Дали ќе одговориш на Исусовата љубов?
„Љубовта што ја има Христос, нѐ тера“ (2. КОРИНТЈАНИТЕ 5:14, NW).
1. Како може да се опише Исусовата љубов?
НАВИСТИНА, колку е прекрасна љубовта на Исус! Кога ќе размислиме колку неописливо страдал кога ја дал откупнината, преку која единствено можеме да добиеме бескраен живот, нашите срца сигурно се наведени да го цениме! Јехова Бог и самиот Исус ја презеле иницијативата. Тие прво нѐ љубеле уште додека сме биле грешници (Римјаните 5:6-8; 1. Јованово 4:9-11). Познавањето на „Христовата љубов“, напишал апостол Павле, „надминува секое знаење“ (Ефесјаните 3:19). Всушност, Исусовата љубов се издигнува далеку над академското разумско спознание. Таа надминува сѐ друго што луѓето некогаш го виделе или доживеале.
2. Што не може да го спречи Исус да нѐ љуби?
2 Пишувајќи им на христијаните во Рим, Павле го поставил прашањето: „Кој ќе нѐ одвои од љубовта Христова? Неволја? Тегоба? Прогонство? Глад? Голотија? Погибел? Меч?“ Ниедно од овие не може да го спречи Исус да нѐ љуби. „Сигурен сум“, продолжува Павле, „дека ниту смртта, ниту животот, ниту ангелите, ни поглаварствата, ниту сегашноста, ниту иднината, ни сили, ниту висина, ниту длабочина, ниту кое и да било друго суштество може да нѐ одвои од Божјата љубов, која е во Христос Исус, нашиот Господ“ (Римљанима 8:35-39, Ст).
3. Само што може да предизвика Исус и неговиот Татко да нѐ напуштат?
3 Љубовта на Јехова Бог и Исус Христос кон тебе е толку моќна. Постои само едно нешто што може да ги спречи да те љубат, а тоа е твоето сопствено тврдоглаво одбивање на нивната љубов и неизвршување на она што тие го бараат. Еден Божји пророк еднаш му објаснил на еден јудејски крал: „Господ [Јехова, NW] е со вас, кога сте вие со Него; и ако Го барате, ќе Го најдете; ако, пак, Го оставите, и Он ќе ве остави“ (2. Летописи 15:2). Кој од нас некогаш би сакал да остави такви прекрасни, сочувствителни пријатели како Јехова Бог и неговиот Син, Исус Христос?
Исправен одговор на Исусовата љубов
4, 5. (а) Како Исусовата љубов кон нас треба да влијае на нашите односи спрема другите луѓе? (б) Кого друг треба да бидеме поттикнати да го љубиме поради Исусовата љубов спрема нас?
4 Како тебе лично те погодува Исусовата неограничена љубов спрема тебе? Како би требало да те погодува? Исус покажал како неговото покажување на љубов треба да влијае на нашите односи со другите луѓе. Откако понизно им служел на апостолите така што им ги измил нозете, Исус рекол: „Ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас“. Тој додал: „Нова заповед ви давам, да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг“ (Јован 13:15, 34). Неговите ученици учеле, а и биле поттикнати да настојуваат да постапуваат како што постапувал тој. „Љубовта ја познаваме по тоа“, напишал апостол Јован, „што Он ја положи за нас душата Своја; но и ние сме должни да ги полагаме душите свои за браќата“ (1. Јованово 3:16).
5 Сепак, би ја промашиле целта на Исусовиот живот и служба кога би биле мотивирани од неговиот пример само да ги љубиме и да им служиме на интересите на другите луѓе. Зарем Исусовата љубов спрема нас не би требало да предизвика и ние да го љубиме него, а особено да го љубиме неговиот Татко, кој го поучил сѐ што тој знае? Дали ти ќе одговориш на Христовата љубов и дали ќе му служиш на неговиот Татко како што тој му служел? (Ефесјаните 5:1, 2; 1. Петрово 1:8, 9).
6. Како апостол Павле бил погоден од Исусовата љубов спрема него?
6 Размисли за случајот со Савле, кој подоцна станал познат како Павле. Некогаш тој го прогонувал Исус, „дишејќи уште со застрашувања и убиства против учениците“ (Дела на св. апостоли 9:1-5; Матеј 25:37-40). Кога Павле вистински го запознал Исус, бил толку благодарен што добил простување, што не само што бил спремен да страда заради Исус, туку бил спремен и да умре за него. „Јас сум распнат заедно со Христос“, напишал тој. „Она што живее не сум повеќе јас (...) Всушност, животот што сега го живеам во тело, го живеам со верата спрема Божјиот Син, кој ме љубел и се предаде себеси за мене“ (Галатјаните 2:20, NW).
7. Што треба Исусовата љубов да нѐ тера да правиме?
7 Колку мотивирачка сила во нашиот живот треба да биде љубовта што Исус ја има спрема нас! „Љубовта што ја има Христос, нѐ тера“, им напишал Павле на Коринтјаните, ‚да не живееме повеќе за себе, туку за оној кој умре за нас и кој беше подигнат‘ (2. Коринтјаните 5:14, 15, NW). Навистина, благодарноста спрема Исус заради тоа што го дал својот живот за нас треба да нѐ поттикне да направиме сѐ што тој ќе бара. Само на тој начин можеме да докажеме дека вистински го љубиме. „Ако имате љубов кон мене, држете ги моите заповеди“, рекол Исус. „Кој ги има моите заповеди и ги држи тој е оној што има љубов кон мене“ (Јован 14:15, 21, ДК; спореди 1. Јованово 2:3-5, NW).
8. Како Исусовата љубов влијаела на животот на многу грешници?
8 Откако ги научиле Исусовите заповеди, блудници, прељубници, хомосексуалци, крадци, пијаници и уценувачи од стариот Коринт одговориле на Исусовата љубов така што се откажале од тие навики. Павле за нив напишал: „Се измивте, (...) се оправдавте во името на нашиот Господ Исус Христос“ (1. Коринтјаните 6:9-11). Слично на тоа, Исусовата љубов натерала многу луѓе денес да направат извонредни промени во животот. „Вистинските победи на христијанството се гледаат во тоа што правело добри луѓе од оние кои ги застапувале неговите науки“, напишал историчарот Џон Лорд. „Имаме сведоштво за нивниот чист живот, за нивниот беспрекорен морал, за тоа дека се добри граѓани и за нивните христијански доблести.“ Колкави промени предизвикале Исусовите учења!
9. Што вклучува тоа да се слуша Исус?
9 Секако дека не може да се проучување што е поважно отколку проучувањето на животот и службата на Исус Христос. „Да впериме поглед во (...) Исус“, поттикнувал апостол Павле. „Внимателно набљудувајте го [него]“ (Хебрејима 12:2, 3, Ст). За време на Исусовото преображение, Бог самиот заповедал во врска со својот Син: „Него послушајте Го!“ (Матеј 17:5). Сепак, треба да се нагласи дека слушањето на Исус вклучува повеќе отколку само да се слуша што тој кажува. Тоа значи да се внимава на неговите упатства, да, да се имитира со правење на она што тој го правел, на начин како што тој го правел. Ќе одговориме на Исусовата љубов со тоа што ќе го присвоиме како наш модел, блиску следејќи ги неговите стапки.
Што Исус бара да правиме
10. Кого Исус оспособувал и за која цел?
10 Налогот што Исус го добил од Бог бил да проповеда за Царството на својот Татко, а тој ги оспособувал своите следбеници да го вршат истото дело. „Да одиме на друго место“, им рекол на своите први ученици, „и таму да проповедам. Затоа сум, всушност, дојден“ (Марко 1:38, Ст; Лука 4:43). Подоцна, откако темелно оспособил 12 апостоли, Исус ги поучил: „Одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно“ (Матеј 10:7). По неколку месеци, откако оспособил 70-мина други, ги испратил со заповедта: „Говорете им: ‚Се приближи до вас царството Божјо‘“ (Лука 10:9). Јасно е дека Исус сакал неговите следбеници да бидат проповедници и учители.
11. (а) На кој начин Исусовите ученици вршеле поголеми дела од неговите? (б) Што се случило со учениците откако Исус бил убиен?
11 Исус и понатаму ги оспособувал своите ученици за тоа дело. Во текот на последната вечер пред својата смрт, ги охрабрил со зборовите: „Кој верува во Мене, делата што ги вршам Јас и тој ќе ги врши, и поголеми од нив ќе врши“ (Јован 14:12). Делата на неговите следбеници ќе бидат поголеми од неговите бидејќи во својата служба ќе достигнат далеку повеќе луѓе, на многу поголемо подрачје и за подолготрајно време. Сепак, откако Исус бил убиен, неговите ученици биле обземени од страв. Тие се сокриле и не го спроведувале делото за кое тој ги оспособил да го вршат. Некои дури и му се вратиле на рибарскиот занает. Меѓутоа, на незаборавен начин на овие седумина впечатливо им пренел што требало тие да прават, како и сите негови следбеници.
12. (а) Какво чудо направил Исус на Галилејското Море? (б) На што очигледно мислел Исус кога го прашал Петар дали го сака Него „повеќе отколку овие“?
12 Исус се материјализирал во човечко тело и се појавил на Галилејското Море. Седуммината апостоли биле во еден чамец, но цела ноќ не успеале да фатат ниту една риба. Исус ги повикал од брегот: „Фрлете ја мрежата од десната страна на коработ и ќе најдете!“ Кога мрежата на зачудувачки начин се наполнила со риби до таа мера што почнала да пука, оние во чамецот сфатиле дека на брегот е Исус, и брзо се упатиле таму кадешто чекал. Откако ги послужил со појадок, Исус веројатно гледајќи кон големиот улов од риби, го запрашал Петар: „Симоне Јонин, Ме љубиш ли повеќе отколку овие?“ (Јован 21:1-15). Исус без сомнение сакал да каже: Дали повеќе си приврзан за рибарскиот занает отколку за делото на проповедање за кое сум те подготвил да го вршиш?
13. Како Исус впечатливо им пренел на своите следбеници како треба да одговорат на неговата љубов?
13 Петар одговорил: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам“. Исус одговорил: „Паси ги јаганцата Мои!“ По втор пат Исус прашал: „Симоне Јонин, љубиш ли Ме?“ Петар повторно одговорил, без сомнение со поголема уверливост: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам“. Повторно Исус заповедал: „Паси ги овците Мои!“ Исус по трет пат прашал: „Симоне Јонин, Ме сакаш ли?“ Сега Петар бил веќе навистина жалосен. Само пред неколку дена, три пати одрекол дека го познава Исус, и затоа со право се прашувал дали Исус се сомневал во неговата лојалност. Затоа, по трет пат, веројатно со молежлив тон, Петар одговорил,: „Господи, Ти сѐ знаеш; Ти знаеш дека Те сакам“. Исус само одговорил: „Паси ги овците Мои!“ (Јован 21:15-17). Може ли да постои сомневање за тоа што Исус сакал да прават Петар и неговите придружници? Колку впечатливо им кажал — како и на секој кој би сакал да биде негов ученик денес — дека ако го љубат, ќе учествуваат во делото на правење ученици!
14. На кој начин во други прилики Исус им покажал на своите ученици како треба да одговорат на неговата љубов
14 Неколку денови после тој разговор на морскиот брег, Исус се појавил на една планина во Галилеја и поучувал на еден радосен собир од околу 500 следбеници: „Одете и научете ги сите народи, (...) учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал“ (Матеј 28:19, 20; 1. Коринтјаните 15:6). Замисли си! Мажи, жени и деца, сите тие добиле ист налог. Уште подоцна, непосредно пред да оди на небо, Исус им рекол на своите ученици: „Ќе Ми бидете сведоци (...) до крајот на земјата“ (Дела на св. апостоли 1:8). После сите тие опомени, не е чудно што Петар, со години подоцна, рекол: „[Исус] ни заповеда да им проповедаме на луѓето и да сведочиме“ (Дела на св. апостоли 10:42).
15. Во што не може да има сомневање?
15 Не може да постои сомневање во тоа како треба да одговориме на Исусовата љубов. Како што им рекол на своите апостоли: „Ако ги запазите Моите заповеди, ќе останете во љубовта Моја (...) Вие сте Ми пријатели, ако го вршите она, што ви заповедам Јас“ (Јован 15:10-14). Прашањето е: Дали ти ќе покажеш ценење за Исусовата љубов со тоа што ќе ја слушаш неговата заповед да учествуваш во делото на правење ученици? Вистина, можеби тоа не ти е лесно од различни причини. Но не било лесно ни за Исус. Размисли за промените кои се барале од него.
Следи го Исусовиот пример
16. Каков прекрасен пример дал Исус?
16 Божјиот единороден Син уживал истакната положба на небесна слава над сите ангели. Бил навистина богат! Сепак спремно го оставил тоа, се родил како член на едно сиромашно семејство и пораснал опкружен со болни и смртни човечки суштества. Тоа го направил заради нас, како што објаснил апостол Павле: „Познато ви е милосрдието на нашиот Господ Исус Христос, како заради вас од богаташ стана сиромав за да вие постанете богаташи со неговото сиромаштво“ (2. Коринћанима 8:9, Ст; Филипљанима 2:5-8, ДК). Каков пример! Каков израз на љубов! Никој не направил толку многу откажувања и не пострадал повеќе за другите. И никој не овозможил другите да се радуваат на поголеми богатства, да, бескраен живот во совршенство!
17. Кој пат е поставен пред нас, и кој ќе биде исходот ако го следиме?
17 Но, можеме да го следиме Исусовиот пример и да бидеме од слична корист за другите. Секогаш одново Исус ги поттикнувал луѓето да станат негови следбеници (Марко 2:14; Лука 9:59; 18:22). Всушност, Петар напишал: „Бидејќи вие сте за тоа повикани, оти и Христос пострада за нас, оставајќи ни пример, за да врвиме по Неговите стапки“ (1. Петрово 2:21). Дали ти ќе одговориш на Христовата љубов дури и ако тоа значи да страдаш за да му служиш на неговиот Татко како што страдал тој? Колку корисна може да биде таквата постапка за другите! Всушност, следејќи го Исусовиот пример, потполно применувајќи ги учењата што тој ги добил од својот Татко, „ќе се спасиш и сам и оние што те слушаат“ (1. Тимотеј 4:16).
18. (а) Каков пример поставил Исус во врска со неговиот однос спрема луѓето? (б) Како реагирале луѓето на Исусовата личност?
18 За да можеме најмногу да им помогнеме на луѓето мораме и ние да го чувствуваме она што Исус го чувствувал за нив. Едно пророштво во врска со него вели: „Ќе му биде жал за понизниот и сиромашниот“ (Псалми 72:13, NW). Неговите следбеници можеле да забележат дека Исус ‚чувствувал љубов‘ спрема оние со кои разговарал и дека вистински сакал да им помогне (Марко 1:40-42; 10:21, NW). „А штом виде многу народ“, кажува Библијата, „се сожали, зашто беа изморени и прснати како овци без пастир“ (Матеј 9:36). Дури и големи грешници ја чувствувале неговата љубов и биле привлечени кон него. Се чувствувале опуштено од тонот на неговиот глас, држењето и начинот на поучување. Како резултат на тоа, го барале дури и презрените собирачи на данок и блудниците (Матеј 9:9-13; Лука 7:36-38; 19:1-10).
19. Како Павле го имитирал Исус, и каков ќе биде резултатот ако и ние го правиме истото?
19 Исусовите ученици од првиот век го имитирале неговиот пример на љубов. На некои од оние на кои им служел, Павле им напишал: „Ние бевме среде вас благи, онака како што нежно се однесува доилката кон своите деца (...) Како татко децата свои, ние ве молевме и утешувавме и сведочевме“ (1. Солунјаните 2:7-12). Дали ти ја чувствуваш истата таа искрена заинтересираност за оние на твоето подрачје каква што љубезните родители чувствуваат спрема своите сакани деца? Покажувајќи таква заинтересираност во тонот на гласот, изразот на лицето и твоите постапки, пораката за Царството ќе им биде привлечна на лицата слични на овци.
20, 21. Кои се некои современи примери на лица кои го следеле Исусовиот пример на љубов?
20 Еден студен ден во Шпанија, двајца Сведоци сретнале една постара жена на патерици чија куќа била многу ладна бидејќи повеќе немало веќе дрва за огрев. Таа го чекала синот да се врати од работа за да исече други. Сведоците ги исекле дрвата, а ѝ оставиле и неколку списанија да ги прочита. Кога синот се вратил, бил толку импресиониран од љубезната грижа на Сведоците спрема неговата мајка, што ја прочитал литературата, почнал да ја проучува Библијата, се крстил и набргу стапил во пионерската служба.
21 Во Австралија, еден човек и неговата сопруга им објасниле на Сведоците кои дошле да ги посетат дека немале пари да го прехранат семејството. Двајцата Сведоци си заминале и купиле некои прехранбени производи, како и слатки за децата. Родителите биле трогнати и се расплакале, и рекле дека биле толку очајни што помислувале на самоубиство. Двајцата почнале да ја проучуваат Библијата, а жената неодамна се крстила. Една жена во САД која имала предрасуди кон Сведоците, откако се сретнала со еден од нив, изјавила: „Навистина не се сеќавам за што разговаравме, но се сеќавам колку таа беше љубезна спрема мене, и колку беше гостољубива и понизна. Навистина ме привлекуваше како личност. Го негуваме пријателството и ден-денес“.
22. Кој е нашиот заклучок за Исус после испитувањето на неговиот живот?
22 Кога ние одговараме на Исусовата љубов со тоа што го вршиме делото кое тој го вршел, на начин како што тој го вршел, можеме да се радуваме на прекрасни благослови! Исусовата големина е очигледна и надмоќна. Поттикнати сме да ги повториме зборовите на римскиот намесник Понтиј Пилат: „Еве Го Човекот!“ Да, навистина „Човекот“, најголемиот човек кој некогаш живеел (Јован 19:5).
Како би одговорил?
◻ Колку голема е Исусовата љубов?
◻ На љубов спрема кого треба да нѐ наведе Исусовата љубов, и на што треба да нѐ тера неговата љубов да правиме?
◻ Кое дело бара Исус да го вршиме?
◻ Како Исус бил богат, и зошто станал сиромашен?
◻ Како треба да го имитираме Исус по начинот на којшто им служел на луѓето?
[Слика на страница 15]
Исус го дал примерот за покажување на љубов
[Слика на страница 17]
Исус силно илустрирал како неговите ученици треба да покажуваат љубов кон него