„Дарови во облик на луѓе“ кои ќе се грижат за Јеховините овци
„Кога се вознесе на висина, одведе заробеници; даде дарови во облик на луѓе“ (ЕФЕСЈАНИТЕ 4:8, NW).
1. Како се изразила една христијанска сестра за старешините во нејзиното собрание?
„ВИ БЛАГОДАРАМ што толку многу се грижите за нас. Вашите насмевки, вашата срдечност и грижа се толку искрени. Секогаш сте тука за да нѐ сослушате и да споделите зборови од Библијата кои ни го подигаат духот. Се молам никогаш да не гледам на вас како на нешто што е само по себе разбирливо.“ Така им напишала една христијанска сестра на старешините од нејзиното собрание. Јасно, љубовта која ја покажале грижливите христијански пастири допрела до нејзиното срце (1. Петрово 5:2, 3).
2, 3. а) Според Исаија 32:1, 2, како сочувствителните старешини се грижат за Јеховините овци? б) Кога може еден старешина да биде сметан за дар?
2 Старешините се подготовка од Јехова да се грижат за неговите овци (Лука 12:32; Јован 10:16). Тие овци му се драги на Јехова — всушност, толку драги што тој ги купил со скапоцената крв на Исус. Тогаш, не зачудува многу тоа што на Јехова му е угодно кога старешините нежно постапуваат со неговото стадо (Дела 10:28, 29). Забележи го пророчкиот опис на тие старешини, т. е. ‚кнезови‘: „Секој од нив ќе биде како заштита од ветар и засолниште за лошо време, како водни извори во степи, како сенка од висока карпа во жедна земја“ (Исаија 32:1, 2). Да, тие се тука за да ги заштитат, освежат и утешат неговите овци. Затоа, старешините кои сочувствително го пасат стадото настојуваат да го исполнат она што Бог го очекува од нив.
3 Библијата се осврнува на таквите старешини како на „дарови во облик на луѓе“ (Ефесјаните 4:8, NW). Кога помислуваш на дар, помислуваш на нешто што е дадено за да задоволи некоја потреба или за да му донесе среќа на оној кој го добива. Еден старешина може да биде сметан за дар кога ги користи своите способности за да ја укаже потребната помош и за да придонесе за среќата на стадото. Како може да го прави тоа? Одговорот, кој се наоѓа во Павловите зборови во Ефесјаните 4:7—16, ја велича Јеховината грижа кон неговите овци која е полна со љубов.
„Дарови во облик на луѓе“ — од каде?
4. Во исполнување на Псалм 68:18 (NW), на кој начин Јехова „се вознел на висина“, и кои биле ‚даровите во облик на луѓе‘?
4 Кога Павле го употребил изразот „дарови во облик на луѓе“, тој всушност го цитирал цар Давид кој за Јехова рекол: „Ти си се вознел во висина; си одвел заробеници; си зел дарови во облик на луѓе“ (Псалм 68:18, NW). Откако Израелците биле неколку години во Ветената земја, Јехова фигуративно се ‚вознел‘ на гората Сион и го направил Ерусалим главен град на царството Израел со Давид како негов цар. Но, кои биле ‚даровите во облик на луѓе‘? Тоа биле мажи кои биле земени како заробеници за време на освојувањето на земјата. Некои од тие заробеници подоцна им се ставиле на располагање на Левитите за да помогнат околу работата во табернакулот (1. Ездра 8:20).
5. а) Како Павле покажува дека Псалм 68:18 (NW) има исполнување во христијанското собрание? б) На кој начин Исус „се вознел на висина“?
5 Во своето писмо до ефесјаните, Павле покажува дека зборовите на псалмистот имаат поголемо исполнување во христијанското собрание. Парафразирајќи го Псалм 68:18 (NW), Павле пишува: „А секому од нас дадена му е незаслужена љубезност, според тоа како Христос го одмерил бесплатниот дар. Затоа тој вели: ‚Кога се вознесе на висина, одведе заробеници; даде дарови во облик на луѓе‘“ (Ефесјаните 4:7, 8, NW). Овде Павле го применува овој псалм на Исус како Божји претставник. Исус ‚го победил светот‘ преку својот живот на верност (Јован 16:33). Исто така, тој триумфирал над смртта и над Сатана на тој начин што Бог го воскреснал од мртвите (Дела 2:24; Евреите 2:14). Во 33 н. е. воскреснатиот Исус се вознел „повисоко од сите небеса“ — повисоко од сите други небесни суштества (Ефесјаните 4:9, 10; Филипјаните 2:9—11). Како победник, Исус зел „заробеници“ од непријателот. Како?
6. Почнувајќи од Педесетница 33 н. е., како вознесениот Исус почнал да го пљачка домот на Сатана, и што правел со ‚заробениците‘?
6 Кога бил на земјата, Исус ја покажал својата моќ над Сатана така што ги ослободил оние кои биле држани во ропството на демоните. Тоа било како Исус да го нападнал домот на Сатана, да го врзал и да му ги одзел неговите добра (Матеј 12:22—29). Само помисли, штом воскреснал и му била доверена „секаква власт на небото и на земјата“, каков само грабеж можел Исус да направи тогаш! (Матеј 28:18). Започнувајќи од Педесетница 33 н. е., вознесениот Исус, како Божји претставник, почнал да го пљачка домот на Сатана така што ‚одвел заробеници‘ — луѓе кои долго време се наоѓале во ропството на гревот и смртта и под сатанска контрола. Овие „заробеници“ спремно станале „Христови слуги, извршувајќи ја волјата Божја од [со цело, NW] срце“ (Ефесјаните 6:6). Всушност, Исус ги истргнал од сатанска контрола и, во името на Јехова, му ги дал на собранието како „дарови во облик на луѓе“. Замисли си го само Сатановиот беспомошен бес додека тие му биле истргнувани од пред нос!
7. а) Во кои својства служат ‚даровите во облик на луѓе‘ во собранијата? б) Каква прилика му дал Јехова на секој маж кој служи како старешина?
7 Дали во денешното собрание наоѓаме такви „дарови во облик на луѓе“? Секако! Ги наоѓаме во служба на старешини кои напорно работат како ‚евангелизатори, пастири и учители‘ во над 87.000 собранија на Божјиот народ по целата земја (Ефесјаните 5:11). Сатана не би сакал ништо друго освен тие лошо да постапуваат со стадото. Но, тоа не е причината поради која Бог преку Христос ги дал на собранието. Напротив, Јехова ги дал овие луѓе заради благосостојбата на собранието и тие се одговорни пред него за овците кои им се доверени (Евреите 13:17). Ако служиш како старешина, тогаш Јехова ти дал прекрасна прилика да се покажеш како дар, т. е. благослов за твоите браќа. Тоа можеш да го правиш исполнувајќи четири важни одговорности.
Кога има потреба од „исправање“
8. Во кои погледи понекогаш сите ние треба да бидеме исправани?
8 Прво, ‚даровите во облик на луѓе‘ се дадени „со цел да се исправаат светите“, вели Павле (Ефесјаните 4:12, NW). Грчката именка преведена со „исправање“ укажува на тоа нешто „исправно да се израмни“. Како несовршени луѓе, на сите нам одвреме навреме ни треба исправање — за да може нашето размислување, ставови или однесување да бидат ‚исправно израмнети‘ со Божјето размислување и волја. Јехова со љубов обезбедил „дарови во облик на луѓе“ кои ни помагаат да ги направиме потребните преиначувања. Како го прават тоа?
9. Како може еден старешина да ѝ помогне на една овца која згрешила да се исправи?
9 Понекогаш, некој старешина може да биде повикан за да ѝ помогне на некоја овца која згрешила, која можеби ‚направила некој погрешен чекор пред да биде свесна за тоа‘. Како може старешината да помогне? „Обидете се да го исправите таквиот човек во дух на благост“, се вели во Галатјаните 6:1 (NW). Според тоа, кога некој старешина ќе даде совет, тој не го кара оној што згрешил користејќи груби зборови. Советот треба да го охрабри, а не да го ‚заплаши‘ оној кој го прима (2. Коринтјаните 10:9; спореди Јов 33:7, NW). Можеби на поединецот веќе му е срам, па затоа пастирот кој е полн со љубов избегнува да го скрши неговиот дух. Кога дава совет, па дури и цврст укор кој очигледно е мотивиран и даден од љубов, веројатно повторно ќе го израмни размислувањето или однесувањето на оној кој греши и на тој начин ќе го врати назад (2. Тимотеј 4:2).
10. Што вклучува исправањето на другите?
10 Кога обезбедил „дарови во облик на луѓе“ за да нѐ исправа, Јехова имал на ум дека старешините ќе бидат духовно освежување и достојни за имитирање од страна на неговиот народ (1. Коринтјаните 16:17, 18; Филипјаните 3:17). Исправањето на другите не вклучува само поправање на оние кои зазеле погрешен правец туку и помагање на верните да се држат за исправниот правец.a Денес, кога имаме толку многу проблеми кои тежнеат да нѐ обесхрабрат, на многумина им е потребно охрабрување за да не потклекнат. Можеби на некои им треба љубезна помош за да го израмнат своето размислување со Божјето. На пример, некои верни христијани се борат со длабоки чувства на неадекватност или безвредност. Можеби таквите „депримирани души“ (NW) мислат дека Јехова никогаш не би можел да ги сака и дека дури и нивните максимални напори да му служат никогаш не би можеле да му бидат прифатливи (1. Солунјаните 5:14). Но, овој начин на размислување не е израмнет со она што Бог навистина го мисли за своите обожаватели.
11. Што можат да сторат старешините за оние кои се борат со чувства на безвредност?
11 Старешини, што можете да сторите за да им помогнете на таквите? Љубезно споделете го со нив библискиот доказ дека Јехова се грижи за секој свој слуга и уверете ги дека овие библиски текстови се применуваат лично на нив (Лука 12:6, 7, 24). Помогнете им да увидат дека штом Јехова ги ‚привлекол‘ за да му служат, тогаш сигурно тој мора да гледа некаква вредност во нив (Јован 6:44). Уверете ги дека не се сами — многу верни Јеховини слуги имале слични чувства. Еднаш пророкот Илија бил толку длабоко депримиран што посакал да умре (3. Царства 19:1—4). Некои помазани христијани во првиот век се чувствувале ‚осудени‘ од сопствените срца (1. Јованово 3:20). Утешно е да се знае дека верните од библиските времиња имале „чувства како нашите“ (Јаков 5:17, NW). Исто така, со потиштените можете да разгледате охрабрувачки статии од Стражарска кула и Разбудете се! Вашите напори полни со љубов да ја вратите довербата на таквите нема да поминат незабележани кај Бог кој ве дал вас како „дарови во облик на луѓе“ (Евреите 6:10).
„Изградување“ на стадото
12. На што се укажува со изразот „изградување на Христовото тело“, и кој е клучот за изградување на стадото?
12 Второ, ‚даровите во облик на луѓе‘ (NW) се дадени за „изградување на Христовото тело“ (Ефесјаните 4:12). Овде Павле користи една стилска фигура. „Изградување“ потсетува на градба, а „Христовото тело“ укажува на луѓето — членовите на помазаното христијанско собрание (1. Коринтјаните 12:27; Ефесјаните 5:23, 29, 30). Старешините треба да им помогнат на своите браќа да станат духовно јаки. Нивна цел е ‚да го издигаат, а не да го назадуваат [уриваат, NW]‘ стадото (2. Коринтјаните 10:8). Клучот за изградување на стадото е љубовта, бидејќи „љубовта изградува“ (1. Коринтјаните 8:1).
13. Што значи да се има соживување, и зошто е важно старешините да покажуваат соживување?
13 Една фасета на љубовта која им помага на старешините да го изградуваат стадото е соживувањето. Некој да се соживува значи да чувствува за другите — да се поистовети со нивните мисли и чувства, земајќи ги предвид нивните ограничувања (1. Петрово 3:8). Зошто е важно старешините да имаат соживување? Пред сѐ, бидејќи Јехова — оној кој ги дава ‚даровите во облик на луѓе‘ — е Бог на соживување. Кога неговите слуги страдаат или имаат болки, тој има сочувство за нив (2. Мојсеева 3:7; Исаија 63:9). Тој е полн со обѕир кон нивните ограничувања (Псалм 102:14). Тогаш, како можат старешините да покажуваат соживување?
14. На кои начини можат старешините да покажат соживување со другите?
14 Кога кај нив ќе дојде некој обесхрабрен, тие слушаат, обрнувајќи внимание на неговите чувства. Се обидуваат да ја разберат заднината, личноста и околностите на своите браќа. Тогаш кога старешините даваат изградувачка библиска помош, на овците ќе им биде лесно да ја прифатат, бидејќи таа доаѓа од пастири кои навистина ги разбираат и се грижат за нив (Изреки 16:23). Исто така, соживувањето ги поттикнува старешините да ги земат во обѕир ограничувањата на другите и чувствата кои можат да произлезат од нив. На пример, некои совесни христијани можеби чувствуваат вина бидејќи не можат да сторат повеќе во служењето на Бог, можеби поради старост или слабо здравје. Од друга страна, пак, можеби на некои им е потребно охрабрување за да се подобрат во својата служба (Евреите 5:12; 6:1). Соживувањето ќе ги поттикне старешините да најдат „убави изреки [зборови, NW]“ кои ќе ги изградуваат другите (Проповедник 12:10). Кога Јеховините овци се изградени и мотивирани, нивната љубов кон Бог ќе ги поттикне да сторат сѐ што можат во службата за него!
Луѓе кои унапредуваат единство
15. Што означува изразот „единство во верата“?
15 Трето, ‚даровите во облик на луѓе‘ се дадени за да „стигнеме до единство во верата и познавање [точно спознание, NW] на Синот Божји“ (Ефесјаните 4:13). Фразата „единство во верата“ означува обединетост не само на верувањата туку и на верниците. Значи, тоа е уште една причина зошто Бог ни дал „дарови во облик на луѓе“ — за да унапредуваат единство меѓу неговиот народ. Како го прават тоа?
16. Зошто е важно старешините да задржат единство меѓу себе?
16 Како прво, тие мораат да задржат единство меѓу себе. Ако пастирите се поделени, тогаш овците може да страдаат поради занемареност. Драгоценото време што може да се помине во пасење на стадото може непотребно да се троши на долги состаноци и дебати околу споредни работи (1. Тимотеј 2:8). Можеби старешините нема автоматски да се сложат околу секоја работа за која дискутираат, зашто тоа се луѓе чии личности може многу да се разликуваат. Единството не исклучува да се имаат различни мислења, па дури и да се изнесат истите на урамнотежен начин во текот на една отворена дискусија. Старешините го зачувуваат своето единство така што со почитување се ислушуваат еден со друг без однапред да донесуваат суд. И сѐ додека не е прекршено некое библиско начело, секој треба да биде спремен да се повини на конечната одлука на старешинското тело и да ја поддржи. Духот на повинување покажува дека тие се водени од „мудроста, што иде одозгора“ која е „мирољубива, разумна“ (Јаков 3:17, 18, NW).
17. Како можат старешините да помогнат да се сочува единството во собранието?
17 Исто така, старешините будно унапредуваат единство во собранието. Кога на мирот му се закануваат раздорни влијанија — како, на пример, штетно озборување, склоност да се припишуваат погрешни мотиви или кавгаџиски дух — тие спремно даваат корисен совет (Филипјаните 2:2, 3). На пример, можеби старешините се свесни за поединци кои се претерано критизерски настроени или кои се склони да се плеткаат во туѓи работи, станувајќи така лица кои се мешаат во сѐ (1. Тимотеј 5:13; 1. Петрово 4:15). Старешините ќе се обидат да им помогнат на таквите да сфатат дека тој правец е спротивен на она за кое нѐ поучува Бог и дека секој мора да „го понесе своето бреме“ (Галатјаните 6:5, 7; 1. Солунјаните 4:9—12). Користејќи го Писмото тие ќе објаснат дека многу работи Јехова остава на нашата совест како поединци и дека никој од нас не треба да им суди на другите за тоа (Матеј 7:1, 2; Јаков 4:10—12). За да служиме заедно во единство, во собранието мора да постои атмосфера на доверба и почитување. Давајќи библиски совет кога е потребно, ‚даровите во облик на луѓе‘ ни помагаат да го сочуваме нашиот мир и единство (Римјаните 14:19).
Го штитат стадото
18, 19. а) Од кого нѐ штитат ‚даровите во облик на луѓе‘? б) Од која друга опасност треба да бидат заштитени овците, и како постапуваат старешините за да ги заштитат?
18 Четврто, Јехова ги обезбедува ‚даровите во облик на луѓе‘ за да нѐ заштитат да не потпаднеме под влијание на „секој ветар на лажните учења, по лукавството на луѓето, по итрото искуство на измамата“ (Ефесјаните 4:14). Се вели дека оригиналниот збор за ‚лукавство‘ значи „мамење на коцка“ или „вештина за манипулирање во коцкањето“. Зарем ова не нѐ потсетува на тоа колку итро дејствуваат отпадниците? Користејќи вешти аргументи, тие манипулираат со Писмото во обид да ги одвлечат вистинските христијани од нивната вера. Старешините мора да бидат будни на таквите „лути волци“! (Дела 20:29, 30).
19 Јеховините овци треба да бидат заштитени и од други опасности. Древниот пастир Давид бестрашно го штител стадото на својот татко од грабливци (1. Царства 17:34—36). И денес може да настанат прилики кога загрижените христијански пастири ќе мора да покажат храброст за да го заштитат стадото од секој кој можеби ги малтретира или угнетува Јеховините овци, особено оние кои се поранливи. Старешините брзо ќе ги отстранат од собранието своеволните грешници кои намерно користат лукавство, измама и сплетки за да направат злоb (1. Коринтјаните 5:9—13; спореди Псалм 100:7).
20. Зошто можеме да се чувствуваме безбедни под грижата на ‚даровите во облик на луѓе‘?
20 Колку само сме благодарни за ‚даровите во облик на луѓе‘! Можеме да се чувствуваме безбедни под нивната грижа полна со љубов, зашто тие нежно нѐ исправаат, со љубов нѐ изградуваат, спремно го чуваат нашето единство и храбро нѐ штитат. Но, како треба ‚даровите во облик на луѓе‘ да гледаат на својата улога во собранието? И како ние можеме да покажеме дека ги цениме? За овие прашања ќе биде дискутирано во следната статија.
[Фусноти]
a Во верзијата на грчката Септуагинта, истиот овој глагол преведен со „исправа“ бил употребен во Псалм 17[16]:5, каде што верниот Давид се молел да може цврсто да ги држи своите чекори на Јеховините патеки.
b Како пример, види „Прашања од читателите“ од српското издание на Стражарска кула од 1 април 1980, страници 30—32 и „Да се гадиме од она што е зло“ во изданието од 1 јануари 1997, страници 26—29.
Дали се сеќаваш?
◻ Кои се ‚даровите во облик на луѓе‘, и зошто Бог преку Христос му ги дал на собранието?
◻ Како старешините ја исполнуваат својата одговорност да го исправаат стадото?
◻ Што можат да сторат старешините за да ги изградуваат своите соверници?
◻ Како можат старешините да го сочуваат единството во собранието?
[Слика на страница 10]
Соживувањето им помага на старешините да ги храбрат оние кои се потиштени
[Слика на страница 10]
Единството меѓу старешините унапредува единство во собранието