„Одете и понатаму како деца на светлината!“
„Да се облечете во новиот човек, создаден според Бога [Божја волја, NW] во правда и светост во вистината“ (ЕФЕСЈАНИТЕ 4:24).
1. Со што се благословени Јеховините обожаватели? Зошто?
ЈЕХОВА БОГ е „Отецот на светлината“ и „во Него [во заедница со него, NW] нема никаква темнина“ (Јаков 1:17; 1. Јованово 1:5). Неговиот Син, Исус Христос, за себеси рекол: „Јас сум Светлина на светот; кој врви по Мене, нема да оди во темнина, а ќе има светлина во животот [на животот, Даничиќ–Караџиќ]“ (Јован 8:12). Затоа вистинските Јеховини обожаватели, следбеници на неговиот Син, се благословени со просветление — умствено, морално и духовно — и ‚светат како светила во светот‘ (Филипјаните 2:15).
2. Каква спротивност била претскажана помеѓу Божјиот народ и светот?
2 Многу одамна, пророкот Исаија бил инспириран да ја претскаже следнава спротивност: „Ете, темнина ќе ја покрие земјата, и мрак — народите; а над тебе ќе засветли Господ, и славата Негова ќе се јави над тебе“. Всушност, за целото човештво кое е отуѓено од Бог се вели дека е под власта и влијанието на „светските управители на темнината“ (Исаија 60:2; Ефесјаните 6:12).
3. Од кои причини сме живо заинтересирани за Павловиот навремен совет?
3 Апостолот Павле бил мошне заинтересиран неговите сохристијани да останат слободни од таквата темнина. Тој ги поттикнувал ‚да не постапуваат веќе, како што постапуваат и другите незнабошци‘, туку ‚и понатаму да одат како деца на светлината!‘ (Ефесјаните 4:17; 5:8, NW). Исто така објаснил како би можеле да успеат во тоа. Денес, темнината и мракот кои ги покриваат народите, станале погусти. Светот потонал подлабоко во калта на моралната и духовна пропаст. Битката што мораат да ја водат Јеховините обожаватели станува сѐ поголема. Затоа, живо сме заинтересирани за она што Павле сакал да ни го каже.
Учи за Христос
4. На што мислел Павле кога рекол: „Не сте го научиле Христос таков“?
4 Откако ги објаснил бескорисните тежнеења и нечистотијата на светот, апостол Павле вниманието го насочил кон своите сохристијани во Ефес. (Молиме прочитај Ефесјаните 4:20, 21.) Павле околу три години проповедал и поучувал во тој град, и сигурно бил лично запознаен со многумина во собранието (Дела на св. апостоли 20:31-35). Затоа, кога рекол: „Не сте го научиле Христос таков“ (NW), го изразил своето лично спознание дека ефеските христијани не биле поучувани некаква попустлива, разводнета верзија на вистината која би го простувала она непристојно лошо однесување кое го опишал во стиховите 17 до 19. Тој знаел дека тие биле исправно и точно поучувани за вистинскиот начин на живот, по примерот на Исус Христос. Од таа причина, тие повеќе не оделе во темнина како што оделе народите, туку биле деца на светлината.
5. Која е разликата меѓу поимите: само површно да бидеме во вистината и вистината да биде во нас?
5 Тогаш, само колку е важно да ‚се учи Христос‘ на исправен начин! Дали постојат погрешни начини да го учиме Христос? Да, секако. Претходно, во Ефесјаните 4:14, Павле ги предупредил браќата: „Да не бидеме веќе мали деца, што ги лула и занесува секој ветар на лажните учења, по лукавството на луѓето, по итрото искуство на измамата“. Очигледно постоеле некои кои научиле за Христос, а кои сѐ уште оделе по обичаите на светот, па дури се обидувале да ги наговорат и другите да го прават истото. Дали тоа ни укажува колку е опасно само да бидеме во вистината, како што некои го употребуваат тој израз, наместо вистината да биде во нас? Во Павловото време, оние кои имале само површно разбирање лесно и брзо биле понесени од другите, а истото важи и денес. За да го спречи тоа, Павле понатаму вели дека Ефесјаните требало да ‚го слушаат Христос и да бидат поучувани од него‘ (Ефесјаните 4:21, NW).
6. Како можеме да учиме, слушаме и да бидеме поучувани од Христос денес?
6 Изразите „учи“, „слуша“ и „поучува“ кои ги употребил Павле, вклучуваат процес на проучување и поука, како во училиште. Се разбира, денес не можеме да го слушаме или да бидеме поучувани од Исус лично. Но тој ширум светот води библиска образовна акција преку неговиот ‚верен и разумен роб‘ (Матеј 24:45-47, NW; 28:19, 20). Можеме на еден исправен и прецизен начин да ‚го научиме Христос‘ ако редовно земаме од духовната храна која класата роб ја дава во право време, ако марливо проучуваме самите или во некое собрание, ако медитираме за тоа и ако го спроведуваме во пракса тоа што го учиме. Да внимаваме во потполност да ги искористиме сите подготовки за да можеме вистински да кажеме дека ‚сме го слушнале и сме биле поучувани од него‘.
7. Кое значење може да се види во Павловите зборови: ‚вистината е во Исус‘?
7 Интересно е тоа што во Ефесјаните 4:21, откако го истакнува процесот на учење, Павле додава: „како што е вистината во Исус“ (NW). Некои библиски коментатори се повикуваат на фактот дека Павле ретко го употребува името Исус во своите писма. Всушност, тоа е единствениот случај на таква употреба во писмото до Ефесјаните. Дали тоа има посебно значење? Можеби Павле сакал да го сврти вниманието на примерот што го дал Исус како човек. Сети се дека Исус еднаш за себеси рекол: „Јас сум патот, вистината и животот“ (Јован 14:6; Колосјаните 2:3). Исус рекол: „Јас сум . . . вистината“ затоа што не само што зборувал и поучувал за неа, туку живеел по неа и бил нејзино олицетворение. Да, вистинското христијанство не е само идеја, туку начин на живот. Да се ‚учи Христос‘ вклучува да научиме да го имитираме во живеењето според вистината. Дали ти својот живот го образуваш по Исус? Дали тесно ги следиш неговите стапки секојдневно? Само ако така постапуваме можеме и понатаму да одиме како деца на светлината.
‚Отфрлете го стариот човек‘
8. Која споредба ја употребил Павле во Ефесјаните 4:22, 24 и зошто е прикладна?
8 За да покаже како можеме успешно ‚да го научиме Христос‘ и да одиме како деца на светлината, во Ефесјаните 4:22-24, Павле понатаму вели дека постојат три различни чекори кои мораме да ги следиме. Првиот од нив е: „Да го отфрлите од себе стариот човек според вашето поранешно живеење, кој се распаѓа во измамливите желби“ (Ефесјаните 4:22). Изразите „отфрла“ („соблекува“, Стварност) и „облекува“ (24. стих) асоцираат на соблекување и облекување на облека. Тоа е метафора која Павле ја користел доста често, а која е делотворна (Римјаните 13:12, 14; Ефесјаните 6:11-17; Колосјаните 3:8-12; 1. Солунјаните 5:8). Кога нашата облека ќе се извалка или ќе се направи дамка, како на пример кога јадеме, се преслекуваме во првата прилика. Зарем не треба да бидеме подеднакво заинтересирани за какво и да е валкање на нашата духовна состојба?
9. На кој начин се отфрла стариот човек?
9 Тогаш, како се отфрла стариот човек? Глаголот „отфрла“ во изворниот јазик стои во таканареченото глаголско време аорист. Укажува на дејство кое се одигрува само еднаш, или еднаш засекогаш. Тоа ни покажува дека „стариот човек“ („старата личност“, NW), заедно со нашето „поранешно живеење“, мора да се отфрли со една дефинитивна и одлучна постапка, темелно и потполно. Не е тоа нешто за кое можеме успешно да размислуваме, па дури и да се колебаме. А зошто не?
10. Зошто мораме да бидеме решителни и одлучни да го отфрлиме стариот човек?
10 Изразот „се распаѓа“ покажува дека „стариот човек“ се наоѓа во постојан и траен тек на морално распаѓање, одејќи од лошо кон полошо. Во стварноста, поради одбивањето на духовното просветлување, целото човештво се наоѓа на една удолница. Павле рекол дека тоа е резултат на „измамливите желби“. Телесните желби се измамливи затоа што можат да изгледаат безопасни, но на крајот се разурнувачки (Евреите 3:13). Ако не се спречат, на крајот ќе доведат до загадување и смрт (Римјаните 6:21; 8:13). Затоа мора да се отфрли стариот човек, одлучно и потполно да се соблече, онака како што се соблекува стара, валкана облека.
Нов ‚дух на умот‘
11. Каде мора да започне духовното обновување?
11 Кога некој човек ќе излезе од локва со кал, не само што треба да ги соблече валканите алишта, туку треба темелно да се измие пред да облече нешто ново и чисто. Токму тоа Павле го истакнал како втор чекор кон духовно просветлување: „Треба да бидете обновени во силата која го покренува вашиот ум“ (Ефесјаните 4:23, NW). Како што истакнал претходно во 17. и 18. стих, народите одат „во бескорисноста на нивните умови“, „помрачени во разумот“. Логично е дека обновата мора да започне во умот, центарот на перцепција и разбирање. Како може да се стори тоа? Павле објаснил дека тоа е можно со обновување на силата која го покренува нашиот ум. Која е таа сила?
12. Која е силата која го покренува умот?
12 Дали силата која го двигнува нашиот ум, за која зборувал Павле, е светиот дух? Не. Изразот „силата која го покренува вашиот ум“ буквално гласи „духот на својот ум“. Никаде во Библијата не стои дека Божјиот свет дух му припаѓа на човек или на дел од човекот. Зборот „дух“ првенствено значи „здив“, но во Библијата се употребува и „за да ја означи силата која предизвикува човек да покаже одреден став, склоност или емоција, да преземе одредена постапка или правец“ (Insight on the Scriptures, том 2, стр. 1026). Според тоа, ‚духот на умот‘ е силата која го активира или двигнува нашиот ум, нашата умствена тенденција, односно склоност.
13. Зошто мора да се обновува нашата умствена склоност?
13 Природната тенденција, односно склоност на несовршениот ум е спрема физички, телесни и материјалистички работи (Проповедник 7:20; 1. Коринтјаните 2:14; Колосјаните 1:21; 2:18). Па дури и ако некој ја отфрла старата личност со нејзините лоши обичаи, а не ја променува неговата грешна умствена тенденција, когаш тогаш таа ќе го присили да се врати на она што го напуштил. Зарем тоа не го доживеале многумина кои се обиделе да се откажат, на пример, од пушење, прекумерно пиење или други лоши навики? Ако не се труделе да се обноват во силата која го покренува нивниот ум, скоро било неизбежно повторното враќање во старата состојба. Секоја вистинска трансформација мора да опфаќа темелно преобразување на умот (Римјаните 12:2).
14. Како може да се обновува силата која го двигнува умот?
14 Тогаш, како се обновува таа сила за да го насочи умот во исправната насока? Глаголот „да се биде обновен“ во грчкиот текст стои во сегашно време и изразува трајно дејство. Силата која двигнува може да се обнови со постојано проучување на Божјата Реч на вистината и ако се медитира што тоа значи. Научниците велат дека во нашиот мозок информациите патуваат од еден неурон до друг неурон во вид на кодирани електрични или хемиски сигнали, преминувајќи преку многу врски наречени синапси. „Кога поминува кодираниот сигнал се создава некаква меморија кај нервната синапса, оставајќи го зад себе својот индивидуален отпечаток“, пишува во книгата Мозокот (The Brain). Кога следниот пат ќе помине истиот сигнал, нервните клетки го препознаваат и побрзо реагираат. Со текот на времето, тоа во поединецот создава нов образец на размислување. Додека истрајуваме во земањето на здрави духовни информации, се создава нов мисловен образец и се обновува силата која го двигнува нашиот ум (Филипјаните 4:8).
‚Облечете се во новиот човек‘
15. Во која смисла новата личност е нова?
15 Конечно, Павле вели: „Да се облечете во новиот човек, создаден според Бога во правда и светост во вистината“ (Ефесјаните 4:24). Да, христијанинот облекува нова личност. „Ново“ овде не се однесува на време, туку на квалитет. Односно, не е нов во смисла дека е по последна мода. Тоа е потполно нова, свежа личност „создадена според Божја волја“ (NW). Во Колосјаните 3:10, Павле употребил сличен јазик и рекол дека таа ‚се обновува според образот на својот Создател‘. Како се доаѓа до таа нова личност?
16. Зошто може да се каже дека новата личност е „создадена според Божја волја“?
16 Јехова Бог ја создал првата човечка двојка, Адам и Ева, според Својот лик и сличност. Биле обдарени со морални и духовни особини кои ги издигнувале далеку над животинското творештво (1. Мојсеева 1:26, 27). Иако нивната побуна го втурнала целото човештво во грев и несовршенство, ние, како Адамови потомци, сѐ уште ја имаме способноста да покажуваме морални и духовни особини. Божјата волја е оние луѓе кои покажуваат вера во откупната жртва, да се ослободат од старата личност и да се радуваат на „слободата на славата на Божјите деца“ (Римјаните 6:6; 8:19-21, ДК; Галатјаните 5:1, 24).
17. Зошто праведноста и лојалноста се извонредни карактеристики на новата личност?
17 Вистинската праведност и лојалост се двете особини кои Павле ги издвоил како карактеристични за новата личност. Тоа понатаму нагласува дека новата личност се обновува според ликот на Оној кој ја создал. Во Псалми 144:17 стои: „Праведен е Господ во сите Свои патишта и свет [лојален, NW] во сите Свои дела“. А Откровение 16:5 за Јехова вели: „Праведен си, Господи, Кој си, Кој беше, и Кој си свет [лојален, NW]“. Навистина, праведноста и лојалноста се битни особини ако сакаме да живееме достојно според тоа што сме создадени по Божји лик, одразувајќи ја неговата слава. Да бидеме како Захарија, таткото на Јован Крстител, кој бил поттикнат од светиот дух да го фали Бог затоа што на Својот народ му дозволил ‚без страв да Му служи, во светост [со лојалност, NW] и правда‘ (Лука 1:74, 75).
„И понатаму одете како деца на светлината“
18. Како Павле ни помогнал да ги увидиме обичаите во светот онакви какви што всушност се?
18 Откако во поединости ги разгледавме Павловите зборови во Ефесјаните 4:17-24, имаме многу нешта за кое треба да размислуваме. Во стиховите 17 до 19, Павле ни помага да ги увидиме обичаите на светот какви што навистина се. Оние кои сѐ уште се во светот, кои го одбиваат спознанието за Бог и ги стврднуваат своите срца спрема него, се отсекле од вистинскиот извор на животот. Како резултат на тоа, без вистинска цел или правец, нивните напори се трошат залудно и бесплодно. Тие тонат уште подлабоко во морална и духовна пропаст. Каква жалосна ситуација! И каква силна причина да бидеме одлучни и понатаму да одиме како деца на светлината!
19. Какво охрабрување за крај имаме од Павле за да одиме како деца на светлината?
19 Потоа, во 20. и 21. стих, Павле ја нагласува важноста сериозно да се учи вистината за да не бидеме само поврзани со вистината, туку да живееме според неа, како Исус. На крајот, од 22. до 24. стих, тој нѐ опоменува да ја соблечеме старата личност и да ја облечеме новата — решително и одлучно. Во меѓувреме, мораме постојано да ги упатуваме нашите умствени тенденции во една здрава и духовна насока. Пред сѐ, мораме да бараме помош од Јехова додека и понатаму одиме како деца на светлината. „Оти Бог, Кој некогаш заповеда од темнината да изгрее светлина, Он ги озари срцата наши за да биде познанието на славата Божја во лицето на Исуса Христа светло“ (2. Коринтјаните 4:6).
Дали се сеќаваш?
◻ Како можеме ‚да го учиме Христос‘ денес?
◻ Зошто мора одлучно да се отфрли стариот човек?
◻ Која е силата која го двигнува умот и како таа се обновува?
◻ Кои особини го карактеризираат новиот човек?
[Слика на страница 15]
Исус рекол: „Јас сум патот, вистината и животот“
[Слика на страница 16]
‚Соблечете го стариот човек со неговите дела‘ гнев, лутина, злоба, хулење и срамни зборови (Колосјаните 3:8, 9)
[Слика на страница 17]
„Да се облечете во новиот човек, создаден според Бога во правда и светост во вистината“ (Ефесјаните 4:24)