Патувачки надгледници — дарови во облик на луѓе
„Кога се вознесе во висината, одведе заробеници; даде дарови [во облик на] луѓе“ (ЕФЕСЈАНИТЕ 4:8, НС).
1. Какво ново дело било најавено во ова списание во 1894 година?
ПРЕД повеќе од еден век, Стражарска кула најавила нешто ново. Било опишано како „Нова гранка на делото“. Што повлекувала по себе оваа нова активност? Тоа било современо воведување на делото на патувачките надгледници. Изданието на ова списание од 1 септември 1894 година објаснило дека отсега па натаму, оспособени браќа ќе ги посетуваат групите на Истражувачите на Библијата ‚со цел да ги изградуваат во вистината‘.
2. Какви должности имаат покраинските и обласните надгледници?
2 Во првиот век н. е., христијанските собранија биле посетувани од такви надгледници како Павле и Варнава. Овие верни мажи ја имале целта да ги ‚издигаат [изградуваат, НС]‘ собранијата (2. Коринтјаните 10:8). Денес, ние сме благословени со илјадници мажи кои го прават тоа на еден систематски начин. Водечкото тело на Јеховините сведоци ги наименувало за покраински и обласни надгледници. Еден покраински надгледник им служи по една седмица на 20-тина собранија, отприлика двапати во годината, разгледувајќи ја архивата, држејќи говори и ангажирајќи се во службата на подрачјето со локалните објавители на Царството. Обласниот надгледник е претседавач на секој од годишните покраински состаноци на извесен број покраини, ангажирајќи се во службата на подрачјето со собранијата домаќини, и тој дава охрабрување преку говори темелени на Библијата.
Нивниот самопожртвуван дух
3. Зошто патувачките надгледници треба да имаат самопожртвуван дух?
3 Патувачките надгледници постојано се во движење. Само по себе, тоа бара самопожртвуван дух. Патувањето од едно собрание до друго, честопати може да биде тешко, но овие мажи и нивните сопруги го прават тоа со радосен став. Еден покраински надгледник рекол: „Мојата сопруга многу ме поддржува и не се жали . . . Таа заслужува голема заслуга поради својот самопожртвуван дух“. Некои покраински надгледници патуваат по повеќе од 1.000 километри помеѓу собранијата. Многумина возат автомобили, но други одат од едно место до друго со јавен превоз, со велосипед, на коњ или пеш. Еден африкански покраински надгледник дури мора да гази преку една река, носејќи ја својата сопруга на рамењата, за да стигнат до едно собрание. На своите мисионерски патувања, апостол Павле морал да се бори со жега и студ, со глад и жед, со бессони ноќи, со различни опасности и со насилно прогонство. Тој имал и ‚грижа за сите цркви‘ — искуство што е вообичаено за патувачките надгледници денес (2. Коринтјаните 11:23—29).
4. Какво влијание може да имаат здравствените проблеми врз животот на патувачките надгледници и на нивните сопруги?
4 Како Павловиот придружник Тимотеј, патувачките надгледници и нивните сопруги понекогаш имаат здравствени проблеми (1. Тимотеј 5:23). Ова додава посебен стрес врз нив. Сопругата на еден покраински надгледник објаснува: „Да се биде секогаш со браќата претставува притисок кога не се чувствувам добро. Со настапувањето на менопаузата, увидувам дека ова ми е особено тешко. Самото тоа што морам секоја седмица да ги пакувам сите наши работи и да се селам некаде, претставува вистински предизвик. Честопати, морам да застанам и да се помолам на Јехова да ми ја даде силата да продолжам“.
5. И покрај различните искушенија, каков дух покажувале патувачките надгледници и нивните сопруги?
5 И покрај здравствените проблеми и другите искушенија, патувачките надгледници и нивните сопруги наоѓаат радост во својата служба и покажуваат самопожртвувана љубов. Некои го ризикувале својот живот за да дадат духовна помош во времиња на прогонство или војна. Кога ги посетувале собранијата, тие покажале дух сличен на оној на Павле, кој на солунските христијани им рекол: „Бевме среде вас благи, онака како што нежно се однесува доилката кон своите деца. Така ве бевме засакале, што бевме готови да ви го предадеме не само Благовестието Божјо, туку и душите свои, зашто ни станавте драги“ (1. Солунјаните 2:7, 8).
6, 7. Какво позитивно влијание можат да вршат вредните патувачки надгледници?
6 Како и другите старешини во христијанското собрание, и патувачките надгледници „се трудат во словото [во говорењето, НС] и во поуката“. Сите такви старешини треба да ‚ги удостојуваме со двојна почит‘ (1. Тимотеј 5:17). Нивниот пример може да се покаже корисен ако, откако ‚размислиме за исходот на нивното однесување, ја имитираме нивната вера‘ (Евреите 13:7, НС).
7 Какво влијание имале извесни патувачки старешини врз другите? „Колку само прекрасно влијание имаше брат П. врз мојот живот!“ — напишал еден Сведок на Јехова. „Тој беше покраински надгледник во Мексико од 1960 година па наваму. Како дете, неговите посети ги очекував со исчекување и со радост. Кога имав десет години, тој ми рече: ‚И ти ќе бидеш покраински надгледник‘. За време на тинејџерските години често го барав затоа што тој секогаш имаше да понуди зборови на мудрост. Живееше за да го пасе стадото! Сега кога сум патувачки надгледник, секогаш се трудам да им посветам време на младите и да поставувам теократски цели пред нив како што направи тој за мене. Дури и во последните години од својот живот, и покрај проблемите со срцева маана, брат П. секогаш настојуваше да понуди некој охрабрувачки збор. Дента пред својата смрт во февруари 1995 година, ме придружуваше на еден ден на посебен состанок и постави добри цели пред еден брат кој е архитект. Братот веднаш поднесе молба да служи во Бетел.“
Тие се ценети
8. Кои се ‚даровите во облик на луѓе‘, опишани во Ефесјаните, поглавје 4, и на кој начин тие му користат на собранието?
8 Патувачките надгледници и другите старешини кои преку Божјата незаслужена љубезност се привилегирани со доделби на службата, наречени се „дарови во облик на луѓе“ (НС). Како Јеховин претставник и Глава на собранието, Исус ги обезбедил овие духовни мажи со цел ние да можеме да бидеме изградени поединечно и да достигнеме зрелост (Ефесјаните 4:8—15). Секој дар заслужува израз на ценење. Ова важи особено за еден дар што нѐ зацврстува да продолжиме да му служиме на Јехова. Тогаш, како можеме да го покажеме нашето ценење за делото на патувачките надгледници? На кои начини можеме да покажеме дека ‚ги цениме таквите луѓе‘? (Филипјаните 2:29, НС).
9. Како можеме да покажеме ценење спрема патувачките надгледници?
9 Кога е најавена посетата на покраинскиот надгледник, можеме да почнеме да правиме планови да имаме полн удел во собраниските активности за таа седмица. Можеби можеме да одвоиме додатно време за да ги поддржиме подготовките за службата на подрачјето во текот на посетата. Можеби сме во можност да служиме како помошни пионери во текот на тој месец. Секако дека ќе сакаме предлозите на покраинскиот надгледник да ги спроведеме во дело, со цел да ја подобриме нашата служба. Таквиот приемчив дух ќе ни користи нам, а него ќе го увери дека неговата посета е корисна. Да, патувачките надгледници го посетуваат собранието за да нѐ изградуваат, но и тие исто така треба да бидат изградени духовно. Имало времиња кога на Павле му било потребно охрабрување, и тој честопати ги молел сохристијаните да се молат за него (Дела 28:15; Римјаните 15:30—32; 2. Коринтјаните 1:11; Колосјаните 4:2, 3; 1. Солунјаните 5:25). На денешните патувачки надгледници исто така им се потребни нашите молитви и охрабрување.
10. Како можеме да направиме делото на еден патувачки надгледник да биде радост?
10 Дали сме им кажале на покраинскиот надгледник и на неговата сопруга колку ги цениме нивните посети? Дали му благодариме за корисниот совет што тој ни го дава? Дали му даваме на знаење кога неговите предлози за служба на подрачјето ја зголемуваат нашата радост во службата? Ако да, тоа ќе помогне неговото дело да претставува радост (Евреите 13:17). Еден покраински надгледник од Шпанија особено коментирал за тоа колку многу тој и неговата сопруга ги ценат благодарните забелешки што ги добивале после посетата на собранијата. „Ги чуваме тие картички и ги читаме кога се чувствуваме потиштени“ — вели тој. „Тие се извор на вистинско охрабрување.“
11. Зошто треба да им дадеме на знаење на сопругите на покраинските и на обласните надгледници дека се сакани и ценети?
11 Сопругата на патувачкиот надгледник сигурно извлекува корист од зборовите на пофалба. Таа прави големи жртви за да му помогне на својот сопруг во ова поле од службата. Овие верни сестри се откажуваат од природната желба да имаат свој дом а, во многу случаи, и од деца. Јефтајовата ќерка била една од Јеховините слугинки која спремно се одрекла од својата прилика да има сопруг и семејство поради заветот што го положил нејзиниот татко (Судии 11:30—39). Како се гледало на нејзината жртва? Судии 11:40 наведува: ‚Од година до година ќерките Израилеви оделе и ја оплакувале [ѝ давале фалба на, НС] ќерката на Галадецот Ефтаја, по четири дена секоја година‘. Колку само е убаво кога ќе настојуваме на сопругите на покраинските и на обласните надгледници да им кажеме дека тие се сакани и ценети!
„Гостољубивоста не заборавајте ја“
12, 13. а) Каква библиска основа постои да се биде гостољубив спрема патувачките надгледници и спрема нивните сопруги? б) Илустрирај на кој начин таквото гостољубие може да биде обострано корисно.
12 Покажувањето гостољубие е уште еден начин да покажеме љубов и ценење спрема оние кои се во христијанското патувачко дело (Евреите 13:2). Апостол Јован го пофалил Гај поради тоа што нудел гостољубие спрема оние кои го посетиле собранието како патувачки мисионери. Јован напишал: „Возљубени, ти постапуваш верно во сѐ, што го правиш за браќата и гостите, кои ја посведочија твојата љубов пред Црквата. Добро ќе направиш, ако ги приготвиш пред Бога како што треба. Бидејќи поради Неговото име тргнаа, не земајќи ништо од незнабошците. Ние сме, пак, должни да примаме такви [гостољубиво, НС], за да станеме помошници на вистината“ (3. Јованово 5—8). Денес, можеме да ја унапредиме активноста на проповедање на Царството преку нудење слично гостољубие на патувачките надгледници и нивните сопруги. Се разбира, локалните старешини би требало да се погрижат сместувањето да е задоволувачко. Но еден обласен надгледник рекол: „Нашата поврзаност со браќата не може да се темели само на тоа кој може да стори нешто за нас. Ние дури не би ни сакале да дадеме таков впечаток. Мораме да бидеме спремни да го прифатиме гостољубието од кој и да е наш брат, било богат или сиромашен.“
13 Гостољубието може да биде обострано корисно. „Во моето семејство имавме обичај да ги покануваме патувачките надгледници да престојуваат кај нас“ — се сеќава Жорже, поранешен покраински надгледник кој сега служи во Бетел. „Чувствувам дека овие посети ми помогнаа повеќе отколку што мислев. Во младоста имав духовни проблеми. Мајка ми беше загрижена поради тоа, но не знаеше точно како да помогне и затоа го замоли покраинскиот надгледник да разговара со мене. Отпрвин го избегнував, бидејќи се плашев да не бидам критикуван. Но, неговото пријателско однесување најпосле ме придоби. Еден понеделник, тој ме покани на оброк со него и јас му го отворив своето срце бидејќи се чувствував сигурен дека тој ме разбираше. Внимателно слушаше. Неговите практични предлози навистина дејствуваа, и така јас почнав духовно да напредувам“.
14. Зошто треба да бидеме благодарни наместо критизерски настроени спрема патувачките старешини?
14 Еден патувачки надгледник се обидува да биде духовно корисен подеднакво и за младите и за старите. Затоа, секако дека треба да го покажеме нашето ценење за неговите напори. Меѓутоа, што ако го критизираме поради неговите слаби страни или, пак, неповолно го споредуваме со други кои порано го посетувале собранието? Веројатно, тоа би било многу обесхрабрувачки. За Павле не било охрабрувачки да чуе критикувања за неговата работа. Изгледа дека некои коринтски христијани правеле омаловажувачки забелешки во врска со неговиот изглед и говорничката способност. Тој и самиот цитирал такви критизери како велеле: „Во посланијата свои, ќе рече некој, тој е строг и силен, но при личното присуство меѓу нас слаб; проповедта негова ништо не вреди“ (2. Коринтјаните 10:10). За среќа, патувачките надгледници обично слушаат зборови на ценење полно со љубов.
15, 16. На кој начин врз покраинските надгледници и нивните сопруги влијае љубовта и ревноста што ја покажуваат нивните соверници?
15 Еден покраински надгледник од Латинска Америка напорно пешачи по цел ден долж валканите патеки за да ги посети своите духовни браќа и сестри кои живеат во една зона што е контролирана од герилци. „Трогателно е да се види начинот на кој браќата го покажуваат своето ценење за посетата“ — пишува тој. „Иако морам да вложам огромен напор за да стигнам таму, соочувајќи се со многу опасности и тешкотии, сето тоа е наградено со љубовта и ревноста што ги покажуваат браќата.“
16 Еден покраински надгледник од Африка пишува: „Поради љубовта што ни ја покажуваа браќата, толку многу го сакавме подрачјето на Танзанија! Браќата беа спремни да учат од нас и беа среќни што нѐ имаат во своите домови“. Помеѓу апостол Павле и христијанската брачна двојка од првиот век, Акила и Прискила, постоел еден среќен однос полн со љубов. Всушност, Павле за нив рекол: „Поздравете ги Прискила и Акила, моите сотрудници во Христа Исуса, кои за мојата душа ја положија својата глава; ним не само јас им благодарам, туку и сите цркви од незнабошците“ (Римјаните 16:3, 4). Патувачките надгледници и нивните сопруги се благодарни што ги имаат како свои пријатели современите Акили и Прискили кои посебно се напрегаат да покажуваат гостољубие и да обезбедуваат друштво.
Зајакнување на собранијата
17. Зошто може да се рече дека постои мудрост зад подготовката на патувачки надгледници, и каде тие ја добиваат својата обука?
17 Исус рекол: „Се оправда Премудроста со своите дела“ (Матеј 11:19). Мудроста што стои зад подготовката на патувачки надгледници се гледа во тоа што таа помага да се зајакнат собранијата на Божјиот народ. Во текот на Павловото второ мисионерско патување, тој и Сила успешно ‚минувале низ Сирија и Киликија и ги утврдувале црквите‘. Книгата Дела ни кажува: „И одејќи по градовите, тие им порачуваа на верните да пазат на одредбите, определени од апостолите и презвитерите во Ерусалим. И така, црквите се утврдуваа во верата, а и по број се умножуваа секој ден“ (Дела 15:40, 41; 16:4, 5). Денешните патувачки надгледници добиваат духовна обука преку Писмото и преку публикациите од ‚верниот и разумен роб‘, како и сите други христијани (Матеј 24:45, НС).
18. На кој начин патувачките надгледници ги зајакнуваат собранијата?
18 Да, патувачките старешини мораат да продолжат да се хранат од Јеховината духовна трпеза. Тие мораат да бидат добро запознаени со методите и со упатствата што ги следи Божјата организација. Тогаш таквите мажи можат да бидат вистински благослов за другите. Преку својот добар пример на ревност во службата на подрачјето, тие можат да им помогнат на соверниците да се подобрат во христијанската служба. Говорите темелени на Библијата што ги држат овие патувачки старешини, духовно ги изградуваат слушателите. Помагајќи им на другите да го применат советот од Божјата Реч, да служат во хармонија со Јеховиниот народ ширум Земјата и да ги користат духовните подготовки што ги прави Бог преку ‚верниот роб‘, патувачките надгледници ги зајакнуваат собранијата што имаат предност да ги посетат.
19. Кои прашања остануваат за разгледување?
19 Кога Јеховината организација го воспоставила делото на патувачки старешини меѓу Истражувачите на Библијата пред стотина години, ова списание изјавило: „Ќе почекаме на резултатите и на натамошното Господово водство“. Јеховиното водство јасно се видело. Поради неговиот благослов и под надзорот на Водечкото тело, ова дело низ годините се ширело и се подобрувало. Како резултат од тоа, собранијата на Јеховините сведоци ширум Земјата се зацврснуваат во верата и растат бројно од ден на ден. Очигледно, Јехова го благословува самопожртвуваниот дух на овие дарови во облик на луѓе. Но, како можат патувачките надгледници успешно да го извршуваат своето дело? Кои се нивните цели? Како можат да го постигнат она што е најдобро?
Како би одговорил?
◻ Кои се некои должности на покраинските и обласните надгледници?
◻ Зошто патувачките надгледници треба да имаат самопожртвуван дух?
◻ Како може да се покаже ценење спрема делото на патувачките старешини и нивните сопруги?
◻ Што можат да сторат патувачките надгледници за да ги зајакнат собранијата во верата?
[Слика на страница 10]
За да се биде постојано во движење, потребен е дух на самопожртвуваност
[Слика на страница 13]
Дали си покажал гостољубие спрема патувачките надгледници и нивните сопруги?