Како донесуваш одлуки?
Трудете се да разберете што е Јеховината волја (ЕФ. 5:17)
1. Наведи некои библиски закони, и објасни каква корист имаме ако ги слушаме.
ВО СВОЈАТА пишана Реч, Јехова ни дал конкретни закони и заповеди. На пример, тој забранува сексуален неморал, идолопоклонство, крадење и пијанство (1. Кор. 6:9, 10). И Божјиот Син, Исус, им дал јасна заповед на своите следбеници, кога рекол: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав. И еве, јас сум со вас во сите денови до свршетокот на овој поредок“ (Мат. 28:19, 20). Божјите закони навистина се за наше добро! Тие ни помагаат да стекнеме поголема самодоверба, и да имаме подобро здравје и среќен семеен живот. Што е уште поважно, кога ги слушаме заповедите на Јехова, вклучувајќи ја и заповедта да проповедаме, тој многу се радува и нѐ благословува.
2, 3. а) Зошто Библијата не содржи правила за секоја можна ситуација во животот? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија? (Види ја сликата погоре.)
2 Сепак, Библијата не содржи правила за секоја можна ситуација во животот. На пример, во неа нема детални упатства за тоа како да се облекуваме. Ова покажува колку е мудар Јехова. Иако луѓето во разни делови од светот се облекуваат на најразлични начини и модата се менува со текот на времето, библиските совети во врска со облекувањето никогаш не застаруваат. Освен тоа, Божјата Реч не содржи многу правила за изборот на вработување, забава или здравствена нега. На тој начин, поединците и семејните поглавари можат сами да донесуваат одлуки за тие работи.
3 Затоа, кога треба да донесеме важна одлука за некоја работа што ќе влијае врз нашиот живот, а во Библијата нема закон за неа, можеби се прашуваме: „Дали на Јехова му е важно што ќе одлучам? Дали ќе ја одобри секоја одлука со која не прекршувам некој конкретен закон од Библијата? Како можам да знам дека со мојата одлука ќе го израдувам Јехова?“
НАШИТЕ ОДЛУКИ ВЛИЈААТ ВРЗ НАС И ВРЗ ДРУГИТЕ
4, 5. Како можат нашите одлуки да влијаат врз нас и врз другите?
4 Некои мислат дека можат да прават што сакаат. Но, нам ни е важно да му угодиме на Бог. Затоа, пред да донесеме одлука, треба да размислиме што вели Библијата и да ги послушаме советите кои се дадени во неа. На пример, за да го радуваме Јехова, мора да бидеме послушни на неговиот закон за крвта (1. Мој. 9:4; Дела 15:28, 29). И молитвата ќе ни помогне да донесуваме одлуки во склад со библиските начела и закони.
5 Важните одлуките што ги донесуваме можат да имаат силно влијание врз нашиот однос со Бог. Добрите одлуки ќе ни помогнат да станеме уште поблиски со Јехова, а лошите одлуки можат да ни го нарушат пријателството со него. Нашите одлуки можат да влијаат и врз другите луѓе. Ние не би сакале со ништо да ги вознемириме соверниците или да ја ослабнеме нивната вера. Освен тоа, во никој случај не сакаме да го доведеме во опасност мирот и единството во собранието. Затоа е многу важно да донесуваме мудри одлуки. (Прочитај Римјаните 14:19; Галатите 6:7.)
6. Што треба да ни биде најважно кога донесуваме одлуки?
6 Како може да донесеме добри одлуки ако во Библијата нема јасна заповед за некоја ситуација во која се наоѓаме? Наместо да постапиме како што сакаме, мора внимателно да размислиме за нашите околности и да донесеме одлука со која ќе му угодиме на Јехова. Само така може да бидеме сигурни дека тој ќе ја благослови. (Прочитај Псалм 37:5.)
ШТО САКА ЈЕХОВА ДА НАПРАВАМ?
7. Како ќе знаеме што сака Јехова да направиме ако во Библијата нема конкретен закон за одредена ситуација?
7 Од каде ќе знаеме што ќе го радува Јехова? Во Ефешаните 5:17 пишува: „Трудете се да разберете што е Јеховината волја“. Но, како може да знаеме која е Јеховината волја ако во Библијата нема конкретен закон за одредена ситуација? Така што ќе му се молиме и ќе го следиме водството кое ни го дава преку светиот дух.
8. Од каде знаел Исус како Јехова би сакал тој да постапи? Наведи пример.
8 Исус секогаш знаел како Јехова би сакал тој да постапи во дадена ситуација. На пример, во две прилики, кога мноштвата биле гладни, Исус со чудо обезбедил храна за сите (Мат. 14:17-20; 15:34-37). Но, кога тој огладнел во пустината и кога Ѓаволот сакал да го натера да ги претвори камењата во лебови, Исус одбил да го стори тоа. (Прочитај Матеј 4:2-4.) Бидејќи многу добро го познавал својот Татко, му било јасно дека Јехова не сака тој да го употреби светиот дух за своја лична корист. Исус покажал доверба дека Бог ќе му ја даде потребната храна и водство.
9, 10. Што ќе ни помогне да донесуваме мудри одлуки? Наведи пример.
9 Слично на Исус, и ние можеме да носиме добри одлуки ако бараме водство од нашиот небесен Татко. Библијата вели: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум. На сите свои патишта имај го на ум, и тој ќе ги исправи твоите патеки. Не мисли самиот за себе дека си мудар. Бој се од Јехова и бегај од злото“ (Изр. 3:5-7). Ние ќе дознаеме како размислува Бог ако ја проучуваме неговата Реч. Ова ќе ни помогне да сфатиме како тој сака да постапиме во дадена ситуација. Колку повеќе учиме за тоа како размислува Јехова, толку полесно ќе го препознаваме неговото водство и ќе го радуваме со нашите одлуки (Иса. 26:7, 8).
10 Да наведеме еден пример. Додека пазарува, една жена здогледува во излогот убави, но многу скапи чевли. Иако маж ѝ не е со неа, веднаш ѝ е јасно што ќе помисли тој ако ги купи чевлите. Зошто? Таа добро го познава бидејќи се во брак подолго време, и знае како маж ѝ сака да ги трошат малкуте пари што ги имаат. Слично на тоа, кога учиме како размислува Јехова и како постапувал во минатото, ние можеме полесно да разбереме како тој би сакал да постапиме во различни околности.
ШТО ЌЕ ТИ ПОМОГНЕ ДА ОТКРИЕШ КАКО РАЗМИСЛУВА ЈЕХОВА?
11. Кои прашања би можеле да си ги поставиме кога ја читаме или ја проучуваме Библијата? (Види ја рамката „Кога ја проучуваш Божјата Реч, прашај се“.)
11 Што ќе ни помогне да откриеме како размислува Јехова? Најважно е редовно да ја читаме и да ја проучуваме Библијата. Додека го правиме тоа, добро е да се прашаме: „Што учам од ова за Бог? Зошто постапил на таков начин?“ Освен тоа, слично на Давид, треба да го молиме Јехова да ни помогне подобро да го запознаеме. Давид напишал: „Дозволи ми да ги запознаам твоите патишта, о Јехова, научи ме за твоите патеки. Упати ме да одам во твојата вистина и поучи ме, зашто ти си Богот на моето спасение. На тебе се надевам по цел ден“ (Пс. 25:4, 5). Кога ќе научиме нешто за Јехова, добро е да размислиме каде би можеле да ги користиме тие информации. Дали можеби во семејството, на работа, на училиште или во службата? Штом ќе утврдиме каде може да го примениме она што сме го научиле, ќе знаеме и како може да го сториме тоа.
12. Како нашите публикации и состаноци ни помагаат да дознаеме што мисли Јехова за одредени работи?
12 Ќе дознаеме како размислува Јехова и ако обрнуваме внимание на водството што ни го дава неговата организација на темел на Библијата. На пример, со помош на Прирачникот за истражување на нашите публикации, може да разбереме како гледа Јехова на нашата ситуација и каква одлука би сакал да донесеме. Ќе извлечеме корист и од состаноците ако внимателно слушаме и коментираме, и ако размислуваме за она што го учиме. Тоа ќе ни помогне да гледаме на работите како што гледа Бог, и да носиме одлуки што тој ќе ги благослови.
ЗЕМИ ГО ПРЕДВИД БОЖЈЕТО ГЛЕДИШТЕ
13. Како може да донесеме мудри одлуки ако го земеме предвид Јеховиното гледиште? Наведи пример.
13 Да разгледаме еден пример за тоа како може да донесеме мудра одлука ако го земеме предвид Јеховиното гледиште. Можеби сакаш да бидеш пионер. Веќе си направил некои промени во животот за да можеш да поминуваш повеќе време во службата. Сепак, сѐ уште не си сигурен дали навистина ќе бидеш среќен ако имаш помалку во материјален поглед. Се разбира, Божјата Реч не вели дека мора да бидеме пионери. Може верно да му служиме на Бог и како објавители. Од друга страна, Исус рекол дека Јехова ги благословува оние што прават жртви за Царството. (Прочитај Лука 18:29, 30.) Библијата исто така вели дека Бог се радува кога даваме сѐ од себе за да го фалиме, и дека сака да бидеме среќни додека му служиме (Пс. 119:108; 2. Кор. 9:7). Ако се молиме и длабоко размислуваме за овие работи, ќе може да донесеме мудра одлука која нашиот небесен Татко ќе ја благослови.
14. Како можеш да знаеш дали одреден стил на облекување е прифатлив за Јехова?
14 Да разгледаме уште еден пример. Да речеме дека многу ти се допаѓа одреден стил на облекување, но свесен си дека некои во собранието би се вознемириле ако се облекуваш така. Бидејќи во Библијата нема закон кој забранува да носиш таква облека, како можеш да знаеш што мисли Јехова за тоа? Во Божјата Реч е дадено следново начело: „Жените да се облекуваат пристојно, а притоа да бидат скромни и разборити, да не се украсуваат со плетење на косата и со злато или со бисери, или со многу скапа облека, туку со добри дела, како што им прилега на жени кои велат дека го почитуваат Бог“ (1. Тим. 2:9, 10). Се разбира, овој совет важи за сите христијани — и за жените и за мажите. Нам не ни се важни само сопствените желби или вкус, туку ни е важно и како нашиот начин на облекување влијае врз другите. Ако сме скромни и ако ги сакаме, ќе се трудиме да не ги вознемируваме со својот изглед (1. Кор. 10:23, 24; Фил. 3:17). Кога земаме предвид што вели Библијата за оваа работа, ни станува јасно како размислува Јехова, и тоа може да ни помогне да донесеме одлуки со кои ќе го радуваме.
15, 16. а) Како се чувствува Јехова ако постојано размислуваме за неморални работи? б) Што ќе ни помогне да одлучиме каква забава да избереме за да го радуваме Јехова? в) Како треба да ги донесуваме важните одлуки?
15 Библијата открива дека Јехова чувствува голема болка кога луѓето прават нешто лошо или размислуваат за погрешни работи. (Прочитај 1. Мојсеева 6:5, 6.) Овие стихови ни помагаат да заклучиме дека е погрешно да фантазираме за сексуален неморал бидејќи ова може да нѐ води до тешки гревови, кои се забранети во Библијата. Наместо тоа, Јехова сака да размислуваме за она што е чисто и добро. Ученикот Јаков напишал: „Мудроста одозгора пред сѐ е чиста, потоа мирољубива, разумна, спремна да послуша, полна со милосрдие и со добри плодови, непристрасна, нелицемерна“ (Јак. 3:17). Затоа, не смееме да се изложуваме на никаква забава која може да нѐ наведе да си замислуваме или да посакуваме нечисти и лоши работи. Во својата Реч, Јехова јасно ни кажува што сака и што мрази. Ако го знаеме тоа, ќе нема потреба да ги прашуваме другите кои книги да ги читаме, кои филмови да ги гледаме или какви игри да играме.
16 Понекогаш за една работа можат да се донесат неколку различни одлуки кои би биле прифатливи за Јехова. Сепак, кога треба да донесеме многу важна одлука, можеби ќе биде добро да побараме совет од некој старешина или друг искусен соверник (Тит 2:3-5; Јак. 5:13-15). Се разбира, не треба да очекуваме тие да донесат одлука наместо нас. Напротив, треба внимателно да размислиме за она што го знаеме од Библијата, и потоа самите да одлучиме што ќе правиме (Евр. 5:14). Апостол Павле рекол: „Секој ќе го носи својот товар“ (Гал. 6:5). Со други зборови, секој од нас ќе си понесе одговорност за своите одлуки.
17. Како ни користи тоа што донесуваме одлуки со кои го радуваме Јехова?
17 Кога донесуваме одлуки со кои го радуваме Јехова, стануваме уште поблиски со него и го чувствуваме неговиот благослов (Јак. 4:8). Така нашата вера станува уште поцврста. Затоа, да дозволиме да нѐ водат библиските закони и начела, бидејќи тие ни откриваат како размислува Јехова. Се разбира, секогаш ќе можеме да учиме нешто ново за него (Јов 26:14). Сепак, ако вложиме труд, уште сега ќе стекнеме мудрост, знаење и проникливост кои се потребни за да донесуваме добри одлуки (Изр. 2:1-5). Човечките идеи и планови се менуваат, но Јехова никогаш не се менува. Псалмистот рекол: „Одлуките на Јехова остануваат довека, помислите на неговото срце од поколение во поколение“ (Пс. 33:11; Превод Нов свет, ревидирано издание на англиски од 2013). Јасно е дека можеме да донесуваме најдобри одлуки ако нашите мисли и постапки се во склад со размислувањето на нашиот семудар Бог, Јехова.