‚Облечете се во долготрпеливост‘
„Облечете се во нежна наклоност на сочувство . . . и долготрпеливост“ (КОЛОШАНИТЕ 3:12).
1. Раскажи еден добар пример на долготрпеливост.
РЕЖИС, кој живее во југозападна Франција, станал крстен Сведок на Јехова во 1952 година. Неговата сопруга со години правела сѐ што можела за да ги спречи неговите напори да му служи на Јехова. Се обидела да му ги дупне гумите на колата за да го спречи да оди на состаноци, а во една прилика дури одела по него додека ја проповедал библиската порака од врата до врата, подбивајќи се со него додека тој разговарал со станарите за добрата вест за Царството. И покрај ваквото постојано противење, Режис и понатаму бил долготрпелив. Со тоа е извонреден пример за сите христијани, бидејќи Јехова бара сите негови обожаватели да бидат долготрпеливи во своите постапки со другите.
2. Кое е буквалното значење на грчкиот збор за „долготрпеливост“, и што означува тој збор?
2 Грчкиот збор за „долготрпеливост“ буквално значи „должина на духот“. Македонскиот Превод Нов свет на Христијанските грчки списи десетпати го преведува овој збор со „долготрпеливост“, трипати со „стрпливост“ и еднаш со „практикување стрпливост“. И хебрејските и грчките изрази преведени со „долготрпеливост“ ја вклучуваат мислата за стрпливост, воздржливост и бавност на гнев.
3. Како христијанското гледиште за долготрпеливоста се разликувало од гледиштето на Грците во првиот век?
3 Грците во првиот век не ја сметале долготрпеливоста за доблест. Стоичките филозофи никогаш не го употребиле тој збор. Според библискиот изучувач Вилијам Баркли, долготрпеливоста „е сосема спротивна на грчката доблест“, која се фалела меѓу другото со „одбивањето да се толерира каква и да е навреда или неправда“. Тој вели: „Голем бил оној човек што би сторил сѐ за да се одмазди. За христијанинот, голем е оној човек што, дури и кога може, одбива да го стори тоа“. Грците можеби сметале дека долготрпеливоста е знак на слабост, но овде, како и во други случаи, „она што е безумно од Бог, помудро е од луѓето, и она што е слабо од Бог, посилно е од луѓето“ (1. Коринќаните 1:25).
Христовиот пример на долготрпеливост
4, 5. Каков прекрасен пример на долготрпеливост дал Исус?
4 Втор, веднаш по Јехова, извонреден пример на долготрпеливост дал Христос Исус. Кога се наоѓал под голем притисок, Исус покажал зачудувачка воздржливост. За него било проречено: „Го измачуваа, а Тој оставаше, и не ја отвори Својата уста. Го одведоа како јагне на колење; како овца нема, пред оние што ја стрижат, не ја отвори Својата уста“ (Исаија 53:7).
5 Каква само извонредна долготрпеливост покажал Исус во текот на својата служба на Земјата! Тој ги поднел предавничките прашања на своите непријатели и навредите од противниците (Матеј 22:15-46; 1. Петрово 2:23). Бил стрплив со своите ученици, дури и кога тие секогаш одново се расправале за тоа кој од нив е најголем (Марко 9:33-37; 10:35-45; Лука 22:24-27). И каква само восхитувачка воздржливост покажал Исус ноќта кога бил предаден, кога Петар и Јован заспале откако им кажал да ‚бдеат‘! (Матеј 26:36-41).
6. Како извлекол Павле корист од Исусовата долготрпеливост, и што учиме од тоа?
6 По својата смрт и воскресение, Исус и понатаму бил долготрпелив. Апостол Павле бил особено свесен за тоа, бидејќи претходно бил прогонител на христијаните. Павле напишал: „Верна е и заслужува потполно да се прифати речта дека Христос Исус дојде во светот за да спаси грешници. Од нив прв сум јас. Но, ми беше укажано милосрдие за Христос Исус да ја покаже сета своја долготрпеливост преку мене како на најистакнат случај, како пример за оние кои ќе ја положат својата вера во него за вечен живот“ (1. Тимотеј 1:15, 16). Сеедно какво е нашето минато, ако својата вера ја полагаме во Исус, тој ќе биде долготрпелив со нас — но очекува, се разбира, да вршиме „дела кои прилегаат на покајание“ (Дела 26:20; Римјаните 2:4). Пораките што Христос ги испратил до седумте собранија во Мала Азија покажуваат дека иако е долготрпелив, тој очекува напредок (Откровение, поглавја 2 и 3).
Плод на духот
7. Каква е врската меѓу долготрпеливоста и светиот дух?
7 Во 5. поглавје од своето писмо до Галатите, Павле прави контраст меѓу делата на телото и плодовите на духот (Галатите 5:19-23). Со оглед на тоа што долготрпеливоста е една од особините на Јехова, таа потекнува од него и е плод на неговиот дух (Излез 34:6, 7). Навистина, долготрпеливоста е наведена како четврта по ред во Павловиот опис на плодовите на духот, заедно со ‚љубовта, радоста, мирот . . . љубезноста, добротата, верата, благоста, самосовладувањето‘ (Галатите 5:22, 23). Според тоа, кога Божјите слуги покажуваат побожна стрпливост, односно долготрпеливост, го прават тоа под влијание на светиот дух.
8. Што ќе ни овозможи да ги негуваме плодовите на духот, вклучувајќи ја и долготрпеливоста?
8 Меѓутоа, ова не значи дека Јехова му го наметнува некому светиот дух. Мораме спремно да се препуштиме на неговото влијание (2. Коринќаните 3:17; Ефешаните 4:30). Ние дозволуваме светиот дух да дејствува во нашиот живот на тој начин што ги негуваме неговите плодови во сѐ што правиме. Откако ги набројал делата на телото и плодовите на духот, Павле додал: „Ако живееме по дух, и понатаму да одиме уредно по духот. Немојте да се залажувате: со Бог нема подигрување. Зашто, што човек сее, тоа и ќе пожнее; бидејќи оној кој сее во поглед на своето тело, од телото ќе пожнее распадливост, а оној кој сее во поглед на духот, од духот ќе пожнее вечен живот“ (Галатите 5:25; 6:7, 8). За да бидеме успешни во негувањето долготрпеливост, мораме да ги негуваме и останатите плодови што кај христијаните ги донесува светиот дух.
„Љубовта е долготрпелива“
9. Зошто, можеби, Павле им рекол на коринќаните дека „љубовта е долготрпелива“?
9 Павле покажал дека постои една посебна врска меѓу љубовта и долготрпеливоста кога рекол: „Љубовта е долготрпелива“ (1. Коринќаните 13:4). Библискиот изучувач Алберт Барнс укажува дека Павле го нагласил ова поради препирките и кавгите што постоеле во христијанското собрание во Коринт (1. Коринќаните 1:11, 12). Барнс истакнува: „Зборот што е употребен овде [за долготрпеливост] е спротивен на брзање: на разгневени изјави и мисли, и на раздразливост. Тој означува состојба на умот која може да ПОДНЕСУВА ДОЛГО при угнетување, провоцирање“. Љубовта и долготрпеливоста сѐ уште во голема мера придонесуваат за мирот во христијанското собрание.
10. а) На кој начин ни помага љубовта да бидеме долготрпеливи, и каков совет дава апостол Павле во тој поглед? б) Каков коментар дал еден библиски изучувач во врска со Божјата долготрпеливост и љубезност? (Види ја фуснотата.)
10 „Љубовта е долготрпелива и љубезна. Љубовта . . . не ги бара сопствените интереси, не се раздразнува“. Според тоа, љубовта на многу начини ни помага да бидеме долготрпеливиa (1. Коринќаните 13:4, 5). Љубовта ни овозможува стрпливо да се поднесуваме еден со друг и да се потсетуваме дека сите сме несовршени и дека имаме грешки и недостатоци. Таа ни помага да бидеме обѕирни и да простуваме. Апостол Павле нѐ охрабрува да одиме „со потполна понизност на умот и благост, со долготрпеливост, поднесувајќи се еден со друг во љубов, сесрдно трудејќи се да го одржувате единството на духот во обединувачката врска на мирот“ (Ефешаните 4:1-3).
11. Зошто е особено важно да се биде долготрпелив во христијанските средини?
11 Долготрпеливоста на нивните членови придонесува за мирот и среќата во христијанските средини, сеедно дали станува збор за собранијата, бетелските домови, мисионерските домови, градежните тимови или школите. Поради разликите во личноста, вкусовите, воспитувањето, мерилата за пристојност, па дури и хигиената, одвреме навреме може да настанат искушувачки ситуации. Ова е случај и во семејствата. Многу е битно да се биде бавен на гнев (Пословици 14:29; 15:18; 19:11). Долготрпеливоста — стрплива истрајност, со надеж за промена на подобро — им е потребна на сите (Римјаните 15:1-6).
Долготрпеливоста ни помага да истраеме
12. Зошто е важна долготрпеливоста во текот на искушувачки околности?
12 Долготрпеливоста ни помага да истраеме под искушувачки ситуации кои изгледаат бескрајни или без некакво брзо решение. Ова било случај со Режис, спомнат во почетокот. Неговата сопруга со години се противела на неговите напори да му служи на Јехова. Меѓутоа, еден ден, таа со солзи дошла кај него и му рекла: „Знам дека тоа е вистината. Помогни ми. Сакам библиска студија“. На крајот се крстила како Сведок. Режис вели: „Ова докажа дека Јехова ги благослови тие години на борба, стрпливост и истрајност“. Неговата долготрпеливост била наградена.
13. Што му овозможило на Павле да истрае, и како може неговиот пример да ни помогне нам да истраеме?
13 Во првиот век н.е. апостол Павле бил добар пример на долготрпеливост (2. Коринќаните 6:3-10; 1. Тимотеј 1:16). Кон крајот на својот живот, кога му давал совет на својот помлад придружник Тимотеј, Павле го предупредил дека сите христијани ќе се соочуваат со испити. Павле го навел сопствениот пример и препорачал дека за истрајност се неопходни основните христијански особини. Тој напишал: „Ти тесно го следеше моето учење, мојот начин на живот, мојата намера, мојата вера, мојата долготрпеливост, мојата љубов, мојата истрајност, моите прогонства, моите страдања, работите кои ми се случија во Антиохија, во Иконија, во Листра, прогонствата кои ги поднесов; но сепак Господ ме избави од сите нив. Всушност, сите оние кои сакаат да живеат со побожна оддаденост во поврзаност со Христос Исус, исто така ќе бидат прогонувани“ (2. Тимотеј 3:10-12; Дела 13:49-51; 14:19-22). За да истраеме, на сите нас ни е потребна вера, љубов и долготрпеливост.
Облечени во долготрпеливост
14. Со што ги споредил апостол Павле побожните особини, како што е долготрпеливоста, и каков совет им дал тој на христијаните во Колоси?
14 Апостол Павле ја споредил долготрпеливоста и другите побожни особини со облека која христијанинот треба да ја облече откако ќе ги соблече практиките карактеристични за „старата личност“ (Колошаните 3:5-10). Тој напишал: „Како Божји избрани, свети и љубени, облечете се во нежна наклоност на сочувство, љубезност, понизност на умот, благост и долготрпеливост. Поднесувајте се еден со друг и простувајте си спремно еден на друг, ако некој има причина за поплака против друг. Токму како што Јехова доброволно ви прости вам, така правете и вие. Но, освен сево ова, облечете се во љубов зашто таа е совршена врска на единство“ (Колошаните 3:12-14).
15. Какви се резултатите кога христијаните ‚се облекуваат‘ во долготрпеливост и во други побожни особини?
15 Кога ‚се облекуваат‘ во сочувство, љубезност, понизност на умот, благост, долготрпеливост и љубов, членовите на едно собрание можат да ги решаваат проблемите и обединето да одат напред во Јеховината служба. Особено христијанските надгледници треба да бидат долготрпеливи. Можеби ќе има прилики кога тие ќе треба да укорат некој друг христијанин, но постојат различни начини за тоа. Павле го опишал најдобриот став кога на Тимотеј му напишал: „Укорувај, прекорувај, опоменувај, со сета долготрпеливост и уметност на поучување“ (2. Тимотеј 4:2). Да, со Јеховините овци треба секогаш да се постапува со долготрпеливост, достоинство и нежност (Матеј 7:12; 11:28; Дела 20:28, 29; Римјаните 12:10).
„Долготрпеливи спрема сите“
16. Какви можат да бидат резултатите кога сме „долготрпеливи спрема сите“?
16 Јеховината долготрпеливост кон човештвото нѐ става под морална обврска да ‚бидеме долготрпеливи спрема сите‘ (1. Солуњаните 5:14). Ова значи да бидеме стрпливи со членовите на семејството што не се Сведоци, со соседите, колегите на работа, соучениците. Сведоците што, понекогаш многу години, поднесувале саркастични коментари или отворено противење од луѓето со кои соработувале на работа или на училиште, совладале многу предрасуди (Колошаните 4:5, 6). Апостол Петар напишал: „Задржете го своето добро однесување меѓу нациите за во она, во кое зборуваат против вас како да сте злосторници, на темел на вашите добри дела чиишто очевидци се тие, да го прослават Бог во денот на неговото прегледување“ (1. Петрово 2:12).
17. Како можеме да ја имитираме Јеховината љубов и долготрпеливост, и зошто треба да го правиме тоа?
17 Јеховината долготрпеливост ќе значи спасение за милиони луѓе (2. Петрово 3:9, 15). Ако ја имитираме Јеховината љубов и долготрпеливост, стрпливо ќе продолжиме да ја проповедаме добрата вест за Божјето Царство и да ги поучуваме другите да се подложат на владеењето на Христовото Царство (Матеј 28:18-20; Марко 13:10). Ако престанеме да проповедаме, тоа би било како да сакаме да ја ограничиме Јеховината долготрпеливост и да не ја признаваме нејзината цел — а таа е да ги доведе луѓето до покајание (Римјаните 2:4).
18. Каква била молитвата на Павле за колошаните?
18 Во своето писмо до христијаните во Колоси, Мала Азија, Павле напишал: „Затоа, од денот кога чувме за тоа, не престанавме да се молиме за вас и да бараме да бидете исполнети со точното спознание за неговата волја во сета мудрост и духовно сфаќање за да одите достојно на Јехова, за потполно да му угодите додека и понатаму донесувате плод во секое добро дело и растете во точното спознание за Бог, зајакнати со сета сила до мерата на неговата славна моќ за потполно да истраете и да бидете долготрпеливи со радост“ (Колошаните 1:9-11).
19, 20. а) Како можеме да избегнеме да гледаме на Јеховината продолжена долготрпеливост како на испит? б) Какви користи ќе произлезат од нашата долготрпеливост?
19 Јеховината продолжена долготрпеливост, односно стрпливост, нема да биде испит за нас ако сме „исполнети со точното спознание за неговата волја“, а таа е „сите видови луѓе да се спасат и да дојдат до точно спознание на вистината“ (1. Тимотеј 2:4). Ние ‚и понатаму ќе донесуваме плод во секое добро дело‘, особено во делото на проповедање на „оваа добра вест за царството“ (Матеј 24:14). Ако верно продолжиме да го правиме ова, Јехова ќе нѐ направи „зајакнати со сета сила“, овозможувајќи ни ‚да истраеме и да бидеме долготрпеливи со радост‘. Така ќе ‚одиме достојно на Јехова‘ и ќе го имаме мирот што произлегува од сознанието дека ‚потполно му угодуваме нему‘.
20 Да бидеме целосно уверени во мудроста на Јеховината долготрпеливост. Таа дејствува за наше спасение и за спасение на оние што го слушаат нашето проповедање и поучување (1. Тимотеј 4:16). Негувањето на плодовите на духот — љубов, љубезност, доброта, благост и самосовладување — ќе ни овозможи да бидеме долготрпеливи со радост. Ќе бидеме уште поспособни да живееме во мир со членовите на нашето семејство, како и со нашите браќа и сестри во собранието. Исто така, долготрпеливоста ќе ни помогне да бидеме стрпливи со нашите колеги или соученици. И нашата долготрпеливост ќе има цел — спасување на престапниците и славење на Богот на долготрпеливоста, Јехова.
[Фуснота]
a Коментирајќи за Павловата изјава дека „љубовта е долготрпелива и љубезна“, библискиот изучувач Гордон Д. Фи пишува: „Во Павловата теологија тие [долготрпеливоста и љубезноста] ги претставуваат обете страни на божествениот став кон човештвото (спореди Рим. 2:4). Од една страна, Божјата љубезна воздржливост се покажува во тоа што го зауздува својот гнев кон човечката побуна; од друга страна, неговата љубезност се наоѓа во илјадакратните изрази на милост. Затоа, Павловиот опис на љубовта почнува со овој двократен опис на Бог, кој преку Христос се покажал воздржлив и љубезен кон оние што заслужуваат божествена осуда“.
Можеш ли да објасниш?
• На кои начини е Христос прекрасен пример на долготрпеливост?
• Што ќе ни помогне да негуваме долготрпеливост?
• Како им помага долготрпеливоста на семејствата, во христијанските средини и на старешините?
• Како нашата долготрпеливост ќе ни донесе користи нам и на другите?
[Слика на страница 15]
Дури и кога се наоѓал под голем притисок, Исус бил стрплив со своите ученици
[Слика на страница 16]
Христијанските надгледници се поттикнати да дадат добар пример на долготрпеливост во постапките со своите браќа
[Слика на страница 17]
Ако ја имитираме Јеховината љубов и долготрпеливост, ќе продолжиме да ја проповедаме добрата вест
[Слика на страница 18]
Павле се молел христијаните да ‚бидат долготрпеливи со радост‘