Бидете со здрави мисли — крајот е близу
„Крајот на сите работи се приближил. Затоа, бидете со здрави мисли и бидете будни во поглед на молитвите“ (1. ПЕТРОВО 4:7, NW).
1. а) Какво разочарување доживеале еден верски водач и неговите следбеници? б) Кои прашања можат да се постават затоа што извесни очекувања не се исполниле?
„ВО ТЕКОТ на вечерашнава завршна молитва ме повика Бог. Рече дека 116.000 лица ќе отидат на небо и дека гробовите на 3,7 милиони мртви верници ќе се отворат кон небото.“ Така рекол еден водач на Мисијата за Идните денови, во предвечерјето на 28. октомври 1992, нивниот проречен суден ден. Меѓутоа, кога дојде 29. октомври ниедно лице не отиде на небо и ниеден гроб на мртвите не беше отворен. Наместо да бидат брзо однесени во небесна екстаза, за тие лица од Кореа кои веруваат во страшен суд, 29. октомври беше ден како и сите други. Роковите за страшниот суд дојдоа и поминаа, но оние кои го навестуваа судниот ден не се обесхрабрија. Што треба да прават христијаните? Дали треба да престанат да веруваат дека крајот брзо се приближува?
2. Кој им зборувал на апостолите за иден суден ден, и под какви околности тие го научиле тоа?
2 За да одговориме на тоа, да се сетиме на приликата кога Исус водел приватен разговор со своите ученици. Таму, во областа на Цезареја Филипова, североисточно од Галилејското Море, со величествената планина Хермон која пружала живописна позадина, слушнале како отворено им вели дека ќе биде убиен (Матеј 16:21). Требало да уследат и други отрезнувачки зборови. Откако им објаснува дека да се биде ученик значи да се води живот на постојана самопожртвуваност, Исус предупредил: „Синот Човечки ќе дојде во славата на својот Отец, со ангелите Свои, и тогаш ќе му даде на секој според делата негови“ (Матеј 16:27). Исус говорел за едно идно доаѓање. Но, во таа прилика тој ќе биде Судија. Тогаш, сѐ ќе зависи од тоа дали тој ќе го затекне лицето како верно го следи него или не. Исусовото судење ќе се темели на однесувањето, без оглед на тоа колку многу световни добра тоа лице би можело да има или нема. Овој факт неговите ученици морале да го имаат цврсто на ум (Матеј 16:25, 26). Затоа, самиот Исус Христос е оној кој им кажува на своите следбеници да го очекуваат неговото славно доаѓање, со неговата пресуда.
3. Како Исус ја прикажал сигурноста на неговото идно доаѓање?
3 Она што Исус понатаму го вели ја покажува сигурноста на неговото идно доаѓање. Тој авторитетно изјавува: „Вистина ви велам: тука стојат некои, што нема да вкусат смрт дури не Го видат Синот Човечки како оди [доаѓа, NW] во царството Свое“ (Матеј 16:28). Овие зборови се исполниле по шест дена. Брилијантна визија на преображениот Исус ги восхитува неговите присни ученици. Тие навистина го гледаат Исусовото лице како светли како сонце, а неговата облека е сјајно бела. Преображението било претслика на Христовата слава и Царство. Колку зајакнувачка потврда на пророштвата за Царството! Колку силен потстрек за учениците да бидат здрави во мислите! (1. Петрово 1:16-19).
Зошто е итно да се биде со здрави мисли
4. Зошто христијаните мораат да бидат духовно будни за неговото доаѓање?
4 По неполна година го наоѓаме Исус како седи на Маслинската Гора, пак во приватен разговор со своите ученици. Додека тие се загледани во градот Ерусалим, тој објаснува каков ќе биде знакот на неговата идна присутност и потоа предупредува: „Па така, бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Господ“. Неговите следбеници мораат постојано да бидат будни зашто времето на неговото доаѓање е непознато. Тие мораат секогаш да бидат подготвени за тоа (Матеј 24:42).
5. Како може да се илустрира потребата од будност?
5 По начинот на неговото доаѓање, Господ е налик на крадец. Понатаму тој вели: „Знајте го и тоа, дека, ако домаќинот на куќата би знаел во кој час ќе дојде крадецот, тој би стоел буден и не би позволил да му ја поткопаат куќата“ (Матеј 24:43). Крадецот не се најавува за да го извести домаќинот кога ќе дојде; неговото главно оружје е изненадувањето. Затоа, домаќинот мора постојано да биде на штрек. Меѓутоа, за верниот христијанин неуморната будност не е само поради некаква страшлива загриженост. Наместо тоа, таа е мотивирана од желното очекување на Христовото доаѓање во слава за да воведе Милениум на мир.
6. Зошто мораме да имаме здрави мисли?
6 И покрај сето бдеење, никој нема никогаш однапред да го пресметува точниот ден кога тој треба да дојде. Исус вели: „Затоа и вие бидете готови, зашто во кој час и не мислите, ќе дојде Синот Човечки“ (Матеј 24:44). Оттука и потребата да се биде здрав во мислите. Кога некој христијанин би помислил дека на одреден ден Христос нема да дојде, можеби токму тој ден тој би дошол! Се разбира, добронамерните, верни христијани од минатото искрено се обидувале да претскажат кога би дошол крајот. Сепак, секогаш одново се покажувало точно Исусовото предупредување: „За тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни, [ниту Синот, NW] а само Мојот Отец“ (Матеј 24:36).
7. Како мораме да го водиме својот живот за да бидеме Христови следбеници?
7 Тогаш, што би требало да заклучиме? Тоа дека за да бидеме Христови следбеници, мора да живееме така што секогаш ќе веруваме дека крајот на овој зол систем е близу.
8. Што било обележје на христијаните од најрани денови на христијанството?
8 Таквиот став секогаш бил обележје на христијаните, како што признаваат световните историчари и библичари. На пример, издавачите на The Translator’s New Testament, под зборот „Ден“ во нивниот речник наведуваат: „Христијаните од времето на Н[овиот] З[авет] живееле во исчекување на Денот (т. е. времето) кога на сегашниот свет со сето негово зло и безбожност ќе му биде ставен крај и дека Исус ќе се врати на Земјата за да му суди на сето човештво, да воведе нова ера на мир и да започне неговото Господарство над целиот свет“. Encyclopædia Britannica забележува: „Единствената глобална експанзија на христијанството е директно поврзана со христијанското очекување на времето на крајот, во вид на претстојно очекување на Христовото враќање. Христијанското очекување на времето на крајот никогаш не се состоело само од пасивно копнеење по доаѓањето на Божјето Царство“.
Што значи да се биде со здрави мисли
9. Зошто Петар можел да остане уверен, иако некои негови очекувања околу Месијата биле неисправни?
9 Околу 30 години после оние присни разговори на Исус со своите најблиски ученици, апостолот Петар не се уморил чекајќи да дојде крајот. И покрај тоа што неговите, како и очекувањата на неговите соученици што ги имале на почетокот во врска со Месијата, биле неисправни, тој останал уверен дека Јеховината љубов и моќ гарантираат дека ќе се оствари нивната надеж (Лука 19:11; 24:21; Дела на св. апостоли 1:6; 2. Петрово 3:9, 10). Тој изразува една мисла која доследно се појавува низ Грчките списи, кога вели: „Крајот на сите работи се приближил“. Потоа ги поттикнува сохристијаните: „Затоа, бидете со здрави мисли, и бидете будни во поглед на молитвите“ (1. Петрово 4:7, NW).
10. а) Што значи да се биде со здрави мисли? б) Што е вклучено во тоа да се гледаат работите во нивниот исправен однос спрема Божјата волја?
10 Да се биде со „здрави мисли“ не значи да се биде паметен од световна гледна точка. Јехова вели: „Ќе ја погубам мудроста на мудрите и ќе го отфрлам разумот на разумните“ (1. Коринтјаните 1:19). Зборот што го употребува Петар може да значи „трезвен“. Оваа духовна трезвеност е поврзана со нашето обожавање. Затоа, ако сме непоколебливи во мислите, работите ќе ги гледаме во нивниот исправен однос спрема Јеховината волја; ќе разбираме кои работи се важни, а кои не (Матеј 6:33, 34). Иако крајот е блиску, ние не сме поведени од избезумениот начин на живот; ниту сме рамнодушни спрема временскиот период во којшто живееме. (Спореди Матеј 24:37-39.) Наместо тоа, управувани сме од умереност и рамнотежа во мислите, во расположението и во однесувањето кое најпрво се изразува спрема Бог („будни во поглед на молитвите“), а потоа спрема нашиот ближен („имајте усрдна љубов еден кон друг“) (1. Петрово 4:7, 8, NW).
11. а) Што значи да се биде ‚обновен во силата која го покренува [нашиот] ум‘? б) Како новата умствена сила ни помага да донесуваме добри одлуки?
11 Да се биде со здрави мисли вклучува да ‚бидеме обновени во силата која го покренува [нашиот] ум‘ (Ефесјаните 4:23, NW). Зошто да се обновиме? Затоа што имаме наследена несовршеност и живееме во грешна околина, со нашиот ум доминира тенденција која е спротивна на духовноста. Таа сила постојано ги тера мислите и склоностите во материјалистички, себичен правец. Затоа, кога некој ќе стане христијанин, му треба нова сила, или доминантен умствен став кој ги тера неговите мисли во исправниот правец, во духовен правец, кон готовност за самопожртвуваност. Така, кога ќе се појави некаков избор, на пример во образованието, кариера, вработување, забава, рекреација, начин на облекување или било што друго, неговата прва склоност ќе биде да ја разгледа работата од духовна, а не од телесна, себична гледна точка. Тој нов умствен став му олеснува за работите да одлучува со здрави мисли и со свесност дека крајот е близу.
12. Како можеме да останеме „здрави во верата“?
12 Кон тоа да се биде со здрави мисли спаѓа да бидеме со добро духовно здравје. Како можеме да останеме „здрави во верата“? (Тит 2:2). Мораме да ги храниме нашите мисли со исправен вид на храна (Јеремија 3:15, NW). Постојаната исхрана со Божјата Реч на вистината, поддржана со делувањето на неговиот свет дух, ќе ни помогне да ја задржиме духовната рамнотежа. Затоа, битна е редовноста во личната студија, како и службата на проповедање, молитвата и христијанското друштво.
Како нѐ чуваат здравите мисли
13. Како здравите мисли нѐ чуваат да не правиме будалести грешки?
13 Здравите мисли можат да нѐ чуваат од тоа да не направиме некоја будалеста грешка која би можела да нѐ чини вечен живот. Како е можно тоа? Апостолот Павле зборува за ‚законот на умот‘. За едно лице кое е здраво во верата, тој закон на умот е управуван од нешто во кое тој ужива, имено од „законот Божји“. Вистина, „гревовниот закон“ се бори против законот на умот. Меѓутоа, со Јеховина помош христијанинот може да победи (Римјаните 7:21-25).
14, 15. а) Кои две влијанија се борат за да овладеат со умот? б) Како можеме да ја добиеме битката на умот?
14 Павле продолжува така што прави остра разлика помеѓу умот со кој доминира грешното тело, кое е сосредоточено на живот на самопопустливост, и умот со кој доминира Божјиот дух, кој е сосредоточен на живот на самопожртвуваност во службата за Јехова. Во Римјаните 8:5-7 Павле пишува: „Оние, кои живеат по тело, мислат за телесното, а кои живеат по Дух — за духовното. Телесното мудрување е смрт, а духовното мудрување — живот и мир; бидејќи телесното мудрување е непријателство против Бога; на законот Божји тоа не му се покорува, ниту, пак, може“.
15 Потоа, во 11. стих, Павле објаснува како умот кој соработува со светиот дух, ја добива битката: „Но ако Духот на Оној, Кој го воскресна од мртвите Исуса, живее во вас, тоа Оној, Кој Го воскресна Христа од мртвите, ќе ги оживотвори и вашите смртни тела преку Својот Дух, Кој живее во вас“.
16. Од какви заведувања нѐ чуваат здравите мисли?
16 Затоа, ако сме здрави во мислите, нема да бидеме заведени од секаде присутните мамки на овој свет кој се карактеризира со неизмерна самопопустливост во сите видови задоволства, материјални работи и лошо однесување во сексуален поглед. Нашите здрави мисли ќе ни кажат да ‚бегаме од блудство‘ и да ги избегнеме неговите катастрофални последици (1. Коринтјаните 6:18). Нашиот здрав умствен став ќе нѐ поттикне интересите на Божјето Царство да ги ставиме на прво место и ќе го чува нашето размислување кога сме искушувани со понуди на световна кариера која може да го ослабне нашиот однос со Јехова.
17. Како една сестра пионерка покажала дека има здрави мисли кога се соочила со финансиски обврски?
17 На пример, во една тропска земја во Југоисточна Азија живее една млада сестра која на прво место во својот ум ги имала интересите на Царството. Негувала љубов кон полновремената служба. Во таа земја повеќето работни места изискуваат да се работи шест или седум дена по осум часа. Откако дипломирала на универзитетот, татко ѝ, кој не е Јеховин сведок, очекувал таа да заработува многу пари за семејството. Но бидејќи таа имала силна желба да биде пионерка, нашла работа со скратено работно време и започнала со пионерската служба. Тоа го налутило татко ѝ кој се заканил дека ќе ѝ ги исфрли работите на улица. Поради коцкање бил во тешки долгови и очекувал ќерка му да ги плати неговите долгови. Нејзиниот помлад брат студирал на универзитет, и поради долговите немало пари да се плати неговата школарина. Помладиот брат ветил дека ако таа му помогне, тој ќе се грижи за семејството кога ќе најде работа. Срцето ѝ било поделено меѓу нејзината љубов кон брат ѝ и љубовта кон пионерската служба. Откако грижливо ја разгледала работата, решила да продолжи со пионерската служба и да бара друга работа. Како одговор на нејзините молитви, нашла добра работа каде што можела не само финансиски да му помогне на семејството и на брата си туку и да продолжи со својата прва љубов, пионерската служба.
Барај Јеховина помош за да одржиш здрави мисли
18. а) Зошто некои луѓе може да се чувствуваат обесхрабрени? б) Кои стихови можат да ги утешат оние кои се обесхрабрени?
18 На некои Исусови следбеници можеби им е тешко своите мисли да ги одржат здрави. Нивната стрпливост можеби ослабнала затоа што сегашниот зол систем на ствари трае подолго отколку што тие очекувале. Можеби се чувствуваат обесхрабрени поради тоа. Меѓутоа, крајот ќе дојде. Јехова го ветува тоа (Тит 1:2). А исто така и неговиот ветен земски Рај. Тоа го гарантира Јехова (Откровение 21:1-5). Кога ќе дојде новиот свет, ќе постои „дрво на животот“ за сите оние кои своите мисли ги одржале здрави (Соломонови изреки 13:12).
19. Како може да се задржат здрави мисли?
19 Како можеме да задржиме здрави мисли? Барај Јеховина помош (Псалми 53:4). Остани блиску до него. Колку се радуваме што Јехова посакува да бидеме присни со него! „Приближете се кон Бога, и Он ќе се приближи кон вас“, пишува ученикот Јаков (Јаков 4:8). Павле вели: „Радувајте се секогаш во Господа, и пак ќе речам: радувајте се! Кротоста ваша нека им биде позната на сите луѓе! Господ е близу! За ништо не грижете се, туку во сѐ преку молитва и молба со благодарност изјавувајте ги пред Бога своите барања, и мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во [преку, NW] Исуса Христа“ (Филипјаните 4:4-7). Ако ти се чини дека товарите на овој систем на ствари кој е на умирачка се преголеми за да се носат, фрли ги на Јехова, и тој самиот ќе те потпре (Псалми 55:22, Даничиќ-Караџиќ).
20. Во која насока треба да продолжиме, според 1. Тимотеј 4:10?
20 Да, крајот е блиску, затоа, имај здрави мисли! Тоа бил добар совет пред 1.900 години; тоа е животоважен совет и денес. Да продолжиме да ги користиме нашите здрави умствени способности на фалба на Јехова додека тој и понатаму сигурно нѐ води кон неговиот нов свет (1. Тимотеј 4:10).
Како би одговорил?
◻ Што се тоа здрави мисли?
◻ Зошто е толку итно да се биде здрав во мислите?
◻ Како можеме да бидеме обновени во силата која го покренува нашиот ум?
◻ Каква постојана битка мораме да водиме во нашите мисли?
◻ Како можеме да задржиме здрави мисли?
[Слика на страница 15]
Ако му се приближиме на Бог во молитва, тоа ќе ни помогне да задржиме здрави мисли
[Слика на страница 17]
Ако сме здрави во мислите, нема да нѐ измамат заведувањата на овој свет