Што е потребно за да бидеш среќен?
ПОЛИТИЧАРИТЕ кои народот ги избира се трудат тој народ да го направат среќен. На крајот на краиштата, нивната работа и зависи од тоа. Но, едно новинско списание зборува за „разочарувачка и отуѓена изборна политика“ во Полска. Еден новинар објаснува дека Соединетите Држави се општество „исполнето со недоверба кон формалната политика“. Еден друг писател, пак зборува за „растечка политичка апатија во Франција“. Ваквата апатија и незадоволство кои се шират — и секако не се однесува само на овие три држави — укажуваат дека политичарите не успеваат во нивните настојувања да ги направат луѓето среќни.
Религиозните водачи исто така ветуваат среќа, ако не на овој, барем на оној свет. Тоа го засноваат на претпоставката дека луѓето имаат бесмртна душа, односно душа која се сели — идеја која многу луѓе од различни причини ја отфрлаат, а Библијата јасно ја побива. Празните цркви како и нивните регистри во кои бројот на членовите се смалува, покажуваат дека милиони повеќе не ја сметаат религијата како важна за среќата. (Спореди 1. Мојсеева 2:7, 17; Језекиил 18:4, 20.)
Незадоволни љубители на среброто
Ако не во политиката или религијата, тогаш каде може да се пронајде среќата? Можеби во комерцијалниот свет? Тој исто така тврди дека е во состојба да ни пружи среќа. Таквите тврдења за себе ги покажува преку рекламниот медиум, преку кој отворено изјавува: Ќе бидеш среќен кога ќе ги имаш сите материјални добра и услуги кои можат да се купат со пари.
Изгледа дека расте бројот на луѓето кои бараат среќа на ваков начин. Пред повеќе години беше известено дека во Германија секое второ домаќинство било во сериозни долгови. Тогаш, не е за изненадување што угледниот германски весник Die Zeit претскажал дека „повеќето од нив никогаш нема ни да излезат од долговите“. Тој објаснува: „Толку е лесно да се пречекори банковната сметка која банките постојано ја нудат — а толку е тешко да се излезе од стапицата на презадолженост“.
Ситуацијата во останатите високо индустријализирани нации е слична. Пред неколку години, Давид Капловиц, социолог на Њујоршкиот универзитет, пресметал дека во Соединетите Држави меѓу 20 и 25 милиони домаќинства биле во дебели долгови. „Луѓето се пренатрупани со долгови“, рекол тој, „и тоа им ги уништува животите“.
Ова едвај да личи на среќа! Но дали треба да очекуваме комерцијалниот свет да биде во состојба да го постигне она што другите два (политичкиот и религиозниот) очигледно не можат? Богатиот цар Соломон некогаш запишал: „Кој го љуби среброто, со сребро нема да се насити, и кој сака богатство, тој нема да има корист од тоа. И тоа е суета!“ (Проповедник 5:10).
Да се бара среќата во материјалните ствари е како да се градат кули од песок. Можеби е возбудливо кога се градат, но проблемот настанува кога ќе се обидеме да живееме во нив.
Среќата е достижна, но како?
Апостолот Павле го нарекува Јехова „блажениот [среќниот, NW] Бог“ (1. Тимотеј 1:11). Со тоа што луѓето ги создал според својот сопствен лик, среќниот Бог исто така и на нив им ја дал способноста да бидат среќни (1. Мојсеева 1:26). Но, нивната среќа требало да зависи од тоа дали ќе му служат на Бог, како што покажал псалмистот: „Блажен [среќен, NW] е оној народ, на кого Господ [Јехова, NW] му е Бог!“ (Псалми 143:15б). За подобро да разбереме што е вклучено во нашата служба за Бог и како тоа што нему му служиме нѐ води до вистинската среќа, да ги разгледаме неколкуте од 110-те места во New World Translation of the Holy Scriptures (Нов свет превод на Светите Писма) каде што се појавуваат зборовите „среќен“ и „среќа“.
Да се препознаат духовните потреби
Исус Христос, Божјиот Син, во својата позната Проповед на Гората, рекол: „Среќни се оние кои се свесни за своите духовни потреби“ (Матеј 5:3, NW). Комерцијалниот свет се обидува да нѐ наведе да размислуваме дека купувањето на луксузни работи е доволно за среќа. Тој ни вели дека среќата е во тоа да имате домашен компјутер, видео камера, телефон, автомобил, најнова спортска опрема или модерна облека. Она што тој не ни го вели е тоа дека десетици милиони луѓе во светот ги немаат овие работи, а сепак поради тоа не се безусловно несреќни. Ваквите ствари можеби го прават животот поудобен или попрактичен, но не се најважни за среќата.
Како и Павле, оние кои се свесни за своите духовни потреби изјавуваат: „Но кога имаме храна и облекло, со тоа да бидеме задоволни“ (1. Тимотеј 6:8). Зошто? Затоа што задоволувањето на духовните потреби е тоа што води во вечен живот (Јован 17:3).
Дали е неисправно да уживаме во добрите нешта доколку имаме пари да ги купиме? Веројатно не. Сепак, нашата духовност се зајакнува ако научиме да не му попуштаме на секој каприц, односно да купуваме нешто само затоа што тоа можеме да си го дозволиме. На тој начин се учиме да бидеме задоволни и да ја сочуваме среќата, како што сторил и Исус, иако неговата економска состојба не била идеална според световните мерила (Матеј 8:20). А Павле не рекол дека е несреќен кога напишал: „Бидејќи се научив да се задоволувам со она што го имам. Знам да живеам и во скудност, знам да живеам и во изобилство; научен сум на сѐ и секако, и сит да бидам, и глад да трпам, и во изобилие да сум, и во немање“ (Филипјаните 4:11, 12).
Да се има доверба во Јехова
Свесноста за сопствените духовни потреби покажува спремност да се има доверба во Бог. Тоа е она што придонесува за среќата, како што и цар Соломон објаснил: „Кој се надева на Господа, блажен [среќен, NW] е“ (Соломонови изреки 16:20).
Меѓутоа, зарем не е вистина дека повеќето луѓе имаат поголема доверба во парите и средствата, отколку во Бог? Вака гледано, веројатно не постои понеприкладно место за истакнување на мотото „се надеваме во Бог“ отколку што се тоа парите, иако вакво нешто се наоѓа на валутата на Соединетите Држави.
Цар Соломон, на кого ништо не му недостасувало од добрите нешта кои можат да се купат со пари, сфатил дека довербата во материјалните работи не води до трајна среќа (Проповедник 5:11-14). Парите во банка можат да се изгубат поради банкрот или инфлација. Неподвижниот имот може да биде уништен од јаки бури. Полисите за осигурување можат донекаде да ги повратат материјалните губитоци, но никогаш не можат да ги надоместат емоционалните. Акциите и мениците можат преку ноќ да станат безвредни поради ненадеен пад на берзата. Дури и едно добро платено работно место може — од кои и да е причини — денес да го има, а утре веќе не.
Од овие причини, оној кој има доверба во Јехова ја уочува мудроста да го слуша Исусовото предупредување: „Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и ’рѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат; но собирајте си богатства на небото, каде што ни молец, ниту ’рѓа ги јаде, и каде што крадци не ги поткопуваат, ниту крадат“ (Матеј 6:19, 20).
Какво поголемо чувство на сигурност и среќа може да постои отколку кога се знае дека сме положиле доверба во Семоќниот Бог, кој секогаш дава? (Псалми 93:14; Евреите 13:5, 6).
Да се прифати божествен укор
Советот, па дури и укорот е добредојден од вистинскиот пријател кога се дава во дух на љубов. Божемниот пријател на Божјиот слуга Јов, кој самиот себе си се сметал за праведен, еднаш му рекол: „Блажен е оној човек кого Бог го вразумува“. Иако изјавата е вистинита, она што Елифаз го мислел со овие зборови — тоа дека Јов бил виновен за сериозен престап — сепак не било вистина. Каков ‚немил утешител‘! Меѓутоа, кога Јехова подоцна го укорил Јов на начин полн со љубов, Јов понизно го прифатил укорот и со тоа се поставил себе си во состојба да е уште посреќен (Јов 5:17; 16:2; 42:6, 10-17).
Денес Бог не им зборува директно на своите слуги, како што му зборувал на Јов. Сепак, тој ги укорува преку својата Реч и неговата организација водена од неговиот дух. Меѓутоа, христијаните кои тежнеат по материјалистички интереси, често немаат ниту време, ниту сила, ниту склоност редовно да ја студираат Библијата и да ги посетуваат сите состаноци кои ги овозможува Јеховината организација.
Човекот кого го укорува Бог според Соломонови изреки 3:11-18, ја сфаќа мудроста на прифаќањето на таквиот укор: „Блажен е човекот, кој се здобил со мудрост, и човек, што спечалил разум; подобро е да ја добиеме неа, отколку ризници со сребро и злато; таа е поскапа и од скапоцени камења; ништо, па и сѐ што ти е мило, не може да се спореди со неа. Во десницата нејзина е долгоденствието, а во левицата ѝ е богатството и честа; Патиштата нејзини се пријатни патишта, и сите патеки нејзини се — спокојни. Таа е дрво на животот за оние, што ја придобиваат, и блажени се, кои ја запазуваат“.
Да се биде чист и мирољубив
Исус ги опишал среќните луѓе како такви кои се ‚чисти по срце‘ и ‚миротворци‘ (Матеј 5:8, 9). Но во свет кој нѐ поттикнува на материјалистички начин на живот, колку само е лесно себични, па дури и расипани желби да фатат корени во нашите срца! Доколку не нѐ води божествена мудрост, многу лесно можеме да бидеме заведени да бараме финансиска благосостојба на сомнителен начин, што ќе ги разори нашите мирољубиви односи со другите! Библијата нѐ предупредува, и тоа не без причина: „Коренот на сите зла е среброљубието, на кое што некои, откако му се предадоа, се отклонија од верата и си навлекоа многу маки“ (1. Тимотеј 6:10).
Љубовта кон парите унапредува егоистичко гледиште кое создава незадоволство, неблагодарност и алчност. За да спречат да се развие ваквиот неисправен дух, некои христијани пред да донесат важни финансиски одлуки си поставуваат вакви прашања: Дали тоа навистина ми треба? Дали овие скапи работи или добро платено работно место, кое ми одзема многу време, ми се потребни повеќе отколку на милиони други луѓе кои мораат да живеат и без сето тоа? Дали би можел своите пари или време да ги потрошам повеќе во проширување на уделот во вистинското обожавање, во поддржување на делото на проповедање ширум светот или да им помагам на луѓе кои се помалку среќни од мене?
Да се покаже издржливост
Една од неволјите која Јов бил принуден да ја издржи била и економската загуба (Јов 1:14-17). Како што покажува неговиот пример, потребна е издржливост во секој аспект од животот. Некои христијани мораат да трпат прогонства; други искушение; некои пак, не баш најдобра економска состојба. Но издржливоста од секаков вид ќе биде наградена од Јехова, како што христијанскиот ученик Јаков пишувал во својот осврт за Јов: „Ете, блажени се оние што претрпеа“ (Јаков 5:11).
Запоставувањето на духовните интереси со намера да ја подобриме нашата економска состојба може да донесе привремено економско олеснување, но, дали тоа ќе ни помогне да ја зачуваме светла нашата визија за трајното економско олеснување под Божјето Царство? Дали е потребен таквиот ризик? (2. Коринтјаните 4:18).
Да се пронајде среќа сега и во цела вечност
Некои луѓе очигледно го оспоруваат Јеховиното гледиште за тоа што е потребно за луѓето да бидат среќни. Превидувајќи ги поважните долгорочни користи, тие не гледаат никаква непосредна лична корист ако го извршуваат она што го советува Бог. Тие не можат да сфатат дека довербата во материјалните работи е безвредна и води до разочарување. Библискиот писател сосем на место прашува: „Се зголемува ли имотот — се зголемуваат и потребите негови; и каква корист за сопственикот негов: зар само да гледа со очите свои?“ (Проповедник 5:10; види и Проповедник 2:4-11; 7:12). Колку бргу го снемува интересот и работите за кои сме сметале дека сме морале да ги имаме завршиле на полица и станале нешто што ни одзема простор и што само собира прав!
Еден вистински христијанин нема никогаш да дозволи да биде под притисок „да го има она што го има и комшијата“. Тој знае дека вистинската вредност не се мери според тоа што некој има, туку каков е тој. Во неговите мисли не постои сомневање за тоа што е потребно за некој да биде среќен — навистина среќен: да се радува на добриот однос со Јехова и да биде вработен во Неговата служба.
[Слика на страница 20]
Материјалните работи сами по себе не можат никогаш да донесат трајна среќа
[Слика на страница 22]
Библијата вели: „Среќни се оние кои се свесни за своите духовни потреби“