Не откажувај се да го правиш она што е добро
„Да не се откажуваме да го правиме она што е добро, бидејќи во свое време ќе пожнееме ако не се умориме“ (ГАЛАТИТЕ 6:9).
1, 2. а) Зошто е потребна истрајност за да му се служи на Бог? б) Како покажал Авраам истрајност, и што му помогнало во тоа?
КАКО Јеховини сведоци, ние уживаме да ја вршиме Божјата волја. Наоѓаме освежување и во земањето на ‚јаремот‘ на учеништвото (Матеј 11:29). Сепак, да му се служи на Јехова со Христос не е секогаш лесно. Апостол Павле го разјаснил тоа кога ги поттикнал сохристијаните: „Истрајноста ви е потребна за, откако ќе ја извршите Божјата волја, да го примите исполнувањето на ветувањето“ (Евреите 10:36). Истрајноста е потребна затоа што служењето на Бог може да биде предизвик.
2 Животот на Авраам навистина е сведоштво за тој факт. Тој многупати се соочил со тешки избори и со стресни околности. Заповедта да го напушти удобниот живот во Ур била само почеток. Набрзо се соочил со глад, со непријателство од соседите, за малку со загуба на сопругата, непријателство од некои роднини и со бруталноста на војната. Поголемите испити допрва требало да дојдат. Но, Авраам никогаш не се откажувал од правењето на она што е добро. Ова е извонредно ако се земе предвид дека ја немал комплетната Божја реч, како ние денес. Сепак, несомнено знаел за првото пророштво, во кое Бог изјавил: „Јас ќе поставам непријателство помеѓу тебе и жената, помеѓу твоето семе и нејзиното Семе“ (Битие 3:15). Како човек преку кого требало да дојде Семето, било за очекување Авраам да стане предмет на сатанското непријателство. Тоа што го сфатил овој факт несомнено му помогнало на Авраам радосно да истрае во испитите.
3. а) Зошто треба Јеховиниот народ денес да очекува неволји? б) Какво охрабрување ни се дава во Галатите 6:9?
3 Јеховиниот народ денес треба исто така да очекува неволји (1. Петрово 1:6, 7). Впрочем, Откровение 12:17 нѐ предупредува дека Сатана „води војна“ со помазаниот остаток. Поради своето тесно дружење со помазаниците, ‚другите овци‘ се исто така мета на Сатановиот гнев (Јован 10:16). Освен противењето со кое би можеле да се соочат во својата јавна служба, христијаните можат да доживеат тешки притисоци и во личниот живот. Павле нѐ поттикнува: „Да не се откажуваме да го правиме она што е добро, бидејќи во свое време ќе пожнееме ако не се умориме“ (Галатите 6:9). Да, иако Сатана е решен да ни ја уништи верата, мораме да заземеме став против него, цврсти во верата (1. Петрово 5:8, 9). Што може да произлезе од нашиот верен пат? Јаков 1:2, 3 објаснува: „Сметајте го тоа за права радост, браќа мои, кога се соочувате со разни искушенија, бидејќи знаете дека овој испитан квалитет на вашата вера развива истрајност“.
Фронтален напад
4. Како користел Сатана фронтални напади во обид да го скрши интегритетот на Божјиот народ?
4 Животот на Авраам секако ги илустрира ‚разните искушенија‘ со кои може да се соочи христијанинот денес. На пример, тој морал да реагира на нападот на напаѓачите од Сенар (Битие 14:11-16). Не е ни за изненадување што Сатана продолжува да користи фронтални напади во облик на прогонство. Уште од крајот на II светска војна, многу земји наметнаа државни забрани врз христијанското образовно дело на Јеховините сведоци. Годишникот на Јеховините сведоци за 2001 зборува за насилството што морале да го поднесат христијаните во Ангола од страна на непријателите. Потпирајќи се на Јехова, нашите браќа во тие земји цврсто одбиле да попуштат! Нивната реакција не била прибегнување кон насилство или побуна, туку разборито продолжиле со делото на проповедање (Матеј 24:14).
5. Како би можеле христијанските млади да бидат жртви на прогонство на училиште?
5 Меѓутоа, прогонството не вклучува секогаш насилство. Авраам на крајот бил благословен со два сина — Исмаил и Исак. Битие 21:8-12 кажува дека во една прилика Исмаил ‚се поигрувал‘ со Исак. Во своето писмо до Галатите, Павле покажува дека ова било нешто посериозно отколку само детска игра, зашто во описот вели дека Исмаил го прогонувал Исак! (Галатите 4:29). Затоа, исмејувањето од соучениците и вербалните напади од противниците можат со право да се наречат прогонство. Еден млад христијанин по име Рајан раскажува за измачувањето што го доживеал од соучениците: „Возењето со автобус до и од училиште, кое траеше 15 минути, ми изгледаше како да трае со часови додека вербално ме малтретираа. Ме гореа со спојници за хартија кои ги вжештуваа со запалка“. Која била причината за ваквото сурово постапување? „Моето теократско школување ме правеше поинаков од другите млади во училиштето.“ Сепак, со поддршката од своите родители, Рајан можел верно да истрае. Млади, дали се чувствувате обесхрабрени поради подбивањата од вашите врсници? Па, не откажувајте се! Со тоа што верно ќе истраете, ќе го доживеете исполнувањето на Исусовите зборови: „Среќни сте кога поради мене ве укоруваат, и прогонуваат и лажно зборуваат секакво зло против вас“ (Матеј 5:11).
Секојдневни тегобни грижи
6. Кои работи можат да ги затегнат односите меѓу сохристијаните денес?
6 Повеќето од искушенијата со кои се соочуваме денес опфаќаат секојдневни тегобни грижи. Самиот Авраам морал да се справува со напнатоста до која дошло меѓу неговите пастири и пастирите на внук му Лот (Битие 13:5-7). Слично е и денес, разликите во личностите и малата љубомора може да ги затегне односите, па дури и да биде закана за мирот во собранието. „Каде има љубомора и кавгаџиство, таму има неред и секаква подлост“ (Јаков 3:16). Колку само е важно да не се откажуваме, туку мирот да го ставиме пред гордоста, како што сторил Авраам, и да гледаме за интересите на другите! (1. Коринќаните 13:5; Јаков 3:17).
7. а) Што треба да прави некој ако е повреден од сохристијанин? б) Како дал Авраам добар пример во задржувањето добри односи со другите?
7 Може да ни биде предизвик да бидеме мирољубиви кога мислиме дека некој соверник неправедно постапува со нас. Во Пословици 12:18 се вели: „Невнимателниот зборува како да прободува меч“. Непромислените зборови, дури и ако се кажат наивно, можат да нанесат длабока болка. Болката е уште поголема ако имаме чувство дека сме наклеветени или дека сме жртва на злобно оговарање (Псалм 6:6, 7). Но, христијанинот не смее да дозволи повредените чувства да бидат причина да се откаже! Ако се наоѓаш во таква ситуација, преземи иницијатива да ги исправиш работите така што на љубезен начин ќе разговараш со оној што те навредил (Матеј 5:23, 24; Ефешаните 4:26). Биди склон да му простиш (Колошаните 3:13). Со тоа што ќе ја оставиме огорченоста, овозможуваме да се излечат и нашите емоции и односот со нашиот брат. Авраам не негувал никаква огорченост што би можел да ја чувствува кон Лот. Па, Авраам јурнал да го одбрани Лот и неговото семејство! (Битие 14:12-16).
Самонаметнати искушенија
8. а) Како би можеле христијаните да се ‚испрободат со многу болки‘? б) Зошто можел Авраам да има урамнотежено гледиште за материјалните работи?
8 Мораме да признаеме дека некои искушенија сме си ги наметнале самите. На пример, Исус им заповедал на своите следбеници: „Престанете да си собирате блага на земјата, каде што молецот и ’рѓата ги нагризуваат, и каде што крадци провалуваат и крадат“ (Матеј 6:19). Сепак, некои браќа ‚се испрободуваат со многу болки‘ на тој начин што материјалните интереси ги ставаат пред интересите на Царството (1. Тимотеј 6:9, 10). Авраам бил спремен да го жртвува материјалниот комфор за да му угоди на Бог. „Со вера живееше како странец во земјата на ветувањето како во туѓа земја, и престојуваше во шатори со Исак и Јаков, сонаследниците на истото тоа ветување. Зашто го очекуваше градот кој има вистински темели, чиј градител и творец е Бог“ (Евреите 11:9, 10). Верата на Авраам во еден иден „град“, т.е. божествена влада, му помогнала да не се потпира на богатството. Зар не би било мудро да го сториме истото?
9, 10 а) Како може желбата за истакнатост да создаде искушение? б) Како би можел еден брат денес да се однесува како ‚помал‘?
9 Разгледај и еден друг аспект. Библијата го дава следново силно упатство: „Ако некој мисли дека е нешто, а е ништо, тој го мами својот сопствен ум“ (Галатите 6:3). Освен тоа, поттикнати сме да ‚не правиме ништо од кавгаџиство ниту од егоизам, туку со понизност на умот‘ (Филипјаните 2:3). Некои си наметнуваат искушенија на тој начин што не го применуваат овој совет. Терани од желбата да се истакнуваат, а не од желба да прават „извонредна работа“, стануваат обесхрабрени и незадоволни кога не добиваат предности во собранието (1. Тимотеј 3:1).
10 Авраам дал убав пример за тоа ‚да не се мисли повеќе за себе отколку што треба‘ (Римјаните 12:3). Кога се сретнал со Мелхиседек, Авраам не постапил како неговата повластена положба кај Бог да го направила супериорен. Напротив, ја признал супериорната положба на Мелхиседек како свештеник на тој начин што му платил десеток (Евреите 7:4-7). Денешните христијани треба исто така да бидат спремни да се однесуваат како ‚помали‘ и да не бараат да бидат во центарот на вниманието (Лука 9:48). Ако ти се чини дека оние што предводат во собранието ти скусуваат некакви предности, направи едно чесно самоиспитување за да одредиш какви прочистувања можеш да направиш во својата личност или во начинот на кој ги вршиш работите. Наместо да се огорчуваш заради предностите што ги немаш, целосно искористи ја предноста што ја имаш — предноста да им помагаш на другите да го запознаат Јехова. Да, ‚понизи се под моќната Божја рака за да те возвиши во вистинско време‘ (1. Петрово 5:6).
Вера во невидливите работи
11, 12. а) Зошто некои во собранието можеби го губат чувството на итност? б) На кој начин дал Авраам убав пример со тоа што го градел својот живот врз верата во Божјите ветувања?
11 Друго искушение може да биде навидум одложувањето на крајот на овој зол систем на работи. Според 2. Петрово 3:12, христијаните треба да ‚ја очекуваат и цврсто да ја држат во мислите присутноста на Јеховиниот ден‘. Меѓутоа, многумина со години, а некои и со децении, го очекуваат овој „ден“. Како резултат на тоа, некои можеби се обесхрабриле и го изгубиле чувството на итност.
12 Повторно разгледај го примерот на Авраам. Тој целиот свој живот го градел врз верата во Божјите ветувања, макар што немало шанса сите да се исполнат во текот на неговиот живот. Точно, тој живеел доволно долго за да дочека син му Исак да порасне. Но, требало да поминат векови пред потомството на Авраам да може да се спореди со ‚ѕвездите на небото‘ или со ‚песокта на морскиот брег‘ (Битие 22:17). Меѓутоа, Авраам не се огорчил ниту, пак, се обесхрабрил. Затоа, апостол Павле за Авраам и за другите патријарси рекол: „Сите овие умреа во вера, иако не го добија исполнувањето на ветувањата, туку ги видоа оддалеку и ги поздравија и јавно изјавуваа дека се туѓинци и привремени жители во земјата“ (Евреите 11:13).
13. а) Во кој поглед денешните христијани се како „привремени жители“? б) Зошто Јехова ќе му стави крај на овој систем на работи?
13 Штом Авраам можел да го задржи животот сосредоточен на ветувањата чие исполнување било ‚далеку‘, тогаш колку повеќе треба да го правиме тоа денес, кога исполнувањето на овие работи е толку близу! Слично на Авраам, мораме да се сметаме за „привремени жители“ на Сатановиот систем и да одбиеме да се средиме во еден самопопустлив животен стил. Секако, ние би претпочитале „крајот на сите работи“ веќе да е дојден, а не само да биде близу (1. Петрово 4:7). Можеби доживуваме сериозни здравствени проблеми. Или, можеби голема тежина ни создаваат економските притисоци. Но, мораме да запомниме дека Јехова нема да стави крај само за да нѐ спаси од тешките околности туку и за да го посвети своето име (Езекиел 36:23; Матеј 6:9, 10). Крајот ќе дојде, но не во време кое ни одговара нам, туку во време кое најдобро служи за Јеховините намери.
14. Како им користи Божјата стрпливост на денешните христијани?
14 Запомни го и тоа дека „Јехова не е бавен во врска со своето ветување, како што некои тоа го сметаат за бавност, туку е стрплив со вас бидејќи не сака никој да биде уништен, туку сака сите да дојдат до покајание“ (2. Петрово 3:9). Забележи, Бог е „стрплив со вас“ — членовите на христијанското собрание. Очигледно на некои од нас им треба повеќе време да направат промени и преиначувања за да бидат ‚најдени без дамка и без петно и во мир‘ (2. Петрово 3:14). Тогаш, зар не треба да бидеме благодарни што Бог покажува таква стрпливост?
Да најдеме радост и покрај препреките
15. Како можел Исус да ја задржи радоста и покрај испитите, и на кој начин денешните христијани извлекуваат корист имитирајќи го него?
15 Денешните христијани учат многу лекции од животот на Авраам. Тој не покажал само вера туку и стрпливост, остроумност, храброст и несебична љубов. На обожавањето на Јехова му дал приоритет во својот живот. Но, мора да запомниме дека врвниот пример што треба да го имитираме го дал Исус Христос. И тој се соочил со многубројни испити и искушенија, но низ сите нив никогаш не ја изгубил радоста. Зошто? Затоа што умот му бил сосредоточен на надежта што била пред него (Евреите 12:2, 3). Затоа Павле се молел: „А Бог, кој дава истрајност и утеха, нека ви даде меѓу себе да го имате истиот умствен став што го имаше Христос Исус“ (Римјаните 15:5). Со исправен умствен став можеме да најдеме радост и покрај препреките што Сатана ни ги поставува на патот.
16. Што можеме да правиме кога се чини дека нашите проблеми се надмоќни?
16 Кога се чини дека проблемите се надмоќни, сети се дека исто како што го сакал Авраам, Јехова те сака и тебе. Тој сака да успееш (Филипјаните 1:6). Положи ја целата своја доверба во Јехова, уверен дека ‚нема да дозволи да бидеш искушан повеќе од она што можеш да го носиш, туку заедно со искушението ќе направи и излез за да можеш да го поднесеш‘ (1. Коринќаните 10:13). Развивај навика секој ден да ја читаш Библијата (Псалм 1:2). Истрај во молитва, барајќи Јехова да ти помогне да издржиш (Филипјаните 4:6). Тој ќе „им даде свет дух на оние кои го молат“ (Лука 11:13). Искористи ги подготовките што Јехова ги прави за да те поддржува духовно, како што се нашите публикации темелени на Библијата. Исто така, барај ја поддршката од братството (1. Петрово 2:17). Верно присуствувај на христијанските состаноци, зашто таму ќе го добиеш охрабрувањето кое ти е потребно за да истраеш (Евреите 10:24, 25). Радувај се во уверувањето дека твојата истрајност води до одобрена состојба во Божјите очи и дека твојата верност го радува неговото срце! (Пословици 27:11; Римјаните 5:3-5).
17. Зошто христијаните не се препуштаат на очај?
17 Бог го сакал Авраам како свој „пријател“ (Јаков 2:23). Сепак, животот на Авраам се состоел од низа стресни испити и неволји. Според тоа, христијаните не можат да очекуваат ништо помалку во текот на овие ‚последни денови‘. Всушност, Библијата нѐ предупредува дека „злите луѓе и измамниците ќе напредуваат од лошо на полошо“ (2. Тимотеј 3:1, 13). Наместо да се препушташ на очај, биди свесен дека притисоците со кои се соочуваме се доказ дека крајот на Сатановиот зол систем е близу. Но, Исус нѐ потсетува дека „кој ќе истрае до крај, тој ќе биде спасен“ (Матеј 24:13). Затоа, ‚не откажувај се да го правиш она што е добро!‘ Имитирај го Авраам и биди меѓу оние што „преку вера и стрпливост ги наследуваат ветувањата“ (Евреите 6:12).
Дали забележа?
• Зошто треба Јеховиниот народ денес да очекува испити и неволја?
• На кои начини би можел Сатана да употреби фронтални напади?
• Како можат да се решат личните конфликти меѓу христијаните?
• Како можат гордоста и егоизмот да создадат испити?
• На кој начин Авраам дал добар пример како да се чека исполнувањето на Божјите ветувања?
[Слика на страница 26]
Многу христијански младинци трпат прогонство на тој начин што се исмејувани од врсниците
[Слика на страница 29]
Во времето на Авраам исполнувањето на Божјите ветувања било ‚далеку‘, па сепак, тој го градел животот околу нив