Да се задржи доблест во свет исполнет со пороци
„Правете сѐ без ропот и двоумење, за да бидете прави и чисти, непорочни чеда Божји среде лош и расипан род“ (ФИЛИПЈАНИТЕ 2:14, 15).
1, 2. Зошто Бог барал истребување на Хананејците?
ЈЕХОВИНИТЕ заповеди не оставале место за компромис. Израелците само што не влегле во Ветената земја, кога пророкот Мојсеј им кажал: „Предај ги на заклетва [на уништување, НС]: Хетејците, Аморејците, Хананејците, Ферезејците, Јевусејците и Гергесејците, како што ти беше заповедал Господ, твојот Бог“ (5. Мојсеева 7:2; 20:17).
2 Поради тоа што Јехова е милостив Бог, зошто барал истребување на хананејските жители? (2. Мојсеева 34:6). Една причина била ‚за Хананејците да не го научат Израел да ги прави сите гнасотии, какви што им правеле тие на своите богови и така да згреши пред Господ Бог‘ (5. Мојсеева 20:18). Мојсеј исто така рекол: „Поради беззаконијата на тие народи Господ, твојот Бог, ги изгони од пред тебе“ (5. Мојсеева 9:5). Хананејците биле самото олицетворение на порокот. Нивното обожавање се одликувало со сексуална расипаност и идолопоклонство (2. Мојсеева 23:24; 34:12, 13; 4. Мојсеева 33:52; 5. Мојсеева 7:5). Инцестот, содомијата и бестијалноста биле „делата на земјата Хананска“ (3. Мојсеева 18:3—25). Невини деца биле свирепо жртвувани на лажни богови (5. Мојсеева 18:9—12). Не е ни чудо што самото постоење на овие нации Јехова го сметал за закана за физичката, моралната и духовната благосостојба на својот народ! (2. Мојсеева 34:14—16).
3. До што довело тоа што Израелците не ги спровеле во потполност Божјите наредби во врска со хананејските жители?
3 Поради тоа што Божјите наредби не биле потполно спроведени, многу жители на Ханан го преживеале израелското освојување на Ветената земја (Судии 1:19—21). Со текот на времето, било почувствувано подмолното влијание од Хананејците, па можело да се рече: „Тие [Израелците] ги презреа наредбите Негови и заветот Негов, што Он го беше склучил со татковците нивни, и откровенијата Негови, со кои им беше посведочил, па тргнаа по суетата — и — како и околните народи, за кои Господ им беше заповедал да не постапуваат како нив“ (4. Царства 17:15). Да, низ годините, многу Израелци ги практикувале токму оние пороци коишто го навеле Бог да нареди истребување на Хананејците — идолопоклонство, сексуални ексцеси, па дури и жртвување на деца! (Судии 10:6; 4. Царства 17:17; Јеремија 13:27).
4, 5. а) Што се случило со неверните Израел и Јуда? б) Каква опомена е дадена во Филипјаните 2:14, 15, и кои прашања се покренуваат?
4 Затоа, пророкот Осија изјавил: „Чујте го словото Господово, синови Израилеви; зашто Господ ќе им суди на жителите од оваа земја, оти нема ни вистина, ни милосрдие, ниту знаење за Бога на земјата. Клетва и измама, убиства, кражби и прељубодејства многу се распространија, и крвта со крв се измешува. Затоа таа земја ќе се расплаче, и ќе се истоштат сите, што живеат на неа, заедно со полските животни и птиците небески; дури и рибите во морето ќе загинат“ (Осија 4:1—3). Во 740 пр. н. е., расипаното северно царство Израел било поразено од Асирија. Отприлика после еден век, неверното јужно царство Јуда било освоено од Вавилон.
5 Овие настани илустрираат колку може да биде опасно да си дозволиме да бидеме обземени од порокот. Бог ја презира неправедноста и нема да ја толерира меѓу својот народ (1. Петрово 1:14—16). Вистина е дека живееме во „сегашниов зол систем на ствари“, во свет кој станува сѐ порасипан (Галатјаните 1:4, НС; 2. Тимотеј 3:13). Сепак, Божјата Реч ги опоменува сите христијани да продолжат да дејствуваат на еден таков начин што ќе бидат ‚прави и чисти, непорочни чеда Божји среде лош и расипан род, во кој [тие] светат како светила во светот‘ (Филипјаните 2:14, 15). Но, како можеме да задржиме доблест во еден свет исполнет со порок? Дали навистина е можно да се стори тоа?
Римскиот свет исполнет со порок
6. Зошто христијаните од првиот век се соочиле со еден предизвик во задржувањето доблест?
6 Христијаните од првиот век се соочувале со предизвикот да задржат доблест поради тоа што порокот го исполнувал секој аспект на римското општество. Во врска со своите современици, римскиот филозоф Сенека рекол: „Мажите се борат во едно моќно ривалство на злоба. Секој ден, желбата за злодела е сѐ поголема, стравот од нив сѐ помал“. Римското општество тој го споредил со „една заедница од диви ѕверови“. Затоа, не е никакво изненадување тоа што, заради забава, Римјаните тежнееле по садистички гладијаторски натпревари и развратни театарски претстави.
7. Како Павле ги опишал пороците што биле вообичаени меѓу мнозина во првиот век н. е.?
7 Можеби апостол Павле го имал на ум декадентното однесување на луѓето од првиот век, кога напишал: „Бог ги предаде на срамни страсти: жените нивни природните потреби ги заменија со противприродни; и мажите исто така; оставајќи го природното зближување со женскиот пол, се распалија со желби еден кон друг, и вршеа срамни работи мажи со мажи, добивајќи отплата каква што одговараше на нивната заблуда“ (Римјаните 1:26, 27). Решено да се стреми кон нечисти телесни желби, римското општество било преплавено со порок.
8. На кој начин децата често биле искористувани во грчкото и во римското општество?
8 Историјата не разјаснува колку многу преовладувала хомосексуалноста меѓу Римјаните. Сепак, несомнено, тие биле под влијание на своите грчки претходници, меѓу кои била широко практикувана. Било вообичаено постарите мажи да ги расипуваат младите момчиња, земајќи ги под своја закрила во односот ученик-наставник, кој честопати ги насочувал младите во настрано сексуално однесување. Несомнено, зад таквиот порок и малтретирање на децата стоеле Сатана и неговите демони (Јоил 3:3; Јуда 6, 7).
9, 10. а) На кој начин стиховите од 1. Коринтјаните 6:9, 10 го осудиле порокот од разни видови? б) Какво било минатото на некои во коринтското собрание, и каква промена се случила во нивниот случај?
9 Пишувајќи под божествена инспирација, на христијаните во Коринт Павле им кажал: „Или не знаете дека неправедниците нема да го наследат царството Божјо? Не лажете се: ни блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубодејците, ниту ракоблудците, ни мажеложниците, ниту крадците, ни користољупците, ни пијаниците, ниту хулниците, ни грабачите нема да го наследат царството Божјо. А такви беа и некои од вас; туку се измивте, се осветивте, се оправдавте во името на нашиот Господ Исус Христос преку Духот на нашиот Бог“ (1. Коринтјаните 6:9—11).
10 На тој начин, Павловото инспирирано писмо го осудило неморалот, велејќи дека ‚блудниците нема да го наследат царството Божјо‘. Меѓутоа, откако наброил извесен број пороци, Павле рекол: „Такви беа и некои од вас; туку се измивте“. Со Божја помош, било можно престапниците да станат чисти во негови очи.
11. Како поминале христијаните од првиот век во злобната околина од своето време?
11 Да, христијанската доблест успевала дури и во светот од првиот век, кој бил исполнет со порок. Верниците биле ‚преобразени преку својот обновен ум‘ (Римјаните 12:2). Тие го отфрлиле ‚своето поранешно живеење‘ и ‚се обновиле со духот на својот ум‘. На тој начин, побегнале од пороците на светот и ‚се облекле во новиот човек, создаден според Бога во правда и светост во вистината‘ (Ефесјаните 4:22—24).
Денешниот свет исполнет со порок
12. Каква промена дошла врз светот од 1914 наваму?
12 А како е во нашево време? Светот во кој живееме е преполн со пороци од кога и да е порано. Особено од 1914 па наваму, имало еден глобален морален пад (2. Тимотеј 3:1—5). Отфрлајќи ги традиционалните идеи за доблест, моралност, чест и етика, мнозина станале себични во своето размислување и „преминале секакво морално чувство“ (Ефесјаните 4:19, НС). Списанието Newsweek рекло: „Живееме во ера на морален релативизам“, додавајќи дека преовладувачката морална клима „сите идеи за исправно и погрешно ги свела на ствари од личен вкус, емоционално претпочитање или, пак, културен избор“.
13. а) На кој начин голем дел од денешната забава го унапредува порокот? б) Каков лош ефект може неисправната забава да има врз поединците?
13 Како и во првиот век, декадентната забава денес е вообичаена. Телевизијата, радиото, играните и видеофилмовите емитираат една постојана река од сексуално ориентиран материјал. Порокот ги инфилтрирал дури и компјутерските мрежи. Според една универзитетска студија, компјутерската порнографија сега претставува „една од најголемите (ако не и најголемата) рекреативни употреби од страна на корисниците на компјутерските мрежи“. Кои се последиците од сево ова? Еден новински колумнист вели: „Кога крвта, сакатењето и валканиот секс ја потопуваат нашата популарна култура, ние се навикнуваме на крв, сакатење и на валкан секс. Стануваме сѐ позатапени. Расипаноста станува сѐ повеќе и повеќе поднослива затоа што сѐ помалку и помалку нѐ згрозува“. (Спореди 1. Тимотеј 4:1, 2.)
14, 15. Каков доказ постои дека сексуалниот морал доживеал пад ширум светот?
14 Разгледај го следниов извештај во The New York Times: „Она што пред 25 години би било сметано за скандалозно, сега станало прифатлив облик на живеење. Бројот на двојките кои избираат да живеат во див брак наместо да се венчаат, [во Соединетите Држави] помеѓу 1980 и 1991 пораснал за 80 отсто“. Тоа не е само северноамерикански феномен. Списанието Asiaweek известува: „Во земјите ширум [Азија] беснее една културна дебата. Спорното прашање е сексуална слобода наспроти традиционалните вредности, додека притисоците за промена постојано растат“. Статистиките покажуваат едно сѐ поголемо прифаќање на прељубата и предбрачниот секс во многу земји.
15 Библијата прорекла дека сатанската активност ќе биде интензивна во нашево време (Откровение 12:12). Затоа, не треба да нѐ изненади тоа што порокот е алармантно преовладувачки. На пример, сексуалното искористување на децата достигнало епидемиски размери.a Фондот за деца при Обединетите нации известува дека „комерцијалното искористување на децата им нанесува штета на децата практично во секоја земја во светот“. Секоја година „се известува дека над 1 милион деца ширум светот се присилувани на детска проституција, препродавани и продавани заради сексуални цели и користени во продукцијата на детска порнографија. Хомосексуалноста исто така е вообичаена, при што некои политичари и верски водачи го преземаат водството во нејзиното унапредување како „алтернативен начин на живот“.
Отфрлање на светските пороци
16. Каков став заземаат Јеховините сведоци во поглед на сексуалниот морал?
16 Јеховините сведоци не им се придружуваат на оние кои поддржуваат попустливи мерила за сексуален морал. Тит 2:11, 12 вели: „Се јави Божјата благодат, спасителна за сите луѓе, учејќи нѐ да ги отфрлиме нечесноста и похотите од овој свет, чесно, праведно и побожно да поживееме во овој век“. Да, ние негуваме вистинска омраза, гадење спрема таквите пороци како што се предбрачниот секс, прељубата и хомосексуалните постапкиb (Римјаните 12:9; Ефесјаните 5:3—5). Павле ја дал следнава опомена: „Да отстапи од неправдата секој, што го произнесува името Господово!“ (2. Тимотеј 2:19).
17. Како гледаат вистинските христијани на употребата на алкохолни пијалаци?
17 Вистинските христијани го отфрлаат светското гледиште за навидум незначителните пороци. На пример, многу луѓе денес на злоупотребата на алкохол гледаат со кисел потсмев. Но, Јеховиниот народ внимава на советот од Ефесјаните 5:18: „Не опивајте се со вино, од кое произлегува блуд, но исполнувајте се со Дух“. Ако еден христијанин избере да пие, тоа го прави умерено (Изреки 23:29—32).
18. На кој начин библиските начела ги водат Јеховините слуги во нивното постапување спрема членовите на семејството?
18 Како Јеховини слуги, го отфрламе и гледиштето на некои од светот дека дерењето и викањето на својот брачен другар и на децата или карањето со навредливи зборови, е прифатливо однесување. Одлучни да се стремат кон доблесен правец, христијанските сопрузи и сопруги работат заедно на применувањето на Павловиот совет: „Секое огорчение и јарост, гнев, викање и хулење нека бидат подалеку од вас заедно со секоја друга злоба; а еден спрема друг бидете добри, сочувствителни, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости во Христа“ (Ефесјаните 4:31, 32).
19. Колку преовладува порокот во деловниот свет?
19 Нечесноста, измамата, лажењето, бескрупулозните деловни тактики и крадењето денес исто така се вообичаени. Една статија во деловното списание CFO известува: „Една анкета меѓу 4.000 работници . . . утврди дека 31 отсто од испитаниците биле очевидци на ‚сериозно лошо однесување‘ во текот на минатата година“. Таквото лошо однесување вклучувало лажење, фалсификување извештаи, сексуално шиканирање и кражба. За да останеме морално чисти во Јеховини очи, мораме да го избегнуваме таквото однесување и да бидеме чесни во своите финансиски постапки (Михеј 6:10, 11).
20. Зошто христијаните треба да бидат слободни од „среброљубието“?
20 Размисли за она што му се случило на еден човек кој си замислувал дека ќе има повеќе време за Божјата служба ако брзо спечали во една финансиска авантура. Вовлекол и други во една инвестициона шема со тоа што ги преувеличувал нивните потенцијални добивки. Кога тие не се оствариле, станал толку очаен да ги покрие огромните загуби кои настанале, што украл пари кои му биле доверени. Поради своите постапки и непокајничкиот став, бил исклучен од христијанското собрание. Навистина е вистинито библиското предупредување дека „оние, што сакаат да се збогатуваат, паѓаат во искушение, во примки и во многу неразумни и штетни желби, што го потопуваат човекот во пропаст и погибел, зашто коренот на сите зла е среброљубието, на кое што некои, откако му се предадоа, се отклонија од верата и си навлекоа многу маки“ (1. Тимотеј 6:9, 10).
21. Какво однесување е вообичаено меѓу луѓето на власт во светот, но како треба да се однесуваат оние кои се на одговорни положаи во христијанското собрание?
21 На световните луѓе кои имаат власт и влијание честопати им недостига доблест и со тоа ја покажуваат вистинитоста на максимата: ‚Моќта расипува‘ (Проповедник 8:9). Во некои земји, митото и другите облици на корупција се начин на живот меѓу судиите, полицајците и политичарите. Меѓутоа, оние кои го преземаат водството во христијанското собрание, мораат да бидат доблесни и не смеат да владеат над другите (Лука 22:25, 26). Старешините, како и слугите помошници, не служат „од љубов за нечесна добивка“. Тие мораат да бидат имуни на секој обид нивното просудување да биде расипано или под влијание на изгледот за лично збогатување (1. Петрово 5:2; 2. Мојсеева 23:8; 1. Тимотеј 5:21).
22. За што ќе зборува следната статија?
22 Општо земено, христијаните успешно се спротивставуваат на денешниот предизвик да задржат доблест во нашиов свет исполнет со порок. Сепак, доблеста вклучува повеќе отколку само да се избегнува злобата. Следнава статија ќе зборува за тоа што навистина е потребно за да се негува доблест.
[Фусноти]
a Види ја серијата „Заштитете ги Вашите деца!“ што се појави во Разбудете се! од јануари—март 1994.
b Оние кои во минатото се впуштале во хомосексуални постапки, можат да направат промени во своето однесување, исто како што сториле некои во првиот век (1. Коринтјаните 6:11). Корисни информации беа изнесени во Разбудете се! од 22 март 1995, стр. 21—23 (хрв.).
Точки за повторување
◻ Зошто Јехова наредил истребување на Хананејците?
◻ Какви пороци биле вообичаени во првиот век, и како поминале христијаните во една таква околина?
◻ Каков доказ постои дека од 1914 наваму, светот бил очевидец на еден глобален морален пад?
◻ Кои вообичаени пороци мора да ги отфрли Јеховиниот народ?
[Слика на страница 9]
Христијаните од првиот век биле доблесни иако живееле во свет исполнет со порок
[Слика на страница 10]
Порокот ги инфилтрирал дури и компјутерските мрежи, давајќи им на мнозина млади, како и на други, пристап до порнографски материјал
[Слика на страница 12]
Христијаните мораат да задржат доблест и да не ги имитираат нечесните тактики на другите