Јехова може да те зајакне
„Он му дава сила на уморениот, и му дарува јачина на изнемоштениот“ (ИСАИЈА 40:29).
1, 2. Кои се некои од доказите за Јеховината голема сила?
ЈЕХОВА е Бог на ‚голема сила‘. Доказот за Божјата ‚вечна сила и Божество‘ можеме да го видиме во величественоста на неговите физички творби. Оние кои одбиваат да го признаат таквиот доказ за неговото Творештво, немаат изговор (Псалм 146:5; Римјаните 1:19, 20).
2 Јеховината сила станува сѐ поочигледна додека научниците уште подлабоко ја истражуваат вселената, со нејзините безбројни галаксии кои се простираат на стотици милиони светлосни години. Во темна но јасна ноќ, посматрај го небото и ќе видиш дека и ти ќе се чувствуваш исто како псалмистот: „Кога ќе ги погледам небесата, дела на прстите Твои, па месечината и ѕвездите, што си ги поставил Ти: Што е тоа човек, та се сеќаваш на него, или синот човечки, па го посетуваш?“ (Псалм 8:3, 4). А колку добро се грижи Јехова за човекот, односно за нас! На првиот човек и жена тој им дал прекрасен земски дом. Дури и неговата почва имала моќ — да расте вегетација, давајќи богата, незагадена храна. Човекот и животните добиваат физичка сила од овој показ на Божјата сила (1. Мојсеева 1:12; 4:12; 1. Царства 28:22).
3. Освен физичките работи во вселената, што друго ја покажува Божјата сила?
3 Освен што небесата се фасцинантни и што Земјината флора и фауна се прекрасни, тие исто така ни ја покажуваат и Божјата сила. Апостол Павле напишал: „Она, што е во Него невидливо, односно вечната Негова сила и Божеството, се гледа уште од создавањето на светот, гледани според нивните созданија“ (Римјаните 1:20). Но, постои уште еден доказ за неговата сила кој го заслужува нашето внимание и ценење. Можеби се прашуваш: ‚Што може да ја покаже Божјата сила повеќе отколку вселената?‘ Одговорот е Исус Христос. Всушност, апостол Павле под инспирација вели дека распнатиот Христос е „Божја сила и Божја премудрост“ (1. Коринтјаните 1:24). ‚Но, зошто е така?‘ — можеби се прашуваш. ‚И каква врска има тоа со мојот живот токму сега?‘
Сила покажана преку неговиот Син
4. Како била покажана Божјата сила во врска со неговиот Син?
4 Божјата сила најпрво се покажала кога тој го создал својот единороден Син, направен по негов лик. Овој духовен Син му служел на Јехова како „главен работник“ (НС) така што ја употребувал Божјата огромна сила во создавањето на сите други работи (Изреки 8:22, 30). Павле им напишал на неговите христијански браќа во Колоси: „Преку Него е создадено сѐ што е на небесата и што е на земјата, видливо и невидливо; . . . сѐ е преку Него и за Него создадено“ (Колосјаните 1:15, 16).
5-7. а) Како биле вклучени луѓето во покажувањето на Божјата сила во минатото? б) Каква причина постои да веруваме дека Божјата сила може да се покаже и во случајот со денешните христијани?
5 Ние сме дел од ‚она што е создадено на земјата‘. Според тоа, дали би можел Бог да ни даде сила и нам луѓето? Па, преку Божјите постапки со несовршените луѓе, Јехова одвреме навреме им давал посебна сила на своите слуги за да ги извршат неговите намери. Мојсеј знаел дека несовршените луѓе обично живеат 70 до 80 години (Псалм 89:10). А што е со самиот Мојсеј? Тој доживеал 120 годишна старост, а сепак ‚видот не му ослабнал, и силата негова не му опаднала‘ (5. Мојсеева 34:7, НС). Иако тоа не значи дека Бог му овозможува на секој од неговите слуги да живее толку долго или да одржи таква виталност, тоа докажува дека Јехова може да им даде сила на луѓето.
6 Натамошен доказ за Божјата способност да им даде сила на мажи и жени е она што го сторил со Авраамовата жена. „Сара — бидејќи неплодна, доби сила да зачне и, покрај возраста нејзина, роди, оти Го сметаше за верен Оној, Кој беше ветил.“ Или, размисли за тоа како Бог им дал сила на судиите и на други во Израел: ‚Гедеон, Варак, Самсон, Јефтај, Давид, Самуил и други пророци, кои . . . од немоќни станале крепки‘ (Евреите 11:11, 32-34).
7 Таквата сила може да биде делотворна и во нашиот случај. Додуша, не можеме да очекуваме сега некакво потомство преку чудо или да покажеме сила како Самсоновата. Сепак, можеме да бидеме јаки, како што им споменал Павле на просечните луѓе во Колоси. Да, Павле им пишувал на мажи, жени и деца какви што среќаваме и ние во денешните собранија, велејќи дека тие биле ‚укрепени [зајакнати, НС] со секаква сила‘ (Колосјаните 1:11).
8, 9. Како се покажала Јеховината сила во поглед на луѓето како нас од првиот век?
8 За време на Исусовата земска служба, Јехова објаснил дека неговата сила дејствувала преку неговиот Син. На пример, кога толпите се собрале кај Исус во Капернаум, тој ‚имал сила Господова да лекува‘ (Лука 5:17).
9 По неговото воскресение, Исус им ветил на своите следбеници дека ‚ќе примат сила, кога врз нив ќе слезе Светиот Дух‘ (Дела 1:8). Колку само точно било тоа! Еден историчар известува за настаните што се случиле неколку дена по Пентакост од 33. н. е.: „Апостолите, пак, со голема сила сведочеа за воскресението на Господа Исуса Христа“ (Дела 4:33). Самиот Павле бил еден од оние кои биле зајакнати да го вршат делото за кое ги овластил Бог. По неговото преобраќање и по враќањето на видот, тој ‚се засилувал сѐ повеќе и ги збунувал Јудејците кои живееле во Дамаск, докажувајќи им дека Овој е Христос‘ (Дела 9:22).
10. Како помогнала Божјата сила во случајот со Павле?
10 Секако дека на Павле му требала посебна сила, ако само размислиме за духовната и умствена кондиција што била потребна за да изврши три мисионерски патувања, кои опфаќале пат од илјадници километри. Исто така, поднел секакви видови тешкотии, издржал затворања и се соочил со мачеништво. Како го поднел сето тоа? Тој одговорил: „Господ беше со мене и ме укрепи, та преку мене да се утврди Благовестието“ (2. Тимотеј 4:6-8, 17; 2. Коринтјаните 11:23-27).
11. Во поглед на Божјата сила, на каква надеж се осврнал Павле во врска со неговите соверници во Колоси?
11 Затоа, не изненадува фактот што Павле, кога им пишувал на неговите „браќа во Исуса Христа“ во Колоси, ги уверувал дека можат да бидат ‚укрепени со секаква сила преку Неговата [Јеховината] славна моќ за секаква трпеливост и големодушност со радост‘ (Колосјаните 1:2, 11). Иако овие зборови првенствено им биле упатени на помазаните христијани, тоа што го напишал Павле може да им користи на сите кои одат по Христовите стапки.
Зајакнати во Колоси
12, 13. Која е позадината на писмото до Колосјаните, и каква најверојатно била реакцијата на него?
12 Собранието во Колоси, сместено во римската провинција Азија, веројатно било формирано преку проповедањето на верниот христијанин по име Епафрас. Изгледа дека, кога чул за Павловото затворање во Рим околу 58. н. е., Епафрас одлучил да го посети апостолот и да го охрабри со извонреден извештај за љубовта и непоколебливоста на неговите браќа во Колоси. Тој веројатно раскажал вистинит извештај за некои проблеми во колоското собрание што требало да се исправат. Павле, пак, се чувствувал поттикнат на собранието да му напише писмо со охрабрување и опомена. И ти можеш да извлечеш значително охрабрување од првото поглавје од тоа писмо, бидејќи тоа објаснува како може Јехова да ги зајакне своите слуги.
13 Замисли си како мора да се чувствувале браќата и сестрите во Колоси кога Павле ги опишал како ‚верни браќа во Исуса Христа‘. Тие заслужиле пофалба поради нивната ‚љубов кон сите свети‘ и поради тоа што ‚принесувале плод во вистинското слово на Благовестието‘ откога станале христијани! Дали можат овие исти изрази да се кажат и за нашето собрание, односно за нас лично? (Колосјаните 1:2-8).
14. Каква била Павловата желба во врска со Колосјаните?
14 Павле бил толку подбуден од извештајот што го добил, што им рекол на Колосјаните дека не престанал да се моли за нив тие да бидат ‚исполнети со познавање на Неговата [Божјата] волја во секоја мудрост и духовно разбирање, та да постапуваат достојно за Бога‘. Тој се молел тие ‚да принесуваат плод во секое добро дело и да растат во познавањето на Бога, укрепувајќи се со секаква сила преку Неговата славна моќ за секаква трпеливост и големодушност со радост‘ (Колосјаните 1:9-11).
Зајакнати и денес
15. Како можеме да го покажеме истиот став што бил одразен во она што им го напишал Павле на Колосјаните?
15 Каков извонреден пример ни оставил Павле! На нашите браќа ширум светот им се потребни нашите молитви за да издржат и да ја задржат својата радост и покрај страдањата. Како Павле, и ние треба да бидеме конкретни во нашите молитви кога ќе чуеме вести дека браќата во некое друго собрание или во друга земја доживуваат тешкотии. Можеби некое блиско собрание е погодено од природна катастрофа или од некоја духовна тешкотија. Или, можеби христијаните во некоја земја страдаат од граѓанска војна или од меѓуплеменски колења. Во молитва треба да го молиме Бог да им помогне на нашите браќа ‚да постапуваат достојно за Бога‘, да продолжат да донесуваат плод на Царството додека истрајуваат и да растат во спознанието. На тој начин, Божјите слуги ја добиваат силата од неговиот дух, ‚укрепени со секаква сила‘. Можеш да бидеш уверен дека твојот Татко ќе те услиши и ќе ти одговори (1. Јованово 5:14, 15).
16, 17. а) Како што напишал Павле, за што треба да бидеме благодарни? б) Во која смисла бил ослободен и му било простено на Божјиот народ?
16 Павле им напишал дека Колосјаните требало да ‚Му благодарат на Отецот, Кој ги направил способни да учествуваат во наследството на светите во светлината‘. Да му благодариме и ние на нашиот небесен Татко за нашето место во неговото уредување, сеедно дали е тоа во небесното или во земското подрачје на неговото Царство. Како станале несовршените луѓе погодни во Божјите очи? Павле им напишал на неговите помазани браќа: „[Бог] нѐ избави од власта на темнината и нѐ воведе во царството на Својот возљубен Син, во Кого имаме откуп преку крвта Негова и опростување на гревовите“ (Колосјаните 1:12-14).
17 Без разлика каква е нашата надеж, небесна или земска, секојдневно му благодариме на Бог за нашето ослободување од овој зол систем на темнината, што е постигнато со нашата вера во скапоцената подготовка на откупната жртва на Јеховиниот драг Син (Матеј 20:28). Духовно помазаните христијани извлекле корист од откупнината која била применета на нив на еден посебен начин така што можеле да бидат ‚воведени во царството на Божјиот возљубен Син‘ (Лука 22:20, 29, 30). Но и ‚другите овци‘ уште сега извлекуваат корист од откупнината (Јован 10:16). Тие можат да добијат Божје простување за да имаат праведна положба пред него како негови пријатели. Имаат голем удел во објавувањето на „ова Евангелие за царството“ во ова време на крајот (Матеј 24:14). Освен тоа, тие ја имаат величествената надеж да станат потполно праведни и физички совршени до крајот на Христовата Илјадагодишна влада. Додека го читаш описот од Откровение 7:13-17, веројатно ќе се сложиш дека околностите кои се опишани тука, ќе бидат доказ дека се спасени и благословени.
18. Какво помирување, споменато во писмото до Колосјаните, Бог сѐ уште врши?
18 Павловото писмо ни помага да сфатиме колку многу му должиме на најголемиот човек кој некогаш живеел. Што постигнал Бог преку Христос? „Да измири сѐ со Себе, било земно, било небесно, творејќи мир со крвта на Неговиот крст.“ Божјата намера е сето творештво да го врати во потполна хармонија со себе, како што било пред бунтот во Едем. Оној кој бил употребен да се создадат сите работи е истиот Оној кој сега е употребен да го изврши ова помирување (Колосјаните 1:20).
Зајакнати за што?
19, 20. Од што зависи нашата светост и неизвалканост?
19 Оние меѓу нас кои се помирени со Бог, сносат одговорности. Некогаш сме биле грешни и отуѓени од Бог, но сега, откако сме поверувале во Исусовата жртва и повеќе не ги задржуваме нашите мисли на зли дела, ние, општо земено, се наоѓаме во ‚света и непорочна‘ положба, „без вина“ пред Бог (Колосјаните 1:21, 22). Замисли, исто како што Бог не се срамел од тие верни сведоци во старо време, така не се срами ни од нас ако го повикуваме како наш Бог (Евреите 11:16). Никој не може денеска да нѐ обвини дека погрешно го носиме неговото славно име ниту, пак, дека се плашиме да го објавуваме тоа име до краиштата на Земјата!
20 Сепак, забележи го предупредувањето што го додал Павле во Колосјаните 1:23: „Само ако останете во верата тврди и непоколебливи, и бидете неотклонливи во надежта на Евангелието, што го чувте, кое е проповедано на секое поднебесно создание“. Според тоа, многу зависи од тоа дали ќе останеме верни на Јехова, следејќи ги стапките на неговиот драг Син. Јехова и Исус сториле толку многу за нас! Да ја покажеме нашата љубов кон нив така што ќе го следиме Павловиот совет.
21. Зошто имаме голема причина да бидеме воодушевени денес?
21 Колоските христијани сигурно биле возбудени кога слушнале дека ‚Евангелието, што го чуле‘ веќе му било „проповедано на секое поднебесно создание“. Денес е уште повозбудливо да се слушне до кој обем се проповеда добрата вест за Царството од страна на преку четири и пол милиони Сведоци во над 230 земји. Тоа е затоа што секоја година скоро 300.000 поединци од сите нации се помируваат со Бог! (Матеј 24:14; 28:19, 20).
22. Што може Бог да стори за нас, дури и ако доживуваме некакво страдање?
22 Иако Павле очигледно бил в затвор кога го напишал писмото до Колосјаните, тој на никаков начин не ја оплакувал својата судбина. Напротив, рекол: „Сега се радувам во своите страдања за вас“. Павле знаел што значи да се има ‚секаква трпеливост и големодушност со радост‘ (Колосјаните 1:11, 24). Но, знаел дека ова не го сторил со своја сопствена сила. Јехова бил тој кој го зајакнал! Истото е случај и денес. Илјадници Сведоци кои биле затворани и прогонувани, не ја изгубиле својата радост во служењето на Јехова. Наместо тоа, почнале да ја сфаќаат вистинитоста на зборовите од Исаија 40:29-31: „Он му дава сила на уморениот . . . Оние кои се надеваат на Господа, ќе ја обноват силата своја“.
23, 24. Што е светата тајна, спомената во Колосјаните 1:26?
23 Службата на добрата вест, која се сосредоточува на Христа, за Павле значела толку многу. Тој барал и другите да ја ценат вредноста на Христовата улога во Божјата намера, па затоа ја опишал како ‚[света, НС] тајна, сокриена од векови и родови‘. Но таа не требало засекогаш да остане тајна. Павле додал: „А сега откриена на Неговите светии“ (Колосјаните 1:26). Кога избувнал бунтот во Едем, Јехова дал ветување за подобри работи кои треба да дојдат, прорекувајќи дека ‚семето на жената ќе ѝ ја згмечи главата на змијата‘ (1. Мојсеева 3:15, НС). Што значело ова? Со генерации и со векови, тоа останало мистерија. Тогаш дошол Исус и ‚го осветлил животот и нераспаѓањето преку Евангелието‘ (2. Тимотеј 1:10).
24 Да, „светата тајна“ се сосредоточува на Христа и на Месијанското Царство. Павле ги споменал ‚небесните работи‘, осврнувајќи се на оние кои ќе имаат удел во владеењето во Царството заедно со Христа. Овие ќе бидат средството со кое ќе се донесат неискажливи благослови за сите „земни работи‘, односно за оние кои ќе се радуваат на вечен рај овде на Земјата. Според тоа, можеш да видиш колку многу било прикладно што Павле се осврнал на ‚богатството на слава во оваа тајна‘ (Колосјаните 1:20, 27).
25. Како што е покажано во Колосјаните 1:29, каков треба да биде нашиот став сега?
25 Павле желно го очекувал своето место во Царството. Сепак, сфатил дека тоа не било нешто за кое треба само да седи и да чека. „Затоа и се трудам и молам според Неговата сила, која моќно дејствува во мене“ (Колосјаните 1:29). Забележи дека Јехова, преку Христос, го зајакнал Павле да изврши една животоспасувачка служба. Јехова може да го стори истото и за нас денес. Но, треба да се запрашаме: ‚Дали го имам истиот евангелизаторски дух што го имав кога првпат ја дознав вистината?‘ Каков е твојот одговор? Што може да му помогне на секого од нас да продолжи да ‚се труди според [Јеховината] сила‘? Токму за ова зборува следната статија.
Дали забележа?
◻ Зошто можеме да бидеме уверени дека Јехова може да ја покаже својата сила во полза на луѓето?
◻ Која е позадината на Павловите зборови во писмото до Колосјаните, поглавје 1?
◻ Како го извршува Бог помирувањето споменато во Колосјаните 1:20?
◻ Што може Јехова да изврши преку нас, со помош на својата сила?
[Карта/слика на страница 8]
(Види во публикацијата)
КОЛОСИ