Животна приказна
Богат живот во Јеховината служба
РАСКАЖАЛ РАСЕЛ КАРЦЕН
Сум дошол на свет на 22 септември 1907, седум години пред истакнатата ера, која започна со избивањето на Првата светска војна. Нашето семејство беше богато во најважниот поглед. Откако ќе чуеш неколку детали од нашето минато, мислам дека ќе се сложиш со ова.
УШТЕ додека била девојче, баба Карцен веќе ја барала вистината за Бог. Пред да стане тинејџерка, отишла во неколку различни цркви во нејзиниот живописен роден град Шпиц (Швајцарија). Во 1887, неколку години откако се омажила, семејството Карцен се придружило на бранот имигранти што пристигнале на брегот на Соединетите Држави.
Семејството се населило во Охајо каде што, околу 1900 година, баба ми го пронашла богатството по кое трагала. Го пронашла на страниците на книгата The Time Is at Hand (Времето е близу) од Чарлс Тејз Расел, на германски јазик. Брзо сфатила дека она што го прочитала ја содржи светлината на библиската вистина. Иако едвај знаела да чита англиски, баба ми се претплатила на списанието Стражарска кула на англиски. Така научила и други библиски вистини и, истовремено, англиски јазик. Дедо ми никогаш не покажал толкав интерес за духовните работи како неговата сопруга.
Од 11-те деца на баба Карцен, два нејзини сина, Џон и Адолф, го ценеле духовното богатство што го пронашла таа. Џон беше татко ми, и се крстил во 1904 во Сент Луис (Мисури), на конгресот на Библиските студенти, како што тогаш биле познати Јеховините сведоци. Со оглед на тоа што повеќето Библиски студенти поседувале скромни материјални средства, конгресот бил закажан во истото време како и Светскиот саем во Сент Луис, така што можеле да ги искористат намалените цени на возот. Подоцна, во 1907, чичко ми Адолф се крстил на еден конгрес во Нијагара Фолз (Њујорк). Татко ми и чичко ми ревносно го проповедале она што го научиле од Библијата, и на крајот обајцата станале полновремени министри (сега наречени пионери).
Затоа, до времето кога сум се родил јас, во 1907, моето семејство веќе било богато во духовен поглед (Пословици 10:22). Сум бил уште бебе кога, во 1908, моите родители, Џон и Ајда, ме однеле на конгресот „Во победа“ во Пут-ин-Беј (Охајо). Претседавач на конгресот бил Џозеф Ф. Ратерфорд, во тоа време патувачки министер. Неколку седмици пред тоа, тој бил во Далтон (Охајо), каде што го посетил нашиот дом и одржал предавања пред локалните Библиски студенти.
Се разбира, лично не се сеќавам на тие настани, но се сеќавам на конгресот што во 1911 се одржа во Маунтајн Лејк Парк (Мериленд). Таму мојата помала сестричка Естер и јас го запознавме Чарлс Тејз Расел, кој ги надгледуваше светските проповеднички активности на Библиските студенти.
На 28 јуни 1914, денот кога светот беше втурнат во војна со атентатот врз надвојводата Фердинанд и неговата сопруга во Сараево, јас со моето семејство бев на еден мирољубив конгрес во Колумбус (Охајо). Од тие рани години ја имав предноста да присуствувам на многу конгреси на Јеховиниот народ. Некои беа собири на само стотина луѓе. Други беа масовни собири на некои од најголемите светски стадиони.
Нашиот дом на стратешко место
Од околу 1908 до 1918, нашиот дом во Далтон — сместен на полпат меѓу Питсбург (Пенсилванија) и Кливленд (Охајо) — беше место за состаноците на едно мало собрание на Библиските студенти. Нашиот дом стана еден вид центар на гостољубивост за многуте патувачки говорници. Тие ги врзуваа своите коњи и кочии зад нашиот амбар и им раскажуваа на насобраните возбудливи искуства и им даваа и други духовни скапоцени камења. Колку само беа охрабрувачки тие прилики!
Татко ми беше наставник, но срцето му беше во најголемото од сите дела на поучување — христијанската служба. Тој се грижеше да го поучи своето семејство за Јехова и секоја вечер се молевме заедно како семејство. Во пролетта 1919, татко ми ги продаде коњот и кочијата, и за 175 долари купи Форд 1914, така што можеше да достигне повеќе луѓе во делото на проповедање. Во 1919 и 1922 со тој автомобил нашето семејство замина на значајните конгреси на Библиските студенти во Седар Поинт (Охајо).
Целото наше семејство — мајка ми, татко ми, Естер, помалиот брат Џон и јас — учествувавме во јавната проповедничка активност. Добро се сеќавам на првиот пат кога еден станар ми постави библиско прашање. Имав околу седум години. „Малечок, што е Армагедон?“ — праша човекот. Со мала помош од татко ми можев да му дадам библиски одговор.
Стапување во полновремена служба
Во 1931 нашето семејство присуствуваше на конгресот во Колумбус (Охајо), каде што бевме возбудени што учествувавме во усвојувањето на новото име, Јеховини сведоци. Џон беше толку возбуден што реши тој и јас да стапиме во пионерското дело.a Го сторивме тоа, а истото го направија и мајка ми, татко ми и Естер. Колкаво само богатство имавме — семејство обединето во радосното дело на проповедање на добрата вест за Божјето Царство! Никогаш не се изморувам да му заблагодарам на Јехова за овој благослов. Но, колку и да бевме среќни, нѐ очекуваа уште радости.
Во февруари 1934 почнав да служам во светското седиште на Јеховините сведоци (наречено Бетел) во Бруклин (Њујорк). По неколку седмици ми се придружи и Џон. Бевме цимери сѐ додека тој не се ожени со неговата драга сопруга Џеси, во 1953.
Откако Џон и јас отидовме во Бетел, нашите родители прифаќаа пионерски доделби во различни делови од земјата, а Естер и нејзиниот сопруг Џорџ Рид ги придружуваа. Нашите родители продолжија со пионерењето сѐ до крајот на својот земен пат, во 1963. Естер и нејзиниот сопруг подигнаа прекрасно семејство, и јас сум благословен со повеќе внуки и внуци, кои многу ги сакам.
Работа и дружење во Бетел
Во Бетел, Џон ги употреби своите технички вештини и соработуваше со други Бетелити на проекти како што беше производството на преносни фонографи. Илјадници Јеховини сведоци ги користеа овие фонографи во службата од куќа до куќа. Исто така, Џон помогна и во дизајнирањето и изработката на машини за завиткување и етикетирање на списанијата што им се испраќаа на поединечни претплатници.
Јас започнав со мојата бетелска служба во книговезницата. Во тоа време во фабриката работеа и други младичи кои сѐ уште верно служат во Бетел. Меѓу нив се Кери Барбер и Роберт Хатсфелт. Меѓу другите на кои со наклоност се сеќавам, но кои веќе умреа, се: Натан Нор, Карл Клајн, Лајман Свингл, Клаус Јенсен, Грант Сјутер, Џорџ Гангас, Орин Хибард, Џон Сиорас, Роберт Пејн, Чарлс Фекел, Беноу Барчик и Џон Пери. Тие верно работеа од година во година, без некогаш да се жалат или да очекуваат некое „унапредување“. Сепак, извесен број од овие лојални христијани, помазани со дух, со растот на организацијата добија поголеми одговорности. Некои служеа дури во Водечкото тело на Јеховините сведоци.
Од работењето со овие самопожртвувани браќа научив една важна лекција. На световната работа, работниците добиваат пари како плата за својот труд. Тоа е нивната награда. Служењето во Бетел донесува богати духовни благослови, а таквите награди ги сфаќаат и ценат само духовните мажи и жени (1. Коринќаните 2:6-16).
Натан Нор, кој дојде во Бетел како тинејџер во 1923, беше надгледник на фабриката во 1930-тите. Тој секој ден поминуваше низ фабриката и го поздравуваше секој работник. Ние кои бевме нови во Бетел, го ценевме таквиот личен интерес. Во 1936 добивме нова машина за печатење од Германија, и некои млади браќа се мачеа да ја монтираат. Така брат Нор облече работнички панталони и работеше со нив повеќе од еден месец сѐ додека таа не почна да работи.
Брат Нор работеше толку многу што повеќето од нас не можевме да држиме исто темпо со него. Но, знаеше и да ужива во рекреација. Дури и откако доби предност да ги надгледува светските проповеднички активности на Јеховините сведоци, во јануари 1942, понекогаш играше бејзбол со членовите на бетелската фамилија и со студентите на мисионерската школа Гилеад во дворот на студентскиот дом во близина на Саут Ленсинг (Њујорк).
Во април 1950, бетелската фамилија се пресели во новоизградениот десеткатен дел од нашата зграда за живеење сместена на Колумбија Хајтс 124, во Бруклин. Новата трпезарија ни овозможи на оброците да седиме сите заедно. Во текот на трите години изградба на оваа зграда, не можевме да ја одржуваме нашата програма на утринско обожавање. Колку само беше радосно кога повторно можеше да почне таа програма! Брат Нор ме додели да седам со него на масата на претседавачот за да му помагам да ги запомни имињата на поновите членови на нашата фамилија. Цели 50 години седев на истото место за утринско обожавање и појадок. Потоа, на 4 август 2000, таа трпезарија беше затворена и бев доделен во една од реновираните трпезарии во поранешниот хотел Тауерс.
Извесно време во 1950-тите работев во фабриката на линотип машина, подготвувајќи ги редовите од слогови што беа составувани во страници како дел од процесот на правење стереотипни плочи. Тоа не ми беше баш омилена работа, но Вилијам Питерсон, кој беше одговорен за машините, беше толку добар со мене што во секој случај уживав во времето поминато таму. Потоа, во 1960, беа потребни доброволци за бојадисување на новоизградената зграда за живеење на Колумбија Хајтс 107. Ми беше задоволство да ги понудам моите услуги за да помогнам во подготвувањето на овие нови објекти за нашата растечка бетелска фамилија.
Недолго откако завршивме со бојадисување на зградата на Колумбија Хајтс 107, бев пријатно изненаден кога ми дадоа работа да ги пречекувам посетителите на Бетел. Последниве 40 години во кои служам како рецепционер ми беа подеднакво прекрасни како и другите што ги поминав во Бетел. Сеедно дали беа посетители или нови членови на бетелската фамилија кои влегуваа и изглегуваа, беше возбудливо да се размислува за резултатите од нашите здружени напори да работиме за порастот на Царството.
Луѓе што ревно ја проучуваат Библијата
Нашата бетелска фамилија е духовно напредна бидејќи нејзините членови ја сакаат Библијата. Кога првпат дојдов во Бетел, ја прашав Ема Хамилтон, која работеше како коректор, колку пати ја има прочитано Библијата. „Триесет и пет пати“, ми одговори, „и потоа престанав да бројам.“ Антон Кербер, еден друг јак христијанин што во истото време служеше во Бетел, рече: „Нека Библијата ти биде секогаш при рака“.
По смртта на брат Расел, во 1916, Џозеф Ф. Ратерфорд ги презеде организациските одговорности што ги имаше Расел. Ратерфорд беше силен, вешт јавен говорник, кој како адвокат ги бранеше случаите во корист на Јеховините сведоци пред Врховниот суд на Соединетите Држави. По смртта на Ратерфорд, во 1942, брат Нор го зазеде неговото место и многу напорно работеше на тоа да ја развие својата вештина во јавното говорништво. Со оглед на тоа што собата каде што живеев беше близу до неговата, честопати го слушав како секогаш одново ги вежба своите говори. Со текот на времето, со таквите марливи напори стана добар јавен говорник.
Во февруари 1942, брат Нор помогна да се воведе една програма како помош за сите нас, браќата во Бетел, да ја подобриме способноста за поучување и говорење. Школата се сосредоточи на истражување на Библијата и на јавното говорење. Во почетокот, на секого од нас му беа доделувани кратки говори за библиски личности. Мојот прв говор беше за Мојсеј. Во 1943 слична школа започна и во собранијата на Јеховините сведоци, и таа продолжува сѐ до денес. Во Бетел сѐ уште се става акцент на стекнувањето библиско спознание и развивањето делотворни методи на поучување.
Во февруари 1943 започна првиот клас на мисионерската школа Гилеад. Сега, штотуку дипломираше 111. клас на Гилеад! Во своето повеќе од 58-годишно функционирање, школата им даде обука на над 7.000 лица да служат како мисионери низ целиот свет. Значајно е тоа што во 1943, кога започна школата, низ целиот свет имаше само нешто повеќе од 100.000 Сведоци. Сега, во проповедањето на добрата вест за Божјето Царство учествуваат повеќе од 6.000.000!
Ценење за моето духовно наследство
Токму пред да биде основан Гилеад, тројца од нас од Бетел бевме доделени да ги посетуваме собранијата низ Соединетите Држави. Останувавме по еден ден, неколку дена или дури и по една седмица со цел духовно да ги зајакнеме тие собранија. Бевме наречени слуги на браќата, назнака што подоцна се смени во покраински слуга, односно покраински надгледник. Но, набрзо откако беше отворена школата Гилеад, бев замолен да се вратам за да предавам на некои курсеви. Служев како редовен инструктор од 2. до 5. клас, а служев и како заменик на редовните инструктори и му предавав на 14. клас. Можноста да ги разгледувам со студентите раните извонредни настани од современата историја на Јеховината организација — од кои за многу можев да раскажам од лично искуство — придонесе уште повеќе да го ценам моето богато духовно наследство.
Една друга предност што ја уживав низ годините е присуството на меѓународните конгреси на Јеховиниот народ. Во 1963 патував низ светот заедно со уште над 500 други делегати на конгресите „Вечна добра вест“. Меѓу другите историски конгреси што ги посетив беа оние што се одржаа во Варшава, 1989; во Берлин, 1990 и во Москва, 1993. На секој конгрес имав прилика да запознаам некои наши драги браќа и сестри кои издржале децении прогонство под нацистичкиот режим, комунистичкиот режим, или и обата. Какви само искуства што ја зајакнуваат верата беа тоа!
Мојот живот во Јеховината служба навистина беше богат! Дотокот на духовни благослови никогаш не завршува. И, за разлика од материјалното богатство, колку повеќе делиме од овие скапоцени работи толку повеќе се зголемува нашето богатство. Повремено слушам како некои велат дека посакуваат да не биле одгледани како Јеховини сведоци. Велат дека повеќе би ги ценеле библиските вистини ако најпрвин го вкуселе животот надвор од Божјата организација.
Секогаш се вознемирувам кога ќе чујам како младите кажуваат такви работи бидејќи тие, всушност, велат дека најдобро е да не биле воспитани со спознание за Јеховините патишта. Сепак, помисли само на сите лоши навики и на расипаното размислување од кои луѓето мораат да се одучат кога подоцна во животот ја запознаваат библиската вистина. Секогаш сум длабоко благодарен што моите родители нѐ одгледале нас трите деца на патот на праведноста. Џон му остана верен на Јехова до својата смрт, во јули 1980, а Естер до ден-денес е верен Сведок.
Со длабока наклоност се осврнувам на многуте убави пријателства што ги уживам со верните христијански браќа и сестри. Сега сум во Бетел повеќе од 67 прекрасни години. Иако никогаш не се оженив, имам многу духовни синови и ќерки, како и духовни внучиња. И се радувам кога ќе помислам на сите драги нови членови на нашата светска духовна фамилија што допрва ќе ги запознаам, секој од нив скапоцен. Колку само се вистинити зборовите: „Господовиот благослов збогатува“! (Пословици 10:22).
[Фуснота]
a Се крстив на 8 март 1932. Значи, се крстив откако беше решено дека треба да бидам пионер.
[Слика на страница 20]
Одлево надесно: татко ми со брат ми Џон во скутот, Естер, јас и мајка ми
[Слики на страница 23]
Како предавам во клас на Гилеад, во 1945
Горе десно: инструктори на школата Гилеад: Едуардо Келер, Фред Франц, јас и Алберт Шредер
[Слика на страница 24]
Размислувам за мојот богат живот во Јеховината служба