Вера — особина што ни помага да бидеме духовно јаки
ВЕРАТА има извонредна моќ. На пример, иако Сатана сака да ни го уништи пријателството со Јехова, верата ни помага да ги изгаснеме „сите огнени стрели на Злобниот“ (Еф. 6:16). Ако имаме вера, можеме да се справиме со проблеми што ни изгледаат големи како планини. Исус им кажал на своите ученици: „Ако вашата вера е голема само колку синапово зрно, ќе ѝ речете на оваа планина: ’Премести се одовде таму‘, и ќе се премести“ (Мат. 17:20). Бидејќи верата може да ни го зајакне односот со Јехова, добро е да размислиме за следниве прашања: Што е вера? Како состојбата на нашето срце влијае врз нашата вера? Како можеме да си ја зајакнеме верата? И во кого треба да имаме вера? (Рим. 4:3).
ШТО Е ВЕРА?
Да имаме вера не значи само да веруваме, односно да признаеме дека она што го вели Библијата е вистина. Дури и „демоните веруваат [дека Бог постои] — и се тресат“ (Јак. 2:19). Тогаш, што е вера?
Во врска со верата, Библијата истакнува две работи. Прво, „верата е цврста увереност дека ќе се случи она на кое се надеваме“ (Евр. 11:1а). Ако имаш вера, ти си цврсто уверен дека сѐ што кажува Јехова е вистина и дека ќе се исполни. На пример, тој им кажал на Израелците: „Ако можете да го раскинете мојот сојуз со денот и мојот сојуз со ноќта, за да нема ни ден ни ноќ во право време, тогаш ќе може да се раскине и мојот сојуз со Давид, мојот слуга“ (Ерем. 33:20, 21). Дали некогаш си се посомневал дека сонцето ќе престане да изгрева или да заоѓа? Ако не се сомневаш во физичките закони поради кои Земјата се врти околу својата оска и околу Сонцето, тогаш дали треба да се сомневаш дека Творецот на овие закони може да ги исполни своите ветувања? Се разбира дека не! (Иса. 55:10, 11; Мат. 5:18).
Второ, верата е „доказ за она што е вистинско, иако не се гледа“ (Евр. 11:1б). Значи верата е доказ за работи што не ги гледаме, но сепак постојат. Да наведеме еден пример. Замисли дека едно дете те прашува: „Од каде знаеш дека постои воздухот?“ Иако воздухот не се гледа, веројатно ќе му помогнеш на детето да размисли за работи што докажуваат дека воздухот постои како, на пример, дишењето, дувањето на ветрот и слично. Кога ќе се увери дека овие работи постојат, детето ќе сфати дека може да верува во нешто што не го гледа. Слично на тоа, верата се темели на цврсти докази (Рим. 1:20).
МНОГУ Е ВАЖНА СОСТОЈБАТА НА СРЦЕТО
Бидејќи верата се темели на докази, за да може некој да има вера, прво мора добро да ја запознае вистината (1. Тим. 2:4). Но тоа не е доволно. Апостол Павле напишал: „Со срцето се верува“ (Рим. 10:10). Значи не е доволно само да веруваме во вистината туку треба и да ја цениме. Дури тогаш ќе бидеме поттикнати да покажуваме вера, односно со нашиот начин на живот да го радуваме Бог (Јак. 2:20). Некој што не е од срце благодарен за вистината може да ги отфрла дури и силните докази затоа што тврдоглаво се држи за своите длабоко вкоренети ставови или затоа што бара изговори за своите неисправни желби (2. Пет. 3:3, 4; Јуда 18). Токму поради тоа, во библиски времиња имало и такви што не развиле вера иако биле очевидци на некое чудо од Бог (4. Мој. 14:11; Јован 12:37). Јехова преку светиот дух им дава вера само на оние што повеќе ја сакаат вистината од лагата (Гал. 5:22; 2. Сол. 2:10, 11).
КАКО ДАВИД СТЕКНАЛ СИЛНА ВЕРА
Еден од оние што имале голема вера бил цар Давид (Евр. 11:32, 33). Но, таква вера немале сите од неговото семејство. На пример, размисли за Елијав, најстариот од браќата на Давид. Кога Голијат им се потсмевал на Израелците, Давид се вознемирил поради тоа. Во таа прилика Елијав го прекорил Давид и така покажал дека нема вера во Јехова (1. Сам. 17:26-28). Никој не се раѓа со вера ниту ја наследува од своите родители. Според тоа, верата на Давид била резултат на неговиот близок однос со Бог.
Во Псалм 27, Давид открива како стекнал толку силна вера (стих 1). Тој размислувал за тоа како Јехова претходно му помагал кога се соочувал со противници (стихови 2, 3). Тој длабоко го ценел Јеховиниот свет шатор (стих 4). Давид го славел Бог во шаторот заедно со своите соверници (стих 6). Тој од срце му се молел на Јехова (стихови 7, 8). Давид исто така сакал да биде поучен за Божјите патишта (стих 11). Верата му била толку многу важна што прашал: „Да не верував... каде ќе бев сега?“ (стих 13).
КАКО ДА СИ ЈА ЗАЈАКНЕШ ВЕРАТА
Ти можеш да имаш вера како Давид доколку размислуваш и постапуваш во склад со она што го пишува во Псалм 27. За да имаш вера треба добро да ја познаваш вистината. Според тоа, колку повеќе ги проучуваш Божјата Реч и библиските публикации толку полесно ќе ти биде да го имаш овој плод на Божјиот дух (Пс. 1:2, 3). Додека проучуваш, одвој си време за длабоко да размислуваш. Ако размислуваме за она што го проучуваме, нашата благодарност кон Јехова ќе расте. А колку поголема благодарност чувствуваме толку поголема желба ќе имаме да покажуваме вера. Нашата вера ја покажуваме така што го славиме Бог на собраниските состаноци и така што им ја објавуваме нашата надеж на другите (Евр. 10:23-25). Исто така, покажуваме вера со тоа што продолжуваме да се молиме и со тоа што не се откажуваме (Лука 18:1-8). Затоа, моли му се непрестајно на Јехова со доверба дека тој се грижи за тебе (1. Сол. 5:17; 1. Пет. 5:7). Верата нѐ поттикнува на дела, а преку нашите дела ни се зајакнува верата (Јак. 2:22).
ПОКАЖУВАЈ ВЕРА ВО ИСУС
Вечерта пред својата смрт, Исус им кажал на своите ученици: „Верувајте во Бог и верувајте во мене!“ (Јован 14:1). Затоа треба да покажуваме вера и во Јехова и во Исус. Како можеш да покажуваш вера во Исус? Да разгледаме три начини.
Прво, на откупнината гледај како на подарок што Бог ти го дал тебе лично. Апостол Павле рекол: „Живеам поради верата во Синот Божји, кој ме сакаше и се предаде себеси за мене“ (Гал. 2:20). Ако покажуваш вера во Исус, ти цврсто веруваш дека откупнината може да ти помогне, дека таа е темел за простување на твоите гревови, дека ти дава надеж за вечен живот и дека е најголемиот доказ колку многу те сака Бог (Рим. 8:32, 38, 39; Еф. 1:7). Ова ќе ти помогне да не мислиш премногу негативно за себеси (2. Сол. 2:16, 17).
Второ, зближи се со Јехова така што ќе му се молиш на темел на жртвата на Исус. Неговата откупнина ни овозможува да му се молиме на Јехова „со слобода на говорот... за Бог да ни покаже милосрдие и да ни покаже незаслужена доброта кога ќе ни треба помош“ (Евр. 4:15, 16; 10:19-22). Молитвата ни ја зајакнува решеноста да се спротивставиме на искушението да направиме грев (Лука 22:40).
Трето, биди му послушен на Исус. Апостол Јован напишал: „Кој верува во Синот, има вечен живот. Кој не му е послушен на Синот, нема да види живот, туку Божјиот гнев останува врз него“ (Јован 3:36). Забележи дека според зборовите на овој стих, непослушноста е спротивна на верата. Според тоа, ти покажуваш вера во Исус со тоа што си му послушен. А послушен си му со тоа што се држиш за „законот Христов“, односно сите негови поуки и заповеди (Гал. 6:2). Исто така, твојата послушност кон Исус се гледа кога ги применуваш упатствата што ни ги дава тој преку „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45). Ако си му послушен на Исус, ќе имаш сила да се справиш со проблемите кои изгледаат опасни и страшни како бура (Лука 6:47, 48).
ИЗГРАДУВАЈТЕ СЕ „ВРЗ СВОЈАТА НАЈСВЕТА ВЕРА“
Еднаш, еден човек му рекол на Исус: „Верувам! Но помогни ми да имам уште поголема вера“ (Мар. 9:24). До одредена мера тој имал вера, но овој човек бил скромен и знаел дека му треба уште повеќе вера. Слично на овој човек, во одредени ситуации на сите нас ќе ни треба повеќе вера. Освен тоа, сите можеме уште сега да си ја зајакнуваме верата. Како што видовме во оваа статија, нашата вера ја зајакнуваме кога ја проучуваме Божјата Реч и длабоко размислуваме за неа. А со тоа се зголемува и нашата благодарност кон Јехова. Верата ни се зајакнува и кога го славиме Јехова заедно со браќата и сестрите, кога им кажуваме на другите за нашата надеж и кога непрестајно се молиме. И најважно од сѐ, со тоа што си ја зајакнуваме верата ја добиваме најголемата можна награда — остануваме во Божјата љубов (Јуда 20, 21).