Матеј
4 Тогаш Божјиот дух го одведе Исус во пустината, каде што Ѓаволот го искушуваше. 2 Откако постеше 40 дена и 40 ноќи, Исус огладне. 3 И дојде Искушувачот, па му рече: „Ако си Божји син, кажи им на овие камења да станат лебови“. 4 А тој одговори: „Напишано е: ’Човек не смее да живее само од леб, туку и од секој збор што излегува од Јеховината уста‘“.
5 Тогаш Ѓаволот го одведе во светиот град, го качи на највисокото место на храмот 6 и му рече: „Ако си Божји син, фрли се долу. Зашто, напишано е: ’На своите ангели ќе им заповеда да те чуваат‘ и ’Тие ќе те носат на раце за да не си ја удриш ногата во камен‘“. 7 А Исус му одговори: „Но напишано е и ова: ’Не искушувај го Јехова, својот Бог‘“.
8 Потоа Ѓаволот го одведе на една многу висока планина и му ги покажа сите царства на светот и нивната слава, 9 па му рече: „Сето ова ќе ти го дадам ако паднеш на колена и ми се поклониш“.* 10 Тогаш Исус му рече: „Бегај, Сатано! Зашто, напишано е: ’Јехова, својот Бог, обожавај го и само нему служи му‘“.* 11 Тогаш Ѓаволот го остави. Па дојдоа ангели и се погрижија за неговите потреби.
12 А кога слушна дека Јован е во затвор, Исус се повлече во Галилеја. 13 Потоа замина од Назарет, па се насели во Капернаум покрај езерото, на подрачјето на Завулон и Нефталим. 14 Така се исполни она што беше речено преку пророкот Исаија: 15 „Галилејо, земјо на другите народи, земјо Завулонова и земјо Нефталимова, која си на патот кон морето,* западно од Јордан! 16 Народот што живееше во темнина виде голема светлина, и над оние што живееја во сенката на смртта светна светлина“. 17 Тогаш Исус почна да проповеда: „Покајте се, зашто се приближи Царството небесно!“
18 Додека одеше покрај Галилејското Езеро, виде двајца браќа — Симон, наречен Петар, и брат му Андреј — како фрлаат мрежа во езерото, зашто беа рибари. 19 И им рече: „Појдете по мене, и ќе ве направам рибари на луѓе“. 20 И веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по него. 21 Малку понатаму, виде други двајца браќа, Јаков и Јован, синовите на Зеведеј. Тие беа во чамецот заедно со својот татко Зеведеј и ги крпеа мрежите. Па ги повика и нив. 22 Тие веднаш ги оставија чамецот и својот татко и тргнаа по него.
23 Додека минуваше низ цела Галилеја, Исус поучуваше во нивните синагоги, ја проповедаше добрата вест за Царството и ги лекуваше луѓето од секакви болести. 24 За него се зборуваше низ цела Сирија. И му ги носеа сите што страдаа од разни болести и страшни болки, оние што беа обземени од демони, оние што имаа епилепсија и оние што беа парализирани, а тој ги лекуваше. 25 Затоа го следеа многу луѓе од Галилеја, од Декаполис,* од Ерусалим, од Јудеја и од источната страна на Јордан.