Лука
6 Еднаш, на сабат, Исус поминуваше низ полиња со жито, а неговите ученици кинеа класје, ги триеја со рацете и јадеа. 2 Тогаш некои од фарисеите рекоа: „Зошто правите нешто што не е дозволено да се прави на сабат?“ 3 Но Исус им одговори: „Никогаш ли не сте читале што направи Давид кога огладнеа тој и неговите луѓе? 4 Влезе во Божјиот дом, и му дадоа од лебовите ставени пред Бог, па јадеше и им даде и на луѓето што беа со него, иако од тие лебови не смееше да јаде никој друг освен свештениците“. 5 И им рече: „Синот човечки е Господар на сабатот“.
6 На друг сабат, влезе во синагогата и почна да поучува. Таму имаше еден човек кому десната рака му беше исушена.* 7 Познавачите на Законот* и фарисеите го набљудуваа Исус за да видат дали ќе лекува на сабат, за да можат некако да го обвинат. 8 Но тој знаеше за што размислуваат, па му рече на човекот со исушена рака: „Стани и дојди на средина“. И тој стана и отиде. 9 Тогаш Исус им рече: „Да ве прашам: што е дозволено да се прави на сабат? Добро или лошо? Да се спаси живот или да се одземе?“ 10 Откако ги погледна сите наоколу, му рече на човекот: „Испружи ја раката“. Човекот направи така, и раката му оздраве. 11 А тие се разбеснија, па почнаа да се договараат што да му направат на Исус.
12 Еден ден, отиде на гората да се моли, и му се молеше на Бог цела ноќ. 13 Кога се раздени, ги повика кај себе своите ученици и од нив избра 12-мина, кои ги нарече апостоли: 14 Симон, кого го нарече Петар; неговиот брат Андреј; Јаков; Јован; Филип; Вартоломеј; 15 Матеј; Тома; Јаков, синот на Алфеј; Симон наречен „ревносниот“; 16 Јуда, синот на Јаков; и Јуда Искариот, кој подоцна го предаде.
17 Потоа слезе со нив и застана на една висорамнина. Таму имаше многу негови ученици и големо мноштво луѓе од цела Јудеја и од Ерусалим, како и од тирското и сидонското крајбрежје, кои дојдоа да го слушаат и да бидат излекувани од своите болести. 18 Беа излекувани дури и оние што беа измачувани од нечисти духови. 19 И сите сакаа да го допрат, бидејќи од него излегуваше сила и ги лекуваше сите.
20 А тој ги погледна своите ученици и рече:
„Среќни сте вие кои сте сиромашни, зашто ваше е Божјето Царство.
21 Среќни сте вие што сега сте гладни, зашто ќе бидете наситени.
Среќни сте вие што сега плачете, зашто ќе се смеете.
22 Среќни сте кога луѓето ве мразат, ве отфрлаат, ве навредуваат и го оцрнуваат вашето име поради Синот човечки. 23 Нивните прататковци им го правеа истото и на пророците. Кога ќе се случува тоа, радувајте се и бидете пресреќни, зашто ве чека голема награда на небото.
24 Но тешко вам кои сте богати, зашто тоа е единствената утеха што ќе ја добиете.
25 Тешко вам кои сега сте сити, зашто ќе бидете гладни.
Тешко вам кои сега се смеете, зашто ќе тагувате и ќе плачете.
26 Тешко вам ако сите луѓе зборуваат добро за вас, зашто нивните прататковци им го правеа истото и на лажните пророци.
27 Но вам кои слушате ви велам: сакајте ги своите непријатели, правете им добро на оние што ве мразат, 28 благословувајте ги оние што ве проколнуваат, молете се за оние што ве навредуваат. 29 На оној што ќе те удри по едниот образ, сврти му го и другиот. Оној што ќе ти ја земе наметката, не спречувај го да ти ја земе и облеката. 30 Дај му го на секого она што ќе го побара од тебе, и ако некој ти земе нешто, не барај да ти го врати.
31 Постапувајте со другите онака како што сакате тие да постапуваат со вас.*
32 Ако ги сакате само оние што ве сакаат вас, заслужувате ли пофалба за тоа? Зашто, и грешниците ги сакаат оние што ги сакаат нив. 33 И ако им правите добро само на оние што ви прават добро вам, заслужувате ли пофалба за тоа? Истото го прават и грешниците. 34 Исто така, ако им давате на заем* само на оние од кои очекувате да ви вратат, заслужувате ли пофалба за тоа? И грешниците им даваат на заем на грешници и очекуваат да добијат назад толку колку што позајмиле. 35 А вие сакајте ги своите непријатели, правете добро и давајте на заем без да очекувате да ви вратат. Тогаш ќе добиете голема награда и ќе бидете деца* на Севишниот, зашто тој е добар дури и кон неблагодарните и злите. 36 Бидете милостиви, како што е милостив вашиот Татко.
37 Престанете да судите, и нема да бидете судени. Престанете да осудувате, и нема да бидете осудени. Простувајте, и ќе ви биде простено. 38 Давајте, и ќе ви дадат. Ќе ви измерат добра мерка — набиена, протресена и преполна, и ќе ви ја сипат во скутот.* Зашто, со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери“.
39 Тогаш им раскажа и една споредба: „Може ли слеп човек да води слеп човек? Нема ли и двајцата да паднат во јама? 40 Ученикот не е над својот учител, туку секој што е добро* поучен, ќе биде како својот учител. 41 Тогаш, зошто ја гледаш раската во окото на својот брат, а гредата во своето око не ја забележуваш? 42 Како можеш да му речеш на својот брат: ’Брате, дај да ти ја извадам раската што ти е во окото‘, а самиот не ја гледаш гредата во своето око? Лицемеру! Прво извади ја гредата од своето око, па тогаш ќе можеш појасно да видиш како да ја извадиш раската што е во окото на твојот брат.
43 Ниедно добро дрво не дава гнили плодови, и ниедно гнило дрво не дава добри плодови. 44 Секое дрво се познава по своите плодови. Не се берат смокви од трње, ниту се бере грозје од трнова грмушка. 45 Добар човек од ризницата на своето срце изнесува добри работи, а злобен човек од ризницата на своето срце изнесува зли работи, бидејќи неговата уста го зборува она со кое му е полно срцето.
46 Тогаш, зошто ме викате ’Господару! Господару!‘, а не го правите она што го зборувам? 47 Ќе ви кажам со кого може да се спореди секој што доаѓа кај мене и ги слуша моите зборови и ги извршува: 48 тој е како човек што градеше куќа, па копаше длабоко и ги постави темелите на карпа. Кога надојде поплава, водата удри на таа куќа, но не можеше да ја разниша, бидејќи беше добро изградена. 49 А оној што ги слуша моите зборови, но не ги извршува, е како човек кој изгради куќа на земја, без темели. Кога водата удри на таа куќа, таа веднаш се сруши и беше потполно уништена“.