Да се покажува ”секаков вид на доброта“
”Плодот на светлината се состои од секаков вид на доброта“ (ЕФЕСЈАНИТЕ 5:9, NW).
1, 2. Кои две групи постоеле од старо време, и колку се различни нивните ситуации денес?
ПОСЛЕ побуната во Еден, пред околу шест илјади години, и повторно по Потопот во времето на Ное, човештвото се поделило на две групи или организации. Една ја сочинувале оние кои настојувале да му служат на Јехова, а другата оние кои го следеле Сатана. Дали тие организации сѐ уште постојат? Сосем сигурно! Пророкот Исаија ги споменал тие две групи и ја претскажал нивната состојба во нашето време: ”Ете, темнина ќе ја покрие земјата, и мрак — народите; а над тебе ќе засветли Господ [Јехова, NW], и славата Негова ќе се јави над тебе“ (Книга пророк Исаија 60:1, 2).
2 Да, разликата помеѓу тие две организации е толку голема како темнината и светлината. И како што зракот светлина го привлекува човекот кој е загубен во темнина, така и светлината од Јехова која свети во овој мрачен свет, привлекла во Божјата организација милиони кои се со праведно срце. Како што Исаија продолжува и вели: ”Народите [другите овци] сигурно ќе одат кон твојата светлина и царевите [помазаните наследници на Царството] кон сјајот на твојата светлост“ (Исаија 60:3, NW).
3. На кој начин христијаните ја покажуваат Јеховината слава?
3 Како Јеховиниот народ ја покажува Јеховината слава? Како прво, тие ја проповедаат добрата вест за Божјето воспоставено, небесно Царство (Марко 13:10). Но, повеќе од тоа, тие го имитираат Јехова, најдобриот пример на доброта, и така со своето однесување ги привлекуваат кротките кон светлината (Ефесјаните 5:1). Павле рекол: ”Зашто некогаш бевте темнина, но сега сте светлина поврзани со Господ. Чекорете и понатаму како деца на светлината.“ Тој продолжил: ”Плодот на светлината се состои од секаков вид на доброта и праведност и вистина. И понатаму осигурувајте се во она што е прифатливо за Господ; и престанете да учествувате со нив во бесплодните дела кои припаѓаат на темнината“ (Ефесјаните 5:8-11, NW). На што мислел Павле со ”секаков вид на доброта“?
4. Што е доброта, и како таа доаѓа до израз кај еден христијанин?
4 Како што покажа нашата претходна статија, добротата е особина или состојба на морална извонредност, доблест. Исус рекол дека само Јехова е апсолутно добар (Марко 10:18). Меѓутоа, еден христијанин може да го имитира Јехова ако развива доброта како плод на духот (Галатјаните 5:22). Коментирајќи го грчкиот збор за ”добро“, агатос, речникот Vine’s Expository Dictionary of Old and New Testament Words вели: ”[Тој] опишува нешто кое по својот карактер или природа, е корисно по резултатите кои ги донесува.“ Христијанинот кој развива доброта на тој начин ќе биде добар и ќе прави добро. (Спореди 5. Мојсеева 12:28) Тој исто така ќе ги избегнува работите кои се спротивставуваат на добротата, ”бесплодните дела кои припаѓаат на темнината“. Различните начини на кои еден христијанин може да покажува доброта во своето однесување се ’видовите на доброта‘ кои ги споменал Павле. Кои се некои од нив?
”Прави добро“
5. Кој е еден вид на доброта, и зошто христијанинот би требало да го развива?
5 Павле укажал на еден вид доброта во своето писмо до Римјаните. Зборувајќи за подложноста спрема ”вишите власти“, тој рекол: ”Сакаш ли да не мораш да се плашиш од власта, прави добро и од нејзина страна ќе имаш фалба!“ ’Доброто‘ на кое тој укажува е послушноста на законите и подготовките од светските власти. Зошто христијанинот би требало да им биде подложен? За да избегне непотребен судир со властите, ризикувајќи да биде казнет и — што е уште поважно — да сочува чиста совест пред Бог (Римјаните 13:1-7, Ст). Додека на прво место ја одржува својата послушност спрема Јехова, христијанинот ’го почитува царот‘, така што не се буни против властите на кои Јехова Бог им дозволува да постојат (1. Петрово 2:13-17). На тој начин христијаните се добри соседи, добри граѓани и добри примери.
Обѕирност спрема другите
6. (а) Кое е натамошно обележје на добротата? (б) Кои се тие што се споменати во Библијата кои ја заслужуваат нашата обѕирност?
6 Јеховината доброта се покажала со тоа што на сите жители на Земјата им дава ”дождови од небото и плодоносни времиња“. Тоа доведува до ’исполнетост со храна и веселост‘ и покажува дека тој навистина е обѕирен Бог (Дела 14:17). Можеме да го имитираме во тој поглед ако покажуваме обѕирност спрема другите во малите и големите работи. Спрема кого посебно? Павле посебно укажал на старешините, ”оние кои напорно работат меѓу вас и кои го преземаат водството меѓу вас во Господ и ве опоменуват“. Тој ги поттикнува христијаните да им покажуваат ”повеќе од посебно внимание во љубов поради нивната работа“ (1. Солунјаните 5:12, 13, NW). Како можеме да го правиме тоа? Ако потполно соработуваме со нив — на пример, ако учествуваме во некоја неопходна работа во Царската сала. Иако секогаш се чувствуваме слободни да им пристапиме на старешините за помош кога ни е потребна, не би требало претерано да бараме од нив. Наместо тоа, да се обидеме на каков и да е начин да им го олесниме товарот на овие пастири кои напорно работат, од кои многумина покрај собраниските должности имаат и семејни обврски.
7. На кои начини можеме да покажеме обѕирност спрема постарите?
7 Остарените исто така ја заслужуваат нашата обѕирност. Посебна заповед од Мозаитскиот Закон била: ”Пред седа коса треба да станеш, и мораш да покажуваш обѕирност спрема личноста на стар човек, и мораш да се плашиш од својот Бог. Јас сум Јехова“ (3. Мојсеева 19:32, NW). Како може да се покаже таква обѕирност? Би било добро помладите самите да се јават да им помогнат при купувањето или во некоја друга куќна работа. Старешините можат обѕирно да проверат дали на некои од постарите им треба помош да присуствуваат на состаноците. На конгресите, младите кои се живи и нетрпеливи во настојувањето да поминат, ќе избегнуваат да се судруваат со постарите кои се движат бавно, и ќе бидат стрпливи ако некој постар е бавен при зафаќањето место или кога зема храна.
8. Како можеме да покажеме обѕирност спрема уште една достојна група која е означена во Библијата?
8 Псалмистот споменува уште една група на која ѝ е потребна обѕирност: ”Среќен е оној кој постапува обѕирно спрема понизниот“ (Псалми 41:1, NW). Можеби е лесно да се биде обѕирен спрема истакнатите или богатите, но како е со скромните или сиромашните? Библискиот писател Јаков укажал дека покажувањето на подеднаква обѕирност спрема таквите е испит на нашата праведност и христијанска љубов. Нека го положиме тој испит така што ќе бидеме внимателни спрема сите без оглед на нивните околности (Филипјаните 2:3, 4; Јаков 2:2-4, 8, 9).
”Бидете милосрдни“
9, 10. Зошто христијаните треба да бидат милосрдни, и како може да се покаже тој вид на доброта?
9 Друг вид на доброта може да се види од некои од Исусовите споредби. Во една од нив Исус говорел за еден Самарјанин кој наишол на човек кој бил ограбен, испретепан и оставен да лежи на патот. Еден Левит и еден свештеник поминале покрај повредениот човек, одбивајќи да му помогнат. Но, Самарјанинот застанал и му пружил помош, и направил повеќе отколку што би можело разумно да се очекува. Приказната често се нарекува Добриот Самарјанин. Каков вид доброта покажал Самарјанинот? Милосрдие. Кога Исус го запрашал својот слушател да одреди кој се покажал како ближен на ранетиот човек, бил даден точниот одговор: ”Оној кој постапи милосрдно спрема него“ (Лука 10:37, NW).
10 Милосрдните христијани го имитираат Јехова, за кого Мојсеј им рекол на Израелците: ”Јахве, Богот твој, е Бог милосрден; нема да те напушти ниту да те упропасти, ниту ќе го заборави Сојузот што го склопил под заклетва со татковците твои“ (Повторен закон [5. Мојсеева] 4:31, Ст). Исус покажал како Божјето милосрдие би требало да влијае на нас: ”Бидете милосрдни како што е милосрден Отецот ваш“ (Лука 6:36, Ст). Како можеме ние да покажеме милосрдие? Како што покажала Исусовата споредба, еден начин е да бидеме спремни да му помогнеме на својот ближен, дури ако тоа вклучува ризик или неугодност. Добриот човек нема да биде рамнодушен спрема страдањето на својот брат ако е во состојба да стори нешто во врска со тоа (Јаков 2:15, 16).
11, 12. Според Исусовата споредба за робовите, што опфаќа милосрдието, и како можеме ние да го покажеме денес?
11 Една друга Исусова споредба покажала дека милосрдната доброта вклучува спремност да им се простува на другите. Тој раскажал за еден роб кој на својот господар му должел десет илјади таланти. Бидејќи не бил во состојба да плати, робот молел за милост, а неговиот господар добродушно му го простил тој огромен долг од 60 000 000 денари. Но, робот си заминал и пронашол друг роб кој му должел само сто денари. Робот на кого му било простено немилосрдно го фрлил должникот в затвор додека не биде во состојба да му плати. Јасно дека немилосрдниот роб не бил добар човек, и кога господарот слушнал што се случило, го повикал на одговорност (Матеј 18:23-35).
12 Ние сме во слична положба во која се наоѓал робот на кого му било простено. Врз основа на Исусовата жртва, Јехова простил огромен долг на грев на наша сметка. Затоа секако треба да бидеме спремни да им простиме на другите. Исус рекол дека треба да бидеме спремни да простиме до ”седумдесетпати по седум“, т.е. неограничено (Матеј 5:7; 6:12, 14, 15; 18:21, 22). Според тоа, милосрдниот христијанин нема да негува чувства на огорченост . Нема да држи лутина или да одбива да разговара со друг христијанин поради несогласување. Таквиот недостаток на милосрдие не е ознака на христијанска доброта.
Дарежлив и гостољубив
13. Што уште вклучува добротата?
13 Добротата се покажува и преку дарежливоста и гостољубивоста. Во една прилика некој младич дошол кај Исус за совет. Тој рекол: ”Учителе, какво добро морам да правам за да постигнам живот вечен?“ Исус му рекол дека треба постојано да ги држи Божјите заповеди. Да, послушноста спрема Јеховините заповеди е едно од обележјата на доброта. Младичот сметал дека веќе го правел тоа колку што можел најдобро. Навистина, на своите соседи тој веќе им изгледал добар човек, но сепак чувствувал дека нешто му недостасува. Затоа Исус му рекол: ”Ако сакаш да бидеш совршен, ајде продај што имаш и дај ги парите на сиромасите, па ќе имаш богатство на небото! Тогаш дојди и следи ме!“ (Матеј 19:16-22, Ст). Младичот си заминал нажален. Бил многу богат. Да го следел Исусовиот совет, би покажал дека не е материјалист. И би направил добро дело на вистинска несебична дарежливост.
14. Кој добар совет го дале и Јехова и Исус во врска со дарежливоста?
14 Јехова ги поттикнувал Израелците да бидат дарежливи. На пример, читаме: ”Дај му радо [на својот сиромашен сосед], а срцето да не ти биде нерасположено кога му даваш, бидејќи поради тоа ќе те благословува Јахве, Богот твој, во секоја твоја работа и во секој потфат на рацете твои“ (Повторен закон [5. Мојсеева] 15:10, Ст; Изреките 11:25). Исус Христос лично поттикнувал на дарежливост: ”Давајте и ќе ви се даде: мерка добра, набиена, натресена и преполнета ќе ви дадат в раце“ (Лука 6:38). Освен тоа, Исус и самиот бил многу дарежлив. Во една прилика одвоил време да се одмори малку. Народот го открил каде е и дошол кај него. Исус великодушно заборавил на одморот и се трошел себеси во корист на мноштвото. Подоцна покажал извонредна гостољубивост кога се погрижил за храна за тоа големо мноштво (Марко 6:30-44).
15. Како Исусовите ученици дале одличен пример во покажувањето на дарежливост?
15 Верни на советот од Јехова и Исус, многу Исусови ученици биле особено дарежливи и гостољубиви. Во првите денови на христијанското собрание, голем број од оние кои дошле да го слават Пентакост во 33 н.е., го слушнале проповедањето на апостолите и станале верници. Кога останале после празникот за да научат повеќе, им се намалиле залихите на храна. Затоа, месните верници го продале својот имот и ги приложиле парите за да ги поддржат своите нови браќа да можат подобро да се утврдат во верата. Колкава дарежливост! (Дела 4:32-35; види и Дела 16:15; Римјаните 15:26).
16. Наведи некои начини на кои можеме денес да бидеме гостољубиви и дарежливи?
16 Денес, дарежливост слична на Христовата доаѓа до израз кога христијаните приложуваат време и пари за своите месни собранија и за светското дело на проповедање. Таа се гледа кога им помагаат на браќата кои страдаат од природни непогоди или војни. Таа се покажува во грижата за покраинскиот надгледник во текот на неговата редовна посета. Или кога ’момчиња без татко‘ (и девојчиња без татко) великодушно се поканети да учествуваат во рекреацијата или во семејната библиска студија со другите христијански семејства, тоа исто така е гостољубивост, израз на христијанска доброта (Псалми 68:5, NW).
Да се зборува вистината
17. Зошто вистинитоста денес претставува предизвик?
17 Кога Павле го опишувал плодот на светлината, ја поврзал добротата со праведност и вистина, и би било исправно да се каже дека вистинитоста е натамошен вид на доброта. Добрите луѓе не зборуваат лаги. Сепак, зборувањето на вистината е посебен предизвик денес кога лажењето толку преовладува. Многу поединци лажат кога го пријавуваат својот доход поради данокот. Вработените лажат за работата што ја вршат. Учениците ги препишуваат задачите на часовите и на испитите. Деловните луѓе лажат кога склучуваат договори. Децата лажат за да не бидат казнети. Злобните озборувачи со лаги го уништуваат угледот на другите.
18. Како гледа Јехова на лажливците?
18 Лажењето му е одвратно на Јехова. Меѓу ’седумте работи‘ кои тој ги мрази се наоѓаат ’лажлив јазик‘ и ”лажен сведок, кој измислува лаги“ (Изреките 6:16-19). ”Сите што лажат“ се вброени меѓу плашливите, убијците и блудниците кои не ќе имаат место во Божјиот нов свет (Откровение 21:8). Понатаму, една изрека вели: ”Кој оди право, се плаши од Господ; а кој е лош на своите патишта, го презира“ (Изреките 14:2, ДК). Лажливецот е нечесен на своите патишта. Затоа, лажливецот дава доказ дека го презира Јехова. Каква ужасна помисла! Секогаш да бидеме спремни да ја зборуваме вистината, дури и ако тоа би нѐ чинело казна или финансиска загуба (Изреките 16:6; Ефесјаните 4:25). Оние кои ја кажуваат вистината го имитираат Јехова, ”Богот на вистината“ (Псалм 31:5, ДК).
Развивај доброта
19. Што понекогаш се забележува во светот, а му служи на чест на Творецот?
19 Тоа се само неколку ’видови‘ на доброта кои христијанинте треба да ги развиваат. Вистина е дека луѓето во светот до извесна мера покажуваат доброта. На пример, некои се гостољубиви, а други се милосрдни. Всушност она што ја направило споредбата за Добриот Самарјанин толку значајна било тоа што Исус зборувал за еден не-Евреин кој покажал милосрдие кога старешините во еврејското собрание не го правеле тоа. Навистина треба да му благодариме на Творецот на човекот што и после шест илјади години на несовршеност такви особини сѐ уште природно се појавуваат кај некои луѓе.
20, 21. (а) Зошто христијанската доброта е поинаква од која и да е доброта што може да се види кај луѓето во светот? (б) Како може христијанинот да ја развива добротата, и зошто треба да бидеме марливи во тоа?
20 Меѓутоа, за христијаните добротата е повеќе отколку само особина која можеби ја поседуваат или не. Тоа е особина која мораат да ја развиваат во сите нејзини облици, бидејќи треба да бидат имитатори на Бог. Како е можно тоа? Библијата ни кажува дека можеме да ја учиме добротата. ’Научи ме за (...) добротата‘, му се молел псалмистот на Бог. Како? Тој продолжил: ”Зашто во твоите заповеди сум покажал вера.“ Тој додал: ”Ти си добар и правиш добро. Поучи ме за твоите одредби“ (Псалми 119:66, 68, NW).
21 Да, ако ги научиме Јеховините заповеди и ако им се покоруваме, ќе развиваме доброта. Секогаш имај на ум дека добротата е плод на духот. Ако го бараме Јеховиниот дух преку молитва, дружење со нашите христијански браќа и проучување на Библијата, тогаш сигурно ќе добиеме помош да ја развиваме таа особина. Освен тоа, добротата е силна. Може дури да го победи злото (Римјаните 12:21). Колку тогаш е важно да им правиме добро на сите, а особено на своите христијански браќа (Галатјаните 6:10). Ако така постапуваме, ќе бидеме меѓу оние кои се радуваат на ’славата и честа и мирот‘ кои се ветени ’секому, кој прави добро‘ (Римјаните 2:6-11, Ст).
Можеш ли да одговориш?
◻ Како можеме да продолжиме да правиме добро спрема вишите власти?
◻ Кој, меѓу другите, ја заслужува нашата обѕирност?
◻ На кои начини се покажува милосрдието?
◻ Кои дела на дарежливост и гостољубивост ги обележуваат денешните христијани?
◻ Како може да се развива добротата?
[Слика на страница 20]
Обѕирноста спрема другите е едно обележје на доброта
[Слика на страница 23]
Како Голем Учител, Исус дарежливо се давал себеси