Да се преземе одговорноста за семејната грижа
„ТАТКОВЦИ, не дразнете ги децата свои, туку воспитувајте ги во науката и стравот Господов!“ (Ефесјаните 6:4). Со овие инспирирани зборови апостол Павле јасно ја поставил одговорноста за семејната грижа онаму каде што припаѓа — на плеќите на таткото.
Во повеќето семејства, таткото не е сам во грижата околу своите деца. Неговата сопруга, мајката на неговите деца, радо го споделува товарот со својот сопруг. Затоа, цар Соломон изјавил: „Слушај ја, синко, поуката на татка си и не го отфрлај заветот на мајка си“ (Изреки 1:8).
Материјална и духовна грижа
Родителите кои ги љубат своите деца не ги запоставуваат намерно. Се разбира, кога христијаните би правеле така, тоа би било еднакво на одрекување од нивната вера, како што заклучуваме од Павловите зборови до Тимотеј: „Ако некој не се грижи за своите, а особено за своите домашни, тој се одрекол од верата и полош е од неверник“ (1. Тимотеј 5:8). Христијаните увидуваат дека подигањето на децата во „науката и стравот Господов“ бара многу повеќе отколку само да ги згрижат во материјален поглед.
Разгледај го Мојсеевото силно поттикнување до израелската нација кога биле улогорени во моавските низини, токму пред да влезат во Ветената земја. Таму повеќепати им ги повторил Божјите закони и ги поучил: „Ставете ги овие зборови Негови во срцето свое и во душата своја“ (5. Мојсеева 11:18). Претходно, тој ги потсетил дека би требало да го љубат Јехова со сето свое срце, душа и витална сила, додавајќи: „Овие зборови, што ти ги заповедам денес, да бидат во срцето твое“ (5. Мојсеева 6:5, 6). Било витално израелските родители да дозволат зборовите на Божјиот закон да продрат во нивните срца. Со срца преполни од духовно ценење, израелските родители можеле делотворно да ги послушаат Мојсеевите следни зборови: „[Зборовите од Божјиот закон] пренесувај им ги на [мораш да ги всадиш во, NW] децата свои и говори за нив, кога седиш дома и кога си на пат, кога си легнуваш и кога стануваш“ (5. Мојсеева 6:7; 11:19; спореди Матеј 12:34, 35).
Забележи дека татковците требало да ги ‚всадат‘ тие зборови во своите деца и да ‚говорат за нив‘. Merriam-Webster’s Collegiate Dictionary го дефинира „всадува“ со „да поучува и да втиснува со чести повторувања или опомени“. Кога родителите секојдневно зборувале за Божјиот закон — наутро, напладне и навечер — со тоа многу им било пренесувано на нивните деца. Како што младите ја осеќале љубовта која ја имале нивните родители кон Божјиот закон, така ним, од своја страна, им било вршено влијание да развијат една блискост со Јехова (5. Мојсеева 6:24, 25). Интересно, Мојсеј конкретно ги упатил татковците да ги поучуваат своите деца ‚кога седат дома‘. Таквото поучување било дел од семејната грижа. Но, како е денес?
„Кога седиш дома“
„Не е лесно“, објаснува Џенет, една христијанска мајка на четири деца.a „Потребна ти е настојчивост“, се сложува Пол, нејзиниот сопруг. Како и многу други родители Сведоци, Пол и Џенет настојуваат да ја проучуваат Библијата со своите деца барем еднаш седмично. „Се обидуваме да ја имаме нашата семејна библиска дискусија секој понеделник навечер во одредено време“, објаснува Пол, признавајќи: „Но, тоа секогаш не функционира.“ Како наименуван старешина во своето собрание, него понекогаш го повикуваат за да се справува со некои итни работи. Неговите две најстари деца служат како полновремени министри. Тие увидуваат дека вечерите се продуктивно време за контактирање со луѓето во службата. Така, како семејство, тие го преиначуваат времето за нивната семејна студија. „Понекогаш нашата студија ја имаме веднаш после вечерата“, објаснува Пол.
Иако родителите мудро покажуваат флексибилност во времетраењето на нивната семејна студија, тие се обидуваат да ја задржат нејзината редовност. „Доколку времето за нашата студија мора да се промени“, забележува ќерката Клара, „тато секогаш го става новиот термин на вратата од фрижидерот, така што сите знаеме кога ќе биде.“
Собирањето за редовна семејна библиска студија обезбедува и убава прилика за помладите членови на семејството да ги споделат своите грижи и проблеми со родителите. Таква една студија функционира добро кога не е толку крута — младите едноставно да ги читаат одговорите на прашањата кои се поставени во библискиот прирачник кој го користат. „Нашата семејна студија е форум за дискусија“, објаснува Мартин кој има два сина. „Кога се собирате еднаш седмично за да дискутирате за некоја библиска тема, откривате како напредува вашето семејство во духовен поглед“, коментира тој. „Во дискусијата се појавуваат секакви работи. Дознаваш што се случува на училиште, а што е уште поинтересно, откриваш какви ставови развиваат твоите деца.“ Неговата сопруга, Сандра, се сложува со тоа и мисли дека и таа извлекува многу од семејната студија. „Додека мојот сопруг ја води студијата“, раскажува таа, „јас учам многу слушајќи го начинот на кој моите синови одговараат на неговите прашања.“ Потоа Сандра ги крои своите коментари за да им помогне на своите момчиња. Таа ужива во студијата повеќе бидејќи е активно вклучена. Да, периодите на семејна студија им нудат на родителите увид во размислувањето на нивните деца (Изреки 16:23; 20:5).
Биди приспособлив и истрај
Кога доаѓа време за вашата семејна студија, можеби ќе увидиш дека едно дете може да биде будно и заинтересирано додека, пак, на друго му треба наговарање за да се сосредоточи и да извлече корист. Една христијанска мајка коментира: „Тоа ти е семејниот живот! Ти знаеш што треба да сториш како родител. Па така, кога си ја тераш работата, Јехова помага и донесува резултати“.
Распонот на вниманието на еден младинец може многу да варира зависно од неговата возраст. Проникливиот родител го зема тоа во обѕир. Една двојка има пет деца, на возраст од 6 до 20-ина години. Таткото Мајкл вели: „Првин, дајте му на најмалото прилика да одговори на прашањата. Потоа, дозволете постарите деца да ги додадат деталите и да ги изнесат точките кои ги подготвиле“. Овој начин на проникливо постапување со своите деца им овозможува на родителите да поучуваат за вредноста на тоа да се земаат другите предвид. „Еден од нашите синови може да разбере“, забележува Мартин, „но, на другото момче му треба поголема помош да ја сфати поентата. Увидувам дека сесијата на проучување станува полигон за покажување христијанска стрпливост и други плодови на духот“ (Галатјаните 5:22, 23; Филипјаните 2:4).
Биди подготвен да се приспособиш кон различните способности и степен на раст на твоите деца. Сајмон и Марк, сега тинејџери, откриле дека кога биле помлади, навистина уживале во проучувањето на книгата Најголемиот човек кој некогаш живеел со своите родители. „Нашиот татко бараше да ги глумиме различните улоги баш како претстава“, се сеќаваат тие. Нивниот татко се сеќава како се свиткувал на раце и на коленици за да ја одглуми со своите синови параболата за ближниот Самарјанин (Лука 10:30—35). „Беше реалистично и многу забавно.“
Многу деца се спротивставуваат на рутината на семејната студија. Дали тоа би требало да ги спречи родителите да ја водат студијата тогаш кога е планирана? Не, сигурно дека не. „Безумието на детето му е приврзано за срцето“, признава Изреки 22:16. Една самохрана мајка мислела дека потфрла како водител на семејната студија кога, во многу прилики, се чинело дека одвраќањата ја прекинувале сесијата. Но, таа истрајала. Сега, нејзините деца имаат големо почитување кон неа и ја ценат љубовта и грижата што ја покажала таа со тоа што не попуштила во водењето редовна семејна студија.
Помагање на ‚сирачињата‘
Христијанските старешини треба да ‚го пасат Божјето стадо‘ (1. Петрово 5:2, 3). Периодичните посети на семејствата во нивните собранија им нудат прилики да ги пофалат родителите кои ги преземаат своите христијански одговорности. На чии плеќи лежи одговорноста за поучување на децата на самохраните родители? Никогаш немој да заборавиш дека одговорноста за поучување на децата почива врз родителот.
Христијанската разумност ќе им помогне на старешините да избегнуваат компромитирачки ситуации кои би можеле да настанат доколку тие би ја презеле улогата на родителот кој недостига. Иако можеби двајца браќа ќе можат да посетат некоја христијанска сестра која е самохран родител, тие секогаш ќе бидат внимателни во она што го договараат во врска со поддршката на подготовката за семејната студија. Повремено, може да се докаже изградувачки и практично да се поканат децата (и, секако, самохраниот родител) да се придружат на сопствената семејна студија на старешината. Меѓутоа, немој никогаш да заборавиш дека Јехова е нашиот голем небесен Татко. Сигурно дека тој е присутен за да ја води и да ѝ помага на мајката кога води студија со нејзините деца, иако таа го прави тоа сама.
А што со ситуација кога едно младо лице е духовно настроено, но неговите родители покажуваат мала или никаква грижа за своите духовни одговорности? Јеховините верни слуги не треба никогаш да станат потиштени. „Тебе [Јехова Боже] Ти се остава сиромавиот и сиракот“, пеел псалмистот. „Биди им помошник“ (Псалм 9:34). Од своја страна, пак, старешините во собранието, полни со љубов, ќе го сторат своето најдобро за да ги охрабрат родителите додека тие се грижат за своите деца. Можеби ќе предложат некоја семејна дискусија и потоа ќе присуствуваат за да понудат некои практични предлози за тоа како да проучуваат заедно. Се разбира, тие нема да им ја одземат одговорноста на родителите на чии плеќи почива таа, според Писмото.
На децата, чии родители не ја прегрнале верата, им треба голема поддршка. Нивното вклучување во твојата семејна студија можеби ќе се покаже корисно ако тоа е прифатливо за нивните родители. Роберт, сега пораснат и со свое семејство, присуствувал на христијанските состаноци со своите родители, кога имал само три години. Тој има нежни сеќавања за тие состаноци дури и откако неговите родители престанале да се дружат со христијанското собрание. Кога имал десет години, се запознал со едно момче Сведок кое го водело со себе на состаноците. Родителите на момчето Сведок радо го зеле Роберт под својата закрила како духовно сираче и подоцна проучувале со него. Благодарение на таа грижа полна со љубов, тој брзо напредувал и сега се радува што служи како старешина во собранието.
Дури и кога родителите се противат на напредокот на своите деца, децата не се сами. Јехова останува верен небесен Татко. „Татко на сираците . . . е Бог во Своето свето место“, изјавува Псалм 67:5. Духовните сирачиња знаат дека тие можат да му се обратат во молитва и дека тој ќе ги поддржува (Псалм 54:22; 145:9). Јеховината организација слична на мајка трудољубиво ја исполнува својата одговорност да подготвува прекрасни духовни оброци кои се послужувани преку нејзините публикации и на состаноците во повеќе од 85.000 христијански собранија ширум светот. На тој начин, со духовна помош од нашиот Татко, Јехова, и неговата организација слична на мајка, дури и ‚сиракот‘ ќе ужива библиска студија во извесна мерка.
Христијанските родители кои водат редовни семејни библиски студии со своите деца, заслужуваат пофалба. Самохраните родители кои истрајуваат во воспитувањето на своите млади за Јеховините патишта, заслужуваат посебно внимание и фалба поради нивните напори (Изреки 22:6). Сите кои покажуваат грижа за духовните сирачиња знаат дека тоа му е угодно на нашиот небесен Татко, Јехова. Грижата за духовните потреби на семејството е сериозна одговорност. Но, ‚не се откажувај, зашто во свое време ќе пожнееш, ако не се умориш‘ (Галатјаните 6:9, NW).
[Фуснота]
a Некои имиња се изменети.
[Слика на страница 23]
Семејната студија обезбедува убава прилика за помладите членови да ги споделат своите грижи со родителите
[Извор на слика на страница 20]
Harper’s