Зошто на човештвото му е потребен помошник
‚БЕВ дрзок прогонител‘ признал еден човек кој порано бил горд и насилен. Тој бил богохулник кој зборувал навредливо и бездушно ги прогонувал и напаѓал богобојазливите следбеници на Исус Христос. „Сепак“, благодарно изјавил, „ми беше укажано милосрдие.“ Колку и да изгледа неверојатно, овој бесен прогонител станал верен христијански апостол — апостол Павле (1. Тимотеј 1:12—16, NW; Дела 9:1—19).
Сите не го направиле она што го направил Павле. Сепак, сите ние пропуштаме да ги задоволиме Божјите мерила. Зошто? Затоа што „сите згрешија и се лишени од славата Божја“ (Римјаните 3:23). Освен тоа, многу е лесно да потонеме во очај, можеби чувствувајќи се премногу лоши за да добиеме Божја милост. Додека размислувал за своите грешни склоности, самиот Павле извикал: „Беден човек сум! Кој ќе ме избави од телото на оваа смрт?“ Одговарајќи си самиот на ова прашање, тој напишал: „Му благодарам на својот Бог преку Исуса Христа, нашиот Господ“ (Римјаните 7:24, 25).
Како може еден праведен Творец да си има работа со грешници? (Псалм 5:4). Забележи дека Павле рекол: „Му благодарам на својот Бог преку Исуса Христа, нашиот Господ“. Еден друг човек кој примил Божја милост објаснил: „Ако некој и изврши грев, имаме помошник кај Таткото: Исус Христос, праведник. И тој е жртва помирница за нашите гревови, и не само за нашите туку и за гревовите на целиот свет“ (1. Јованово 2:1, 2, NW).
Зошто Исус Христос е наречен „помошник кај Таткото“? И како Исус е „жртва помирница“ за гревови?
Зошто е потребен помошник
Исус дојде на земјата „да ја даде душата Своја за откуп на мнозина“ (Матеј 20:28). Откупнина е цената која се плаќа за да се откупи, или да се ослободи некој или нешто. Глаголскиот облик на хебрејскиот збор преведен со „откупнина“ ја пренесува идејата за покривање, или искупување, на гревови (Псалм 77:38). Грчкиот збор, како и зборот кој се наоѓа во Матеј 20:28, се користел особено за цената која се плаќала за откупување на воени затвореници или за ослободување на робови. За да се задоволи правдата, се дава нешто како замена за нешто друго со соодветна вредност.
Човештвото паднало во ропство поради побуната на првиот човек против Бог. Како што е покажано во 1. Мојсеева, 3 поглавје, тој совршен човек — Адам — избрал да следи правец на непослушност кон Јехова Бог. Правејќи го тоа, се продал себеси и своите уште неродени потомци во ропството на гревот и смртта. На тој начин, Адам го проиграл дарот на совршен човечки живот за себеси и за целото свое потомство (Римјаните 5:12, 18, 19; 7:14).
Во древниот Израел, Бог направил подготовка за животински жртви за откупување, односно покривање на гревовите на луѓето (3. Мојсеева 1:4; 4:20, 35). Всушност, животот на жртвеното животно се давал во замена за животот на грешникот (3. Мојсеева 17:11). Како резултат на тоа, „денот на искупување“ можел да се нарече и „ден на откупнини“ (3. Мојсеева 23:26—28, NW).
Меѓутоа, поради тоа што животните се инфериорни во однос на човекот, не било „можно телешката и јарешката крв да ги премавне гревовите [потполно]“ (Евреите 10:1—4). За жртвата да има доволна вредност да ги искупи, или отстрани гревовите трајно, би морала да биде еднаква по вредност на она што го проиграл Адам. Вагата на правдата изискувала совршен човек (Исус Христос) да го врати во рамнотежа она што друг совршен човек (Адам) го изгубил. Само совршен човечки живот можел да ја плати откупната цена за да се искупи Адамовото потомство од ропството во кое нивниот прв татко ги продал. ‚Душа за душа‘ би ги задоволило барањата на вистинската правда (2. Мојсеева 21:23—25, NW).
Кога Адам погрешил и бил осуден на смрт, неговото уште неродено потомство сѐ уште било во неговите бедра и затоа умрело со него. Совршениот човек Исус, „последниот Адам“ намерно избрал да не создаде семејство (1. Коринтјаните 15:45). Тој имал неродено потомство во своите бедра кога умрел како совршена човечка жртва. Според тоа, би можело да се каже дека со него умрел потенцијалниот човечки род внатре во неговите бедра. Исус го сметал за свое Адамовото грешно семејство кое умира. Тој се откажал од правото да има свое семејство. Со тоа што го жртвувал својот совршен човечки живот, Исус повторно го купил целото човештво кое потекнува од Адам за да стане Негово семејство, станувајќи на тој начин нивни „Отец вечен“ (Исаија 9:6, 7).
Исусовата откупна жртва го отворила патот за послушното човештво да добие Божја милост и да постигне вечен живот. Затоа, апостол Павле напишал: „Платата, што ја дава гревот, е смрт, а дарот Божји е живот вечен во Христа Исуса, нашиот Господ“ (Римјаните 6:23). Не можеме а да не го фалиме Јехова поради љубовта и сочувството поврзани со откупнината, која е дадена по огромна цена за самиот Него и за Неговиот драг возљубен Син (Јован 3:16). А Исус навистина се покажал како „помошник кај Таткото“ кога бил воскреснат за небесен живот и му ја принел вредноста на својата откупна жртва на Бог на неботоa (Евреите 9:11, 12, 24; 1. Петрово 3:18). Но, како Исус Христос се покажува како наш помошник на небото сега?
[Фуснота]
a Види ги 4-то и 7-мо поглавје од книгата Спознание кое води до вечен живот, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слика на страница 4]
Исусовиот совршен човечки живот станал цената за да се откупи Адамовото потомство