Ова е денот на спасението!
„Еве, сега е времето благопријатно [особено поволно, NW]; ете, сега е денот на спасението!“ (2. КОРИНТЈАНИТЕ 6:2).
1. Што е потребно за да се добие една призната положба пред Бог и пред Христос?
ЈЕХОВА одредил ден за суд на човештвото (Дела 17:31). За тој ден да биде ден на спасение за нас, потребна ни е една одобрена положба пред него и пред неговиот наименуван Судија, Исус Христос (Јован 5:22). Таквата положба бара однесување кое е во склад со Божјата Реч, како и вера која нѐ тера да им помагаме на другите да бидат вистински Исусови ученици.
2. Зошто светот на човештвото е отуѓен од Бог?
2 Поради наследениот грев, светот на човештвото е отуѓен од Бог (Римјаните 5:12; Ефесјаните 4:17, 18). Затоа, оние на кои им проповедаме можат да стекнат спасение само ако се измират со него. Апостол Павле го разјаснил тоа кога им пишувал на христијаните во Коринт. Да ја разгледаме 2. Коринтјаните 5:10—6:10 за да видиме што рекол Павле за судот, за измирувањето со Бог и за спасението.
„И понатаму ги убедуваме луѓето“
3. Како Павле ‚и понатаму ги убедувал луѓето‘, и зошто треба ние да го правиме тоа денес?
3 Павле го поврзал судот со проповедањето кога напишал: „Сите ние треба да се јавиме пред Христовиот суд. Та секој да прими што заслужил, според она што го извршил во телото свое, било добро или зло. И така, знаејќи го стравот од Господа, ние ги вразумуваме [и понатаму ги убедуваме, NW] луѓето“ (2. Коринтјаните 5:10, 11). Апостолот ‚и понатаму ги убедувал луѓето‘ проповедајќи им ја добрата вест. А како е со нас? Бидејќи ние се соочуваме со крајот на овој злобен систем на ствари, треба да дадеме сѐ од себе со цел да ги убедиме другите да ги преземат потребните чекори за да го добијат Исусовиот поволен суд и одобрувањето од Изворот на спасението, Јехова Бог.
4, 5. а) Зошто не треба да се фалиме со нашите достигнувања во Јеховината служба? б) Зошто Павле се фалел „заради Бога“?
4 Меѓутоа, ако Бог ја благословил нашата служба, не би требало да се фалиме. Некои во Коринт биле надуени од гордост со себеси или со други луѓе, предизвикувајќи на тој начин поделби во собранието (1. Коринтјаните 1:10—13; 3:3, 4). Алудирајќи на оваа ситуација, Павле напишал: „Не се фалиме, пак, пред вас, туку ви даваме повод, вие да се фалите со нас, та да има, што да им речете на оние, кои се фалат по лице, а не по срце. Ако сме претерале во пофалбите свои, тоа е заради Бога; ако сме умерени, тоа е поради вас“ (2. Коринтјаните 5:12, 13). Вообразените не биле заинтересирани за единството и духовната благосостојба на собранието. Тие сакале да го фалат надворешниот изглед, а не помагањето на соверниците да развијат добри срца пред Бог. Затоа Павле го укорил собранието и подоцна навел: „Кој се фали, со Господа да се фали!“ (2. Коринтјаните 10:17).
5 Зарем самиот Павле не се фалел? Некои можеби мислеле така поради тоа што тој рекол дека е апостол. Но, тој морал да се фали „заради Бога“. Тој се фалел за своето полномоштво на апостол, за коринтјаните да не го напуштат Јехова. Павле го правел тоа за да ги врати кај Бог бидејќи лажните апостоли ги насочувале во погрешен правец (2. Коринтјаните 11:16—21; 12:11, 12, 19—21; 13:10). Сепак, Павле не се обидувал постојано секого да го воодушевува со своите достигнувања (Изреки 21:4).
Дали Христовата љубов те тера?
6. Како треба да влијае врз нас Христовата љубов?
6 Како вистински апостол, Павле ги поучувал другите за Исусовата откупна жртва. Тоа имало учинок врз животот на Павле, зашто тој напишал: „Бидејќи љубовта Христова нѐ гони [тера, NW] да размислуваме за ова дека, кога еден умрел за сите, тогаш сите се умрени. А Христос умре за сите, та живите да живеат не веќе за себеси, а за Оној, Кој умре за нив и воскресна“ (2. Коринтјаните 5:14, 15). Колкава само љубов покажал Исус давајќи си го животот за нас! Сигурно дека тоа треба да биде движечка сила во нашиот живот. Благодарноста кон Исус за тоа што си го дал животот во наша корист треба да нѐ покрене на ревна активност во објавувањето на добрата вест за спасението кое го обезбедува Јехова преку својот љубен Син (Јован 3:16; спореди Псалм 95:2). Дали „љубовта Христова“ те тера да имаш ревно учество во делото на проповедање на Царството и на правење ученици? (Матеј 28:19, 20).
7. Што значи да ‚не се познава никого по тело‘?
7 Користејќи го својот живот на начин кој покажува благодарност за она што го сторил Христос во нивна корист, помазаниците ‚не живеат веќе за себе туку за него‘. „Затоа“, рекол Павле, „ние отсега никого не познаваме по тело; иако Христа го познаваме по телото, но сега веќе не Го познаваме“ (2. Коринтјаните 5:16). Христијаните не смеат да ги гледаат луѓето на телесен начин, можеби повластувајќи ги Евреите над не-Евреите или богатите над сиромашните. Помазаниците ‚никого не познаваат по тело‘, зашто ним им е важен духовниот однос со соверниците. Оние кои ‚го познавале Христос по телото‘ не биле само луѓето кои го виделе Исус додека бил на Земјата. Иако некои од оние кои се надевале на Месијата некогаш го гледале Христос по тело, тие повеќе не требало да го гледаат така. Тој си го дал телото како откупнина и бил воскреснат како животодаен дух. Другите кои ќе бидат подигнати за небесен живот ќе се откажат од своите телесни тела без некогаш да го виделе Исус Христос во тело (1. Коринтјаните 15:45, 50; 2. Коринтјаните 5:1—5).
8. Како поединците доаѓаат „во заедница со Христос“?
8 Сѐ уште обраќајќи им се на помазаниците, Павле додава: „И така, кој е во [заедница со, NW] Христа, тој е ново создание; старото помина; ете, сѐ стана ново“ (2. Коринтјаните 5:17). Да се биде „во заедница со Христос“ значи да се ужива единственост со него (Јован 17:21). За едно лице овој однос почнал кога Јехова го приближил кон неговиот Син и го родил тоа лице со светиот дух. Како духовно роден Божји син, тоа станало „ново создание“ со изглед да учествува со Христос во небесното Царство (Јован 3:3—8; 6:44; Галатјаните 4:6, 7). На таквите помазани христијани им била дадена голема предност на службата.
„Измирете се со Бога“
9. Што сторил Бог за да го овозможи измирувањето со него?
9 Колку само Јехова го повластил ‚новото создание‘! Павле вели: „А сѐ е од Бога, Кој нѐ измири со Себе преку Исуса Христа и ни го даде служењето на тоа измирување, Оти Бог го измири светот со Себе преку Христа, не земајќи ги предвид гревовите на луѓето, и го вложи во нас словото на измирување“ (2. Коринтјаните 5:18, 19). Откако Адам згрешил, човештвото е отуѓено од Бог. Но, Јехова со љубов презел иницијатива да го отвори патот за измирување преку Исусовата жртва (Римјаните 5:6—12).
10. Кому Јехова му ја доверил службата на измирување, и што сториле тие за да ја извршат?
10 Службата на измирување Јехова им ја доверил на помазаните, па затоа Павле можел да рече: „Па така, ние сме пратеници [амбасадори, NW] место Христа, како Бог да зборува преку нас. Ве молиме во името на Христа: помирете се со Бога!“ (2. Коринтјаните 5:20). Во древни времиња, амбасадорите биле испраќани главно во периоди на непријателство за да видат дали може да се спречи војна (Лука 14:31, 32). Бидејќи грешниот свет на човештвото е отуѓен од Бог, тој ги испратил своите помазани амбасадори за да ги информираат луѓето за неговите услови на измирување. Како заменици на Христос, помазаниците молат: „Помирете се со Бога“. Оваа молба е еден милосрден поттик да бараат мир со Бог и да го прифатат спасението кое го овозможува тој преку Христос.
11. Преку верата во откупнината, кој на крај постигнува праведна положба пред Бог?
11 Сите луѓе кои практикуваат вера во откупнината можат да се измират со Бог (Јован 3:36). Павле вели: „Оној, [Исус] Кој не знаеше грев, Он [Јехова] место нас Го направи грев, та преку Него да станеме правда Божја“ (2. Коринтјаните 5:21). Совршениот човек Исус бил принос за грев за целото Адамово потомство кое е избавено од наследената грешност. Тие станале „правда Божја“ преку Исус. Оваа правда, т. е. праведна положба пред Бог, доаѓа првин за Христовите 144.000 придружни наследници. За време на неговото Илјадагодишно владеење, земните деца на вечниот Отец, Исус Христос, ќе добијат една праведна положба како совршени луѓе. Тој ќе ги издигне до една праведна положба во совршенство за да можат да се докажат верни на Бог и да го добијат дарот вечен живот (Исаија 9:6; Откровение 14:1; 20:4—6, 11—15).
„Особено поволно време“
12. Каква важна служба извршуваат Јеховините претставници и пратеници?
12 За да добиеме спасение, мораме да дејствуваме во склад со Павловите зборови: „Бидејќи сме соработници Христови [Јеховини], ние ве молиме, да не ја примате напразно благодатта Божја [и да ја промашите нејзината цел, NW]. Зашто е речено: ‚Во благопријатното [поволно, NW] време те чув и во денот на спасението ти помогнав‘. Еве, сега е времето благопријатно [особено поволно, NW]; ете, сега е денот на спасението!“ (2. Коринтјаните 6:1, 2). Јеховините помазани претставници и неговите пратеници, ‚другите овци‘, не ја прифаќаат незаслужената љубезност на нивниот небесен Татко за потоа да ја промашат нејзината цел (Јован 10:16). Преку своето праведно однесување и ревносна служба во ова „поволно време“, тие ја бараат божествената наклоност и ги информираат жителите на Земјата дека ова е „денот на спасението“.
13. Која е суштината на Исаија 49:8, и како тој стих се исполнил првпат?
13 Павле го цитира Исаија 49:8, кој гласи: „Вака вели Господ: ‚Во благопријатно време Те чув и во денот на спасението Ти помогнав; и Јас ќе те пазам и ќе Те направам завет на народот, за да ја востановиш земјата, да им ги вратиш на наследниците опустошените наследства‘“. Ова пророштво првпат се исполнило кога израелскиот народ бил ослободен од ропството во Вавилон и подоцна се вратил во својата опустошена татковина (Исаија 49:3, 9).
14. Како се исполнил Исаија 49:8 во случајот со Исус?
14 Во понатамошното исполнување на пророштвото на Исаија, Јехова го дал својот „слуга“ Исус како „светило за народите, за да се рашири спасението од Господа до краиштата на земјата“ (Исаија 49:6, 8; спореди Исаија 42:1—4, 6, 7; Матеј 12:18—21). ‚Благопријатното време‘, т. е. ‚поволното време‘, очигледно се применило на Исус додека бил на Земјата. Тој се молел, и Бог го ‚чул‘. Се покажало дека тоа бил „денот на спасението“ за Исус бидејќи тој задржал совршен интегритет и на тој начин ‚станал причина за вечно спасение на сите оние, кои Му се послушни‘ (Евреите 5:7, 9; Јован 12:27, 28).
15. Од кога духовните Израелци настојувале да се докажат достојни за Божјата незаслужена љубезност, и со која цел?
15 Павле го применува Исаија 49:8 на помазаните христијани молејќи ги да ‚не ја промашат целта на Божјата незаслужена љубезност‘ пропуштајќи да ја бараат неговата благопријатност во текот на ‚поволното време‘ и „денот на спасението“ кој ги обезбедува тој. Павле додава: „Еве, сега е времето благопријатно [особено поволно, NW]; ете, сега е денот на спасението!“ (2. Коринтјаните 6:2). Од Педесетница 33 н. е. духовните Израелци настојувале да се докажат дека се достојни за Божјата незаслужена љубезност за да може ‚поволното време‘ да биде за нив „денот на спасението“.
‚Да се препорачуваме како Божји министри‘
16. Под какви тешки околности Павле се препорачал како Божји министер?
16 Некои мажи кои биле поврзани со коринтското собрание не се докажале достојни за Божјата незаслужена љубезност. Тие го клеветеле Павле со цел да го уништат неговиот апостолски авторитет, иако тој избегнувал да ‚дава некаков повод [за спрепнување NW]‘. Тој сигурно се препорачувал како Божји министер „со големо трпение, во неволи, во нужди, во тескоби, при рани, во темници, во скитања, во напори, во бденија, во пости“ (2. Коринтјаните 6:3—5). Подоцна, Павле резонирал дека доколку неговите противници биле министри, тој бил уште „повеќе“, поради тоа што поднел повеќе затворање, тепање, опасности и немаштија (2. Коринтјаните 11:23—27).
17. а) Со покажувањето на кои особини можеме да се препорачаме како Божји министри? б) Што е „оружјето на правдата“?
17 Слично на Павле и неговите придружници, и ние можеме да се препорачуваме како Божји министри. Како? „Со чистота“, т. е. со непорочност и постапувајќи во склад со точното библиско спознание. Можеме да се препорачуваме со „долготрпеливост“, стрпливо поднесувајќи ја неправдата или провоцирањето, и „со добрина“додека правиме работи кои се од корист за другите. Освен тоа, можеме да се препорачуваме како Божји министри ако го прифаќаме водството од неговиот дух, покажувајќи „нелицемерна љубов“, говорејќи вистинито и ослонувајќи се на него за моќ за да ја извршуваме службата. Интересно е тоа што Павле го покажал својот статус на министер и преку „оружјето на правдата во десна и во лева рака“. Во древните борби, во десната рака обично се држел мечот, додека во левата — штитот. Во духовната борба која ја водел против лажните учители, Павле не го користел оружјето на грешното тело — заобиколување, итрина, измама (2. Коринтјаните 6:6, 7; 11:12—14; Изреки 3:32). Тој користел праведно „оружје“, т. е. средство за унапредување на вистинското обожавање. Така треба да правиме и ние.
18. Доколку ние сме Божји министри, како ќе се однесуваме?
18 Ако сме Божји министри, ќе се однесуваме како Павле и неговите соработници. Ќе постапуваме како христијани, без разлика на тоа дали сме почитувани или не. Неповолните извештаи за нас нема да го запрат нашето проповедничко дело ниту, пак, ќе станеме горделиви ако поволно се известува за нас. Ќе ја зборуваме вистината и можеби така ќе стекнеме признание за побожните дела. Кога ќе се најдеме во смртоносна опасност под непријателски напад, ќе имаме доверба во Јехова. Стегата, пак, ќе ја прифаќаме со благодарност (2. Коринтјаните 6:8, 9).
19. Како е можно духовно да ‚обогатуваме мнозина‘?
19 Завршувајќи ја својата дискусија во врска со службата на измирување, Павле зборувал за себе и за своите придружници дека ‚се нажалени, а тие се секогаш весели; сметани за бедни, а мнозина обогатуваат; како ништо да немаат, а сѐ имаат‘ (2. Коринтјаните 6:10). Иако тие министри имале причина да жалат заради своите маки, тие имале внатрешна радост. Тие биле материјално сиромашни, но духовно ‚мнозина обогатувале‘. Всушност, тие ‚имале сѐ‘ бидејќи нивната вера им донела духовно богатство — па дури и изглед да станат небесни Божји синови. Имале богат и среќен живот како христијански министри (Дела 20:35). Исто како нив, и ние можеме ‚да обогатиме мнозина‘ учествувајќи во службата на измирување токму сега — во овој ден на спасение!
Имај доверба во спасението од Јехова
20. а) Која била искрената желба на Павле, и зошто немало време за губење? б) Што го одбележува денот на спасението во кој живееме сега?
20 Кога Павле го напишал второто писмо до коринтјаните околу 55 н. е., на еврејскиот систем на ствари му преостанувале само околу 15 години. Апостолот желно сакал Евреите и не-Евреите да се измират со Бог преку Христос. Тоа бил ден на спасението, и немало време за губење. Па, од 1914 година наваму, ние се наоѓаме во еден сличен завршеток на еден систем на ствари. Глобалното дело на проповедање на Царството што сега е во тек го одбележува ова време како ден на спасението.
21. а) Кој годишен стих е избран за 1999? б) Што треба да правиме во овој ден на спасение?
21 Луѓето од сите нации треба да чујат за Божјата подготовка за спасение преку Исус Христос. Нема време за одложување. Павле напишал: „Ете, сега е денот на спасението!“ Тие зборови од 2. Коринтјаните 6:2 ќе бидат годишен стих на Јеховините сведоци за 1999. Колку само е прикладно тоа, зашто ние се соочуваме со нешто што е многу полошо од уништувањето на Ерусалим и на неговиот храм! Токму пред нас лежи крајот на целокупниот овој систем на ствари, вклучувајќи ги и сите на Земјата. Сега — а не утре — е време да се дејствува. Ако веруваме дека спасението му припаѓа на Јехова, ако го љубиме и ако го цениме вечниот живот, тогаш нема да ја промашиме целта на Божјата незаслужена љубезност. Имајќи искрена желба да му оддадеме чест на Јехова, и со зборови и со дела ќе докажеме дека кога воскликнуваме: „Ете, сега е денот на спасението!“, ние навистина го мислиме тоа.
Како би одговорил?
◻ Зошто измирувањето со Бог е од витална важност?
◻ Кои се амбасадорите и пратениците што учествуваат во службата на измирување?
◻ Како можеме да се препорачуваме како Божји министри?
◻ Што ти значи тебе годишниот стих на Јеховините сведоци за 1999 година?
[Слики на страница 17]
Дали и ти, како Павле, ревносно им проповедаш и им помагаш на другите да се измират со Бог?
Соединетите Држави
Франција
Брегот на Слоновата Коска
[Слика на страница 18]
Дали ти си меѓу мноштвата кои се измируваат со Јехова Бог во овој ден на спасение?