Поглавје 15
Да се изгради семејство кое ќе му оддава чест на Бог
1-3. Зошто некои се неспособни да ги решат проблемите што се вообичаени за бракот и родителството, но како може Библијата да помогне?
ДА ПРЕТПОСТАВИМЕ дека планираш да градиш куќа. Прво купуваш плац. Со желно исчекување, во мислите веќе ја гледаш твојата нова куќа. Но, што ако немаш алат и градежни вештини? Колку разочарувачки би биле твоите напори!
2 Многу двојки стапуваат во брак замислувајќи си едно среќно семејство, а го немаат ниту алатот ниту, пак, вештините што се потребни за да го изградат. Набргу по венчавката почнуваат да се пројавуваат негативности во однесувањето. Тепањето и карањето стануваат секојдневна рутина. Кога ќе се родат деца, новиот татко и новата мајка не се ништо повешти во родителството отколку во бракот.
3 Но, за среќа, Библијата може да помогне. Нејзините начела се како алатки кои ти овозможуваат да изградиш едно среќно семејство (Изреки 24:3). Да видиме како се постигнува тоа.
АЛАТКИ ЗА ГРАДЕЊЕ НА СРЕЌЕН БРАК
4. Зошто треба да се очекуваат проблеми во бракот, и какви мерила се дадени во Библијата?
4 Сеедно колку добро изгледа дека си одговара една брачна двојка, сепак партнерите се разликуваат во емоционалната градба, во искуството од детството и семејното потекло. Затоа, по венчавката, треба да се очекуваат извесни проблеми. Како ќе се решаваат? Па, кога градителите градат куќа, тие се консултираат со плановите кои ги содржат упатствата што треба да се следат. Библијата ги дава Божјите мерила за градење на среќно семејство. Да испитаме неколку од нив.
5. Како Библијата ја нагласува важноста на верноста во бракот?
5 Верност. Исус рекол: „Бог што составил, човек да не разделува“a (Матеј 19:6). Апостол Павле напишал: „Бракот на сите треба да е чесен, и брачното легло — чисто; а блудниците и прељубниците ќе ги суди Бог“ (Евреите 13:4). Затоа, венчаните лица треба да чувствуваат обврска спрема Јехова да останат верни на брачниот другар (1. Мојсеева 39:7-9).
6. Како ќе помогне верноста да се сочува бракот?
6 Верноста му дава на бракот достоинство и сигурност. Верните сопружници знаат дека, што и да се случи, тие ќе се поддржуваат еден со друг (Проповедник 4:9-12). Колку е тоа поинаку од ставот на оние кои го напуштаат својот брак при првиот знак на неволја! Таквите поединци брзо заклучуваат дека ‚ја избрале погрешната личност‘, дека ‚повеќе не се сакаат‘, дека решението е во нов брачен другар. Но, ваквиот заклучок не му дава прилика на ниеден сопружник емоционално да се развие. Наместо тоа, таквите неверни лица ги пренесуваат истите проблеми на новите партнери. Кога некој има убав дом и забележи дека покривот му прокиснува, сигурно ќе се обиде да го поправи. Тој нема поради тоа едноставно да се пресели во друга куќа. На сличен начин, со промената на брачниот партнер не се решаваат спорните прашања на кои се должи брачната кавга. Кога ќе се појават проблеми, не обидувај се да бараш излез од бракот, туку работи напорно за да го сочуваш. Таквата верност го смета бракот за нешто што вреди да се чува, одржува и цени.
7. Зошто на брачните двојки честопати им е тешко да комуницираат, но како може да помогне облекувањето на „новиот човек“?
7 Комуникација. „Без советување намерите се растураат“ — вели една библиска изрека (Изреки 15:22). Но, на некои брачни двојки им е тешко да комуницираат. Зошто е така? Затоа што луѓето имаат различни стилови на комуникација. Тоа е факт кој честопати води до значителни недоразбирања и фрустрации. Во ова може да игра улога воспитанието. На пример, некои можеби биле одгледувани во дом каде што родителите секогаш се карале. Сега, како венчани лица, тие можеби не знаат како да зборуваат со својот сопружник на начин кој е учтив и полн со љубов. Меѓутоа, вашиот дом не треба да се претвори во ‚куќа на раздор‘ (Изреки 17:1). Библијата нагласува дека треба да се облече „новиот човек“ и таа не ја одобрува злобната огорченост, пискање и навредлив говор (Ефесјаните 4:22-24, 31).
8. Што може да биде од помош кога не се сложуваш со својот брачен другар?
8 Што можеш да сториш ако има недоразбирања? Ако карактерите почнат да се распламтуваат, добро ќе биде да го следиш советот од Изреки 17:14: „Отстапи од караницата пред да се разгори“. Да, би можел да ја одложиш дискусијата за подоцна, кога и ти и твојот брачен другар ќе се смирите (Проповедник 3:1, 7). Во секој случај, настојувај да бидеш „брз во слушањето, а спор во зборувањето, и бавен на гнев“ (Јаков 1:19). Твоја цел треба да биде поправање на ситуацијата, а не добивање на спорот (1. Мојсеева 13:8, 9). Избери зборови и начин на кој ќе ги кажеш, за да те смират и тебе и твојот сопружник (Изреки 12:18; 15:1, 4; 29:11). А над сѐ, немојте да останете во раздразнета состојба, туку барајте помош заедно преку разговор со Бог во понизна молитва (Ефесјаните 4:26, 27; 6:18).
9. Зошто може да се рече дека комуникацијата започнува во срцето?
9 Една библиска изрека гласи: „Срцето на мудриот го прави јазикот негов мудар, разумот се пројавува и во устата негова“ (Изреки 16:23). Според тоа, клучот за успешна комуникација е всушност срцето, а не устата. Каков став имаш ти спрема твојот брачен другар? Библијата ги охрабрува христијаните да бидат „жалостиви“ (1. Петрово 3:8). Можеш ли да бидеш таков кога твојот брачен партнер е измачуван од некаква грижа? Ако да, тоа ќе ти помогне да знаеш што да кажеш (Исаија 50:4).
10, 11. Како може сопругот да го примени советот од 1. Петрово 3:7?
10 Чест и почит. На христијанските сопрузи им е речено да живеат со своите сопруги „според спознанието, оддавајќи им чест како на послаб сад, женски“ (1. Петрово 3:7, НС). Да ѝ се оддава чест на сопругата подразбира да се признае нејзината вредност. Сопругот кој живее со својата сопруга „според спознанието“, има длабока почит кон нејзините чувства, сили, интелигенција и достоинство. Тој треба исто така да има желба да научи како гледа Јехова на жените и како тој бара да се постапува со нив.
11 Да речеме дека во твојата куќа имаш еден многу корисен сад што е посебно осетлив. Зарем нема да ракуваш со него со особено внимание? Затоа Петар го употребил изразот „послаб сад“ во таа смисла, и тоа треба да го поттикне христијанскиот сопруг да покажува нежна обѕирност спрема својата сакана сопруга.
12. Како може сопругата да покаже дека длабоко го почитува својот сопруг?
12 Но, каков совет ѝ дава Библијата на сопругата? Павле напишал: „Жената да се бои од [да има длабоко почитување кон, НС] мажот свој“ (Ефесјаните 5:33). Исто како што една сопруга треба да осети дека нејзиниот сопруг ѝ оддава чест и многу ја сака, така и сопругот треба да осети дека сопругата го почитува. Сопругата која има длабоко почитување кон својот сопруг, нема непромислено да ги шири наоколу неговите грешки, без разлика дали е христијанин или не. Таа нема да го лишува од достоинството преку приватно или јавно критизирање и омаловажување (1. Тимотеј 3:11; 5:13).
13. Како можат гледиштата да се изразат на мирен начин?
13 Тоа не значи дека сопругата не може да ги изрази своите гледишта. Ако нешто ја вознемирува, таа може со почит да го каже тоа (1. Мојсеева 21:9-12). Начинот како му соопштува на сопругот некоја идеја би можел да се спореди со дофрлување на топка. Ако нежно му ја додаде топката, тој лесно ќе ја фати, но ако ја фрли со голема сила, ќе го повреди. Колку е само подобро кога обата сопружника избегнуваат да си префрлуваат обвиненија, а зборуваат на љубезен и нежен начин! (Матеј 7:12; Колосјаните 4:6; 1. Петрово 3:3, 4).
14. Што треба да сториш ако твојот брачен другар покажува мал интерес за применувањето на библиските начела во бракот?
14 Како што досега видовме, библиските начела можат да ти помогнат да изградиш среќен брак. Но, што ако твојот сопружник покажува мал интерес за она што го кажува Библијата? Сѐ уште можеш да постигнеш многу доколку во твојата улога го применуваш спознанието за Бог. Петар напишал: „Вие, жените, бидете им покорни на своите мажи, та, ако некои од нив не му се покоруваат на словото, преку поведението на своите жени да се придобијат без услови [без збор, НС], кога ќе го видат вашиот чист и богобојазлив живот“ (1. Петрово 3:1, 2). Се разбира, истото би важело и за еден сопруг чијашто сопруга е рамнодушна кон Библијата. Без разлика како ќе постапува твојот брачен другар, библиските начела нека те направат тебе подобар сопружник. Спознанието за Бог може да те направи и подобар родител.
ОДГЛЕДУВАЊЕ НА ДЕЦА СПОРЕД СПОЗНАНИЕТО ЗА БОГ
15. Како понекогаш се пренесуваат погрешните методи на одгледување на деца, но како би можел да се прекине тој круг?
15 Ако само поседуваш пила или чекан, тоа не значи дека си вешт дрводелец. Слично на тоа, ако имаш деца, не значи дека си и вешт родител. Свесно или несвесно, родителите честопати ги одгледуваат своите деца онака како што и самите тие биле одгледувани. Затоа, погрешните методи на одгледување деца понекогаш се пренесуваат од генерација на генерација. Една древна еврејска изрека гласи: „Татковците јадеа кисело грозје, а на децата забите им фаќаа оскомина“. Сепак, Библијата покажува дека човек не мора да го следи патот по кој тргнале неговите родители. Тој може да избере поинаков пат кој е под влијание на Јеховините уредби (Језекиил 18:2, 14, 17).
16. Зошто е важно да се грижиш за своето семејство, и што вклучува тоа?
16 Јехова очекува од христијанските родители да им дадат исправно водство и грижа на своите деца. Павле напишал: „Ако некој не се грижи за своите, а особено за своите домашни, тој се одрекол од верата и полош е од неверник“ (1. Тимотеј 5:8). Какви силни зборови! Исполнувањето на улогата на хранител, што подразбира грижа за физичките, духовните и емоционалните потреби на своите деца, за едно побожно лице е предност и одговорност. Библијата дава начела кои можат да им помогнат на родителите да создадат среќна средина за своите деца. Разгледај некои од нив.
17. Што е неопходно ако сакаш твоите деца да го имаат Божјиот закон во своите срца?
17 Дајте добар пример. На израелските родители им било заповедано: „Пренесувај им ги [Божјите зборови] на децата свои и говори за нив, кога седиш дома и кога си на пат, кога си легнуваш и кога стануваш“. Родителите требало да ги поучуваат своите деца за Божјите мерила. Но, пред овој налог стоела изјавата: „Овие зборови, што ти ги заповедам денес, да бидат во срцето твое“ (5. Мојсеева 6:6, 7). Да, родителите не можат да го дадат она што го немаат. Божјите закони мораат најпрво да бидат впишани во вашите срца ако сакате да ги запишете и во срцата на вашите деца (Изреки 20:7; спореди Лука 6:40).
18. Како им го дал Јехова најдобриот пример на родителите во покажувањето љубов?
18 Уверете ги во вашата љубов. При Исусовото крштавање, Јехова изјавил: „Ти си Мојот возљубен Син, во Тебе е Мојата волја“ (Лука 3:22). На тој начин, Јехова го признал својот Син така што отворено изјавил дека го одобрува и дал уверување за Неговата љубов. Подоцна, Исус му рекол на својот Татко: „Ме возљуби уште пред да се создаде светот“ (Јован 17:24). Затоа, како побожни родители, покажувајте усни и физички изрази на вашата љубов кон своите деца — и правете го тоа често. Секогаш имајте на ум дека „љубовта изградува“ (1. Коринтјаните 8:1).
19, 20. Што е вклучено во исправната стега на децата, и како можат родителите да извлечат корист од Јеховиниот пример?
19 Стега. Библијата ја нагласува важноста на стегата полна со љубов (Изреки 1:8). Оние родители кои денес ја избегнуваат одговорноста да им дадат водство на своите деца, веројатно уште утре ќе се соочат со болните последици. Но, родителите исто така се предупредени да не одат во друга крајност. „Татковци,“ — напишал Павле — „не дразнете ја челадта своја, за да не паѓаат со духот!“ (Колосјаните 3:21). Родителите мораат да избегнуваат претерано да ги казнуваат своите деца или постојано да се навраќаат на нивните недостатоци и да ги критизираат нивните напори.
20 Јехова Бог, нашиот небесен Татко, служи како пример во давањето на стега. Неговото казнување никогаш не оди во крајност. „Ќе те казнам тебе по мерка“ — му рекол Бог на својот народ (Јеремија 46:28). Родителите треба да го имитираат Јехова во овој поглед. Сигурно, стегата која ги надминува разумните граници или оди над предвидената цел на карањето и поучувањето, предизвикува раздразнетост.
21. Како можат родителите да утврдат дали нивната стега е делотворна?
21 Како можат родителите да утврдат дали нивната стега е делотворна? Би можеле да се прашаат: ‚Што постигнувам со мојата стега?‘ Таа треба да поучи. Твоето дете треба да разбере зошто ја даваш стегата. Родителите треба исто така да бидат загрижени за последиците од нивното карање. Точно, скоро сите деца отпрвин се лутат на стегата (Евреите 12:11). Но, стегата не треба никогаш да предизвика детето да се чувствува заплашено или отфрлено, или, пак, да му се остави впечаток дека се родило злобно. Пред да го казни својот народ, Јехова рекол: „Не бој се, . . . Јас сум со тебе“ (Јеремија 46:28). Да, казнувањето треба да го извршите на таков начин на кој вашето дете ќе осети дека вие сте срдечни родители кои даваат поддршка и се полни со љубов.
ДА СЕ ДОБИЕ „ВЕШТО ВОДСТВО“
22, 23. Како можеш да го добиеш неопходното водство за градење на среќно семејство?
22 Можеме да бидеме благодарни што Јехова ни ги дал потребните алатки за градење на среќно семејство. Но, не е доволно само да ги поседуваме алатките. Мораме да вежбаме како исправно да ги употребуваме. На пример, еден градежник може да развие лоши навики во начинот на ракување со своите алатки. Може сосема погрешно да користи некои од нив. Под такви околности, најверојатно неговите методи ќе доведат до послаб резултат. На сличен начин, можеби сега ти си свесен за нездравите навики кои се вовлекле во твоето семејство. Некои навики се можеби силно вкоренети и тешко е да се променат. Меѓутоа, следи го библискиот совет: „Ако мудриот слуша, ќе ги умножи знаењата свои, и разумниот ќе најде мудри совети [добива вешто водство, НС]“ (Изреки 1:5).
23 Ти можеш да добиеш вешто водство ако продолжиш да растеш во спознанието за Бог. Внимавај на библиските начела што се однесуваат на семејниот живот и прави прилагодувања онаму каде што е неопходно. Посматрај ги зрелите христијани кои даваат добар пример како брачни другари и родители. Разговарај со нив. И над сѐ, изнеси ја твојата грижа пред Јехова во молитва (Псалм 54:22; Филипјаните 4:6, 7). Тој може да ти помогне да се радуваш на среќен семеен живот кој ќе му оддава чест.
[Фуснота]
a Единствената библиска причина за развод која допушта повторно венчавање е ‚прељубата‘ — сексуални односи надвор од бракот (Матеј 19:9).
ПРОВЕРИ ГО СВОЕТО СПОЗНАНИЕ
Како верноста, комуникацијата, честа и почитувањето придонесуваат за среќен брак?
На кои начини можат родителите да ги уверат своите деца во нивната љубов?
Кои фактори се вклучени во исправната стега?
[Слика на целата страница 147]