Единството меѓу христијаните го слави Бог
‚Вистински трудете се да го одржите единството на духот‘ (ЕФ. 4:3)
1. Како христијаните што живееле во Ефес во првиот век му оддавале слава на Бог?
ЕДИНСТВОТО што постоело меѓу христијаните во древниот Ефес му носело слава на вистинскиот Бог, Јехова. Во тој напреден трговски град, некои христијани очигледно биле богати сопственици кои имале робови, а други самите служеле како робови и веројатно биле многу сиромашни (Еф. 6:5, 9). Меѓу тие христијани имало Евреи, кои ја дознале вистината кога Павле три месеци проповедал во нивната синагога, како и други кои порано ја обожавале Артемида и се занимавале со магија (Дела 19:8, 19, 26). Сето ова јасно покажува дека вистинското христијанство придонело да се обединат луѓе со најразлично потекло. Павле бил свесен дека со единството во собранието му се оддавало слава на Јехова. Тој напишал: „Нему нека му е слава преку собранието“ (Еф. 3:21).
2. Каква опасност му се заканувала на единството меѓу христијаните во Ефес?
2 Меѓутоа, на единството во собранието во Ефес му се заканувала опасност. Павле ги предупредил тие старешини: „Меѓу вас самите ќе се појават луѓе кои ќе изнесуваат искривени учења за да ги повлечат по себе учениците“ (Дела 20:30). Освен тоа, некои браќа немале во целост расчистено со разединувачкиот дух за кој Павле напишал дека „дејствува во непослушните синови“ (Еф. 2:2; 4:22).
Писмо што го нагласува единството
3, 4. Како Павле го нагласува единството во своето писмо до Ефешаните?
3 На Павле му било јасно дека, за да можат да продолжат складно да соработуваат, сите христијани мора вистински да се трудат да го зачуваат единството во собранието. Во едно свое писмо до Ефешаните — воден од Божјиот дух — тој зборувал многу за единството. На пример, напишал дека Бог има намера „повторно да се состави сѐ во Христос“ (Еф. 1:10). Исто така, ги споредил помазаните христијани со одделните камења од кои е направена една градба, и напишал: „Целата градба е складно поврзана и расте во свет храм на Јехова“ (Еф. 2:20, 21). Освен тоа, Павле го нагласил единството меѓу еврејските и нееврејските христијани, и ги потсетил браќата дека сите имаат ист Творец. Тој рекол дека Јехова е „Таткото, кому секое семејство на небото и на земјата му го должи своето име“ (Еф. 3:5, 6, 14, 15).
4 Да го разгледаме 4. поглавје од Ефешаните и да видиме зошто треба да се напрегаме за да го зачуваме единството, како Јехова ни помага да бидеме обединети и кои ставови ќе ни помогнат да го зачуваме нашето единство. Зошто не го прочиташ целото поглавје за да извлечеш уште поголема корист од ова проучување?
Зошто треба многу да се трудиме за да го зачуваме единството
5. Зошто можат Божјите ангели да служат во единство, но зошто е потешко ние да го зачуваме единството?
5 Павле ги молел своите браќа во Ефес ‚да се трудат да го одржат единството на духот‘ (Еф. 4:3). За да сфатиме зошто треба да се напрегаме во овој поглед, да ги земеме за пример Божјите ангели. Бидејќи нема две живи суштества на Земјата што се исти во сѐ, разумно е да заклучиме дека Јехова ги создал и своите милиони ангели како уникатни суштества (Дан. 7:10). Сепак, тие можат да му служат на Јехова во единство бидејќи сите го слушаат и ја вршат неговата волја. (Прочитај Псалм 103:20, 21.) Но, за разлика од ангелите, кои имаат само различни особини, христијаните имаат и различни слабости. Поради тоа за нас е уште поголем предизвик да го зачуваме единството.
6. Кој став ќе ни помогне да соработуваме со браќата кои имаат поинакви слабости од нашите?
6 Кога несовршени луѓе се трудат да соработуваат, лесно доаѓа до несогласувања. На пример, што ако еден кроток брат, кој често доцни, му служи на Јехова со друг брат кој е точен, но лесно може да избувне? Секој од нив би можел да си мисли дека однесувањето на другиот не е во ред, но притоа да заборави дека, всушност, и самиот прави пропуст. Како би можеле двајца такви браќа да служат заедно во единство? Забележи како може да им помогне ставот на кој повикува Павле со своите следни зборови. Потоа размисли како можеме ние да помогнеме да се зачува единството ако имаме таков став. Павле напишал: „Сесрдно ве молам да одите достојно... со сета понизност и благост, со долготрпеливост, поднесувајќи се еден со друг со љубов, вистински трудејќи се да го одржите единството на духот, во мирот кој ве поврзува“ (Еф. 4:1-3, фус.).
7. Зошто е неопходно да се трудиме да служиме во единство со други несовршени христијани?
7 Неопходно е да научиме да му служиме на Бог во единство со други несовршени луѓе бидејќи има само едно тело од вистински Божји слуги. „Едно е телото и еден е духот — како што е и една надежта на која сте повикани — еден Господар, една вера, едно крштавање, еден Бог и Татко на сите“ (Еф. 4:4-6). Јеховиниот дух и неговите благослови почиваат на една организација од браќа што Тој ја користи. Дури и ако некој во собранието нѐ лути или нервира, каде би можеле да одиме? Нема друго место каде што можеме да ги слушаме зборовите на вечниот живот (Јован 6:68).
‚Луѓето како дарови‘ придонесуваат за единството
8. Што користи Христос за да нѐ зајакне да се бориме против разединувачките влијанија?
8 Павле навел еден познат обичај што постоел меѓу војниците во старо време за да покаже на кој начин Исус дал „луѓе како дарови“ за да се зачува единството во собранието. Еден војник што ќе победел во битка можел да донесе дома заробен непријател за да му служи како роб и да ѝ помага на жена му во домашните работи (Пс. 68:1, 12, 18). На сличен начин, кога Исус го победил светот, мнозина спремно му се понудиле како робови. (Прочитај Ефешаните 4:7, 8.) Како тој ги употребил тие симболични робови? Павле ни го дава одговорот: „Даде некои да бидат апостоли, некои да бидат пророци, некои да бидат проповедници на добрата вест, некои да бидат пастири и учители, со цел да се насочуваат светите, за да служат и да го изградуваат Христовото тело, додека сите ние не постигнеме единство во верата“ (Еф. 4:11-13).
9. а) На кој начин ‚луѓето како дарови‘ ни помагаат да го зачуваме единството? б) Зошто секој член на собранието треба да придонесува за единството?
9 Во улога на грижливи пастири, овие „луѓе како дарови“ ни помагаат да го зачуваме единството. На пример, ако некој собраниски старешина забележи дека двајца браќа ‚се натпреваруваат еден со друг‘, тој може многу да го зајакне единството во собранието ако им даде личен совет за да ‚ги исправи во дух на благост‘ (Гал. 5:26 — 6:1). Во улога на учители, овие „луѓе како дарови“ ни помагаат да изградиме цврста вера на темел на библиските учења. На тој начин придонесуваат за единството и ни помагаат да созреваме како христијани. Павле напишал дека го прават ова „за повеќе да не бидеме мали деца кои се како фрлани од бранови и како да ги носи ваму-таму секој ветар на учењето, бидејќи ги слушаат луѓето кои се служат со измама и кои лукаво ги доведуваат во заблуда“ (Еф. 4:13, 14). Всушност, секој христијанин треба да придонесе да служиме обединето како браќа, исто како што секој дел од нашето тело ги изградува другите помагајќи им да го добијат она што им треба. (Прочитај Ефешаните 4:15, 16.)
Изгради нови ставови
10. Во кој поглед неморалното однесување претставува закана за нашето единство?
10 Дали забележа од 4. поглавје од писмото на Павле до Ефешаните дека покажувањето љубов е клуч да постигнеме единство како зрели христијани? Како следно, тој објаснува како да покажуваме таква љубов. Едно е јасно — патот на љубовта исклучува секаков блуд и бесрамни дела. Павле ги поттикнал своите браќа ‚повеќе да не живеат како што живеат незнабошците‘, кои „изгубиле секакво чувство за тоа што е чесно“, и „се предале на бесрамни дела“ (Еф. 4:17-19). Неморалниот свет во кој живееме претставува закана за нашето единство. Луѓето прават вицови за блуд, пеат за него, го гледаат за да се забавуваат и го вршат или тајно или без да се кријат. Сепак, дури и флертувањето — со кое би можел да покажеш дека сексуално те привлекува некој со кој немаш намера да стапиш во брак — може да те оддалечи од Јехова и од собранието. Зошто? Бидејќи многу лесно води до блуд. Освен тоа, кога се работи за некој што веќе е во брак, флертувањето може да доведе до прељуба и немилосрдно да ги оттргне децата од родителите и невините сопружници од брачните другари. Флертот навистина може да предизвика раздор! Павле со добра причина напишал: „Тоа не е во склад со она што го научивте за Христос“ (Еф. 4:20, 21).
11. Според Библијата, каква промена се поттикнати да направат христијаните?
11 Павле нагласил дека треба да ги отфрлиме ставовите што нѐ разединуваат и наместо тоа да градиме ставови што ќе ни помогнат да живееме во слога со другите. Тој рекол: „Треба да ја соблечете старата личност, обликувана според вашиот поранешен начин на живот, која ја расипуваат нејзините измамливи желби, а да се обновувате во силата што го задвижува вашиот ум и да ја облечете новата личност, која е создадена по Божја волја во вистинска праведност и верност“ (Еф. 4:22-24). Како можеме ‚да се обновиме во силата што го задвижува нашиот ум‘? Ако со благодарност размислуваме за она што го учиме од Божјата Реч и од добриот пример на зрелите христијани, и ако се напрегаме, ќе можеме да ја облечеме новата личност „која е создадена по Божја волја“.
Учи да зборуваш на друг начин
12. Како можеме да го зачуваме единството ако ја зборуваме вистината, и зошто за некои тоа не е лесно?
12 Оние што си припаѓаат едни на други затоа што се дел од едно семејство или собрание мора да ја зборуваат вистината. Отворениот, искрен и љубезен говор ги зближува луѓето (Јован 15:15). Но, што ако некој го лаже својот брат? Кога братот ќе го увиди тоа, ќе ја изгуби довербата во него. Затоа, сосема е разбирливо што Павле напишал: „Зборувајте ја вистината секој на својот ближен, бидејќи сме делови на телото кои си припаѓаат едни на други“ (Еф. 4:25). Но, на некој што има обичај да лаже, можеби уште од дете, веројатно нема да му е лесно да почне да ја зборува вистината. Сепак, Јехова ќе го цени неговиот труд во тој правец и ќе му помогне.
13. Како може некој да престане да користи навредлив говор?
13 Јехова нѐ учи да покажуваме почит и да го градиме единството во собранието и во семејството со тоа што дава строги ограничувања во поглед на нашиот говор. „Никаков лош збор да не излегува од вашата уста... Нека се отстрани од вас сета злобна горчина и лутина и гнев и викање и навредлив говор заедно со сета злоба“ (Еф. 4:29, 31). За да не зборуваме навредливо, многу ќе ни помогне тоа што ќе ја продлабочуваме почитта кон другите. На пример, еден маж што зборува навредливо со својата жена треба да се труди да го смени својот став кон неа, особено кога гледа како Јехова им оддава чест на жените. Бог дури и помазува некои жени со свет дух, давајќи им можност да владеат како цареви со Христос (Гал. 3:28; 1. Пет. 3:7). И една жена што има навика да му вика на својот маж треба да биде мотивирана да се промени кога гледа како Исус се совладувал кога го навредувале (1. Пет. 2:21-23).
14. Зошто е опасно да се покажува гнев?
14 Во тесна врска со навредливиот говор е пропустот да се контролира гневот. И ова може да ги раздели луѓето што си припаѓаат еден на друг. Гневот е како оган. Лесно може да излезе од контрола и да предизвика несреќа (Изр. 29:22). Оној што има право да го изрази своето незадоволство мора внимателно да го контролира својот гнев за да не ги наруши скапоцените односи со другите. Христијаните треба да се трудат да простуваат наместо да држат лутина и секогаш одново да ставаат сол на раната спомнувајќи ја грешката на другиот (Пс. 37:8; 103:8, 9; Изр. 17:9). Павле ги советувал Ефешаните: „Ако се гневите, немојте да грешите. Сонцето да не зајде, а вие сѐ уште да чувствувате лутина. И не давајте му можност на Ѓаволот да дејствува“ (Еф. 4:26, 27). Ако не си го контролираме гневот, ќе му дадеме можност на Ѓаволот да посее неединство, па дури и раздор во собранието.
15. Што може да се случи ако земеме нешто туѓо?
15 Ќе го зачуваме единството во собранието и ако покажеме почит кон туѓата сопственост. Во Библијата читаме: „Кој крадел, повеќе да не краде“ (Еф. 4:28). Кај Јеховиниот народ постои меѓусебна доверба. Ако некој христијанин ја злоупотреби таа доверба така што ќе земе нешто туѓо, ќе го наруши нашето единство и среќа.
Љубовта кон Бог нѐ обединува
16. Како можеме да го зајакнуваме нашето единство со изградувачки говор?
16 Единството во христијанското собрание е резултат на тоа што сите постапуваат со љубов кон другите затоа што го сакаат Бог. Благодарноста за Јеховината доброта нѐ поттикнува искрено да се трудиме да го послушаме следниов совет: „Од вашата уста [нека излегува] само оној [збор] што е добар, за да ги изградува другите според потребата и да им биде од корист на оние што го слушаат. А бидете милостиви еден спрема друг, имајте сомилост, спремно простувајќи си еден на друг како што и Бог преку Христос спремно ви прости вам“ (Еф. 4:29, 32). Јехова милостиво им простува на несовршени луѓе како што сме ние. Тогаш, зарем не треба и ние да им простуваме на другите кога ги гледаме нивните несовршености?
17. Зошто треба искрено да се трудиме да го зачуваме единството?
17 Единството на Божјиот народ го велича Јехова. Неговиот дух нѐ поттикнува на разни начини да го зајакнуваме тоа единство. Сигурно не би сакале да му се спротивставиме на водството на духот. Павле напишал: „Не жалостете го Божјиот свет дух“ (Еф. 4:30). Единството е богатство кое вреди да се заштити. Им носи радост на сите што го поседуваат и му носи слава на Јехова. „Затоа, угледајте се на Бог, како негови љубени деца, и живејте во љубов“ (Еф. 5:1, 2).
Како би одговорил?
• Кои ставови помагаат да се зачува единството меѓу христијаните?
• Како можеме да го зачуваме единството во собранието со нашите постапки?
• Како нашиот говор ни помага да соработуваме со другите?
[Слика на страница 17]
Обединети се луѓе од најразлично потекло
[Слика на страница 18]
Свесен ли си колку е опасно флертувањето?