Доверено ни е богатство
1 Апостол Павле многу ја ценел задачата што ја добил од Бог, имено, да проповеда, и за неа зборувал како за „богатство“ (2. Кор. 4:7). За да ја исполни таа задача, тој истрајал во тешкотии и прогонство. Неуморно му проповедал на секој што ќе го сретнел. Бил на многу тешки и опасни патувања по копно и по море. Како можеме да го следиме примерот на Павле и да покажеме дека длабоко ја цениме нашата служба? (Рим. 11:13). Зошто е таа неспоредливо богатство?
2 Најголемо богатство: Земните богатства честопати носат многу болка и ни користат само привремено. Од друга страна, нашата служба ни носи трајни благослови нам и на другите (1. Тим. 4:16). Таа им помага на искрените луѓе да го запознаат Јехова, да ги направат потребните промени во животот и да добијат вистинска надеж за вечен живот (Рим. 10:13-15). Ако нашата служба ја сметаме за нешто многу вредно, добиваме задоволувачка смисла во животот, трајно чувство дека нешто сме постигнале и зајакнувачка надеж за иднината (1. Кор. 15:58).
3 Покажи дека го цениш своето богатство: За она што многу го цениме, обично сме спремни да правиме некакви жртви. Навистина е голема чест да го користиме своето време и енергија за да го фалиме Јехова! (Еф. 5:16, 17). Начинот на кој го користиме своето време треба да покаже дека повеќе ги цениме духовните работи отколку материјалните цели. Бидејќи пораката што ја пренесуваме на другите е толку скапоцена, ќе сакаме да проповедаме со воодушевеност и ќе бидеме спремни во секоја прилика да зборуваме за добрата вест.
4 Скапоценото богатство обично не се крие туку се покажува за да можат другите да го видат. Ако нашата служба ја сметаме за богатство, таа ќе зазема важен дел од нашиот живот (Мат. 5:14-16). Со срца полни со благодарност, секогаш да го следиме примерот на апостол Павле и да ја искористиме секоја прилика да покажеме дека навистина ја цениме нашата служба, затоа што таа за нас е вистинско богатство.