Намразени заради нивната вера
„Ќе бидете намразени од сите заради Моето име“ (МАТЕЈ 10:22).
1, 2. Можеш ли да раскажеш некои вистински животни искуства кои ги претрпеле Јеховините сведоци заради тоа што ги практикуваат своите религиозни верувања?
ЕДЕН чесен дуќанџија од островот Крит е апсен десетици пати и изведуван пред грчките судови повеќе пати. Сѐ на сѐ одлежал во затвор повеќе од шест години, далеку од својата сопруга и петте деца. Во Јапонија еден 17-годишен ученик е истеран од училиштето, иако има добро поведение и е најдобар во неговиот клас од 42 ученика. Во Франција, извесен број луѓе по брза постапка се отпуштени од работа, иако имаат одлично досие на трудољубиви и совесни работници. Која е заедничката нишка на овие вистински животни искуства?
2 Сите овие поединци се Јеховини сведоци. Каков е нивниот „злостор“? Во основа, практикување на нивните религиозни верувања. Од послушност кон учењата на Исус Христос, дуќанџијата ја споделувал својата вера со другите (Матеј 28:19, 20). Бил казнуван главно според еден застарен грчки закон според кој прозелитизмот е криминален престап. Ученикот бил истеран заради тоа што неговата библиски школувана совест не му дозволувала да учествува во задолжителната кендо обука (јапонско мечување) (Исаија 2:4). А оние кои биле отпуштени од работа во Франција биле информирани дека единствена причина за нивното отпуштање е тоа што се идентификувале како Јеховини сведоци.
3. Зошто големото страдање од рацете на другите луѓе е релативно ретка појава за повеќето Јеховини сведоци?
3 Таквите груби искуства се типични за она што неодамна го поднеле Јеховините сведоци во некои земји. Меѓутоа, за повеќето Јеховини сведоци големото страдање од рацете на другите луѓе е релативно ретка појава. Јеховиниот народ е познат ширум светот по неговото добро однесување — репутација која на никого не му дава валидна причина да сака да им наштети (1. Петрово 2:11, 12). Тие не коваат завери ниту, пак, учествуваат во штетно однесување (1. Петрово 4:15). Напротив, се обидуваат да живеат според библискиот совет да бидат подложни, првин на Бог, а потоа и на световните влади. Ги плаќаат даноците кои ги бара законот и настојуваат да ‚бидат во мир со сите луѓе‘ (Римјаните 12:18; 13:6, 7; 1. Петрово 2:13—17). Во своето библиско образовно дело тие поттикнуваат да се почитува законот, семејните вредности и моралот. Многу влади ги пофалиле заради тоа што се граѓани кои се послушни на законот (Римјаните 13:3). Сепак, како што покажува воведниот пасус, понекогаш тие се мета на противење — а во некои земји дури и на владини забрани. Дали тоа треба да нѐ изненади?
„Цената“ на учеништвото
4. Според Исус, што би можело да се очекува кога ќе се стане негов ученик?
4 Исус Христос не оставил сомневање што ќе вклучува тоа да се биде негов ученик. „Ниеден слуга не е поголем од својот господар“, им рекол тој на своите следбеници. „Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат.“ Исус бил намразен „без вина“ (Јован 15:18—20, 25; Псалм 68:4; Лука 23:22). Неговите ученици можеле да го очекуваат истото — противење без оправдана основа. Во повеќе од една прилика тој ги предупредил: „Ќе бидете намразени“ (Матеј 10:22; 24:9).
5, 6. а) Од која причина Исус ги поттикнал потенцијалните следбеници да ‚ја пресметаат цената‘? б) Тогаш, зошто не треба да бидеме збунети кога ќе наидеме на противење?
5 Со оглед на тоа, Исус силно ги поттикнувал потенцијалните следбеници да ја ‚пресметаат цената‘ на учеништвото (Лука 14:28, Revised Standard Version). Зошто? Не за да одлучат дали да станат негови следбеници или не, туку за да бидат решени да го исполнат она што е вклучено. Ние мораме да бидеме подготвени да ги поднесеме сите испити или тешкотии кои доаѓаат со таа предност (Лука 14:27). Никој не нѐ присилува да му служиме на Јехова како следбеници на Христос. Тоа е доброволна одлука; исто така, тоа е и информирана одлука. Ние однапред знаеме дека покрај благословите кои ќе ги доживееме од тоа што сме стапиле во предаден однос со Бог, ќе бидеме и „намразени“. Затоа не сме збунети кога наидуваме на противење. Ние сме ја ‚пресметале цената‘ и целосно сме подготвени да ја платиме (1. Петрово 4:12—14).
6 Зошто некои, вклучувајќи и извесни владини авторитети, сакаат да им се противат на вистинските христијани? За да одговориме, ќе биде корисно да испитаме две религиозни групи од првиот век н. е. Обете биле намразени — но од многу различни причини.
Полни со омраза и намразени
7, 8. Кои учења одразувале презир кон паганите, и каков став се развил меѓу Евреите како резултат на тоа?
7 Во првиот век од н. е. Израел бил под римска власт а јудаизмот, еврејскиот религиозен систем во целина, бил во еден угнетувачки стисок на водачите, како што биле фарисеите и книжниците (Матеј 23:2—4). Овие фанатични водачи ги зеле прописите од Мозаитскиот закон во врска со одвоеноста од народите и ги извртеле како тие да бараат да се презираат не-Евреите. Притоа, создале една религија која предизвикувала омраза кон паганите и, од своја страна, изнудила омраза од паганите.
8 На еврејските водачи не им било тешко да проповедаат презир кон паганите бидејќи Евреите во тоа време ги сметале паганите за одвратни суштества. Верските водачи учеле дека една Еврејка никогаш не смее да биде сама со пагани, зашто „тие биле осомничени за разузданост“. Еден Евреин не смеел „да остане сам со нив бидејќи тие „биле осомничени за крвопролевање“. Она што ќе го измолзел еден паганин не смеело да се користи освен ако не бил присутен некој Евреин кој го посматрал тоа. Под влијанието на своите водачи, Евреите развиле резервираност и крута повлеченост. (Спореди Јован 4:9.)
9. Каков бил ефектот од учењето на еврејските водачи во врска со не-Евреите?
9 Таквите учења во врска со не-Евреите не унапредувале многу добри односи меѓу Евреите и паганите. Паганите почнале да ги сметаат Евреите за луѓе кои го мразат целото човештво. Римскиот историчар Тацит (роден околу 56 н. е.) за Евреите рекол дека „останатиот дел од човештвото го гледале со сета омраза што може да ја има непријател“. Исто така, Тацит тврдел дека паганите кои станале еврејски прозелити биле поучени да се одречат од својата земја и семејството и пријателите да ги сметаат за безвредни. Римјаните главно ги толерирале Евреите кои затоа што ги имало доста на број биле застрашувачки. Но, еден бунт на Евреите во 66 н. е. поттикнал остри репресалии од Римјаните што водело до уништување на Ерусалим во 70 н. е.
10, 11. а) Какво однесување кон странците барал Мозаитскиот закон? б) Каква поука учиме од она што му се случило на јудаизмот?
10 Како гледиштето кон странците можело да се спореди со обликот на обожавање кој бил изложен во Мозаитскиот закон? Законот навистина унапредувал одвоеност од нациите, но тоа било за да ги заштити Израелците, особено нивното чисто обожавање (Исус Навин 23:6—8). Сепак, Законот барал кон странците да се постапува со правда и чесност и да бидат примани гостољубиво — сѐ додека тие очигледно не ги прекршувале израелските закони (3. Мојсеева 24:22). Отстапувајќи од разумниот дух кој јасно се гледал во Законот во врска со странците, еврејските верски водачи од Исусово време создале еден облик на обожавање кој предизвикувал омраза и бил намразен. Најпосле, еврејската нација од првиот век ја изгубила Јеховината наклоност (Матеј 23:38).
11 Дали во ова има поука за нас? Да, има! Самоправедниот, супериорен став кој ги презира оние кои не ги споделуваат нашите религиозни верувања не го претставува точно чистото обожавање на Јехова ниту, пак, му е допадлив. Размисли за верните христијани од првиот век. Тие не ги мразеле нехристијаните ниту, пак, се бунтувале против Рим. Сепак, биле „намразени“. Зошто? И од кого?
Раните христијани намразени — од кого?
12. Како од Писмото јасно се гледа дека Исус сака неговите следбеници да имаат урамнотежено гледиште кон нехристијаните?
12 Од учењата на Исус е јасно дека тој имал намера неговите ученици да имаат урамнотежено гледиште кон нехристијаните. Од една страна, тој рекол дека неговите следбеници ќе бидат одвоени од светот — т. е. дека ќе одбегнуваат ставови и однесување кои се во судир со Јеховините праведни патишта. Тие би останале неутрални во врска со војната и политиката (Јован 17:14, 16). Од друга страна, пак, далеку од тоа да препорачува презир кон нехристијаните, Исус им кажал на следбениците да ги ‚љубат своите непријатели‘ (Матеј 5:44). Апостол Павле ги поттикнал христијаните: „Ако непријателот твој е гладен, нахрани го; ако е жеден, напој го“ (Римјаните 12:20). Исто така, тој им кажал на христијаните да им ‚прават добро на сите‘ (Галатјаните 6:10).
13. Зошто еврејските верски водачи толку им се противеле на Христовите ученици?
13 Сепак, наскоро Христовите ученици станале „намразени“ од три извори. Првиот извор биле еврејските верски водачи. Не е ни чудо што христијаните брзо го привлекле нивното внимание! Христијаните имале високи начела на морал и интегритет, и со огнена ревност ја пренесувале пораката која влева надеж. Илјадници луѓе го напуштиле јудаизмот и го прифатиле христијанството (Дела 2:41; 4:4; 6:7). За еврејските верски водачи, Исусовите еврејски следбеници не биле ништо друго освен отпадници! (Спореди Дела 13:45.) Овие гневни водачи мислеле дека христијанството ги поништува нивните традиции. Па, дури и го порекнувале нивното гледиште кон паганите! Од 36 н. е. паганите можеле да станат христијани, споделувајќи ја истата вера и уживајќи ги истите предности како и еврејските христијани (Дела 10:34, 35).
14, 15. а) Зошто христијаните си навлекле омраза од паганските обожаватели? Наведи еден пример. б) Од која трета група биле „намразени“ раните христијани?
14 Второ, христијаните си навлекле омраза од страна на паганските обожаватели. На пример, правењето сребрени ковчежиња на божицата Артемида во древниот Ефес било профитабилен бизнис. Но, кога Павле проповедал таму, се одѕвале приличен број ефесјани кои го напуштиле обожавањето на Артемида. Затоа што занаетот им бил загрозен, златарите кренале бунт (Дела 19:24—40). Нешто слично се случило откако се раширило христијанството во Витанија (сега северозападна Турција). Недолго откако биле комплетирани Христијанските грчки списи, управителот на Витанија, Плиниј Помладиот, известил дека паганските храмови биле напуштени и дека продажбата на сточна храна за животните кои се принесувале како жртви многу опаднала. Христијаните биле обвинети — и прогонувани — бидејќи нивното обожавање не дозволувало животински жртви и идоли (Евреите 10:1—9; 1. Јованово 5:21). Јасно е дека ширењето на христијанството влијаело врз извесни стекнати права кои биле поврзани со паганското обожавање, и затоа оние кои ги изгубиле обете работи — занаетот и парите — се огорчиле на него.
15 Трето, христијаните станале „намразени“ од националистички настроените Римјани. Отпрвин, христијаните им биле познати на Римјаните како една мала и можеби фанатична религиозна група. Сепак, со текот на времето, самото исповедување како христијанин станало престап кој бил казнив со смрт. Зошто на чесните жители кои воделе христијански живот се гледало како на погодни жртви за прогонство и смрт?
Раните христијани — зошто биле намразени од римскиот свет?
16. На кои начини христијаните се држеле одвоени од светот, и зошто тоа ги направило непопуларни во римскиот свет?
16 Христијаните биле намразени од римскиот свет првенствено заради тоа што ги практикувале своите религиозни верувања. На пример, тие се држеле одвоени од светот (Јован 15:19). Затоа не заземале политички функции и одбивале воена служба. Како резултат на тоа, „биле претставувани како луѓе кои се во тврд сон и бескорисни за сите работи во животот“, вели историчарот Августус Неандер. Исто така, да не се биде дел од светот значело да се избегнуваат злобните патишта на расипаниот римски свет. „Со својата побожност и пристојност малите христијански заедници го вознемирувале паганскиот свет кој бил луд по задоволства“, објаснува историчарот Вил Дјурант (1. Петрово 4:3, 4). Можеби со тоа што ги прогонувале и погубувале христијаните, Римјаните настојувале да го замолкнат тегобниот глас на совеста.
17. Што покажува дека делото на проповедање во првиот век било делотворно?
17 Христијаните од првиот век ја проповедале добрата вест за Божјето Царство со бескомпромисна ревност (Матеј 24:14). Павле можел да рече дека отприлика до 60 н. е. добрата вест била ‚проповедана на секое поднебесно создание‘ (Колосјаните 1:23). До крајот на првиот век, Исусовите следбеници направиле ученици низ целото Римско Царство — во Азија, Европа и Африка! Дури и некои членови на „домот ќесарев“ станале христијаниa (Филипјаните 4:22). Ова ревносно проповедање предизвикало огорченост. Неандер вели: „Христијанството рамномерно напредувало меѓу луѓето од секој ранг и се заканувало да ја собори државната религија“.
18. Како оддавањето исклучителна оддаденост на Јехова ги ставило христијаните во расчекор со римската влада?
18 Исусовите следбеници му покажувале исклучителна оддаденост на Јехова (Матеј 4:8—10). Можеби овој аспект од нивното обожавање ги ставил во расчекор со Рим повеќе од кој и да било друг аспект. Римјаните биле толерантни кон другите религии, сѐ додека и нивните приврзаници учествувале во обожавањето на царот. Раните христијани едноставно не можеле да учествуваат во таквото обожавање. Тие се сметале за одговорни кон еден авторитет кој бил повисок од авторитетот на римската држава, имено кон Јехова Бог (Дела 5:29). Како резултат на тоа, без разлика на тоа колку христијанинот бил добар граѓанин во сите други погледи, тој бил сметан за непријател на државата.
19, 20. а) Кој бил во голема мера одговорен за злобната клевета која се раширила за верните христијани? б) Кои лажни обвиненија биле покренати против христијаните?
19 Имало уште една причина зошто верните христијани станале „намразени“ во римскиот свет: лесно било да се поверува во злобната клевета за нив, во обвиненијата за кои во голема мера биле одговорни еврејските верски водачи (Дела 17:5—8). Околу 60 или 61 година, кога Павле бил во Рим чекајќи судење од царот Нерон, водечките Евреи за христијаните рекле: „Навистина за оваа секта ни е познато дека насекаде се зборува против неа“ (Дела 28:22, NW). Нерон можел лесно да ги чуе клеветничките приказни за нив. Во 64 н. е. кога Нерон бил обвинет за пожарот кој го разорил Рим, наводно како жртвени јарци ги избрал веќе оцрнетите христијани. Изгледа дека тоа забрзало еден бран на насилничко прогонство со кој било решено да се истребат христијаните.
20 Лажните обвиненија против христијаните честопати биле мешавина од дебели лаги и извртување на нивните верувања. Поради тоа што тие биле монотеисти и не го обожавале царот, биле етикетирани како атеисти. Бидејќи некои членови на семејствата кои не биле христијани им се противеле на своите христијански роднини, христијаните биле обвинети дека ги растураат семејствата (Матеј 10:21). Биле жигосани како канибали, а тоа обвинение, според некои извори, се темелело на извртувањето на Исусовите зборови кажани на Господовата вечера (Матеј 26:26—28).
21. Од кои две причини биле „намразени“ христијаните?
21 Значи, верните христијани биле „намразени“ од Римјаните заради две основни причини: 1) нивните верувања и практики темелени на Библијата и 2) лажните обвиненија против нив. Без оглед на причината, противниците имале само една цел — да го задушат христијанството. Се разбира, вистинските подбуцнувачи на прогонството на христијаните биле натчовечки противници, невидливите злобни духовни сили (Ефесјаните 6:12).
22. а) Кој пример покажува дека Јеховините сведоци настојуваат да ‚им прават добро на сите‘? (Види ја рамката на страница 11.) б) За што ќе биде дискутирано во следната статија?
22 Слично на раните христијани, Јеховините сведоци во денешно време се „намразени“ во различни земји. Сепак, тие не ги мразат оние кои не се Сведоци; ниту, пак, некогаш биле расадник на бунт против владите. Напротив, ширум светот тие се познати по тоа што практикуваат вистинска љубов која ги надминува сите социјални, расни и етнички бариери. Тогаш, зошто се прогонувани? И како реагираат на противењето? За овие прашања ќе биде дискутирано во следната статија.
[Фусноти]
a Не мора да значи дека изразот „домот ќесарев“ укажува на членовите од потесното семејство на Нерон кој владеел тогаш. Наместо тоа, може да укажува на домашните слуги и пониски службеници кои можеби извршувале услуги како, на пример, готвење и чистење во корист на царското семејство и персоналот.
Како би одговорил?
◻ Зошто Исус ги поттикнал потенцијалните следбеници да ја пресметаат цената на учеништвото?
◻ Каков ефект врз јудаизмот имал преовладувачкиот став кон не-Евреите, и што учиме ние од тоа?
◻ Со кои три извори на противење се соочиле верните рани христијани?
◻ Од кои основни причини Римјаните ги ‚намразиле‘ раните христијани?
[Рамка на страница 11]
„Да им правиме добро на сите“
Јеховините сведоци настојуваат да внимаваат на библиската опомена да „им правиме добро на сите“ (Галатјаните 6:10). Во време на оскудица, љубовта кон ближниот ги мотивира да им помагаат на оние кои не ги делат нивните религиозни гледишта. На пример, за време на катастрофалната ситуација во Руанда во 1994, Сведоците од Европа доброволно заминаа за Африка за да помогнат во акциите за помош. Брзо беа подигнати добро организирани кампови и полски болници за да се укаже помош. Со авион беа донесени огромни количини храна, облека и ќебиња. Бројот на бегалците кои извлекоа корист од оваа акција за помош беше трипати поголем од бројот на Сведоците во тоа подрачје.
[Слика на страница 9]
Христијаните од првиот век ја проповедале добрата вест со бескомпромисна ревност