Јехова доведува многу синови во слава
‚Било прикладно за [Бог] да доведе многу синови во слава, преку страдања да го направи совршен Главниот Застапник на нивното спасение‘ (ЕВРЕИТЕ 2:10, NW).
1. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јеховината намера со човештвото ќе се исполни?
ЈЕХОВА ја создал Земјата за да биде вечен дом на едно совршено човечко семејство кое ќе се радува на бескраен живот (Проповедник 1:4; Исаија 45:12, 18). Вистина, нашиот прататко Адам згрешил и на тој начин на своето потомство му пренел грев и смрт. Но, Божјата намера со човештвото ќе се исполни преку неговото ветено Семе, Исус Христос (1. Мојсеева 3:15; 22:18, обата NW; Римјаните 5:12—21; Галатјаните 3:16). Љубовта кон светот на човештвото го поттикнало Јехова да го даде „Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Јован 3:16). А љубовта го мотивирала Исус „да ја даде душата Своја за откуп на мнозина“ (Матеј 20:28). Оваа „соодветна откупнина“ ги откупува правата и изгледите што ги проиграл Адам и го овозможува вечниот живот (1. Тимотеј 2:5, 6, NW; Јован 17:3).
2. Како била предочена примената на Исусовата откупна жртва за време на израелскиот годишен Ден на искупување?
2 Примената на Исусовата откупна жртва била предочена на годишниот Ден на искупување. Тој ден, израелскиот првосвештеник првин жртвувал еден бик како принос за грев и неговата крв ја претставувал кај светиот Ковчег во Најсветата светиња во табернакулот, а подоцна во храмот. Ова го правел во полза на самиот себе, за своето домаќинство, како и за племето Леви. Слично на тоа, Исус Христос му ја претставил на Бог вредноста на својата крв најпрво за да ги покрие гревовите на своите духовни „браќа“ (Евреите 2:12; 10:19—22; 3. Мојсеева 16:6, 11—14). На Денот на искупувањето, првосвештеникот жртвувал и еден јарец како принос за грев и неговата крв ја претставувал во Најсветата светиња, на тој начин правејќи искупување за гревовите на 12-те несвештенички племиња на Израел. На сличен начин, Првосвештеникот Исус Христос ќе ја примени својата животна крв во полза на оние од човештвото кои практикуваат вера, бришејќи ги нивните гревови (3. Мојсеева 16:15).
Доведени во слава
3. Според Евреите 2:9, 10, што прави Бог веќе 1.900 години?
3 Веќе 1.900 години, Бог прави нешто извонредно во врска со Исусовите „браќа“. Во врска со ова, апостол Павле напишал: „Го гледаме Исуса, кој беше направен малку понизок од ангелите, крунисан со слава и чест поради тоа што претрпе смрт, за да може преку Божјата незаслужена љубезност да вкуси смрт за секој човек. Зашто било прикладно за оној [Јехова Бог], поради кого е сѐ и преку кого е сѐ, да доведе многу синови во слава, преку страдања да се направи совршен Главниот Застапник на нивното спасение“ (Евреите 2:9, 10, NW). Главниот Застапник на спасението е Исус Христос, кој се научил на совршена послушност преку работите што ги претрпел додека живеел како човек на Земјата (Евреите 5:7—10). Исус бил првиот кој требало да се роди како духовен Божји син.
4. Кога и како Исус бил роден како Божји духовен Син?
4 Јехова го употребил својот свет дух, односно активна сила, за да го роди Исус како свој духовен Син за да го доведе во небесна слава. Додека бил насамо со Јован Крстител, Исус се подложил на потполно потопување во вода за да го симболизира своето претставување на Бог. Евангелието по Лука вели: „А кога се крсти сиот народ, и кога Исус, по крштавањето, се помоли на Бога, се отвори небото, и Светиот Дух слезе на Него во телесен вид, како гулаб, и се чу глас од небото, кој велеше: ‚Ти си Мојот возљубен Син, во Тебе е Мојата волја‘“ (Лука 3:21, 22). Јован го видел светиот дух како доаѓа на Исус и го чул Јехова како зборува отворено одобрувајќи го како Свој љубен Син. Во тоа време и преку светиот дух, Јехова го родил Исус како прв од ‚многуте синови што треба да бидат доведени во слава‘.
5. Кои биле првите кои требало да извлечат корист од Исусовата жртва, и колкав е нивниот број?
5 Исусовите ‚браќа‘ биле првите кои требало да извлечат полза од неговата жртва (Евреите 2:12—18). Во визија, апостол Јован ги видел веќе во слава на небесната гора Сион со Јагнето, воскреснатиот Господ Исус Христос. Јован исто така го открил нивниот број, велејќи: „Потоа видов: ете, Агнецот стои на гората Сион, и со Него сто и четириесет и четири илјади, што го имаа на челата свои напишано [неговото име и, NW] името на Неговиот Отец . . . Тие се откупени меѓу луѓето, првенци на Бога и на Агнецот, и во устата нивна измама не се најде; тие се непорочни“ (Откровение 14:1—5). Значи, ‚многуте синови доведени во слава‘ на небото вкупно изнесуваат само 144.001 — Исус и неговите духовни браќа.
‚Родени од Бога‘
6, 7. Кои се ‚родени од Бога‘, и што значи ова за нив?
6 Оние кои се родени од Јехова, се ‚родени од Бога‘. Обраќајќи им се на таквите поединци, апостол Јован напишал: „Никој кој е роден од Бог не продолжува да греши, затоа што Неговото [Јеховиното] расплодно семе останува во таквиот, и тој не може да практикува грев затоа што е роден од Бог“ (1. Јованово 3:9, NW). Ова „расплодно семе“ е Божјиот свет дух. Работејќи заедно со неговата реч, на секој од 144-те илјади тој му дал „ново раѓање“ (NW) за небесна надеж (1. Петрово 1:3—5, 23).
7 Исус бил Божји Син уште од своето човечко раѓање, исто како што совршениот човек Адам бил „Син Божји“ (Лука 1:35; 3:38, NW). Меѓутоа, после Исусовото крштавање, значајно било тоа што Јехова изјавил: „Ти си Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја“ (Марко 1:11). Со оваа изјава која го придружувала изливот на светиот дух, било јасно дека Бог тогаш го родил Исус како Свој духовен Син. Така да се рече, Исус тогаш добил „ново раѓање“, со правото уште еднаш да добие живот како духовен Божји Син на небото. Како него, и неговите 144.000 духовни браќа се ‚повторно родени‘ (Јован 3:1—8; види Стражарска кула од 15 ноември 1992, страници 3—6). Исто така, како Исус, и тие се помазани од Бог и ополномоштени да ја објавуваат добрата вест (Исаија 61:1, 2; Лука 4:16—21; 1. Јованово 2:20).
Доказ за раѓањето
8. Каков доказ за духовно раѓање имало во случајот со а) Исус? б) со неговите рани ученици?
8 Имало доказ дека Исус бил роден со дух. Јован Крстител го видел духот како слегува врз Исус и ја чул изјавата за духовното синовство на новопомазаниот Месија. Но, како би знаеле Исусовите ученици дека се родени со дух? Па, на денот на неговото вознесување на небото, Исус рекол: „Јован крштаваше со вода, а вие, не по многу дни од денес, ќе бидете крстени со Светиот Дух“ (Дела 1:5). Исусовите ученици биле ‚крстени со Свет Дух‘ на ден Пентакост 33 н. е. Тоа излевање на духот било придружувано со ‚шум од небото, како да идел силен ветар‘ и со ‚огнени јазици‘ врз секој од учениците. Уште поизвонредна е способноста на учениците „да зборуваат на други јазици, онака како што им давал Духот Свети да изговараат“. Значи, имало видливи и чујни докази дека за следбениците на Христос бил отворен патот во небесна слава како Божји синови (Дела 2:1—4, 14—21; Јоил 2:28, 29).
9. Каков доказ имало дека Самарјаните, Корнилиј и други од првиот век биле родени со дух?
9 Некое време по тоа, евангелизаторот Филип проповедал во Самарија. Иако Самарјаните ја прифаќале неговата порака и се крштавале, ним им недостигал доказ дека Бог ги родил како свои синови. Кога апостолите Петар и Јован се помолиле и ги положиле своите раце врз овие верници, ‚тие го примиле Духот Свети‘ на некој начин кој бил очигледен за набљудувачите (Дела 8:4—25). Ова било доказ дека Самарјаните кои верувале, биле родени со дух како Божји синови. Слично на тоа, во 36 н. е., Корнилиј и други не-Евреи ја прифатиле Божјата вистина. Петар и еврејските верници кои го придружувале, се ‚зачудиле дека и над незнабошците се излеал дарот на Светиот Дух, зашто ги слушнале да зборуваат на разни јазици и да Го величаат Бога‘ (Дела 10:44—48). Многу христијани од првиот век добиле ‚дарови на духот‘, како што е зборувањето на јазици (1. Коринтјаните 14:12, 32, NW). На тој начин, овие поединци имале јасен доказ дека се родени со дух. Но, како би знаеле подоцнежните христијани дали се родени со дух или не се?
Сведоштвото на духот
10, 11. На темел на Римјаните 8:15—17, како би објаснил дека духот им сведочи на оние кои се Христови сонаследници?
10 Сите 144.000 помазани христијани имале апсолутен доказ дека го имаат Божјиот дух. Во овој поглед, Павле напишал: „Вие не примивте дух на ропство, за да бидете во страв, туку Го примивте Духот на посинувањето преку кого велиме: ‚Ава, Оче!‘ Самиот Дух му сведочи на нашиот дух, дека ние сме чеда Божји. А ако сме, пак, чеда, ние сме и наследници Христови [навистина, наследници Божји, но придружни наследници со Христос, NW], но само ако со Него страдаме, та со Него и да се прославиме“ (Римјаните 8:15—17). Помазаните христијани имаат синовски дух спрема својот небесен Татко, едно доминантно чувство на синовство (Галатјаните 4:6, 7). Тие се апсолутно сигурни дека се родени од Бог за духовно синовство како сонаследници со Христос во небесното Царство. Во ова, Јеховиниот свет дух игра дефинитивна улога.
11 Под влијанието на Божјиот свет дух, духот, односно доминантниот став на помазаниците, ги тера да се оѕвијат на позитивен начин на она што Божјата Реч го вели во врска со небесната надеж. На пример, кога тие читаат што вели Писмото во врска со Јеховините духовни деца, тие спонтано признаваат дека таквите зборови се однесуваат на нив (1. Јованово 3:2). Тие знаат дека ‚се крстиле во Исуса Христа‘ и во неговата смрт (Римјаните 6:3). Нивно цврсто уверување е дека тие се Божји духовни синови, кои ќе умрат и ќе бидат воскреснати во небесна слава, како што бил Исус.
12. Што предизвикал Божјиот дух кај помазаните христијани?
12 Тоа што се родени за духовно синовство не е некаква негувана желба. Родените со дух не сакаат да одат на небо поради неволјите од сегашните тешкотии на Земјата (Јов 14:1). Наместо тоа, во вистинските помазаници Јеховиниот дух предизвикал надеж и желба што се невообичаени за луѓето општо. Таквите родени знаат дека вечниот живот во човечко совршенство на рајска Земја, опкружени со среќно семејство и пријатели, ќе биде прекрасен. Меѓутоа, таквиот живот не е главната желба на нивните срца. Помазаниците имаат таква силна небесна надеж што спремно ги жртвуваат сите земни изгледи и приврзаности (2. Петрово 1:13, 14).
13. Според 2. Коринтјаните 5:1—5, што било Павловото „горливо посакување“, и што покажува ова во поглед на лицата родени со дух?
13 Надежта за небесен живот дадена од Бог толку е силна во таквите лица што нивните чувства се како чувствата на Павле, кој напишал: „Знаеме дека, кога земното живеалиште на нашето тело, кое е како шатор, се разруши, тогаш имаме од Бог дом, куќа неракотворна, вечно живеалиште на небесата. Затоа и воздишуваме, копнејќи да се облечеме во своето небесно живеалиште; само, да не би и облечени, да се најдеме голи. Оти, ние, кои се наоѓаме во овој шатор, воздишуваме обременети; бидејќи не сакаме да се соблечеме, туку да се преоблечеме, та животот да го проголта смртното. А Бог, Кој нѐ создаде токму за ова, ни даде и залог [знак, NW] на Духот“ (2. Коринтјаните 5:1—5). Павловото ‚копнеење [горливо посакување, NW]‘ било да биде воскреснат на небото како бесмртно духовно суштество. Осврнувајќи се на човечкото тело, тој ја употребил метафората со еден склоплив шатор, едно кршливо и привремено живеалиште споредено со една куќа. Иако живеат на Земјата во смртно, физичко тело, христијаните кои го имаат духот како знак за идниот небесен живот, радосно исчекуваат еден ‚дом од Бога‘, едно бесмртно, нерасипливо духовно тело (1. Коринтјаните 15:50—53). Како Павле, тие можат горливо да речат: „Но не се плашиме и сакаме што поскоро да го напуштиме [човечкото] тело и да се прибереме [на небото] при Господа“ (2. Коринтјаните 5:8).
Земени во посебни завети
14. Кога ја воспоставувал прославата на Меморијалот, кој завет Исус првин го споменал, и каква улога игра тој во врска со духовните Израелци?
14 Христијаните родени со дух се сигурни дека се земени во два посебни завета. Исус споменал еден од нив кога употребил бесквасен леб и вино за да го воспостави Меморијалот на својата идна смрт и кога за пехарот со вино рекол: „Овој пехар значи новиот завет со посредство на мојата крв, што ќе биде пролеана во ваша корист“ (Лука 22:20, NW; 1. Коринтјаните 11:25). Кои се странките во новиот завет? Јехова Бог и членовите на духовниот Израел — оние кои Јехова намерава да ги доведе во небесна слава (Јеремија 31:31—34; Галатјаните 6:15, 16; Евреите 12:22—24). Со оглед на тоа дека е ставен во сила преку Исусовата пролеана крв, новиот завет зема од нациите луѓе за Јеховиното име и овие со дух родени христијани ги прави дел од Авраамовото „семе“ (Галатјаните 3:26—29; Дела 15:14). На сите духовни Израелци новиот завет им овозможува да бидат доведени во слава, со тоа што се воскреснати во бесмртен небесен живот на небото. Поради тоа што е „вечен завет“, неговите користи ќе траат засекогаш. Останува да се види дали овој завет ќе игра улога и на други начини во текот на Милениумот и по него (Евреите 13:20).
15. Во склад со Лука 22:28—30, во кој друг завет почнале да бидат земани Исусовите помазани следбеници, и кога?
15 ,Многуте синови‘ кои Јехова има намера да ги ‚доведе во слава‘, исто така се земени поединечно во заветот за небесно Царство. Во врска со овој завет меѓу него и следбениците на неговите стапки, Исус рекол: „Вие сте, кои издржавте со Мене во Моите напасти, и Јас ви ветувам, како што Ми вети Мојот Отец, царство, [јас склучувам со вас завет, исто како што мојот Татко склучил со мене завет, за царство, NW] за да јадете и да пиете на трпезата Моја во царството Мое, и да седнете на престоли и да им судите на дванаесетте Израилеви колена“ (Лука 22:28—30). Заветот на Царството бил воведен кога Исусовите ученици биле помазани со свет дух на Пентакост 33 н. е. Тој завет останува засекогаш во сила помеѓу Христос и неговите придружни цареви (Откровение 22:5). Значи, според тоа, со дух родените христијани се сигурни дека тие се во новиот завет и во заветот за Царството. Затоа, при прославите на Господовата вечера, само релативно малкумина преостанати помазаници кои уште се на Земјата земаат од лебот што го претставува Исусовото безгрешно човечко тело, и од виното што ја означува неговата совршена крв, истурена во смрт и која го прави правоснажен новиот завет (1. Коринтјаните 11:23—26; види Стражарска кула од 1 јули 1989, страници 18—22).
Повикани, избрани и верни
16, 17. а) За да бидат доведени во слава, што мора да важи за сите 144.000? б) Кои се ‚десетте цареви‘, и како постапуваат тие со земниот остаток од Христови „браќа“?
16 Првата примена на Исусовата откупна жртва им овозможува на 144.000 да бидат повикани за небесен живот и избрани со тоа што се родени со дух од Бог. Се разбира, за да бидат доведени во слава, тие мораат да ‚дадат сѐ од себе за да го утврдат својот позив и избор‘ и мораат да се докажат верни до смрт (2. Петрово 1:10; Ефесјаните 1:3—7; Откровение 2:10). Малиот остаток од помазаници кои уште се на Земјата, го задржуваат својот интегритет иако им се противат ‚десетте цареви‘, кои ги предочуваат сите политички сили. „Тие ќе војуваат против Агнецот“ — рекол ангелот — „и Агнецот ќе ги победи, оти Он е Господар над господарите и Цар над царевите, и оние, што ќе се со Него, се повикани и избрани и верни“ (Откровение 17:12—14).
17 Човечките владетели не можат да сторат ништо против Исус, ‚Царот над царевите‘, бидејќи тој е на небото. Но, тие демонстрираат непријателство против остатокот од неговите „браќа“ кои сѐ уште се на Земјата (Откровение 12:17). Тоа ќе заврши во Божјата војна Армагедон, кога е осигурана победата за ‚Царот над царевите‘ и за неговите „браќа“ — оние кои се „повикани и избрани и верни“ (Откровение 16:14, 16). Во меѓувреме, со дух родените христијани се многу зафатени. Што прават тие сега, пред Јехова да ги доведе во слава?
Како гласи твојот одговор?
◻ Кого Бог го ‚доведува во небесна слава‘?
◻ Што значи да се биде „роден од Бога“?
◻ На кој начин ‚духот им сведочи‘ на некои христијани?
◻ Во кои завети се земени христијаните родени со дух?
[Слика на страница 15]
На Пентакост 33 н. е. бил даден доказ дека е отворен патот кон небесна слава