СЕДУМНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ
„Никој нема поголема љубов од оваа“
1-4. а) Што се случило кога Пилат ѝ го покажал Исус на разбеснетата толпа пред својата палата? б) Како реагирал Исус на понижувањето и на страдањето, и кои важни прашања се наметнуваат?
„ЕВЕ ГО човекот!“ Со овие зборови, римскиот управител Понтиј Пилат ѝ го покажува Исус Христос на една разбеснета толпа луѓе собрани пред неговата палата в зори, на Пасхата 33 год. од н.е. (Јован 19:5). Само неколку дена пред тоа, кога Исус влегол во Ерусалим, мноштвата го пречекале како Цар поставен од Бог. Но сега, овие непријателски настроени луѓе повеќе не го сметаат за Цар.
2 Исус носи пурпурна наметка каква што обично носат царевите, а на главата има круна. Но, оваа наметка, префрлена преку длабоките крвави рани на камшикуваниот грб, како и круната сплетена од трње и забодена во неговата глава од која сега капе крв, служат само за потсмев на неговата царска положба. Луѓето, подбуцнати од главните свештеници, немаат милост кон измачениот човек што стои пред нив. Свештениците извикуваат: „Прикови го на столб! Прикови го на столб!“ Цврсто решени да го убијат, луѓето викаат: „Тој треба да умре“ (Јован 19:1-7).
3 Достоинствено и храбро, Исус го поднесува ова понижување и страдање без да се жали.a Тој е потполно подготвен да умре. Подоцна, истиот тој ден на празникот Пасха, спремно дозволува да биде свирепо убиен на маченички столб (Јован 19:17, 18, 30).
4 Исус го дал својот живот, и со тоа докажал дека им е вистински пријател на своите следбеници. „Никој нема поголема љубов од оваа: да го даде својот живот за своите пријатели“, рекол тој (Јован 15:13). Оваа изјава наметнува некои важни прашања. Зарем Исус навистина морал толку да страда и потоа да умре? Зошто бил спремен на вакво нешто? И како можеме ние, како негови пријатели и следбеници, да бидеме како него во овој поглед?
Зошто Исус морал да страда и да умре?
5. Од каде знаел Исус точно какви страдања го чекаат?
5 Исус, ветениот Месија, знаел што го чека. Тој добро ги знаел многуте пророштва во Хебрејските списи кои во детали ги претскажале страдањето и смртта на Месијата (Исаија 53:3-7, 12; Даниел 9:26). Затоа, во неколку наврати се обидел да ги подготви своите ученици за искушенијата што стоеле пред него (Марко 8:31; 9:31). Кога биле на пат кон Ерусалим, каде што требало да присуствува на својата последна Пасха, Исус најотворено им кажал на апостолите: „Синот човечки ќе биде предаден на главните свештеници и на книжниците, а тие ќе го осудат на смрт и ќе им го предадат на незнабошците, и ќе го исмејуваат, и ќе го плукаат, и ќе го камшикуваат, и ќе го убијат“ (Марко 10:33, 34). Ова не биле празни зборови. Како што видовме, Исус навистина бил исмејуван, плукан, камшикуван и убиен.
6. Зошто Исус морал да страда и да умре?
6 Но, зошто Исус морал да страда и да умре? Од неколку многу важни причини. Прво, со тоа што останал верен, Исус ја докажал својата беспрекорност и потврдил дека Јехова има право да владее. Сети се, Сатана изнел лажно обвинение дека луѓето му служат на Бог само од себични причини (Јов 2:1-5). Со тоа што останал верен „сѐ до смртта... на маченички столб“, Исус дал непобитен одговор на ова неосновано обвинение од Сатана (Филипјаните 2:8; Изреки 27:11). Второ, со страдањето и смртта на Месијата требало да се платат гревовите на луѓето (Исаија 53:5, 10; Даниел 9:24). Исус го дал „својот живот како откупнина за мнозина“, и на тој начин ни овозможил да станеме пријатели со Бог (Матеј 20:28). Трето, со тоа што поднел секакви неволји и страдања, Исус бил „испитан како и ние“, во сѐ. Затоа е сочувствителен првосвештеник, кој може да „сочувствува со нас во нашите слабости“ (Евреите 2:17, 18; 4:15).
Зошто Исус бил спремен да го даде својот живот?
7. Од што се откажал Исус кога дошол на Земјата?
7 За да сфатиш подобро што бил спремен да направи Исус, размисли за следново: Кој човек би го оставил својот дом и семејство и би се преселил во туѓа земја, кога би знаел дека повеќето луѓе таму ќе го отфрлат, ќе го понижуваат, ќе го малтретираат, и на крајот ќе го убијат? Сега, размисли што сторил Исус. Пред да дојде на Земјата, тој имал повластена положба покрај својот Татко на небото. Сепак, спремно го оставил својот небесен дом и дошол на Земјата како човек. Го направил ова иако знаел дека повеќето луѓе ќе го отфрлат и дека ќе претрпи сурово понижување, големи страдања и на крајот ќе умре во невидени маки (Филипјаните 2:5-7). Што го навело Исус да направи една ваква жртва?
8, 9. Што го поттикнало Исус да го даде својот живот?
8 Пред сѐ, Исус го направил ова затоа што многу го сакал својот Татко. Неговата истрајност била доказ за неговата љубов кон Јехова. Бидејќи го сакал Татко си, на Исус му биле многу важни Јеховиното име и углед (Матеј 6:9; Јован 17:1-6, 26). Најмногу од сѐ, тој сакал да го доживее денот кога името на неговиот Татко ќе биде исчистено од сиот срам што му бил нанесуван низ вековите. За Исус било најголема чест да страда за праведноста бидејќи знаел дека неговата верност ќе придонесе да се посвети славното име на неговиот Татко (1. Летописи 29:13).
9 Исус го дал својот живот и од љубов кон луѓето. Тој ги сакал луѓето уште од самиот почеток на човечката историја. Библијата открива дека Исус ја чувствувал оваа љубов уште долго пред да дојде на Земјата. Таа вели дека тој ‚им се радувал на синовите човечки‘ (Изреки 8:30, 31). Неговата љубов јасно можела да се види и кога бил на Земјата. Како што видовме во претходните три поглавја од оваа книга, Исус покажал на многу начини дека ги сака сите луѓе, а особено своите следбеници. На 14 нисан 33 год. од н.е., тој спремно го дал својот живот за нас (Јован 10:11). Навистина немало подобар начин на кој можел да ја покаже својата љубов кон луѓето. Треба ли да бидеме како него во овој поглед? Да. Всушност, токму тоа и ни го заповедал.
„Како што јас ве сакав... и вие сакајте се еден со друг“
10, 11. Која е новата заповед што Исус им ја дал на своите следбеници, што вклучува таа, и зошто е важно да ја слушаме?
10 Ноќта пред да умре, Исус им кажал на своите најблиски ученици: „Нова заповед ви давам: сакајте се еден со друг! Како што јас ве сакав, така и вие сакајте се еден со друг. По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:34, 35). „Сакајте се еден со друг.“ Зошто ова е „нова заповед“ кога во Мојсеевиот закон веќе стоела заповедта „Сакај го својот ближен како самиот себе“? (3. Мојсеева 19:18). Затоа што со оваа нова заповед од нас се бара да покажуваме уште поголема љубов — љубов што ќе нѐ поттикне да си го дадеме и животот за другите. Самиот Исус го нагласил ова кога рекол: „Ова е мојата заповед: сакајте се еден со друг како што јас ве сакав вас! Никој нема поголема љубов од оваа: да го даде својот живот за своите пријатели“ (Јован 15:12, 13). Новата заповед, всушност, гласи: „Сакај ги другите, не како себеси, туку повеќе од себеси“. Со својот живот и со својата смрт, Исус навистина покажал на дело што значи ваквата љубов.
11 Зошто е важно да ја слушаме оваа нова заповед? Сети се дека Исус рекол: „По тоа [самопожртвуваната љубов] сите ќе знаат дека сте мои ученици“. Да, вистинските христијани се препознаваат по својата самопожртвувана љубов. Оваа љубов може да се спореди со значките што ги носат делегатите на годишните конгреси на Јеховините сведоци. На значката го пишува името на оној што ја носи, како и името на неговото собрание — по тоа се знае кој е тој. Самопожртвуваната љубов која ја покажуваме еден кон друг е „значката“ по која се препознаваат вистинските христијани. Со други зборови, љубовта што ја покажуваме еден кон друг треба да биде толку видлива што ќе служи како знак, или значка по која сите ќе нѐ препознаат како вистински следбеници на Христос. Би било добро секој од нас да се праша: ‚Дали сите можат да ја видат оваа „значка“, односно самопожртвувана љубов кај мене?‘
Што значи самопожртвуваната љубов?
12, 13. а) До која мера треба да бидеме спремни да ја покажеме нашата љубов кон другите? б) Што значи да се биде самопожртвуван?
12 Како следбеници на Исус, треба да се сакаме еден со друг исто како што тој нѐ сакал нас. Ова значи дека треба да бидеме спремни да правиме жртви за нашите соверници. До која мера? Библијата ни кажува: „Љубовта ја спознавме по тоа што тој го даде својот живот за нас. И ние сме должни да го дадеме својот живот за своите браќа“ (1. Јованово 3:16). Исто како Исус, мора да бидеме спремни — ако треба — дури и да умреме едни за други. Ако има прогонство, треба да сме поспремни да го дадеме својот живот отколку да ги предадеме нашите духовни браќа, и на тој начин да ги доведеме во опасност. Во земјите што се растргнати од расни и етнички судири, ќе бидеме спремни да ги ризикуваме своите животи за да ги заштитиме браќата, сеедно од која раса или народ се тие. Кога во некоја земја ќе избувне војна, ќе бидеме поспремни да одиме в затвор, па дури и да умреме, отколку да земеме оружје и да се бориме против соверниците или против некој друг (Јован 17:14, 16; 1. Јованово 3:10-12).
13 Но, самопожртвувана љубов не покажуваме само ако сме спремни да го положиме својот живот за браќата. Впрочем, од малкумина од нас некогаш ќе се бара толку голема жртва. Меѓутоа, ако ги сакаме браќата толку многу што сме спремни да умреме за нив, зар не би требало да бидеме спремни да правиме помали жртви и да дадеме сѐ од себе да им помогнеме сега? Ќе покажеме дека сме самопожртвувани ако не гледаме секогаш само за себе или за својата лична удобност, туку ги ставаме другите пред себеси. Треба да ги ставаме нивните потреби и нивното добро пред нашето дури и кога тоа нам не ни одговара (1. Коринќаните 10:24). На кој практичен начин можеме да покажеме самопожртвувана љубов?
Во собранието и во семејството
14. а) На какви жртви треба да бидат спремни старешините? б) Што мислиш ти за вредните старешини во твоето собрание?
14 Собраниските старешини прават многу жртви за да ‚го пасат Божјето стадо‘ (1. Петрово 5:2, 3). Освен што се грижат за своето семејство, можеби навечер или за викенд трошат време за собраниски работи, меѓу кои спаѓа и подготовката за точки од програмата на состаноците, пастирските посети и решавањето на правни случаи. Многу старешини прават додатни жртви со тоа што напорно работат за време на собирите и конгресите или служат како членови на Одборите за контактирање со болници, на Групите за посета на пациенти и на Регионалните одбори за градба. Старешини, никогаш не заборавајте дека со тоа што спремно служите и трошите време, сила и средства за да се грижите за стадото, вие, всушност, покажувате самопожртвувана љубов (2. Коринќаните 12:15). Вашиот несебичен труд го ценат и Јехова и собранието за кое се грижите (Филипјаните 2:29; Евреите 6:10).
15. а) Какви жртви прават жените на старешините? б) Што мислиш ти за жените на старешините кои помагаат така што ги делат своите сопрузи со собранието?
15 А што да се рече за жените на старешините? Зарем овие жени што ги поддржуваат своите сопрузи не прават жртви за да можат нивните мажи да се грижат за стадото? Секако дека е жртва од нивна страна кога нивните сопрузи одвојуваат време за собраниски работи наместо да бидат со своето семејство. Размисли и за жените на патувачките надгледници и за жртвите што ги прават тие додека патуваат заедно со своите мажи од собрание до собрание и од покраина до покраина. Тие се откажуваат од свој топол дом и веројатно мораат секоја седмица да спијат во друг кревет. Сопругите што спремно ги ставаат интересите на собранието пред своите се достојни за пофалба затоа што великодушно покажуваат самопожртвувана љубов (Филипјаните 2:3, 4).
16. Какви жртви прават христијанските родители за своите деца?
16 Како може да покажеме самопожртвувана љубов во семејството? Родители, вие правите многу жртви додека се грижите за своите деца и ги воспитувате „со стега од Јехова“, помагајќи им да „го усвојат неговиот начин на размислување“ (Ефешаните 6:4). Можеби со часови напорно работите само да спечалите некој денар за вашите деца да имаат леб, облека и покрив над главата. Спремни сте да си скратите многу работи само за да им го обезбедите на децата она што им е потребно. Исто така, вложувате напори да проучувате со нив, и ги носите на христијанските состаноци и во службата на проповедање (5. Мојсеева 6:6, 7). Вашата самопожртвувана љубов го радува Основачот на семејството и може да значи вечен живот за вашите деца (Изреки 22:6; Ефешаните 3:14, 15).
17. Како можат сопрузите да покажуваат ист несебичен став каков што имал Исус?
17 Сопрузи, како можете вие да покажувате самопожртвувана љубов како што покажувал Исус? Библијата го дава одговорот: „Мажи, сакајте ги своите жени, како што и Христос го сакаше собранието и се предаде себеси за него“ (Ефешаните 5:25). Како што видовме, Исус ги сакал своите следбеници толку многу што умрел за нив. Христијанските сопрузи имаат ист несебичен став како Исус, кој ‚не си угодувал себеси‘ (Римјаните 15:3). Таквите мажи спремно ги ставаат потребите и интересите на своите жени пред сопствените. Не настојуваат сѐ да биде по нивно, туку се спремни да попуштат ако со тоа не се крши некое библиско начело. Јехова е задоволен од мажите што покажуваат ваква самопожртвувана љубов, а нивните жени и деца ги сакаат и ги почитуваат.
Што ќе сториш ти?
18. Што нѐ тера да бидеме послушни на новата заповед да се сакаме еден со друг?
18 Не е лесно да се послуша новата заповед да се сакаме еден со друг, но навистина имаме добри причини да го сториме тоа. Павле напишал: „Христовата љубов нѐ тера, бидејќи го заклучивме ова: еден човек умре за сите... за оние што живеат да не живеат повеќе за себе, туку за него, кој умре за нив и беше воскреснат“ (2. Коринќаните 5:14, 15). Со оглед на тоа што Исус умрел за нас, зар не треба ние да сакаме да живееме за него? Можеме да живееме за него ако покажуваме иста самопожртвувана љубов како што покажувал тој.
19, 20. Каков скапоцен дар ни дава Јехова, и како можеме да покажеме дека го прифаќаме?
19 Исус не претерувал кога рекол: „Никој нема поголема љубов од оваа: да го даде својот живот за своите пријатели“ (Јован 15:13). Тој спремно го дал својот живот за луѓето. Тоа било најголемиот израз на неговата љубов кон нас. Но, некој друг покажал уште поголема љубов. Исус објаснил: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Бог толку многу нѐ сака што го дал својот Син како откупнина, и на тој начин ни овозможил да бидеме ослободени од гревот и смртта (Ефешаните 1:7). Откупнината е скапоцен дар од Јехова, но Тој не нѐ присилува да ја прифатиме.
20 Од нас зависи дали ќе го прифатиме овој дар од Јехова. Како можеме да го прифатиме? Така што ‚ќе веруваме‘ во неговиот Син. Но, не е доволно само да кажеме дека веруваме во него. Верата се докажува со дела, со начинот на кој живееме (Јаков 2:26). Својата вера во Исус Христос ја докажуваме со тоа што го следиме од ден во ден. Ако правиме така, ќе имаме големи благослови сега и во иднина, како што ќе видиме во последното поглавје од оваа книга.
a Исус двапати го плукале тој ден — прво верските водачи, а потоа римските војници (Матеј 26:59-68; 27:27-30). Дури и тоа понижување го поднел без приговор, и на тој начин го исполнил следново пророштво: „Не го криев лицето од понижување и од плукање“ (Исаија 50:6).