исусовата гревоискупувачка жртва, мораат да живеат во согласност со она што е претставено преку Празникот на бесквасни погачки. Овој празник-противслика е радосната прослава на помазаните христијани поради нивното избавување од овој злобен свет и поради нивното ослободување од осудата на гревот преку Исусовата откупнина (Галатјаните 1:4; Колосјаните 1:13, 14). Дословните празници траеле седум дена — број што е употребен во Библијата за да симболизира духовна потполност. Празникот-противслика трае колку што е потполното траење на помазаното христијанско собрание на Земјата и мора да се прославува со „искреност и вистина“. Тоа значи постојано да се биде буден во поглед на фигуративниот квасец. Квасецот е употребен во Библијата за да претстави расипани учења, лицемерство и лошотија. Вистинските обожаватели на Јехова мораат да покажуваат омраза спрема таквиот квасец, не дозволувајќи тој да ги расипе нивните сопствени животи ниту, пак, да ја наруши чистотата на христијанското собрание (1. Коринтјаните 5:6—8; Матеј 16:6, 12).
[Слика на страница 9]
Секоја година на 16 Нисан, на денот кога воскреснал Исус, бил принесуван еден сноп од новата жетва на јачменот
[Слика на страница 10]
Кога себеси се нарекол „Светлина на светот“, Исус можеби алудирал на празничните светила