Што вели Библијата
Дали апостол Павле бил против жените?
„УЧЕЊАТА на [апостол] Павле се користеле како основа за голем дел од антифеминистичката предрасуда во рамките на христијанската . . . црква.“ Така се изразила Сесили Раштон, судија од Окленд (Нов Зеланд), во еден труд изнесен пред Правната конференција на Комонвелтот, одржана на Кипар во почетокот на 1993. „Неговото Послание до Тимотеј“, додала таа, „го открива неговото мислење: ‚Не допуштам жена да поучува, нити да приграбува авторитет над мажот, туку да биде тивка‘.“ (1. Тимотеј 2:12, King James Version).
Кога Павле пишувал за улогата или положбата на жените, дали тој едноставно го изразил своето лично гледиште, или, пак, бил божествено инспириран? Дали посланијата или писмата на Павле, гледани во нивната целост, вистински одразуваат антифеминистичка предрасуда? Во кој контекст се применуваат горецитираните Павлови зборови до Тимотеј?
Павловите препораки
Од 27-те книги од Христијанските Грчки списи, 14 му се припишуваат на Павле. Како доказ за делувањето на светиот дух врз него била неговата зачудувачка способност да зборува на многу јазици. Освен тоа, сведочел за натприродни визии (1. Коринтјаните 14:18; 2. Коринтјаните 12:1-5). Неговиот самопожртвуван, сесрден пример полн со љубов создал тесна врска на срдечна братска наклоност помеѓу него и неговите христијански современици (Дела 20:37, 38). Неговите списи, вклучувајќи го и она што го рекол за жените, сочинуваат дел од „Целото Писмо . . . од Бога вдахновено и полезно за поука“ (2. Тимотеј 3:16).
Жените во Павловите писма
Во Павловите списи има обилни докази за неговото уважување и почитување на жените. Тој повеќе пати се осврнува на нив, во нивните разновидни собраниски и семејни улоги. Во едно од неговите писма ги споредил пожелните особини на еден христијански пастир со особините што ги покажува мајката доилка (1. Солунјаните 2:7).
Повеќето христијански сестри на апостолот, споменати по име во неговите писма, се срдечно пофалени од негова страна. Во неговите поздрави до членовите на собранието во Рим биле упатени посебни поздрави до одредени жени ‚кои се грижеле за Господа‘ (Римјаните 16:12). Кога зборувал за Еводија и Синтихија, ги охрабрил браќата во Филипи да ‚им помагаат ним [на овие жени, НС], кои што се грижеле во Благовестието заедно со него‘ (Филипјаните 4:3). Во своето писмо до Тимотеј, Павле ја признал примерната вера на Лоида и Евника, бабата и мајката на овој млад човек (2. Тимотеј 1:5).
Од друга страна, дали постои некаков доказ за тоа што чувствувале Павловите христијански сестри спрема него? Со благодарност, тој посведочил за Акила и Прискила, една брачна двојка со која бил тесно поврзан, дека не само Акила, туку и неговата жена, Прискила, ‚за неговата душа ја положиле својата глава‘ (Римјаните 16:3, 4).
Антифеминистичка предрасуда?
„Не укорувај старец, туку почитувај го како да ти е татко; помладите, пак, како да ти се браќа; старите жени — како мајки, младите — како сестри, со секаква чистота“ (1. Тимотеј 5:1, 2). Зарем овие Павлови зборови до Тимотеј не одразуваат здраво почитување спрема женскиот свет? Павле им доделувал подеднаква мера на чест и на мажите и на жените во христијанското собрание. „Нема веќе ни Јудејци, ни Елини“, напишал тој, „ни роб, ни слободен; нема машки пол, ни женски; зашто сите вие сте едно во Христа Исуса“ (Галатјаните 3:28).
Во врска со улогите што Бог ги поставил во бракот, Павле напишал: „Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како на Господа, зашто мажот е глава на жената, како што е и Христос глава на Црквата, и Он е Спасител на телото“ (Ефесјаните 5:22, 23; спореди 1. Коринтјаните 11:3). Да, соодветните улоги на сопругот и на сопругата се разликуваат, но тоа не значи дека едниот брачен другар е помалку вреден од другиот. Улогите се надополнуваат, и исполнувањето на секоја создава предизвик со кој, доколку се излезе на крај, се унапредува доброто на семејството. Понатаму, извршувањето на поглаварството од страна на сопругот не требало да биде угнетувачко или без љубов. Павле продолжил: „Мажите се должни да ги сакаат жените свои како што ги сакаат своите тела“, и да бидат спремни на големи жртви за нив (Ефесјаните 5:28, 29). Децата требало да ги слушаат и таткото и мајката (Ефесјаните 6:1, 2).
Треба да се забележат и Павловите зборови во поглед на интимностите во бракот. Павле со непристрасност напишал: „Мажот да ја има спрема жената својата должна љубов, а исто така и жената — спрема мажот. Жената не е господарка на телото свое, туку мажот; исто така и мажот не е господар на телото свое, туку жената“ (1. Коринтјаните 7:3, 4).
„Жената . . . да биде тивка“
Што се однесува до Павловите зборови во 1. Тимотеј 2:12, цитирани во уводниот пасус, дали неговото застапување на женската „тивкост“ произлегло од антифеминистичка предрасуда? Не! ‚Тивкоста‘ што се барала била поврзана со поучувањето и практикувањето на духовен авторитет во собранието, и тоа од почит спрема порано споменатите божествено пропишани односи меѓу мажот и жената.a
Тоа не значи дека жените не можат да бидат учители на божествената вистина. Павле ги поттикнувал постарите жени да ги „учат за добро“ помладите жени. По примерот на Евника и Лоида, кои го поучувале Тимотеј, христијанските мајки треба да ги учат своите деца за богобојазливите патишта (Тит 2:3-5; 2. Тимотеј 1:5). Денес, во собранијата на Јеховините сведоци, стотици илјади христијанки наоѓаат духовно исполнување во следењето на примерот на Еводија и Синтихија кога ја проповедаат добрата вест јавно и кога прават ученици од мажи и жени (Псалм 68:11, НС; Матеј 28:19; Филипјаните 4:2, 3).
Според тоа, каква е вашата проценка? Дали Павловите списи, гледани во целост, ги оправдуваат обвиненијата за антифеминистичка предрасуда?
[Фуснота]
a Во врска со изразот „потполна подложност“ во 1. Тимотеј 2:11 (New International Version), библискиот научник В. Е. Вајн наведува: „Налогот не е упатен во смисла да се предаде умот и совеста, или да се напушти обврската на лично расудување; фразата ‚со сета подложност‘ е едно предупредување да не се приграбува авторитетот, како што е на пример случај со наредниот стих“.