Наклони го своето срце кон проникливост
„Самиот Јехова дава мудрост; од неговата уста се спознанието и проникливоста“ (ИЗРЕКИ 2:6, НС).
1. Како можеме да го наклониме своето срце кон проникливост?
ЈЕХОВА е нашиот Голем Поучувач (Исаија 30:20, 21, НС). Но, што мораме да правиме за да извлечеме корист од „самото спознание за Бог“ што е откриено во неговата Реч? Делумно, мораме да го ‚наклониме своето срце кон проникливоста‘ — да имаме срдечна желба да ја стекнеме и да ја покажуваме оваа особина. За таа цел, мораме да гледаме кон Бог, бидејќи мудриот човек рекол: „Самиот Јехова дава мудрост; од неговата уста се спознанието и проникливоста“ (Изреки 2:1—6, НС). Што претставуваат спознанието, мудроста и проникливоста?
2. а) Што е спознание? б) Како би ја дефинирал мудроста? в) Што е проникливост?
2 Спознанието е запознаеност со факти стекнати преку искуство, набљудување или проучување. Мудроста е способност спознанието да се примени во пракса (Матеј 11:19). Цар Соломон покажал мудрост кога две жени полагале право на исто дете и, за да го реши спорот, го употребил своето спознание за мајчината оддаденост кон своето потомство (3. Царства 3:16—28). Проникливоста е „остроумност во просудувањето“. Таа е „моќ или способност на умот преку која тој разликува едно од друго“ (Webster’s Universal Dictionary). Ако го наклониме своето срце кон проникливоста, Јехова ќе ни ја даде преку својот Син (2. Тимотеј 2:1, 7, НС). Но, како може проникливоста да влијае врз различни аспекти на животот?
Проникливоста и нашиот говор
3. Како би ги објаснил Изреки 11:12, 13, и што значи некому да „му недостига срце“?
3 Проникливоста ни помага да сфатиме дека има „време кога се молчи, и време кога се зборува“ (Проповедник 3:7). Оваа особина исто така нѐ прави внимателни во поглед на она што го кажуваме. Изреки 11:12, 13 (НС) наведуваат: „На оној на кого му недостига срце, го презрел својот ближен, но човекот со широка проникливост молчи. Оној кој оди наоколу како клеветник, открива доверлив разговор, но оној кој е верен во дух, ја покрива работата“. Да, на мажот или на жената која презира друго лице, „му недостига срце“. Според лексикографот Вилхелм Гезениус, таквиот поединец „нема разбирање“. Нему или нејзе ѝ недостига добро просудување, а употребата на терминот „срце“ покажува дека се скудни позитивните особини на внатрешната личност. Ако едно лице кое се изјаснува како христијанин продолжува со своето озборување до таа точка што клевети или навредува, наименуваните старешини мораат да дејствуваат за да ѝ стават крај на оваа нездрава ситуација во собранието (3. Мојсеева 19:16; Псалм 100:5; 1. Коринтјаните 5:11).
4. Што прават проникливите и верни христијани во врска со доверливите информации?
4 За разлика од оние на кои ‚им недостига срце‘, поединците со „широка проникливост“ молчат кога тоа е прикладно. Тие не ја прекршуваат довербата (Изреки 20:19). Знаејќи дека непромислениот говор може да нанесе штета, проникливите лица се „верни во дух“. Тие им се лојални на соверниците и не откриваат доверливи работи кои би можеле да ги загрозат соверниците. Ако проникливите христијани добијат каква и да било доверлива информација што се однесува на собранието, тие ја чуваат за себе сѐ додека Јеховината организација не најде за соодветно да ја објави преку своите средства за објавување.
Проникливоста и нашето однесување
5. Како гледаат ‚малоумните‘ на распуштеното однесување, и зошто?
5 Библиските изреки ни помагаат да користиме проникливост и да избегнуваме неисправно однесување. На пример, Изреки 10:23 (НС) велат: „За малоумниот распуштеното однесување е како забава, но мудроста е за човекот со проникливост“. Оние на кои распуштеното однесување им е „како забава“, се слепи за неисправноста на нивниот начин на живеење и го отфрлаат Бог како оној кому сите мораат да му положат сметка (Римјаните 14:12). Таквите ‚малоумни‘ стануваат толку изопачени во своето резонирање што сметаат дека Бог не го гледа нивното погрешно постапување. Со своите постапки тие всушност велат: „Нема Бог“ (Псалм 13:1—3; Исаија 29:15, 16). Поради тоа што не се водат од божествени начела, ним им недостасува проникливост и не можат исправно да ги просудуваат работите (Изреки 28:5).
6. Зошто распуштеното однесување е малоумно, и како ќе гледаме на него ако имаме проникливост?
6 „Човекот со проникливост“ сфаќа дека распуштеното однесување не е „забава“, игра. Тој знае дека тоа не му се допаѓа на Бог и дека може да го уништи нашиот однос со него. Таквото однесување е малоумно бидејќи на луѓето им ја одзема самопочитта, ги упропастува браковите, им штети и на умот и на телото, и доведува до губиток на духовноста. Затоа, да го наклониме своето срце кон проникливост и да избегнуваме распуштено однесување или неморал од каков и да е вид (Изреки 5:1—23).
Проникливоста и нашиот дух
7. Кои се некои физички последици од гневот?
7 Ако го наклониме своето срце кон проникливост, тоа исто така ќе ни помогне да го контролираме нашиот дух. „Кој е бавен на гнев, има изобилство на проникливост“ — велат Изреки 14:29 (НС) — „а оној кој е нестрплив, ја возвишува глупавоста.“ Една причина зошто едно проникливо лице се стреми да избегнува неконтролиран гнев е тоа што гневот има неповолни физички последици врз нас. Тој може да го зголеми крвниот притисок и да предизвика проблеми со дишењето. Лекарите ги наведувале гневот и бесот како емоции кои ги влошуваат или кои ги предизвикуваат таквите болести како астмата, кожните болести, проблемите со варењето на храната и чиревите.
8. До што може да доведе нестрпливоста, но како може да ни помогне проникливоста во овој поглед?
8 Избегнувањето да му наштетиме на сопственото здравје не е единствената причина зошто треба да користиме проникливост и да бидеме ‚бавни на гнев‘. Ако сме нестрпливи, тоа може да доведе до глупави постапки за кои ќе зажалиме. Проникливоста нѐ поттикнува да размислиме што би можело да произлезе од необузданиот говор или од избрзаното однесување и на тој начин нѐ чува да не ја ‚воздигнуваме глупавоста‘ правејќи нешто немудро. Проникливоста особено ни помага да сфатиме дека бесот може да ги вознемири нашите мисловни процеси, така што не ќе можеме да користиме здраво просудување. Тоа би ја нарушило нашата способност да ја вршиме божествената волја и да живееме според Божјите праведни начела. Да, попуштањето на неконтролираниот гнев е духовно штетно. Всушност, ‚гневот‘ е класифициран меѓу одвратните ‚дела на телото‘ кои би нѐ спречиле да го наследиме Божјето Царство (Галатјаните 5:19—21). Затоа, како проникливи христијани, да бидеме ‚брзи во слушањето, спори во зборувањето, бавни на гнев‘ (Јаков 1:19).
9. Како можат проникливоста и братската љубов да ни помогнат да ги надминеме разликите?
9 Ако се разгневиме, проникливоста може да укаже дека треба да молчиме за да избегнеме некој конфликт. Изреки 17:27 (НС) велат: „Секој кој се воздржува во својот говор поседува спознание, и човекот кој има проникливост е со смирен дух“. Проникливоста и братската љубов ќе ни помогнат да ја увидиме потребата да го контролираме нагонот да издрдориме нешто штетно. Ако веќе се случил некаков излив на гнев, љубовта и понизноста ќе нѐ мотивираат да се извиниме и да го поправиме тоа. Но, да претпоставиме дека некој нѐ навредил. Тогаш, да зборуваме со него насамо на еден благ и понизен начин, со главна цел да го унапредиме мирот (Матеј 5:23, 24; 18:15—17).
Проникливоста и нашето семејство
10. Каква улога играат мудроста и проникливоста во семејниот живот?
10 Членовите на семејството треба да покажуваат мудрост и проникливост, бидејќи овие особини ќе го изградат домаќинството. Изреки 24:3, 4 (НС) велат: „Со мудрост се изградува едно домаќинство и со проникливост ќе се докаже дека е цврсто основано. И со спознание ќе бидат исполнети внатрешните соби со секакви скапоцени и пријатни работи од вредност“. Мудроста и проникливоста се како добри градежни блокови за градење успешен семеен живот. Проникливоста им помага на христијанските родители да ги извлечат чувствата и грижите од своите деца. Едно проникливо лице е способно да комуницира, да слуша и да постигне увид во чувствата и мислите на својот брачен другар (Изреки 20:5, НС).
11. Како може една прониклива мажена жена да ‚ја изградува својата куќа‘?
11 Мудроста и проникливоста несомнено се битни за среќен семеен живот. На пример, стихот од Изреки 14:1 вели: „Мудра жена си ја уредува [изградува, НС] куќата, а глупавата ја урива со рацете свои“. Една мудра и прониклива мажена жена која исправно му е подложна на својот сопруг, ќе работи напорно за доброто на домаќинството и на тој начин ќе помогне да се изгради нејзиното семејство. Една работа која ќе ја ‚изгради нејзината куќа‘ е тоа што таа секогаш ќе зборува добро за својот сопруг и на тој начин ќе ја зголемува почитта на другите спрема него. А една способна, прониклива сопруга која спрема Јехова има страв полн со почитување, придобива фалба за самата себе (Изреки 12:4; 31:28, 30).
Проникливоста и нашиот правец во животот
12. Како гледаат на глупавоста оние на кои ‚им недостига срце‘, и зошто?
12 Проникливоста помага да задржиме исправен правец во сите наши работи. Тоа е покажано во стихот од Изреки 15:21 (НС), кој вели: „Глупавоста е радост за оној на кого му недостига срце, но човекот со проникливост е оној кој оди право напред“. Како треба да ја разбереме оваа изрека? Патот на глупавоста, односно брливоста, е причина за радост за неразумните мажи, жени и млади луѓе. Ним им ‚недостига срце‘, им недостигаат добри мотиви и толку се немудри што се радуваат на глупавоста.
13. Што проникнал Соломон во врска со смевот и лекоумноста?
13 Проникливиот израелски цар Соломон научил дека лекоумноста значи многу малку. Тој признал: „Си реков во срцето свое: ‚Ајде, ќе те испитам со веселба: уживај во наслади!‘ Но ете, и тоа беше суета! На смевот му реков — лудуваш [безумие, НС], и на веселбата — што правиш?“ (Проповедник 2:1, 2). Како човек со проникливост, Соломон открил дека веселбата и смевот самите по себе не се задоволувачки, бидејќи тие не создаваат вистинска и трајна среќа. Смевот може да ни помогне привремено да ги заборавиме нашите проблеми, но потоа тие можат да се појават во уште поголем степен. Соломон можел со право да зборува за смевот како за „безумие“. Зошто? Затоа што бесмислениот смев го замрачува здравото просудување. Тој може да нѐ наведе многу сериозните работи да ги земеме површно. За таквиот вид радување, кој е поврзан со зборовите и постапките на еден дворски шут, не може да се рече дека создава нешто вредно. Ако ја проникнеме важноста на Соломоновиот експеримент со смеата и веселбата, тоа ќе ни помогне да избегнеме да бидеме „повеќе сластољупци отколку богољупци“ (2. Тимотеј 3:1, 4).
14. На кој начин човекот со проникливост оди „право напред“?
14 На кој начин човекот со проникливост оди „право напред“? Духовната проникливост и применувањето на божествените начела ги водат луѓето по еден исправен, прав пат. Преводот од Баингтон без заобиколување вели: „Глупавоста е блаженство за човекот без мозок, но интелигентниот човек ќе оди право“. „Човекот со проникливост“ си создава прави патеки за своите нозе и способен е да распознава исправно од погрешно затоа што ја применува Божјата Реч во животот (Евреите 5:14; 12:12, 13).
Секогаш барај проникливост од Јехова
15. Што учиме од Изреки 2:6—9?
15 За да следиме еден исправен пат во животот, сите ние треба да ја признаваме нашата несовршеност и да бараме духовна проникливост од Јехова. Изреки 2:6—9 (НС) велат: „Самиот Јехова дава мудрост; од неговата уста се спознанието и проникливоста. А за исправните тој ќе собере практична мудрост; за оние кои одат во интегритет, тој е штит, држејќи ги патеките на судот, и ќе ја чува самата патека на своите лојални. Во тој случај ќе ја разбереш праведноста и судот и исправноста, целиот пат на она што е добро“. (Спореди Јаков 4:6.)
16. Зошто нема ни мудрост, ни проникливост, ни совет наспроти Јехова?
16 Признавајќи ја нашата зависност од Јехова, понизно да бараме да ја проникнеме неговата волја со тоа што ќе копаме по неговата Реч. Тој поседува мудрост во апсолутна смисла и неговиот совет секогаш е корисен (Исаија 40:13; Римјаните 11:34). Всушност, секој совет што е спротивен на Него, е безвреден. Стихот од Изреки 21:30 наведува: „Нема мудрост, нема разум [проникливост, НС], нема совет — против Господа“. (Спореди Изреки 19:21, НС.) Само духовната проникливост, развиена преку проучувањето на Божјата Реч со помошта на публикациите обезбедени преку ‚верниот и разборит роб‘, ќе ни помогне да следиме исправен пат во животот (Матеј 24:45—47, НС). Затоа, да го ускладиме нашиот начин на живот со советот од Јехова, знаејќи дека сеедно колку веровит може да изгледа некој спротивен совет, тој не може да се мери со Неговата Реч.
17. До што може да дојде ако се даде погрешен совет?
17 Проникливите христијани кои даваат совет, сфаќаат дека тој треба цврсто да се темели на Божјата Реч и дека е потребно проучување на Библијата и медитирање пред да се одговори на некое прашање (Изреки 15:28, НС). Ако е погрешно одговорено на прашањата во врска со некои сериозни работи, може да дојде до огромна штета. Затоа, на христијанските старешини им треба духовна проникливост и треба да се молат за Јеховино водство кога настојуваат да им помогнат на соверниците во духовен поглед.
Изобилувај во духовната проникливост
18. Ако се појави некој проблем во собранието, како може проникливоста да ни помогне да ја задржиме својата духовна рамнотежа?
18 За да му угодиме на Јехова, потребна ни е „проникливост во сѐ“ (2. Тимотеј 2:7, НС). Горливото проучување на Библијата и покорувањето на водството од Божјиот дух и организација ќе ни помогнат да проникнеме што треба да сториме кога ќе се соочиме со ситуации кои би можеле да нѐ наведат на погрешен пат. На пример, да претпоставиме дека нешто во собранието не се прави онака како што ние мислиме дека би требало. Духовната проникливост ќе ни помогне да видиме дека тоа не е причина да престанеме да се дружиме со Јеховиниот народ и да престанеме да му служиме на Бог. Помисли на нашата предност да му служиме на Јехова, на духовната слобода што ја уживаме, на радоста што можеме да ја извлекуваме од нашата служба како објавители на Царството. Духовната проникливост ни овозможува да добиеме исправна перспектива и да сфатиме дека сме предадени на Бог и дека треба да го цениме нашиот однос со него, без разлика што прават другите. Ако не постои нешто што можеме да сториме на теократски начин за да решиме некој проблем, треба стрпливо да чекаме Јехова да ја поправи ситуацијата. Наместо да престанеме или да му попуштиме на очајот, ‚да чекаме на Бог‘ (Псалм 42:5, 11, НС).
19. а) Која била суштината на Павловата молитва за филипјаните? б) Како може проникливоста да ни помогне ако некоја работа не ја разбираме потполно?
19 Духовната проникливост ни помага да му останеме лојални на Бог и на неговиот народ. На христијаните во Филипи, Павле им рекол: „А за ова се молам и понатаму, вашата љубов сѐ повеќе и повеќе да изобилува со точно спознание и со сета проникливост; за да можете да се уверите во поважните работи, за да бидете без маана и да не ги спрепнувате другите до денот на Христос“ (Филипјаните 1:9, 10, НС). За да резонираме исправно, потребни ни се ‚точно спознание и сета проникливост‘. Грчкиот збор што овде е преведен со „проникливост“, означува ‚чувствено морално согледување‘. Кога ќе научиме нешто, сакаме да ја согледаме неговата врска со Бог и со Христос и да медитираме како тоа ја велича Јеховината личност и подготовки. На тој начин се зголемува нашата проникливост и нашето ценење за она што го сториле Јехова Бог и Исус Христос за нас. Ако некоја работа не ја разбираме потполно, проникливоста ќе ни помогне да сфатиме дека не смееме да ја отфрламе нашата вера во сите важни нешта што сме ги научиле за Бог, за Христос и за божествената намера.
20. Како можеме да изобилуваме во духовната проникливост?
20 Ќе изобилуваме во духовната проникливост доколку нашите мисли и постапки секогаш ги доведуваме во склад со Божјата Реч (2. Коринтјаните 13:5). Ако го правиме ова на конструктивен начин, тоа ќе ни помогне да бидеме понизни, а не тврдоглави и критизерски настроени спрема другите. Проникливоста ќе ни помогне да извлечеме корист од исправката и да се увериме во поважните работи (Изреки 3:7). Затоа, со желба да му угодиме на Јехова, да настојуваме да бидеме исполнети со точно спознание за неговата Реч. Тоа ќе ни овозможи да проникнуваме што е исправно а што погрешно, да одредиме што е навистина важно, и лојално да се држиме цврсто за нашиот скапоцен однос со Јехова. Сево ова е можно ако го наклониме своето срце кон проникливост. Сепак, потребно е уште нешто. Мораме да дозволиме проникливоста да нѐ чува.
Како би одговорил?
◻ Зошто треба да го наклониме своето срце кон проникливост?
◻ Како може проникливоста да влијае врз нашиот говор и однесување?
◻ Какво влијание може да има проникливоста врз нашиот дух?
◻ Зошто треба секогаш да бараме проникливост од Јехова?
[Слика на страница 13]
Проникливоста ни помага да го контролираме нашиот дух
[Слика на страница 15]
Проникливиот цар Соломон увидел дека лекоумноста не е она што вистински задоволува