Петнаесетто поглавје
Неротката воскликнува
1. Зошто Сара имала голема желба да има деца, и што чувствувала во врска со тоа?
САРА имала голема желба да има деца. За жал, била неротка, и тоа ѝ причинувало голема болка. Во нејзино време, неплодноста ја сметале за срамота, но нешто друго ја вознемирувало уште повеќе. Таа копнеела да доживее да се исполни ветувањето што Бог му го дал на нејзиниот сопруг. Авраам требало да биде татко на едно семе, кое ќе биде благослов за сите племиња на Земјата (Битие 12:1—3). Меѓутоа, минале децении откако Бог му го дал тоа ветување, а сѐ уште немало дете. Сара остарела и останала без деца. Понекогаш таа можеби се прашувала дали нејзините надежи биле залудни. Еден ден, сепак, нејзиниот очај се претворил во радост!
2. Зошто треба да нѐ интересира пророштвото запишано во Исаија 54. поглавје?
2 Неволјата на Сара ни помага да го разбереме пророштвото запишано во Исаија 54. поглавје. Таму Ерусалим е ословен како неротка што ја искусува големата радост на мајка со многу деца. Претставувајќи го својот древен народ колективно како своја сопруга, Јехова ги покажува своите нежни чувства кон него. Освен тоа, ова поглавје од Исаија ни помага да разјасниме еден пресуден аспект од она што Библијата го нарекува ‚света тајна‘ (Римјаните 16:25, 26). Идентитетот на ‚жената‘ и нејзините искуства претскажани во ова пророштво фрлаат важна светлина врз чистото обожавање денес.
,Жената‘ идентификувана
3. Зошто ‚неротката‘ ќе има причина за радост?
3 Почетокот на 54. поглавје е со радосен призвук: „,Воскликнувај неротко, која не си раѓала; подвикнувај од радост, ти што не знаеш за породилните болки! Зашто осамената има повеќе деца отколку омажената,‘ вели Господ“ (Исаија 54:1). Колку мора да е возбуден Исаија кога ги кажува овие зборови! И каква само утеха ќе им донесе на Евреите изгнани во Вавилон! Во тоа време Ерусалим сѐ уште ќе лежи опустошен. Од човечка гледна точка, ќе изгледа дека нема надеж тој некогаш да биде повторно населен, исто како што една неротка нормално не може да се надева дека на старост ќе роди деца. Но, оваа „жена“ ќе има големи благослови во иднина — ќе стане плодна. Ерусалим ќе биде вон себеси од радост. Тој повторно ќе врие од „деца“, односно жители.
4. а) Како апостол Павле ни помага да видиме дека Исаија 54. поглавје мора да има поголемо исполнување од она во 537 пр.н.е.? б) Што е „Горниот Ерусалим“?
4 Исаија можеби не знае, но неговото пророштво ќе има повеќе од едно исполнување. Апостол Павле цитира од Исаија 54. поглавје и објаснува дека „жената“ претставува нешто далеку поважно од земниот град Ерусалим. Тој пишува: „Горниот Ерусалим е слободен, и тој е наша мајка“ (Галатите 4:26). Што е овој ‚Горен Ерусалим‘? Очигледно е дека не е градот Ерусалим во Ветената земја. Тој град е земен, а не ‚горен‘, во небесното подрачје. „Горниот Ерусалим“ е Божјата небесна „жена“, неговата организација од моќни духовни суштества.
5. Во симболичната драма опишана во Галатите 4:22—31, кој е претставен со а) Авраам? б) Сара? в) Исак? г) Агара? д) Исмаил?
5 Сепак, како може Јехова да има две симболични жени — едната небесна, а другата земна? Има ли тука некаква недоследност? Никако. Апостол Павле покажува дека одговорот лежи во пророчката слика што ја дало семејството на Авраам (Галатите 4:22—31; види „Семејството на Авраам — пророчка слика“, на 218. страница). Сара, „слободната“ жена и сопруга на Авраам, ја претставува Јеховината организација од духовни суштества, која е слична на жена. Агара, слугинка и второстепена сопруга, односно конкубина на Авраам, го претставува земниот Ерусалим.
6. Во која смисла Божјата небесна организација поднела долг период на неплодност?
6 Со таа заднина, почнуваме да го согледуваме длабокото значење на Исаија 54:1. Откако со децении била неплодна, Сара, на 90 години, го родила Исак. На сличен начин, Јеховината небесна организација минала низ долг период на неплодност. Уште во Еден, Јехова ѝ ветил на оваа „жена“ дека од неа ќе произлезе ‚семето‘ (Битие 3:15). Повеќе од 2.000 години подоцна, Јехова го склопил својот сојуз со Авраам во врска со Семето на ветувањето. Но, Божјата небесна „жена“ морала да чека уште многу, многу векови пред да го даде тоа Семе. И покрај тоа, дошло времето кога децата на оваа некогашна ‚неротка‘ станале побројни од оние на телесниот Израел. Илустрацијата за неротката ни помага да видиме зошто ангелите толку сакале да бидат сведоци на доаѓањето на претскажаното Семе (1. Петрово 1:12). Кога конечно се случило ова?
7. Кога имал прилика да се радува „Горниот Ерусалим“, како што е претскажано во Исаија 54:1, и зошто одговараш така?
7 Раѓањето на Исус како човечко дете сигурно било прилика за радување меѓу ангелите (Лука 2:9—14). Но, тоа не бил настанот претскажан во Исаија 54:1. Дури кога во 29 н.е. бил роден со свет дух, Исус станал духовен син на „Горниот Ерусалим“, јавно признат од Бог лично како негов „Син, љубениот“ (Марко 1:10, 11; Евреите 1:5; 5:4, 5). Тогаш Божјата небесна „жена“ имала причина за радост, во исполнување на Исаија 54:1. Конечно го дала ветеното Семе, Месијата! Нејзината долговековна неплодност завршила. Сепак, тоа не било крај на нејзиното радување.
Многубројни деца за неротката
8. Зошто Божјата небесна „жена“ имала причина да се радува откако го дала ветеното Семе?
8 По Исусовата смрт и подоцнежно воскресение, за Божјата небесна „жена“ било радост да го добие назад овој привилегиран Син како „првородениот од мртвите“ (Колошаните 1:18). Потоа почнала да раѓа повеќе духовни синови. На Пентекост 33 н.е., околу 120 Исусови следбеници биле помазани со свет дух и притоа биле усвоени како Христови сонаследници. Подоцна тој ден биле придодадени уште 3.000 (Јован 1:12; Дела 1:13—15; 2:1—4, 41; Римјаните 8:14—16). Ова тело од синови продолжило да расте. Во првите векови од отпадништвото на христијанскиот свет, порастот се намалил. Меѓутоа, тоа требало да се промени во 20 век.
9, 10. Што би значело упатството „рашири го просторот на својот шатор“ за една жена од древни времиња, која живеела во шатор, и зошто ова за една таква жена е време за радост?
9 Исаија продолжува да пророкува за еден период на забележителен пораст: „Рашири го просторот на својот шатор распростри го, не штеди го платното на своето живеалиште, продолжи му ги јажињата, зацврсти ги колчињата, зашто ќе се прошириш десно и лево. Твоето потомство ќе завладее над народите, и ќе ги насели запустените градови. Не бој се, нема да се посрамиш, не срами се, не ќе црвенееш. Ќе го заборавиш срамот на својата младост и веќе нема да си спомнуваш за подбивот на своето вдовство“ (Исаија 54:2—4).
10 Овде Ерусалим е ословен како сопруга и мајка, која живее во шатори, токму како Сара. Кога веќе е благословена со сѐ поголема фамилија, за таквата мајка е време да се погрижи за проширување на својот дом. Таа треба да стави подолги шаторски платна и јажиња и да ги зацврсти шаторските колчиња на нивните нови положби. За неа ова е радосна работа и, во време на една таква вработеност, таа може лесно да ги заборави годините што ги поминала прашувајќи се загрижено дали некогаш ќе роди деца за да се продолжи семејната лоза.
11. а) Како била благословена Божјата небесна „жена“ во 1914? (Види ја фуснотата.) б) Од 1919 наваму, какви благослови доживеале помазаниците на Земјата?
11 Земниот Ерусалим бил благословен со такво време на обнова по изгнанството во Вавилон. „Горниот Ерусалим“ е благословен уште повеќе.a Особено од 1919, неговото помазано „потомство“ процветало во својата новообновена духовна состојба (Исаија 61:4; 66:8). Тоа ‚завладеало над народите‘ со тоа што се раширило во многу земји за да ги најде сите оние што би ѝ се придружиле на неговата духовна фамилија. Како резултат на тоа, настапил експлозивен пораст во собирањето на помазаните синови. Нивниот конечен број од 144.000 се чини дека бил пополнет околу средината на 1930-тите (Откровение 14:3). Во тоа време, фокусот на делото на проповедање веќе не бил на собирањето на помазаните. Сепак, ширењето не завршило со помазаните.
12. Освен помазаните, кој е собран во христијанското собрание од 1930-тите наваму?
12 Самиот Исус претскажал дека освен ‚малото стадо‘ од помазани браќа, ќе има и „други овци“, кои мора да бидат доведени во трлото на вистинските христијани (Лука 12:32; Јован 10:16). Иако не се меѓу помазаните синови на „Горниот Ерусалим“, овие верни придружници на помазаниците исполнуваат една важна и одамна проречена улога (Захарија 8:23). Од 1930-тите па до денес, се собра едно „големо мноштво“ од нив, што доведе до беспримерно проширување на христијанското собрание (Откровение 7:9, 10). Денес, големото мноштво брои неколку милиони. Целото ова проширување создаде итна потреба од повеќе Сали на Царството, Собирни сали и комплекси на подружници. Зборовите на Исаија изгледаат уште посоодветни. Каква само привилегија е да се биде дел од ова претскажано проширување!
Мајка што се грижи за своето потомство
13, 14. а) Кои уочливи тешкотии се забележани во врска со некои од изразите упатени на Божјата небесна „жена“? б) Каков увид можеме да добиеме од Божјата илустративна употреба на семејните односи?
13 Видовме дека во поголемото исполнување, „жената“ од пророштвото ја претставува Јеховината небесна организација. Но, откако ќе го прочитаме Исаија 54:4, би можеле да се запрашаме како таа организација од духовни суштества некогаш претрпела срам или прекор. Следните стихови велат дека Божјата „жена“ ќе биде отпуштена, ќе биде во неволја и нападната. Дури ќе го предизвика и Божјиот гнев. Како можат такви работи да се применат на една организација од совршени духовни суштества, кои никогаш не згрешиле? Одговорот лежи во карактерот на семејството.
14 Јехова ги користи семејните односи — меѓу сопруг и сопруга, мајка и деца — за да пренесе длабоки духовни вистини, бидејќи таквите симболи имаат значење за луѓето. Без оглед на обемот или квалитетот на нашето сопствено семејно искуство, веројатно имаме претстава како треба да изгледа добар брак или добри односи меѓу родители и деца. Тогаш, колку само живописно Јехова нѐ учи дека самиот има срдечен, близок и доверлив однос со своите огромни мноштва духовни слуги! И колку само импресивно тој нѐ учи дека неговата небесна организација се грижи за своето со дух помазано потомство на Земјата! Кога човечките слуги страдаат, страдаат и верните небесни слуги, „Горниот Ерусалим“. Слично на тоа, Исус рекол: „Онолку колку што му го направивте тоа на еден од најмалите од овие мои [со дух помазани] браќа, мене ми го направивте“ (Матеј 25:40).
15, 16. Кое е првото исполнување на Исаија 54:5, 6, и кое е неговото поголемо исполнување?
15 Тогаш, не изненадува тоа што голем дел од она што ѝ е речено на Јеховината небесна „жена“ ги одразува искуствата на нејзините деца на Земјата. Разгледај ги следниве зборови: „,Сопруг ти е твојот Творец, името Му е Господ над Воинствата, твој Искупител е Израелевиот Светец, Тој се вика Бог на целата земја. Да, како оставена жена, натажена во душата, Господ те повика. Не смее да се отпушти жената на својата младост,‘ говори твојот Бог“ (Исаија 54:5, 6).
16 Која е жената за која се зборува овде? Во првото исполнување, тоа е Ерусалим, кој го претставува Божјиот народ. Во текот на своето 70-годишно изгнанство во Вавилон, тој чувствува како Јехова да го отфрлил и да го напуштил во потполност. Во поголемото исполнување, зборовите се однесуваат на „Горниот Ерусалим“ и на тоа што тој конечно го дал „семето“, во исполнување на Битие 3:15.
Моментална дисциплина, вечни благослови
17. а) Како земниот Ерусалим ќе доживее „поплава“ од божествено огорчување? б) Каква „поплава“ доживеале синовите на „Горниот Ерусалим“?
17 Пророштвото продолжува: „,За краток момент те оставив потполно, но со големи милости ќе те соберам. Со поплава од огорчување го скрив лицето од тебе само за момент, но со срдечна љубезност до недогледно време ќе имам милост кон тебе‘, рече Јехова, твојот Искупител“ (Исаија 54:7, 8, NW). Земниот Ерусалим доживува „поплава“ од Божје огорчување во 607 пр.н.е., кога го напаѓаат вавилонските сили. Неговите 70 години изгнанство можеби се чинат долго време. Сепак, таквите искушенија траат „само за момент“ кога ќе се споредат со вечните благослови што ги чекаат оние што поволно ќе реагираат на дисциплината. На сличен начин, помазаните синови на „Горниот Ерусалим“ се чувствувале како да биле совладани од „поплава“ од божествен гнев кога Јехова дозволил да бидат нападнати од страна на политичките елементи, кои ги подбуцнал Големиот Вавилон. Но подоцна, колку само краткотрајна се чинела таа дисциплинска мерка за разлика од ерата на духовен благослов што уследила од 1919!
18. Кое важно начело може да се увиди во врска со Јеховиниот гнев кон неговиот народ, и како може ова да влијае врз нас лично?
18 Овие стихови изразуваат една друга голема вистина — Божјиот гнев е краткотраен, а неговата милост трае засекогаш. Неговата лутина пламнува против престапувањето, но секогаш е контролирана, секогаш е со цел. И ако ја прифатиме Јеховината дисциплина, неговата лутина трае „само за момент“, а потоа спласнува. Се заменува со неговите „големи милости“ — неговото простување и срдечна љубезност. Тие траат „недогледно време“. Според тоа, кога ќе направиме грев, никогаш не треба да се колебаме да се покаеме и да се трудиме да се смириме со Бог. Ако е гревот од сериозна природа, треба веднаш да им пристапиме на собраниските старешини (Јаков 5:14). Точно, можеби ќе биде потребна дисциплина, и може да биде тешко таа да се прифати (Евреите 12:11). Но ќе биде за кратко кога ќе се спореди со вечните благослови што ќе произлезат од добивањето простување од Јехова Бог!
19, 20. а) Што е сојузот на виножитото, и на кој начин е релевантен за изгнаниците во Вавилон? б) Какво уверување им дава ‚Заветот на мирот‘ на помазаните христијани денес?
19 На својот народ Јехова сега му нуди утешно уверување: „,Ќе ми биде како за време на Ноевите денови, кога се заколнав дека Ноевите води нема да ја преплават веќе земјата; така се заколнувам дека веќе нема да се срдам на тебе ниту ќе ти се заканувам. Нека се раздвижат планините и нека се потресат бреговите, но Мојата љубов нема да се повлече од тебе, ниту ќе се расколеба Мојот Завет на мирот,‘ вели Господ Кој ти се смилува“ (Исаија 54:9, 10). По Потопот, Бог склопил сојуз — понекогаш познат како сојуз на виножитото — со Ное и со сите останати живи души. Јехова ветил дека нема повеќе да ѝ нанесе уништување на Земјата со глобален потоп (Битие 9:8—17). Што значи тоа за Исаија и за неговиот народ?
20 Утешно е да се знае дека казната што мораат да ја претрпат — 70-те години изгнанство во Вавилон — ќе се случи само еднаш. Кога ќе заврши, никогаш повеќе нема да се повтори. Потоа, ќе стапи на сила Божјиот „Завет на мирот“. Хебрејскиот збор за „мир“ значи не само отсуство на војна туку и благосостојба од секој вид. Од Божја страна овој сојуз е траен. Поскоро ќе исчезнат бреговите и планините отколку да ја снема неговата срдечна љубезност кон неговиот верен народ. За жал, оваа земна нација на крајот нема да успее од своја страна да ги исполни обврските од сојузот и ќе си го уништи сопствениот мир, отфрлајќи го Месијата. Меѓутоа, синовите на „Горниот Ерусалим“ си поминале многу подобро. Откако еднаш нивниот тежок период на дисциплина завршил, биле уверени во божествена заштита.
Духовната сигурност на Божјиот народ
21, 22. а) Зошто е речено дека „Горниот Ерусалим“ е неволница виорена од виор? б) Што ќе покаже благословената состојба на Божјата небесна „жена“ за нејзиното „потомство“ на Земјата?
21 Јехова продолжува да ја претскажува сигурноста на својот верен народ: „О неволнице, виорена од виор, неутешлива, ете, ќе ги поставам врз смарагд твоите камења и врз сафир твоите основи. Ќе ги направам од рубин твоите стражарници, твојата врата од проѕирен бесценет камен, твоите огради од скапоцен камен. Сите Господови синови ќе ти бидат ученици [Сите твои синови ќе бидат поучени од Јехова, NW], и голема ќе биде среќата на твоите деца. Ќе бидеш основана на правда. Отфрли ја тешкотијата, нема од што да се боиш, отфрли го стравот, зашто нема да ти се доближи. Ако те нападне, нема да дојде од Мене; кој ќе се дигне против тебе, заради тебе ќе падне“ (Исаија 54:11—15).
22 Се разбира, „жената“ на Јехова во духовното подрачје никогаш не била неволница или виорена од виор. Но, страдала тогаш кога страдало нејзиното помазано „потомство“ на Земјата, особено кога било во духовно заробеништво во периодот од 1918 до 1919. И обратно, кога небесната „жена“ е возвишена, тоа е одраз на сличната состојба која преовладува меѓу нејзиното потомство. Разгледај го сега блескавиот опис на „Горниот Ерусалим“. Бесценетиот камен на вратите, скапиот „смарагд“, темелите, па дури и оградите, како што забележува еден прирачник, укажуваат на „убавина, величественост, чистота, јакост и цврстина“. Што ќе ги води помазаните христијани до таквата сигурна и благословена состојба?
23. а) Каков ефект има врз помазаните христијани тоа што се „поучени од Јехова“ во последните денови? б) Во која смисла Божјиот народ е благословен со „огради од скапоцен камен“?
23 Стих 13 од Исаија 54. поглавје го дава клучот — сите ќе бидат „поучени од Јехова“. Исус лично ги применил зборовите од овој стих на своите помазани следбеници (Јован 6:45). Пророкот Даниел претскажал дека во текот на ова ‚време на свршетокот‘ помазаните ќе бидат благословени со изобилство од вистинско спознание и духовен увид (Даниел 12:3, 4). Таквиот увид ќе ги оспособи да ја предводат најголемата образовна кампања во историјата, ширејќи ја божествената поука по целата Земја (Матеј 24:14). Во исто време, таквиот увид им помогнал да ја согледаат разликата помеѓу вистинската и лажната религија. Исаија 54:12 спомнува „огради од скапоцен камен“. Од 1919, Јехова на помазаните им дал уште појасно разбирање за оградите — линиите на духовна демаркација — што ги одделуваат од лажната религија и од безбожните елементи на светот (Езекиел 44:23; Јован 17:14; Јаков 1:27). Со тоа се одвоени како Божји сопствен народ (1. Петрово 2:9).
24. Како можеме да се осигураме дека сме поучени од Јехова?
24 Затоа, добро би било секој од нас да се праша: ‚Дали сум поучен од Јехова?‘ Таквата поука не ја добиваме автоматски. Мораме да вложиме напор. Ако ја читаме редовно Божјата реч и медитираме за неа, ако ги примаме упатствата со тоа што читаме литература што се темели на Библијата, а ја издава „верниот и разборит роб“, и ако се подготвуваме за христијанските состаноци и присуствуваме на нив, навистина ќе бидеме поучени од Јехова (Матеј 24:45—47). Ако настојуваме да го примениме она што сме го научиле и останеме духовно внимателни и будни, божествената поука ќе нѐ оддели како поинакви од луѓето во овој безбожен свет (1. Петрово 5:8, 9). И не само тоа, ќе ни помогне ‚да му се приближиме на Бог‘ (Јаков 1:22—25; 4:8).
25. Што значи Божјето ветување за мир за неговиот народ во современа доба?
25 Пророштвото на Исаија исто така покажува дека помазаните се благословени со изобилен мир. Дали ова значи дека никогаш не се нападнати? Не, туку Бог им ја дава гаранцијата дека тој ниту ќе нареди такви напади ниту ќе дозволи тие да успеат. Читаме: „,Ете, Јас го создадов ковачот кој ја разгорува жарта и вади од неа орудие за да го кове. Но го создадов и уништувачот за да уништува. Не ќе успее оружјето исковано против тебе. Ќе докажеш дека е зол секој јазик што ќе се подигне против тебе на суд. Тоа е наследството на Господовите слуги, тоа им е победа од Мене‘ — слово е Господово“ (Исаија 54:16, 17).
26. Зошто е охрабрување да се знае дека Јехова е Творецот на целото човештво?
26 По вторпат во ова поглавје од Исаија, Јехова ги потсетува своите слуги дека тој е Создателот. Претходно ѝ вели на својата симболична сопруга дека е нејзин „Творец“. Сега вели дека е Творец на целото човештво. Стих 16 опишува еден ковач, кој ја разгорува жарта додека го кове своето оружје за уништување, и еден воин, ‚уништувач за да уништува‘. Таквите можат да претставуваат застрашувачка слика за другите луѓе, но како е можно да се надеваат дека ќе преовладаат над својот сопствен Творец? Така е и денес, дури и кога најмоќните сили на овој свет ќе го нападнат Јеховиниот народ, ќе немаат шанса за конечен успех. Како е можно тоа?
27, 28. Во што можеме да бидеме сигурни во овие немирни времиња, и од каде знаеме дека Сатановите напади против нас ќе се покажат неделотворни?
27 Времето за уништувачкиот напад против Божјиот народ и против неговото обожавање со дух и со вистина е поминато (Јован 4:23, 24). Јехова му дозволил на Големиот Вавилон да изврши напад, кој привремено бил успешен. За кратко време, „Горниот Ерусалим“ доживеал неговото потомство да биде скоро замолкнато додека проповедничкото дело на Земјата речиси запрело. И никогаш повторно! Сега тој ликува над своите синови, зашто тие се во духовна смисла непобедливи (Јован 16:33; 1. Јованово 5:4). О, имало оружје за напад направено против нив, и уште ќе има (Откровение 12:17). Но, тоа не успеало и нема да успее. Сатана не поседува оружје што може да им ја совлада верата и горливата ревност на помазаните и на нивните придружници. Овој духовен мир е ‚наследство на Господовите слуги‘, па затоа никој не може сосила да им го одземе (Псалм 118:6; Римјаните 8:38, 39).
28 Не, ниедна работа што Сатановиот свет може да ја направи не ќе може никогаш да го запре делото и истрајното чисто обожавање на Бог од страна на неговите предадени слуги. Помазаното потомство на „Горниот Ерусалим“ наоѓа голема утеха во таа гаранција. Членовите на големото мноштво го прават истото. Колку повеќе ја запознаваме Јеховината небесна организација и нејзините постапки со неговите обожаватели на Земјата, толку посилна ќе ни биде верата. Сѐ додека верата ни е јака, Сатановото оружје ќе се покаже ништожно во битката против нас!
[Фуснота]
a Според Откровение 12:1—17, Божјата „жена“ била обилно благословена со тоа што го родила најважното „потомство“ — не поединечен духовен син, туку месијанското Царство на небото. Ова раѓање се случило во 1914. (Види Откривење — Близу је величанствени врхунац!, страници 177—186.) Пророштвото на Исаија се сосредоточува на радоста што ја чувствува таа поради Божјиот благослов врз нејзините помазани синови на Земјата.
[Рамка на страници 218 и 219]
Семејството на Авраам — пророчка слика
Апостол Павле објаснил дека семејството на Авраам служи како симболична драма, пророчка слика на Јеховиниот однос со својата небесна организација и со земната нација Израел под Сојузот на Мојсеевиот закон (Галатите 4:22—31).
Авраам, како глава на семејството, го претставува Јехова Бог. Спремноста на Авраам да го принесе како жртва својот мил син Исак ја навестува Јеховината спремност да го принесе својот љубен син како жртва за гревовите на човештвото (Битие 22:1—13; Јован 3:16).
Сара ја претставува Божјата небесна „сопруга“, неговата организација од духовни суштества. Таа небесна организација е соодветно опишана како Јеховина сопруга, зашто таа е присно поврзана со Јехова, потчинета на неговото поглаварство и потполно спремна на соработка во исполнувањето на неговите намери. Исто така е наречена „Горниот Ерусалим“ (Галатите 4:26). Истата „жена“ е спомната во Битие 3:15 и е опишана во визија во Откровение 12:1—6, 13—17.
Исак го претставува духовното Семе на Божјата жена. Ова првенствено е Исус Христос. Меѓутоа, ова семе исто така ги вклучува Христовите помазани браќа, кои се усвоени како духовни синови и стануваат сонаследници со Христос (Римјаните 8:15—17; Галатите 3:16, 29).
Агара, второстепената жена на Авраам, односно конкубина, била робинка. Таа погодно го претставува земниот Ерусалим, каде што управувал кодексот на Мојсеевиот закон, кој ги разоткривал сите свои приврзаници како робови на гревот и смртта. Павле рекол дека „Агара значи Синај, гора во Арабија“, бидејќи таму бил воспоставен сојузот на Законот (Галатите 3:10, 13; 4:25).
Исмаил, синот на Агара, ги претставува Евреите од првиот век, синовите на Ерусалим што сѐ уште биле заробени под Мојсеевиот закон. Како што Исмаил го прогонувал Исак така тие Евреи ги прогонувале христијаните, кои биле помазани синови на фигуративната Сара, „Горниот Ерусалим“. И исто како што Авраам ги испратил Агара и Исмаил да си одат, така Јехова на крајот го отфрлил Ерусалим и неговите бунтовни синови (Матеј 23:37, 38).
[Слика на страница 220]
По крштавањето, Исус бил помазан со свет дух, и со тоа започнало најважното исполнување на Исаија 54:1
[Слика на страница 225]
Јехова го скрил своето лице од Ерусалим „само за момент“
[Слики на страница 231]
Можат ли воинот и ковачот да преовладаат над својот Творец?