Неутрални христијани во последните денови
„Тие не се дел од светот, како што ни јас не сум дел од светот“ (ЈОВАН 17:16).
1, 2. Што рекол Исус за односот на неговите следбеници со светот, и кои прашања се наметнуваат од неговите зборови?
ПОСЛЕДНАТА ноќ од својот живот како совршен човек, Исус кажал една долга молитва што ја чуле и неговите ученици. Додека се молел, тој кажал нешто што го опишува животот на сите вистински христијани. Зборувајќи за своите следбеници, тој рекол: „Јас им ја дадов твојата реч, а светот ги замрази, бидејќи не се дел од светот, како што јас не сум дел од светот. Не те молам да ги земеш од светот, туку да ги чуваш поради злобниот. Тие не се дел од светот, како што ни јас не сум дел од светот“ (Јован 17:14—16).
2 Исус двапати рекол дека неговите следбеници нема да бидат дел од светот. Освен тоа, таквата одвоеност ќе водела до напнати односи — светот ќе ги мрази. Сепак, христијаните не треба да бидат исплашени; Јехова ќе ги чува (Пословици 18:10; Матеј 24:9, 13). Со оглед на Исусовите зборови, би можеле да се прашаме: ‚Зошто вистинските христијани не се дел од светот? Што значи тоа да не се биде дел од светот? Ако светот ги мрази христијаните, како гледаат тие на светот? Особено, како гледаат на владите на светот?‘ Библиските одговори на овие прашања се важни затоа што влијаат врз сите нас.
„Потекнуваме од Бог“
3. а) Што нѐ прави одвоени од светот? б) Каков доказ постои дека светот е „во власта на злобниот“?
3 Нашиот близок однос со Јехова е една причина зошто не сме дел од светот. Апостол Јован напишал: „Знаеме дека потекнуваме од Бог, а целиот свет лежи во власта на злобниот“ (1. Јованово 5:19). Јовановите зборови во врска со светот се непобитно вистинити. Војните, криминалот, суровоста, угнетувањето, нечесноста и неморалот што земаат толкав замав денес даваат доказ за влијанието на Сатана, а не на Бог (Јован 12:31; 2. Коринќаните 4:4; Ефешаните 6:12). Кога некој ќе стане Јеховин сведок, нема да практикува ниту да одобрува такви погрешни практики, а со тоа ќе нема да биде дел од светот (Римјаните 12:2; 13:12—14; 1. Коринќаните 6:9—11; 1. Јованово 3:10—12).
4. Во кои аспекти покажуваме дека му припаѓаме на Јехова?
4 Јован рекол дека христијаните, за разлика од светот, ‚потекнуваат од Бог‘. Сите што му се предаваат на Јехова му припаѓаат нему. Апостол Павле рекол: „И да живееме, живееме за Јехова, и да умираме, умираме за Јехова. Затоа, и да живееме и да умираме, на Јехова му припаѓаме“ (Римјаните 14:8; Псалм 116:15). Бидејќи му припаѓаме на Јехова, му даваме исклучителна оддаденост (Излез 20:4—6). Затоа, вистинскиот христијанин не го посветува својот живот на некоја световна цел. Иако ги почитува државните симболи, тој не ги обожава, ниту со постапки ниту во духот. Тој сигурно не обожава спортски ѕвезди или други современи идоли. Се разбира, го почитува правото на другите да постапуваат како сакаат, но го обожава само Творецот (Матеј 4:10; Откровение 19:10). И ова го прави одвоен од светот.
„Моето царство не е дел од овој свет“
5, 6. На кој начин подложноста на Божјето Царство нѐ прави одвоени од светот?
5 Христијаните се следбеници на Христос Исус и поданици на Божјето Царство, а тоа исто така ги прави да не бидат дел од светот. Кога бил на судење пред Понтиј Пилат, Исус рекол: „Моето царство не е дел од овој свет. Ако беше моето царство дел од овој свет, моите слуги ќе се бореа за да не им бидам предаден на Евреите. Но моето царство не е одовде“ (Јован 18:36). Тоа Царство е средството преку кое ќе се посвети Јеховиното име, ќе се оправда неговата сувереност и ќе се врши неговата волја на земјата како што се врши и на небото (Матеј 6:9, 10). Во текот на својата служба, Исус ја проповедал добрата вест за Царството и рекол дека неговите следбеници ќе ја објавуваат до крајот на системот на работи (Матеј 4:23; 24:14). Во 1914 се исполнила пророчката реч од Откровение 11:15: „Царството на светот стана царство на нашиот Господ и на неговиот Христос, и тој ќе владее како цар во сета вечност“. Еден ден многу скоро, тоа небесно Царство ќе биде единствената владејачка сила над човештвото (Даниел 2:44). Ќе дојде време кога дури и световните владетели ќе бидат присилени да го признаат неговиот авторитет (Псалм 2:6—12).
6 Имајќи го сето тоа на ум, вистинските христијани денес се поданици на Божјето Царство и го следат Исусовиот совет ‚да продолжат да го бараат најнапред царството и Божјата праведност‘ (Матеј 6:33). Тоа не ги прави нелојални кон земјата во која живеат, но ги прави духовно одвоени од светот. Првенствена задача на христијаните денес, исто како во првиот век, е ‚да даваат темелно сведоштво за Божјето царство‘ (Дела 28:23). Ниедна човечка влада нема право да го спречи тоа дело дадено од Бог.
7. Зошто вистинските христијани се неутрални, и како го покажале тоа?
7 Во склад со тоа што му припаѓаат на Јехова и што се следбеници на Исус и поданици на Божјето Царство, Јеховините сведоци останале неутрални во државните и во меѓународните конфликти во 20 и 21 век. Не зазеле страни, не зеле оружје против никого и не ширеле пропаганда во корист на која и да е световна цел и идеали. Во еден извонреден доказ на вера наспроти навидум несовладливо противење, тие ги следеле начелата што ги изразиле пред нацистичките владетели на Германија во 1934: „Не сме заинтересирани за политичките работи туку сме сосема предадени на Божјето царство под Христос, неговиот Цар. Нема да повредиме никого ниту да наштетиме никому. Би сакале да живееме во мир и да им правиме добро на сите луѓе кога имаме прилика“.
Пратеници и застапници во името на Христос
8, 9. Во кој поглед Јеховините сведоци денес се пратеници и застапници, и како влијае тоа врз нивниот однос со нациите?
8 Павле се опишал себеси и другите помазани христијани како „пратеници кои го застапуваат Христос, како Бог да преколнува преку нас“ (2. Коринќаните 5:20; Ефешаните 6:20). Од 1914, за христијаните помазани со дух со право може да се зборува како за пратеници на Божјето Царство, на кое му се ‚синови‘ (Матеј 13:38; Филипјаните 3:20; Откровение 5:9, 10). Освен тоа, Јехова зел од нациите „едно големо мноштво“ од „други овци“, христијани со земна надеж, за да ги поддржува помазаните синови во нивното пратеничко дело (Откровение 7:9; Јован 10:16). Овие „други овци“ би можеле да се наречат застапници на Божјето царство.
9 Еден пратеник и неговиот персонал не се мешаат во работите на земјата каде што служат. Слично, христијаните остануваат неутрални во политичките работи на нациите на светот. Не заземаат страни за или против некоја национална, расна, социјална или економска група (Дела 10:34, 35). Наместо тоа, ‚им прават добро на сите‘ (Галатите 6:10). Неутралноста на Јеховините сведоци значи дека никој не може со право да ја отфрли нивната порака тврдејќи дека се поврзани со спротивната страна во некоја расна, национална или племенска поделба.
Идентификувани по љубовта
10. Колку е важна љубовта за еден христијанин?
10 Освен претходно кажаното, христијаните се неутрални во работите на светот поради нивниот однос со другите христијани. Исус им рекол на своите следбеници: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (Јован 13:35). Братската љубов е клуч за да се биде христијанин (1. Јованово 3:14). Затоа што е поврзан со неговиот однос со Јехова и Исус, односот на еден христијанин со другите христијани е многу близок. Неговата љубов не е ограничена на оние во локалното собрание. Таа ја опфаќа „целата заедница од [негови] браќа по светот“ (1. Петрово 5:9).
11. На кој начин влијаела меѓусебната љубов на Јеховините сведоци врз нивното однесување?
11 Денес, Јеховините сведоци ја покажуваат својата братска љубов со тоа што ги исполнуваат зборовите од Исаија 2:4: „Ќе ги прековаат мечевите во плугови, а копјата во српови. Нема повеќе народ да дига меч против народ, ниту ќе се учи веќе на војување“. Поучени од Јехова, вистинските христијани се во мир со Бог и еден со друг (Исаија 54:13). Бидејќи го љубат Бог и своите браќа, за нив би било назамисливо да кренат оружје против сохристијаните — или против кој и да е друг — во некоја друга земја. Нивниот мир и единство се суштински дел од нивното обожавање, доказ дека навистина имаат Божји дух (Псалм 133:1; Михеј 2:12; Матеј 22:37—39; Колошаните 3:14). Тие ‚бараат мир . . . и врват по него‘, знаејќи дека „Господовите очи ги гледаат праведните“ (Псалм 34:14, 15).
Како христијаните гледаат на светот
12. Кој Јеховин став кон луѓето во светот го имитираат Јеховините сведоци, и како?
12 Јехова изрекол неповолна осуда врз овој свет, но сѐ уште не ги осудил сите поединци во светот. Тоа ќе го стори преку Исус во Свое одредено време (Псалм 67:3, 4; Матеј 25:31—46; 2. Петрово 3:10). Во меѓувреме, тој покажува голема љубов кон човештвото. Тој го дал дури и својот единороден Син за секој да има прилика да добие вечен живот (Јован 3:16). Како христијани, ние ја имитираме Божјата љубов кажувајќи им на другите за Божјите подготовки за спасение, дури и ако нашите напори честопати се одбиени.
13. Како треба да гледаме на световните владетели?
13 Како треба да гледаме на световните владетели во светот? Павле одговорил на ова прашање кога напишал: „Секоја душа нека им биде подложна на вишите власти, зашто нема власт освен од Бог; а постојните власти се поставени од Бог на своите релативни положби“ (Римјаните 13:1, 2). Луѓето имаат „релативни“ положби на авторитет (поголеми или помали во однос еден на друг, но секогаш пониски од Јехова) затоа што Семоќниот им го дозволува тоа. Христијанинот се подложува на световниот авторитет затоа што тоа е еден аспект на неговата послушност кон Јехова. Но, што ако се појави судир помеѓу Божјите барања и оние на некоја човечка влада?
Божјиот и цезаровиот закон
14, 15. а) На кој начин Даниел можел да избегне судир во поглед на послушноста? б) Каков став зазеле тројцата Евреи кога не можел да се избегне судир во поглед на послушноста?
14 Даниел и неговите тројца другари даваат добар пример за тоа како да се урамнотежи подложноста на човечките влади со подложноста на божествениот авторитет. Кога четворицата млади Евреи се нашле во изгнанство во Вавилон, биле послушни на законите на таа земја и брзо биле избрани за посебна обука. Штом сфатил дека таа обука веројатно ќе води до судир со Јеховиниот закон, Даниел дискутирал за тоа со одговорниот службеник. Како резултат на ова биле направени посебни подготовки да се почитува совеста на тие четворица Евреи (Даниел 1:8—17). Јеховините сведоци го следат примерот на Даниел кога тактично им го објаснуваат своето гледиште на службениците за да избегнат непотребни проблеми.
15 Меѓутоа, во една друга прилика не било можно да се избегне судир во поглед на подложноста. Царот на Вавилон подигнал еден голем идол во рамницата Дура и им заповедал на високите службеници, вклучувајќи ги и управителите на покраините, да се соберат за неговото свечено откривање. Во тоа време, тројцата пријатели на Даниел биле поставени за управители на вавилонската покраина, па затоа истата наредба важела и за нив. Во одреден момент на тој настан, сите што се собрале требало да се поклонат пред ликот. Но, Евреите знаеле дека тоа би било против Божјиот закон (Второзаконие 5:8—10). Затоа, кога се поклониле сите други, тие останале да стојат. Со тоа што не ја послушале наредбата на царот, ризикувале да дочекаат страшна смрт, а нивните животи биле спасени само преку чудо; но тие избрале да ризикуваат да умрат наместо да му бидат непослушни на Јехова (Даниел 2:49—3:29).
16, 17. Како одговориле апостолите кога им било заповедано да престанат да проповедаат, и зошто?
16 Во првиот век, апостолите на Исус Христос биле повикани пред еврејските водачи во Ерусалим и им било заповедано да престанат да проповедаат во Исусово име. Како реагирале тие? Исус им дал налог да прават ученици од сите народи, што ја вклучувало и Јудеја. Исто така, тој им рекол да му бидат сведоци во Ерусалим, како и во останатиот дел од светот (Матеј 28:19, 20; Дела 1:8). Апостолите знаеле дека Исусовите заповеди ја претставуваат Божјата волја за нив (Јован 5:30; 8:28). Затоа рекле: „Повеќе мораме да го слушаме Бог како владетел отколку луѓето“ (Дела 4:19, 20; 5:29).
17 Апостолите не биле бунтовни (Пословици 24:21). Сепак, кога човечките владетели им забраниле да ја извршуваат Божјата волја, сѐ што можеле да речат било ‚Мораме да му бидеме послушни на Бог, а не на човек‘. Исус рекол дека треба ‚да го плаќаме цезаровото на цезарот, а Божјето на Бог‘ (Марко 12:17). Ако не послушаме некоја божествена заповед затоа што тоа ни го вели некој човек, тогаш му го даваме на човек она што му припаѓа на Бог. Наместо тоа, му плаќаме сѐ што сме му должни на цезарот, но го признаваме Јеховиниот врховен авторитет. Тој е Универзалниот Суверен, Творецот, самиот Извор на авторитетот (Откровение 4:11).
Ќе стоиме цврсто
18, 19. Каков добар став зазеле многу наши браќа, и како можеме да го следиме нивниот пример?
18 Денес, повеќето световни влади го признаваат неутралниот став на Јеховините сведоци, и многу сме благодарни за тоа. Но, во некои земји Сведоците се соочувале со жестоко противење. Во текот на 20 век и сѐ до денешно време, некои наши браќа и сестри силно се бореле, во духовна смисла водејќи ја „добрата борба на верата“ (1. Тимотеј 6:12).
19 Како можеме да стоиме цврсто како нив? Прво, имаме на ум дека мораме да очекуваме противење. Не треба да бидеме шокирани, па дури ни изненадени ако наидеме на него. Павле го опоменал Тимотеј: „Сите оние кои сакаат да живеат со побожна оддаденост во поврзаност со Христос Исус, исто така ќе бидат прогонувани“ (2. Тимотеј 3:12; 1. Петрово 4:12). Во свет кој што е под влијание на Сатана, зарем е можно да не наидеме на противење? (Откровение 12:17). Сѐ додека сме верни, секогаш ќе има некои што ‚се чудат и зборуваат срамно за нас‘ (1. Петрово 4:4).
20. На кои зајакнувачки вистини сме потсетени?
20 Второ, уверени сме дека Јехова и неговите ангели ќе нѐ поддржат. Како што рекол Елисеј од старо време, „ги има повеќе со нас, отколку со нив“ (2. Цареви 6:16; Псалм 34:7). Можеби Јехова, имајќи добри причини, дозволува притисокот од противниците да потрае извесно време. Сепак, секогаш ќе ни ја дава силата што ни е потребна за да истраеме (Исаија 41:9, 10). Некои го дале својот живот, но тоа не нѐ растревожува. Исус рекол: „Не плашете се од оние кои го убиваат телото, но не можат да ја убијат душата; туку плашете се повеќе од оној кој може да ги уништи и душата и телото во Геена“ (Матеј 10:16—23, 28). Ние сме само „привремени жители“ во овој систем на работи. Го користиме нашето време овде за да ‚го зграпчиме вистинскиот живот‘, вечен живот во Божјиот нов свет (1. Петрово 2:11; 1. Тимотеј 6:19). Ниеден човек не може да нѐ лиши од таа награда сѐ додека му остануваме верни на Бог.
21. Што треба секогаш да имаме на ум?
21 Значи, да не заборавиме на привилегираниот однос што го имаме со Јехова Бог. Секогаш да го цениме благословот што сме следбеници на Христос и поданици на Царството. Од сѐ срце да ги љубиме нашите браќа и секогаш да се радуваме на љубовта што ја добиваме од нив. Над сѐ, да им обрнеме внимание на зборовите на псалмистот: „Надевај се на Господа, охрабри се! Нека биде цврсто твоето срце! Да, чекај Го Господа!“ (Псалм 27:14; Исаија 54:17). Тогаш и ние, како и безброј други христијани пред нас, ќе стоиме цврсто со нашата сигурна надеж — верни неутрални христијани што не се дел од светот.
Можеш ли да објасниш?
• Како нашиот однос со Јехова нѐ прави одвоени од овој свет?
• Како поданици на Божјето Царство, на кој начин задржуваме неутрален став во овој свет?
• На кој начин љубовта кон нашите браќа нѐ држи неутрални, одвоени од светот?
[Слика на страница 15]
Како влијае врз нашиот однос со светот нашата подложност на Божјето Царство?
[Слика на страница 16]
Хуту и Тутси радосно работат заедно
[Слика на страница 17]
Еврејски и арапски христијански браќа
[Слика на страница 17]
Српски, босански и хрватски христијани уживаат во заедничко дружење
[Слика на страница 18]
Како е исправно да постапиме кога владетелите ќе ни наредат да го прекршиме Божјиот закон?