Твоето „да“ нека значи „да“
„Кога ќе речете: ‚Да‘, тоа нека значи ‚да‘, а кога ќе речете: ‚Не‘, тоа нека значи ‚не‘“ (МАТ. 5:37)
1. Што рекол Исус во врска со заколнувањето, и зошто?
ВИСТИНСКИТЕ христијани обично немаат потреба да се заколнуваат. Тие му се послушни на Исус, кој рекол: „Кога ќе речете: ‚Да‘, тоа нека значи ‚да‘“. Со тоа Исус сакал да им каже на своите ученици дека треба да си стојат на зборот. Пред да им ја даде таа заповед, им рекол: „Не заколнувајте се никако“. Тој го кажал ова бидејќи, како во минатото така и денес, многу луѓе имаат навика да се заколнуваат за сѐ и сешто иако немаат никаква намера да го исполнат она што го велат. Оние што прават така, всушност, откриваат дека не се достојни за доверба и дека се под влијание на „Злобниот“. (Прочитај Матеј 5:33-37.)
2. Објасни зошто не е секогаш погрешно да се заколнуваме.
2 Исус не сакал да каже дека никогаш не смееме да се заколнуваме. Како што видовме во претходната статија, и самиот Јехова Бог, а и неговиот праведен слуга Авраам се заколнувале во некои важни прилики. Освен тоа, Божјиот закон барал Израелците да се заколнат во одредени ситуации со цел да се реши некој проблем (2. Мој. 22:10, 11; 4. Мој. 5:21, 22). Понекогаш и некој христијанин можеби ќе треба да се заколне кога сведочи на суд. Или, пак, во ретки прилики, можеби ќе смета дека мора да се заколне за да ги увери другите во своите намери или дека ја кажува вистината во врска со одреден проблем. Всушност, кога и самиот Исус бил изведен пред еврејскиот судски совет и првосвештеникот му рекол: „Те заколнувам во живиот Бог да ни кажеш дали си ти Христос“, тој не се противел на тоа барање туку едноставно ја кажал вистината (Мат. 26:63, 64). Иако не морал никогаш да се заколнува, за да им нагласи на оние што го слушале дека можат да имаат доверба во неговите зборови, Исус честопати велел: „Вистина, вистина, ви велам“ (Јован 1:51; 13:16, 20, 21, 38). Да видиме што друго може да научиме од примерот на Исус, на Павле и на уште некои Божји слуги чие „да“ навистина значело „да“.
ИСУС — НАЈДОБРИОТ ПРИМЕР
3. Што му ветил Исус на Бог во молитва, и како одговорил неговиот небесен Татко?
3 „Еве, дојдов... да ја вршам твојата волја, Боже“ (Евр. 10:7). Исус ги кажал овие значајни зборови во молитвата што му ја упатил на Бог кога се крстил. Со тоа му ветил на својот Татко дека ќе го исполни сето она што било проречено во врска со ветеното Потомство и дека ќе дозволи Сатана да го ‚рани во петицата‘ (1. Мој. 3:15). Никој друг човек не се понудил да понесе толку голема одговорност. Во таа прилика, Јехова потврдил дека има потполна доверба во Исус, без да бара од него да му се заколне дека ќе го исполни своето ветување (Лука 3:21, 22).
4. Како Исус покажал дека неговото „да“ навистина значи „да“?
4 Исус го правел она што го зборувал, односно неговото „да“ секогаш значело „да“. Тој не дозволил ништо да му го одврати вниманието од задачата што му ја дал неговиот Татко — да ја проповеда добрата вест за Божјето Царство и да ги поучува луѓето што Бог ги привлекол кон него (Јован 6:44). Самата Библија потврдува дека Исус го исполнил сето она што му го ветил на својот Татко. Во неа стои: „Колку и да има Божји ветувања, преку него станаа ‚да‘“ (2. Кор. 1:20). Исус навистина ни дал најдобар пример за тоа што значи некој да си стои на зборот! Да го разгледаме сега примерот на Павле, кој со сите сили се трудел да постапува како Исус.
ПАВЛЕ — ЧОВЕК ОД ЗБОР
5. Каков пример ни дал апостол Павле?
5 „Што да направам, Господару?“ (Дела 22:10). Павле, кој во тоа време бил познат како Савле, ги кажал овие искрени зборови кога прославениот Господар Исус му се појавил во едно видение за да го спречи да ги прогонува Неговите ученици. По оваа случка, Савле понизно се покајал за сето она што го направил дотогаш, се крстил и ја прифатил посебната задача да им ја пренесува добрата вест за Исус на луѓето од другите народи. Оттогаш натаму, Павле продолжил да го нарекува Исус свој „Господар“ и му бил послушен до крајот на својот живот на Земјата (Дела 22:6-16; 2. Кор. 4:5; 2. Тим. 4:8). Павле не бил како некои други за кои Исус рекол: „Зошто ме викате ‚Господару! Господару!‘ а не го правите она што го зборувам?“ (Лука 6:46). Ова јасно покажува што очекува Исус од сите што го прифаќаат за свој Господар. Исто како Павле, тие треба да си стојат на зборот.
6, 7. а) Зошто Павле го сменил планот во врска со посетата на Коринт, и зошто не било во ред што некои го обвиниле дека не си стои на зборот? б) Како треба да гледаме на браќата што се поставени да нѐ предводат?
6 Павле ревносно ја проповедал пораката за Царството низ цела Мала Азија и Европа. Основал многу собранија, и се трудел повторно да ги посети. Понекогаш морал да им се заколне дека она што им го напишал е вистина (Гал. 1:20). Кога некои христијани од Коринт го обвиниле дека не си стои на зборот, тој во одбрана рекол: „Бог ми е сведок дека нашето ‚да‘ не е двосмислено, па да значи и ‚не‘“ (2. Кор. 1:18, Радосна Вест). Кога го напишал ова, Павле веќе бил заминат од Ефес и минувал низ Македонија на пат кон Коринт. Во почетокот, тој имал намера да го посети Коринт пред да појде во Македонија (2. Кор. 1:15, 16). Но, морал да го смени планот, исто како што понекогаш е случај и со денешните патувачки надгледници. На пример, можеби денес некој патувачки надгледник ќе го смени терминот во кој требало да посети некое собрание. Таквите промени не ги прави од некои безначајни и себични причини, туку затоа што некои околности навистина го налагаат тоа. Павле имал силна причина да ја одложи својата посета на Коринт. Тоа било за доброто на тамошното собрание. Во кој поглед?
7 Некое време откако го направил првобитниот план, тој слушнал дека во коринтското собрание има проблеми. Тамошните браќа имале несогласувања и му дозволиле на некој во собранието да живее неморално (1. Кор. 1:11; 5:1). Во првото послание што им го напишал, Павле им дал строг совет за да им помогне да ги решат проблемите. А потоа, наместо да отплови директно од Ефес за Коринт, Павле решил да им даде време да го применат неговиот совет пред да дојде. На тој начин, неговата посета ќе била уште поохрабрувачка за нив. За да ги увери дека навистина имал добра причина да ги смени своите планови, во своето второ послание, Павле им напишал: „Бог ми е сведок дека причината за моето недоаѓање во Коринт беше со цел да ве поштедам од укорување“ (2. Кор. 1:23, Радосна Вест). Никогаш да не бидеме како оние што го критикувале Павле! Наместо тоа, да покажуваме длабока почит кон браќата што се поставени да нѐ предводат. Да се угледаме на Павле, исто како што тој се угледал на Христос (1. Кор. 11:1; Евр. 13:7).
ДРУГИ ДОБРИ ПРИМЕРИ
8. Каков пример ни дала Ревека?
8 „Сакам“ (1. Мој. 24:58). Ревека го дала овој едноставен одговор кога мајка ѝ и брат ѝ ја прашале дали е спремна да му стане жена на Исак, синот на Авраам. Таа истиот ден требало да го напушти својот дом и да тргне со еден непознат човек на пат долг околу 800 километри (1. Мој. 24:50-58). Ревека си стоела на зборот, и му станала верна богобојазлива жена на Исак. До крајот на животот, таа живеела како туѓинка во шатори во Ветената земја. Била благословена за својата верност со тоа што станала предок на ветеното Потомство, Исус Христос (Евр. 11:9, 13).
9. Како Рут си стоела на зборот?
9 „Не, туку со тебе ќе се вратиме кај твојот народ“ (Рут 1:10). Моавките Рут и Орфа, кои останале вдовици, постојано ѝ ги повторувале овие зборови на својата свекрва, Ноемина. И таа била вдовица и се враќала од Моав во своето родно место, Витлеем. Ноемина упорно ги молела да се вратат дома и, на крајот, Орфа ја послушала. Но, Рут рекла „не“, и тоа навистина значело „не“. (Прочитај Рут 1:16, 17.) Таа не сакала по никоја цена да ја остави Ноемина. Ѝ била лојална на својата свекрва и останала со неа, иако тоа значело дека никогаш повеќе нема да го види своето семејство и дека ќе престане да им служи на лажните моавски богови. До крајот на својот живот, таа му служела на Јехова и тој ја благословил. Рут е една од само петте жени кои во Евангелието според Матеј се спомнати како предци на Христос (Мат. 1:1, 3, 5, 6, 16).
10. Зошто Исаија е добар пример за нас?
10 „Еве ме мене, испрати ме мене!“ (Иса. 6:8). Пред да го каже ова, Исаија имал едно величествено видение за Јехова. Додека го гледал Бог како седи на својот престол, Исаија чул глас кој рекол: „Кого да испратам? Кој ќе оди за нас?“ Всушност, Јехова прашал кој е спремен да оди и да ја пренесе неговата порака до неговиот непослушен народ. Тогаш Исаија рекол: „Еве ме мене, испрати ме мене!“ Тој си го одржал зборот — неговото „да“ навистина значело „да“. Повеќе од 46 години, Исаија верно служел како пророк. Тој објавувал дека Бог ќе го казни својот тврдоглав народ, но и дека подоцна ќе го врати во родната земја за да му служи на исправен начин.
11. а) Зошто е многу важно да си стоиме на зборот? б) Кои луѓе спомнати во Библијата не си го одржале зборот?
11 Зошто Јехова сакал овие примери да бидат запишани во неговата Реч? И колку е важно нашето „да“ секогаш да значи „да“? Библијата јасно кажува дека оној што намерно ‚не почитува договори, заслужува смрт‘ (Рим. 1:31, 32). Фараонот на Египет, јудејскиот цар Седекија, и Ананија и Сапфира се некои од лошите примери кои се спомнати во Библијата бидејќи нивното „да“ не значело „да“. Сите тие лошо си поминале и служат како предупредување за нас (2. Мој. 9:27, 28, 34, 35; Езек. 17:13-15, 19, 20; Дела 5:1-10).
12. Што ќе ни помогне да си стоиме на зборот?
12 Бидејќи живееме „во последните денови“, ние сме опкружени со луѓе кои се „нелојални“ и кои ‚на изглед се богобојазливи, но не живеат богобојазливо‘ (2. Тим. 3:1-5). Тие се лошо друштво за нас, и мора да ги избегнуваме колку што е можно повеќе. Наместо да се дружиме со такви луѓе, треба редовно да се собираме со оние кои се трудат нивното „да“ секогаш да значи „да“ (Евр. 10:24, 25).
НАЈВАЖНОТО ВЕТУВАЊЕ
13. Кое е најважното ветување кое го дава еден следбеник на Исус Христос?
13 Кое е најважното ветување што може да го дадеме? Тоа е заветот што му го даваме на Бог. Оние што сакаат да се одречат од себе за да станат ученици на Исус имаат можност во три прилики јасно да кажат дека се спремни да ја вршат Божјата волја (Мат. 16:24). Кога двајца старешини разговараат со некој што сака да стане некрстен објавител, тие го прашуваат: „Дали навистина сакаш да бидеш Јеховин сведок?“ Подоцна, откако тоа лице ќе продолжи духовно да напредува и ќе изрази желба да се крсти, старешините што ги разгледуваат прашањата за крштавање со него, го прашуваат: „Дали ти лично му вети на Јехова во молитва дека ќе му служиш?“ А на денот на крштавањето, сите кандидати мора да одговорат на следново прашање што го поставува говорникот: „На темел на жртвата на Исус Христос, дали си се покајал за своите гревови и дали си му ветил на Јехова дека ќе ја вршиш неговата волја?“ Тие гласно велат „да“ и со тоа јавно, пред сите присутни, изјавуваат дека ќе му служат на Бог засекогаш.
14. Кои прашања треба да си ги поставиме одвреме-навреме?
14 Сеедно дали си се крстил неодамна или, пак, со децении му служиш на Бог, одвреме-навреме треба да се преиспиташ. Прашај се: ‚По примерот на Исус Христос, дали се трудам да го исполнам најважното ветување што сум го дал? Дали и понатаму сум му послушен на Исус со тоа што ја ставам службата на проповедање на прво место во животот?‘ (Прочитај 2. Коринќаните 13:5.)
15. На кои полиња од животот нашето „да“ треба да значи „да“?
15 За да си го одржиме најважното ветување што сме му го дале на Бог, мора да си стоиме на зборот и на други важни полиња од животот. На пример, ако си во брак, треба и понатаму да го сакаш и да го цениш твојот брачен другар како што си му ветил кога сте се венчале. Ако си потпишал некој деловен договор или си пополнил молба за да вршиш некоја теократска задача, треба да го исполниш она што си го ветил. Ако си се договорил да појдеш на ручек кај некој посиромашен соверник, не му откажувај доколку те покани и некој друг што мислиш дека подобро ќе те угости. Ако си му ветил на некого што си го сретнал во служба од куќа до куќа дека повторно ќе го посетиш, тогаш твоето „да“ нека значи „да“, и Јехова ќе ја благослови твојата служба. (Прочитај Лука 16:10.)
НАШИОТ ПРВОСВЕШТЕНИК И ЦАР МОЖЕ ДА НИ ПОМОГНЕ
16. Што треба да правиме ако не сме одржале некое ветување?
16 Библијата вели дека, како несовршени луѓе, „сите ние честопати грешиме“, особено во зборови (Јак. 3:2). Што треба да правиме ако сфатиме дека не сме исполниле некое ветување? Мојсеевиот закон пропишувал што требало да направи некој Израелец ако сакал Бог да му прости затоа што ‚непромислено се заколнал‘ (3. Мој. 5:4-7, 11). И нам како христијани може да ни биде простено ако во некоја ситуација сме згрешиле со тоа што не сме си стоеле на зборот. Треба да му го признаеме тој грев на Јехова, и тогаш тој милостиво ќе ни прости преку жртвата на нашиот Првосвештеник, Исус Христос (1. Јов. 2:1, 2). Но, за да ја зачуваме Божјата милост, мора да покажеме дека навистина се каеме со тоа што нема да ни стане навика да ги прекршуваме ветувањата. Освен тоа, треба да направиме сѐ што можеме за да ја надоместиме штетата која можеби сме ја предизвикале со своите непромислени зборови (Изр. 6:2, 3). Се разбира, многу подобро е внимателно да размислиме пред да ветиме нешто кое нема да можеме да го исполниме. (Прочитај Проповедник 5:2.)
17, 18. Каква величествена иднина ги очекува сите што се трудат нивното „да“ навистина да значи „да“?
17 Сите слуги на Јехова кои се трудат нивното „да“ навистина да значи „да“ ги очекува прекрасна иднина! Помазаните 144.000 Христови браќа ќе добијат бесмртен живот на небото, каде што заедно со Исус ‚ќе царуваат илјада години‘ (Отк. 20:6). Безброј други милиони ќе можат да живеат во рајот на Земјата. Во текот на илјадагодишното Царство, Христос ќе им помогне да станат совршени — и во физички и во психички поглед (Отк. 21:3-5).
18 Ако останеме верни во последниот испит на крајот на Исусовото владеење, никогаш повеќе нема да имаме причини да се сомневаме во нечии зборови (Отк. 20:7-10). Секое „да“ ќе значи „да“, и секое „не“ ќе значи „не“. Сите што ќе живеат тогаш совршено ќе го следат примерот на нашиот мил небесен Татко, Јехова, ‚Богот на вистината‘ (Пс. 31:5).