Епафродит — пратеник на филипјаните
„ПРИМЕТЕ го, пак, во Господа со секаква радост, и такви почитувајте“ — им напишал Павле на филипјаните. Несомнено, ние би биле среќни ако некој христијански надгледник би зборувал за нас со такви топли изрази (Филипјаните 2:29). Но, за кого зборувал Павле? И што сторило лицето за да заслужи таква срдечна препорака?
Одговорот на првото прашање е Епафродит. За да одговориме на второто, да ги разгледаме околностите што го мотивирале Павле да ги напише овие зборови.
Околу 58 година н. е., филипјаните чуле дека Павле бил одвлечкан вон храмот и тепан од една злобна толпа во Ерусалим, дека бил уапсен од страна на властите и дека, после еден нерешен притвор, бил префрлен во Рим во окови (Дела 21:27—33; 24:27; 27:1). Загрижени за неговата благосостојба, тие сигурно се прашувале што би можеле да сторат за него. Материјално биле сиромашни и далеку од Павле, така што помошта што би можеле да му ја дадат била ограничена. Па сепак, срдечните чувства што ги поттикнувале филипјаните да ја поддржуваат неговата служба во минатото, сѐ уште ги мотивирале; дотолку повеќе затоа што тој се наоѓал во критична ситуација (2. Коринтјаните 8:1—4; Филипјаните 4:16).
Филипјаните сигурно разгледале дали еден од нив би можел да го посети Павла со некаков дар и да му помогне, доколку му треба нешто. Но, тоа било едно долго и заморно патување, а би можело да биде и опасно да му се помага! Јоаким Гнилка забележува: „Била потребна храброст за да се посети некој затвореник, дотолку повеќе таков чиешто ‚злосторство‘ мора да изгледало крајно лошо дефинирано“. Писателот Брајан Рапски вели: „Постоела додатната опасност едноставно да се биде преблиску поврзан или сочувствителен кон затвореникот или кон неговите гледишта . . . Еден случаен збор или постапка би можеле да бидат судбоносни не само за затвореникот туку и за посетителот“. Кого би можеле филипјаните да го испратат?
Со право би можеле да си замислиме дека едно вакво патување би можело да предизвика загриженост и неизвесност, но Епафродит (не треба да се помеша со Епафрас од Колоси) бил спремен да ја изврши таа тешка мисија. Судејќи според неговото име, кое го вклучува името на Афродита, тој можеби бил пагански преобратеник на христијанството — син на родители кои биле оддадени на грчката божица на љубовта и плодноста. Кога Павле им пишал на филипјаните за да им заблагодари за нивната дарежливост, тој можел со право да го опише Епафродит како „ваш пратеник и помагач [приватен слуга, НС] во потребите мои“ (Филипјаните 2:25).
Од она што го кажува Библијата за Епафродит, можеме да разбереме дека и покрај неговата пофална спремност да се даде во служба за Павле и за своето собрание, Епафродит ги имал истите видови проблеми што би можеле да ги имаме и ние. Да го разгледаме неговиот пример.
„Приватен слуга за мојата потреба“
Ние не ги знаеме деталите, но можеме да си замислиме дека Епафродит пристигнал во Рим уморен од своето патување. Веројатно патувал по Виа Игнација, римски пат што минувал преку Македонија. Можеби го поминал Јадранското Море до „петицата“ на италијанскиот полуостров, а потоа отишол угоре по Апискиот пат кон Рим. Тоа било заморно патување (1.200 километри во еден правец), што веројатно траело повеќе од еден месец. (Види ја рамката на страница 29.)
Со каков дух тргнал Епафродит? Тој бил испратен да изврши „приватна служба“ или литурги́ја за Павле (Филипјаните 2:30, НС). Овој грчки збор првобитно се однесувал на работа за државата што некој граѓанин доброволно ја преземал. Подоцна, тоа го означувало оној вид служба што државата принудно ја барала од граѓаните кои биле особено квалификувани да ја извршуваат. Во врска со употребата на овој збор во Грчките списи, еден научник вели: „Христијанинот е човек кој работи за Бога и за луѓето — прво, затоа што тој го посакува тоа, со сето свое срце, и второ, затоа што е принуден на тоа, бидејќи го присилува љубовта Христова“. Да, каков само извонреден дух покажал Епафродит!
‚Ја изложил својата душа на опасност‘
Користејќи еден збор позајмен од коцкарскиот јазик, Павле вели дека Епафродит ‚го презрел својот живот [ја изложил (параболевса́менос) својата душа на опасност, НС]‘, или дословно „го ставил на коцка“ својот живот за Христовата служба (Филипјаните 2:30). Не треба да си мислиме дека Епафродит сторил нешто лудо; напротив, исполнувањето на неговата света служба вклучувало извесен ризик. Дали тој можеби се обидел да ја изврши мисијата на помош по некакво сурово време од годината? Дали истрајал во обидот да ја доврши откако се разболел некаде долж патот? Како и да е, Епафродит ‚боледувал дури до умирање‘. Можеби ќе требало да остане со Павле за да му служи, па затоа апостолот очигледно сакал да даде оправдување за тоа што тој се враќа порано отколку што се очекувало (Филипјаните 2:27).
И покрај тоа, Епафродит бил храбра личност која била спремна несебично да се изложи со цел да им донесе помош на оние кои биле во оскудица.
Би можеле да се запрашаме: ‚До кој обем би се напрегал јас за да им помогнам на моите духовни браќа кои се во тешки околности?‘ Таквиот дух на спремност не им е оставен на слободен избор на христијаните. Исус рекол: „Нова заповед ви давам, да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг“ (Јован 13:34). Епафродит ја извршил својата служба „дури до умирање“. Затоа, Епафродит претставувал пример за личност која го имала ‚умствениот став‘ на кој Павле ги охрабрил филипјаните да го имаат (Филипјаните 2:5, 8, 30, Kingdom Interlinear). Дали ние би биле подготвени да одиме толку далеку?
Сепак, Епафродит станал потиштен. Зошто?
Неговата потиштеност
Стави се себе на местото на Епафродит. Павле известил: „Тој копнееше да ве види сите вас и многу жалеше [и е потиштен, НС] што сте чуле дека бил болен“ (Филипјаните 2:26). Епафродит знаел дека браќата во неговото собрание биле свесни дека бил болен и дека не можел да му помогне на Павле онака како што тие се надевале. Всушност, можеби се чинело дека Епафродит му создал повеќе грижи на Павле. Дали лекарот Лука, Павловиот придружник, морал да ги занемари другите работи за да се грижи за Епафродит? (Филипјаните 2:27, 28; Колосјаните 4:14).
Веројатно како последица од тоа, Епафродит станал потиштен. Можеби си замислувал дека браќата во неговото собрание го сметаат за неспособен. Можеби се чувствувал виновен и ‚копнеел‘ да ги види за да ги увери во својата верност. Павле употребил еден многу силен грчки збор, адемоне́о — „да биде потиштен“, за да ја опише состојбата на Епафродит. Според научникот Џ. Б. Лајтфут, овој збор може да ја покажува „збунетата, обеспокоена, полурасеана состојба, што е создадена поради физичко растројство или поради умствена неволја, како жалост, срам, разочарување итн.“ Единствената друга употреба на овој збор во Грчките списи се однесува на Исусовата акутна агонија во Гетсиманската градина (Матеј 26:37).
Павле заклучил дека најдобро би било да го испрати Епафродит назад до филипјаните со писмо во кое го објаснува неочекуваното враќање на нивниот пратеник. Кога вели: „Најдов за потребно при вас да го испратам братот Епафродит“, Павле ја презема одговорноста за неговото враќање и на тој начин го растерува секое можно сомневање дека Епафродит не успеал (Филипјаните 2:25). Напротив, Епафродит скоро го загубил животот за да ја исполни својата мисија! Павле срдечно препорачува да ‚го примат во Господа со секаква радост, и таквите да ги почитуваат, бидејќи за Христовото дело тој бил скоро на умирање, откако го презрел својот живот, за да го дополни недостигот на нивната служба кон него‘ (Филипјаните 2:29, 30).
„Такви почитувајте“
Мажите и жените со истиот умствен став како Епафродит навистина треба да бидат ценети. Тие се жртвуваат за да служат. Помисли на оние кои се понудиле себеси да служат далеку од дома како мисионери, патувачки надгледници или во некоја канцеларија на подружниците на Друштвото Стражарска кула. Ако возраста или сѐ послабото здравје сега спречуваат некои да го прават она што го правеле некогаш, тие заслужуваат почит и ценење за нивните години на верна служба.
Меѓутоа, некоја ослабнувачка болест може да биде извор на потиштеност или на чувства на вина. А човек би сакал да прави повеќе. Колку фрустрирачки! Секој кој ќе се најде себеси во таква ситуација, може да учи од Епафродит. Најпосле, зарем била негова грешка што паднал болен! Се разбира, не! (1. Мојсеева 3:17—19; Римјаните 5:12). Епафродит посакувал да му служи на Бог и на своите браќа, но болеста го ограничила.
Павле не го укорил Епафродит поради неговата нерасположеност, туку им кажал на филипјаните да останат блиску покрај него. На сличен начин, ние треба да ги тешиме нашите браќа кога тие се омрлушени. Обично можеме да ги пофалиме поради нивниот верен пример на служба. Тоа што Павле го ценел Епафродит, зборувајќи толку добро за него, сигурно го утешило, ублажувајќи ја неговата потиштеност. И ние можеме да бидеме сигурни дека ‚Бог не е неправеден, та да го заборави нашето дело и трудот на љубовта, што сме ги покажале во Негово име, откако сме им послужиле и им служиме на светиите (Евреите 6:10).
[Рамка на страница 29]
Неудобностите на патувањето
Денес за едно патување помеѓу два важни европски града, слично на она што го презел Епафродит, можеби не би бил потребен голем напор. Патувањето би можело да биде удобно завршено со некој млазен авион за час или два. Во првиот век било сосема поинаква приказна да се направи едно такво патување. Во тоа време, движењето од место до место значело неудобност. Еден патник—пешак можел да помине од 30—35 километри на ден, додека се изложувал на временски и на разни опасности, вклучувајќи и „разбојници“ (2. Коринтјаните 11:26).
А што е со преноќевањата и со резервите од храна?
Историчарот Микеланџело Каџано де Азеведо истакнува дека долж римските патишта „имало мансионес, вистински хотели со продавница, коњушници и сместувалишта за нивниот персонал; помеѓу два последователни мансионес имало извесен број мутатионес, односно места за запирање, каде што можеле да се заменат коњите или колите и да се најдат резерви храна“. Овие гостилници имале ужасна репутација затоа што често биле посетувани од најниските општествени слоеви. Освен што ги пљачкале патниците, гостилничарите честопати ги дополнувале своите приходи со заработки од проститутки. Латинскиот сатиричен поет Јувенал коментирал дека секој кој ќе бил принуден да остане во некоја гостилница од таков тип, можел да се најде себеси како „лежи глава до глава со некој убиец, во друштво со членови на посада на товарен брод, крадци и побегнати робови, крај џелати и изработувачи на мртовечки сандаци . . . Со една чаша се служат сите; никој нема свој кревет ниту, пак, одвоена маса од останатите“. Други древни писатели се жалеле поради лошата вода и собите кои биле пренатрупани, валкани, влажни и преплавени со болви.
[Карта/слика на страница 27]
Рим
[Слика]
Патник во римско време
[Извори на слики]
Карта: Mountain High Maps® Copyright © 1995 Digital Wisdom, Inc.; Патник: Da originale del Museo della Civiltà Romana, Roma